• сабота, 21 декември 2024
МИА Радио флеш

20 декември 2024  

Скопје - По 40 години се враќа „Бушава азбука“ со новогодишна песна „Бушава Нова година“ дел од новата анимирана серија „Буквождер“. Втора „Бушава азбука“ (2БА) е продукција, Види Вака раскажувачко студио и Георги М. Унковски во копродукција, кои денеска соопштија дека ја објавуваат новогодишна песна „Бушава Нова година“, со која го најавуваат враќањето на образовно-забавниот бренд „Бушава азбука“.

Песната е дел од новата серија „Буквождер“, анимирано продолжение и приказна за буквите и за македонскиот јазик од легендарната „Бушава азбука“.

Скопје - Државниот секретар на МВР Сашо Петрушевски денеска оствари средба со претставници на Македонскиот полициски синдикат, на која разговараа за клучните прашања поврзани со подобрувањето на правата, условите за работа и стандардот на сите вработени во Министерството за внатрешни работи.

На средбата, како што соопшти МВР, државниот секретар потенцирал дека МПС има значајна улога во застапувањето на интересите на вработените во МВР и дека Министерството останува целосно посветено на унапредувањето на соработката со синдикатите за реализација на заедничките цели.

Гостивар - Надминување на проблемите во работењето на регионалната депонија Русино е предвидено со пари од Европската банка за обнова и развој, најави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити по средбата со гостиварскиот градоначалник и раководството на ЈП Русино – Полог. Набавката на механизација, значително ќе ги намали трошоците на претпријатието рече министерот.

Меџити напомна дека бил информиран за состојбата и попрецизно да ја увиди состојбата на депонијата соочува депонијата и како може да се излезе во пресрет.

Скопје - Поради официјалната посета на делегација предводена од претседателот на Големото национално собрание на Република Турција од сабота до понеделник во Скопје ќе има посебен режим на сообраќај. 

-СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека од 21 до 23.12.2024 (од сабота до понеделник) поради официјалната посета на делегација предводена од претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје, се вели во соопштението од МВР.

Скопје - Министерството за дигитална трансформација денеска го претстави редизајнираниот национален портал uslugi.gov.mk кој на граѓаните им нуди сто нови електронски услуги.  

Министерот Стефан Андоновски на презентација ги соопшти најважните нови функционалности на порталот. Рече дека со неговиот тим во изминатите пет месеци интензивно работеле да ги подобрат перформансите на е-порталот и искуството на оние што ги користат е-услугите, да воведат што поголем број и пристап до нив да имаат и лицата со попреченост, водејќи се од принципот - транспарентност, достапност и ефикасност.

Скопје - Државниот пазарен инспекторат не регистрирал зголемување на цената на флшираната вода во големите маркети во Скопје во текот на вчерашниот ден, откако имало поплаки за минимално покачување, но не и за недоволни количини, информира директорот на ДПИ Влатко Стојковски.

На новинарско прашање за евентуално изигрување од трговците поради најавениот прекин во снабдувањето во поголемиот дел од главниот град Стојкоски рече дека вчера направиле проверка кај големите маркети и кај нив немало покачување на цените, додека за малите маркети може да прават контроли ако има пријави. 

Скопје - Во Основниот кривичен суд денеска со изведување на материјални докази продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. 

На рочиштето, обвинителката Жаклина Трајковска во кратка содржина пред Судот образложи 180 од вкупно 197 докази, кои се однесуваат на локациите каде биле најдени жртвите, наодите од увидите на истражните органи, најдените траги, обдукциските наоди, како и извештаи од психијатриските вештачења.

Скопје - Министерството за дигитална трансформација ќе им прати на основните и средните училишта препораки во врска со апликации на мобилните уреди кои имаат штетни влијанија врз учениците.  Министерот Стефан Андоновски изјави дека ги подготвуваат препораките, но нагласи дека за овој проблем најодговорни се родителите, особено на децата во основно образование, затоа што треба да ги вклучат системите за заштита на деца кои постојат во паметните телефони.  

