МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
20 декември 2024
Скопје - Скопје утрово е најзагаден град во Европа, покажуваат податоците на специјализираната страница за мерење на квалитетот на воздухот „IQAir“. Индексот на загаденост во Скопје достигна 163, што е висока вредност.
Прв на листата на најзагадени градови во светот е Делхи во Индија, а по него се Лахор во Пакистан, Акра во Гана, Багдад во Ирак, Кабул во Авганистан, Дака во Бангладеш, Вухан и Ченгду во Кина, Ханој во Виетнам, а на десетто место е Скопје.
Според податоците на „IQAir“, Приштина е на 19-то место, Букурешт на 20-то, Белград на 25-то, Софија на 45-то и Атина на 63-то место.
Скопје - Новиот член на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, Ардијан Демири денеска даде свечена изјава пред пред претседателот на Собранието Африм Гаши, соопшти собраниската прес-служба.
Свечени изјави пред Гаши денеска треба да дадат и новозибраните членови на Судскиот совет, Данка Ристова и Аритон Ала.
Скопје - Поголемиот дел од Скопје денеска по 22 часот ќе остане без вода поради санација на главниот цевковод. Прекинот, како што најави ЈП „Водовод и канализација“ ќе трае се до санирање на дефектот.
Институтот за јавно здравје на Македонија (ИЈЗ) издаде препораки за граѓаните во врска со најавениот недостиг на вода во наредниот период во Скопје.
За граѓаните се препорачува - складирање на вода најмалку 4 литри вода по лице на ден, да се користи само за основни потреби како пиење, готвење и лична хигиена, да се користат средства за дезинфекција на раце ако нема достапна вода, да се готват оброци кои не бараат многу вода за подготовка и миење...
Скопје - Вработени во Јавното претпријатие „Улици и патишта“ од протестот утрово пред канцелариите на администрацијата на Град Скопје, најавија целосна блокада на градот, доколку не земат плата. Во изјави за медиумите, беше посочено дека тие немаат гориво, возила „седат“ во гаража, нема редовна плата, а имаат обврска кон банките да ги исплаќаат земените кредити, а немаат земено ниту К-15, иако тоа законски им следува.
Протестот е организиран од Независниот синдикат во јавното претпријатие, при Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ).
Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески ја опиша ситуацијата во претпријатието како „крајно критична“. Тој рече дека се најавуваат протести со механизација, а овие вработени ги контролираат и семафорите, „не би сакале да направиме тотален хаос“.
- Замислете, протестираат за плата. Камоли да се побараат некои други средства - за заштитни средства при работа или покачување на плата, посочи тој, апелирајќи да се седне да се разговара, да се даде плата или целосно ќе се блокира Скопје.
Дебар – Според резултатите од пописот, спроведен годинава, во Косово живеат 9.140 припадници на Македонската горанска заедница, со Уставот признати како етничка заедница Горани.
Според табелата на конечни резултати, во однос на етничката припадност, објавена од Агенцијата за статистика, од вкупниот број најголем процент или 7828 се во општина Драгаш, каде територијално припаѓа областа Гора. Значителен број Горанци или 565 живеат во Призрен, 192 во Пеќ, 188 во Приштина, 104 во Северна Митровица, по 52 во Урошевац и Грачаница а ги има и во други градови од по 10 до 37.
Од вкупно 1.585.566 попишано население, Горанците учествуваат со 0,58 отсто. Најбројни се Албанци или 1.454.963, Срби 36.652, Бошњаци 26.841, Турци 19.419, Ашкали 16.207, Египќани 10.581, Роми 8.730, други 2.051, додека одбиле да се произнесат 982 лица.
Скопје - Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија денеска ќе се одржи настанот „Чествување на великаните Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски“ со проф. д-р Кристина Николовска.
Како што соопштија од Македонскиот културно-информативен центар во Софија, Николовска на настанот ќе беседи за поезијата на великаните на современата македонска литература и култура.
Приштина - Поранешниот претставник на СAД во преговорите за статусот на Косово, Френк Визнер, вели дека напредокот на Косово варира од прашање до прашање, дека не постигнало се што сакало, но дека се изградило како суверена држава во европското семејство.
Во интервју за сервисот на Радио Слободна Европа на албански јазик, Визнер вели дека Србија се уште не е подготвена да ја прифати реалноста на независно Косово, па затоа договорите меѓу двете земји, според него, не функционираат.
Тој вели дека Косово од свои причини треба да формира Заедница на општини со српско мнозинство, но со „многу ограничени ингеренции“.
Визнер смета дека се уште е рано да се каже што може да се очекува од администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во однос на Западен Балкан.
Атина – Потребна е мобилизација на европските ресурси за да постои, да речеме, еден европски одбранбен фонд, кој ќе може да финансира одбранбени активности што ќе се однесуваат на ЕУ во целина и дека ова не е конкурентна активност кон НАТО, туку апсолутно комплементарна и дека на овој начин би можеле да испратиме порака и до САД, кои заедно со претседателот Трамп, сигурен сум дека ќе ја притиснат ЕУ за повеќе одбранбени трошоци, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на синоќешната прес-конференција во Брисел по завршувањето на Самитот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно, Мицотакис изрази задоволство што по негова иницијатива ќе се одржи вонреден Самит на ЕУ на 3 февруари „со една и единствена тема европската одбрана“.