-Подготвуваме препораки кои ќе ги пратиме до сите основни и средни училишта во државата за димензионирање на услугите што се нудат на овие мобилни апликации  Сепак, главната одговорност ја имаат родителите. Секој паметен уред има системи за заштита на деца, тие системи може да се вклучат. Тоа може да го направи секој родител, може да го направите и на домашните уреди и на тој начин може да ги заштитиме децата од несаканите појави кои се на Интернет. Апелирам до родителите, особено на децата во основно образование, тоа веднаш да го направат.  Ако сакаат да се справуваат со овие закани, кои не се кривични дела, не е пропагирање на некое кривично дело преку апликациите, родителите да бидат повнимателни и да ги искористат забраните што постојат на мобилните уреди,  изјави Андоновски.

Скопје – Бранителот на Артан Груби, адвокатот Владимир Доневски, во соопштение до медиумите информира дека, по утврдување на она со кое досега судот располага и анализа на аргументите на јавното обвинителство, според нив нема основи на сомневање на сторено кривично дело предвидено со закон.

- Одбраната и сите аргументи ќе бидат изложени во рамки на законски предвидената постапка, се со цел да биде убеден и судот и јавниот обвинител дека нема кривично дело во дејствијата за кои се обвинува Артан Груби, се вели во соопштението од неговата обрана.

Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади за наредниот едногодишен период на располагање ќе има 68,15 милијарди денари, односно шест проценти повисок износ во споредба со оваа година. Најголем дел од средствата ќе бидат наменети за исплата на правата од пензиско и инвалидско осигурување и зголемување на пензиите, како и за инвестиции и исплати за социјална и детска заштита, истакнаа министерот Фатмир Лимани и заменикот министер Ѓоко Велковски на денешната прес-конференција на која го претставија буџетот за 2025 година.

- Со предлог-буџетот за 2025 предвидени се 47,8 милијарди денари, односно околу 700 милиони евра за исплата на пензии и тоа претставува зголемување за 8 милијарди денари во споредба со 2024 година. Се грижиме и за граѓаните кои се во социјален ризик, а за 2025 година обезбедивме 14,5 милијарди денари за исплата на правата од социјална и детска заштита и бегалци и азиланти, што е околу 100 милиони денари повеќе во однос на буџетот од 2024 година и зголемен е износот на одделни права со порастот на трошоците за живот. Обезбедивме 275,3 милиони денари, односно околу 4 милиони евра за довршување или започнување инвестиции, изградба и опремување на нови детски градинки, домови за стари лица и други објекти за социјална заштита, како и за трансфер на средства до општините за капитални инвестиции, истакна министерот Лимани. 

 

Скопје - Согласно Реформската агенда која официјално беше одобрена од Европската комисија, земјава до јуни 2025 година треба да има нов закон за Судски совет. За постигнување на оценката дека во државата владее правото не е доволно само постапувањето на институциите на државата, туку целосно затворен круг во ефикасна постапка како доказ дека системот во државата е функционален, изјави денеска министерот за правда Игор Филков на последната петта тркалезна маса за консултации со стручната јавност за измените на Законот за Судски совет.

Министерот Филков во воведното обраќање истакна дека целиот процес на консултации се завршува согласно дадените ветувања и заложби дека законските решенија ќе бидат подготвени во транспарентен процес со консултации на стручната фела, вклучувајќи ги и предлозите од деншната дебата на која учествуваат судиите од најголемото Скопско апелациско подрачје.

Скопје - Петстотини милиони евра поволни средства се обезбедија од унгарската Експорт-импорт банка за редовно и целосно сервисирање на обврските кои доспеваат во јануари 2025 година по основ на издадена еврообврзница во 2018 година. Договорот за заем со унгарската Експорт-импорт банка денеска во Будимпешта го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, соопшти Министерството за финансии.

- Денеска во Будимпешта потпишавме нов Договор за заем од Унгарската експорт-импорт банка од која обезбедуваме нови 500 милиони евра, средства неопходни за раздолжување на веќе издадена еврообврзница во 2018 година. Со овој заем обезбедуваме поволни услови за отплата на обврските коишто доспеваат во јануари. Заемот согласно Договорот е одобрен со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка од 3,25 отсто која е многу пониска од каматата доколку се одлучевме да издадеме нова еврообврзница за која каматата е над 6 отсто и на тој начин да направиме заштеди во Буџетот. Дополнително заштеди се прават и по основ на трошоци за провизии кои за овој заем се околу 50 илјади евра, наспроти трошоците за издавање еврообврзница кои достигнуваа и над 1 милион евра, рече министерката за финансии.

Скопје - Специјалната група за реформи во јавната администрација помеѓу ЕУ и Северна Македонија, го одржа 13. состанок со кој од страна на ЕУ, копретседаваше Сигрид Бретел, раководителка на одделението за Албанија и Северна Македонија во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, а од страна на земјава, Горан Минчев, министер за јавна администрација и Есма Адиловиќ, раководител на сектор во Министерството за јавна администрација.

Како што соопштија денеска од Делегацијата на ЕУ, во однос на стратешката рамка за РЈА, Комисијата ја повтори важноста на Патоказот за РЈА, охрабрувајќи го неговото брзо финализирање и усвојување, како и усогласување со клучните извештаи и стратегии.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој предводеше делегација на Министерството за внатрешни работи во Турција, остварил средба со директорот Халук Ѓорѓун и раководството на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција.

Како што денеска соопштија од МВР, на средбата биле разгледани можностите за соработка на високо со крајна цел модернизација, зголемување и зајакнување на капацитетите на македонската полиција особено во делот на примена на современи технолошки решенија за надзор на границата.

Скопје - Владата го повлече од собраниска процедура Предлог на закон за средното образование, второ читање. Ова го соопшти претседателката на собраниската Комисија за образование, наука и спорт Иванка Василевска на денешната седница, на која присуствува и министерката за образование и наука Весна Јаневска. Пратениците на Европскиот фронт изразија задоволство од одлуката на Владата и побараа еден час пауза за координација. 

-Владата со допис од 20 декември го повлекува Предлог-законот за средно образование, во второ читање, информираше Василевска пред усвојувањето на дневниот ред на комисиското заседание.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари попладнево изјави дека за неколку директори се прави евалуација околу тоа како ја водат здравствената установа, колку стручно и компетентно.

-Ги евалуираме повеќето директори, ни требаат повеќе индикатори. Не сакаме емоционално да постапиме. Ни требаат сигурни докази таму каде што гледаме дека директорите не раководат баш како што треба, треба да се заменат со подобри. Меѓутоа сега не би сакал веднаш да кажам. Треба да донесеме коректна и фрагматична одлука, одговори тој на новинарско прашање, по актуелните случувања на Детската клиника и на Клиниката за респираторни болести кај децата - „Козле“.

Скопје - Македонската Армија ќе го продолжи својот придонес во мисијата на НАТО на Косово, КФОР зашто на тој начин се зацврстува безбедноста и стабилноста во регионот. Тоа е исклучително значајно во овој период на нестабилност и нарушена глобална безбедност, рекол  министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешната средба со командантот на КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани.

Мисајловски, како што информираат од Министерството за одбрана, изразил задоволство што сите македонски контингенти кои биле дел од КФОР имаат одлична соработка со командата, како и со припадниците на останатите земји чии припадници се дел од оваа мисија.

 

Атина - Повеќе од кога било потребно е да се свика Мултилатерална конференција на лидерите на ЕУ со државите од Источниот Медитеран за мир на Блискиот Исток и демократска транзиција во Сирија, посочи претседателот на грчката партија СИРИЗА Сократис Фамелос и ја повикува Владата, „наместо да ги чека активностите на трети веднаш да преземе иницијативи на меѓународно и европско ниво, особено во пресрет на преземањето на функцијата членка на Советот за безбедност на ОН“, јави дописничката на МИА од Атина.