Атина – Безживотните тела на осум лица биле извлечени од морскиот дел во близина на грчкиот остров Родос, откако глисер со бегалци и мигранти се превртел во обид криумчарот да побегне од патролен брод, а лицата кои се превезувале паднале во море, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што информираа од крајбрежната служба на Грција, спасени се 18 лица, а несреќата се случила кога оној кој управувал со глисерот изгубил контрола, откако со опасни маневри се обидел да побегне од патролен брод, што резултирало бегалците и мигрантите да паднат во море.
Белград - Српската министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ денеска изјави дека Владата го усвоила предлогот на Министерството за образование зимскиот распуст за основците и средношколците низ целата држава да започне седум дена порано - на 24 декември, а ќе трае до 20 јануари.
-На територијата на Војводина тогаш секако би почнал распустот. Законската можност е календарот на воспитно-образовните активности во основните и средните училишта да се менува за пет отсто во работните денови во смисла на зголемување или намалување на тој број, изјави таа, пренесоа српски медиуми.
Белград - Српскиот премиер Милош Вучевиќ, во врска со, како што тврди, нападот на лидерот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, врз активисти на Српската напредна партија (СНС) кои поставувале плакати, рече дека тоа е показател за желбата на опозицијата за немири и насилство. Во објава на социјални медиуми тој додаде дека во Србија нема да има граѓанска војна, ниту „обоена револуција“. И Социјалистичката партија на Србија (СПС) денеска, како што соопшти, го осуди нападот на Ѓилас врз активисти на СНС.
Загреб - Ученик од основно училиште во Загреб утрово со нож повредил наставничка и неколку деца, јавија хрватските медиуми.
Инцидентот се случил во ОУ „Пречко“ во Загреб.
Полицијата е на терен како и неколку амбулантни возила, јавија загрепските медиуми.
Во Хрватска денеска е крај на првото полугодие во училиштата.
Варшава - Полска го повика унгарскиот амбасадор на разговор и го отповика на консултации својот амбасадор денеска во знак на протест против „непријателскиот чин“ на Будимпешта да му даде азил на поранешниот полски заменик министер кој се соочува со обвиненија за корупција.
-Унгарскиот амбасадор во Полска ќе биде повикан денеска... за да добие официјален протест од полската страна, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи, додавајќи дека потегот за азил го смета за „непријателски чин“. „Министерот за надворешни работи одлучи да го отповика полскиот амбасадор во Унгарија на консултации“.
Брисел - Романскиот претседател Клаус Јоханис ја истакна важноста на борбата против руските хибридни напади, кои вклучуваат дезинформации, кибер напади и манипулации преку социјалните медиуми, особено во контекст на изборите.
На Самитот на Европскиот совет, Јоханис предупреди на закани, не само за поединечни држави, туку и за демократските општества воопшто, наведувајќи ги изборите во Романија и Молдавија како клучни примери.
Романскиот претседател повика на поголема координација во ЕУ за да се развијат ефективни алатки за борба против странското влијание.
Стокхолм - Шведска повеќе нема да ја финансира Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА), туку ќе обезбедува хуманитарна помош за Газа преку други канали, изјави шведскиот министер за помош Бенјамин Дуса.
Одлуката на Шведска да го прекине финансирањето на УНРВА дојде како одговор на забраната за работата на агенцијата во Израел, која стапува на сила на крајот на јануари.
Израел постојано ја обвинува УНРВА дека е вклучена во нападите на 7 октомври 2023 година, предводени од Хамас, кои ја предизвикаа тековната војна во Газа. „Одлуката на Шведска да го прекине финансирањето на УНРВА беше одговор на израелската забрана, бидејќи тоа ќе го отежне канализирањето на помошта за Палестинците преку агенцијата“, рече Дуса.
Лондон - Лекувањето на ракот на британскиот крал Чарлс Трети ќе продолжи и следната 2025 година, велат за „Скај њуз“ (Sky News) извори од Бакингемската палата.
Од Дворецот известуваат дека лекарите се оптимисти за здравјето на кралот.
Надлежните во февруари објавија дека на кралот му бил дијагностициран рак и дека почнува со лекување.
Лондон - Некои бајки и приказни од жанрот детска фантастика коишто успивале поколенија деца наназад - може да послужат како едукативен материјал, во разговорите и воспитувањето за здравиот сон на децата, според истражување објавено во најновото издание на „Британскиот медицински журнал“ (British Medical Journal).
Трудот проучува четири познати дела коишто вклучуваат податоци за придобивките од сонот и лоши последици од нарушувањата на спиењето. Така, на пр., „Снежана и седумте џуџиња“ посочува и поучува дека последица на лошиот сон е и 'рчењето коешто е својствено кај „џуџињата“, т.е. ниските луѓе во приказнава. И имињата на овие протагонисти укажуваат на видовите раздразливост од лошиот сон - Спанко, Намќорко, а се алудира и на намалениот имунитет поради замор - Кивавко, како и на послабите социјални вештини - Срамежливко.
Киев - Во рускиот ракетен напад утринава врз Киев, едно лице загина, а девет се повредени, од кои четворица се хоспитализирани, соопшти градоначалникот на главниот град на Украина, Виталиј Кличко.
Според градската воена управа на Киев, руските војници го извршиле нападот утринава, најверојатно со ракети Кинжал од авиони МиГ-31К и балистички ракети Искандер/КН-23, јавија украинските медиуми.
Нападот предизвика пожари низ градот, изјави претходно шефот на воената управа на Киев, Сергеј Попко.