Фамелос вели дека Владата треба заедно со другите партнери да ја поттикне ЕУ да се активира во регионот „со опипливи иницијативи на највисоко политичко ниво, а не само со назначување специјален претставник“.

Тирана - Албанската Национална управа за храна уништи повеќе од 60 тони мандарини, вратени од земји членки на Европска Унија, поради високо ниво на пестициди, опасни по здравјето.

Последните неколку недели Хрватска, Чешка, Италија и Литванија, кои на големо увезуваат овошје од Албанија, по направените анализи од граница ги вратиле назад камионите натоварени со ова овошје.

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција ќе и помогне на новата сириска влада во формирањето на државната структура и изготвувањето на новиот устав.

По враќањето од состанокот Д-8 во Египет, Ердоган најави дека турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан наскоро ќе го посети Дамаск за да разговара за „новата структура“, но не откри повеќе детали.

Загреб - Деветнаесет годишниот напач во основното училиште „Пречко“ во Загреб кој уби едно дете, а неколкумина рани со нож бил ученик во тоа училиште и моментално живее во близина на училиштето, изјави попладнево хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ.

-Шокирани сме од овие настани. 19-годишен млад човек влегол во училиштето и со остар предмет ги нападнал професорката и учениците. Едно дете починало, додека уште тројца повредени се испратени во медицински установи. Наставникот и напаѓачот се во болница и на сите лица им е укажана лекарска помош. Сторителот е 19-годишник кој бил ученик во тоа училиште и моментално живее во близина на тоа училиште, рече тој.

Атина – Безживотните тела на осум лица, меѓу кои и мало дете, биле извлечени од морскиот дел во близина на грчкиот остров Родос, откако се превртел глисер со мигранти во обид криумчарот да побегне од патролен брод, а лицата кои се превезувале паднале во море, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од крајбрежната служба на Грција, спасени се 18 лица, а несреќата се случила кога лицето кое управувало со глисерот изгубило контрола откако со опасни маневри се обидело да побегне од патролен брод, што резултирало бегалците и мигрантите да паднат во море.

Киев - Во денешниот руски напад врз Киев оштетени се амбасадите на Северна Македонија, на Албанија, на Аргентина, на Палестина, на Португалија и на Црна Гора, изјави портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георгиј Тихи.

- Денеска гранатирањето оштети неколку амбасади во Киев. Сите овие амбасади се сместени во една зграда, која претрпе значителна штета од ракетниот напад. Искршени се прозорци, врати и елементи од таванот, наведе Тихи.

Одеса - Во украинскиот град Одеса и регионот повторно е прогласена тревога поради извидувачки дрон во близина на градот, објави градоначалникот Генадиј Труханов на Телеграм.

-Постои голема закана од ракетен напад, се вели во неговата порака.Извидувачкиот дрон моментално се наоѓа меѓу двата украински града на Црното Море - Одеса и Черноморск, објавија локалните канали на Телеграм.

Брисел - Европската комисија го осуди денешниот руски ракетен напад врз зграда во Киев во која се сместени шест странски дипломатски претставништва, меѓу кои и Македонската амбасада во Украина. 

- Овој напад уште еднаш покажува дека криминалната природа на (рускиот претседател Владимир) Путин претставува опасност за Украина, за ЕУ и за нашата севкупна безбедност, изјави портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.

Брисел - Европската комисија предложи суспензија на дел од Договорот за олеснување на визниот режим меѓу ЕУ и Грузија, со што би се укинал безвисниот режим за влез во Унијата за грузиските дипломати, службеници и нивните семејства кои поседуваат дипломатски и службени пасоши, 

Доколку предлогот на ЕК биде одобрен, носителите на грузиски дипломатски и службени пасоши ќе мора да аплицираат за добивање виза за патување во ЕУ за краток престој до 90 дена.   Со суспензијата, грузиските иматели на дипломатски и службени пасоши нема да важат пониските такси за издавање визи.  

Остани поврзан