МИА Општински пул
- 20 декември 2024
20 декември 2024
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, денеска го посети Новогодишниот базар на книги кој во следните три дена се одржува во трговскиот центар Рамстор. Во рамки на базарот, свој штанд за книги има поставено и македонската авторка Ксенија Николова.
Герасимовски, при посетата на базарот потенцираше дека читањето книги е основата за интелектуален и личен развој.
Дојран - Преку проектот во соработка со Германскoто друштво за меѓународна соработка (ГИС) Општина Дојран изработи подземен катастар за комунална инфраструктура, пронаоѓање загуби на вода, поставување скада системи, и мерни инструменти,објави градоначалникот Анго Ангов.
Според него, ова е основа за изработка на хидрауличен модел, кој се работи во моментот, за регулирање на притисокот и протоците на вода за да се надмине проблемот со притисокот во повисоките делови од Дојран.
Битола - Националната установа Завод и Музеј-Битола промовира инклузивна едукативна музејска алатка составена од читлив текст и илустрации, со Браево писмо, со тактилни слики, тактилни елементи, QR-кодови и тагови кои што водат до аудио и видео на знаковен јазик.
На промотивниот настан во Битола, д-р Ирена Ружин, раководител на проекти за пристапност, истакна дека во рамки на инклузивната алатка се сите елементи сврстени во голема корица со која чинат џиновска сликовница „Крилестата дружина во музеј“.
Вевчани - Вевчанскиот карневал по 20 години, повторно е дел од Федерацијата на европски карневалски градови. Вевчанскиот карневал, кој е првиот карневал од Македонија што стана член на оваа престижна федерација во 1993 година, според градоначалникот Спасе Кочовски, го изгубил статусот поради неплатена чланарина.
- Со посветеност и напор, минатата година ги исплативме сите обврски за членарина од изминатите 20 години и во согласност со Одборот на ФЕЦЦ, од оваа година, Вевчани повторно е полноправна членка на Федерацијата на европски карневалски градови. После 20 години повторно е на вистинското место, истакна Кочовски.
Кавадарци – Проблеми од правен и законски карактер и простор за чување книги биле едни од најчестите проблеми со кои се соочувале библиотеките во државава, а некои библиотеки се соочувале и со мал број на читатели. Вака одговорија на прашање од МИА претставници на Библиотекарското здружение на Македонија пред денешната работна средба во Кавадарци. Во Градската библиотека Феткин беа присутни директори од јавни и национални библиотеки од повеќе градови во државата.
Јана Михајловска, претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија, која доаѓа од Националната универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ - Скопје, што годинава одбележа 80 години јубилеј, рече дека еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат библиотеките во државата е просторот за чување книги. Токму затоа лани Библиотекарското здружение направило проект во врска со тоа, финансиран од Министерството за култура и туризам. Некаде, библиотеки се соочувале и со мал број на читатели, зависно од градот, интересот и многу други фактори што биле во прашање. Можеби, додаде таа, со ваков проблем се соочуваат библиотеки во рамки на домови и центри за култура, тоа го покажало ланското искуство. Таму бил поистакнат тој проблем, дека читаноста е навистина мала, интересот бил многу мал.
Штип - Вкупниот буџет на Општина Штип за 2025 година изнесува речиси две милјарди денари, образложи денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов пред советниците на седница на Советот на Општина Штип.
-Вкупниот буџет на Општина Штип за 2025 година изнесува 1 886 896 000 денари. Историски највисок буџет во Општина Штип. Вкупниот основен буџет пак изнесува 1.058.240 000 денари. Исто така историски највисок буџет или компаритивно со изминатата година бележи 30 проценти раст. Основен буџет, оној којшто има можност Советот и Општина Штип да го реалицираат назад кај граѓаните. Овие средства се поделени по Програми, испланирани за развој на образованието, културата, социјалната заштита, урбанистичкото планирање и проектирање, зелени површини, локални улици, булевари, крстосници, водовод, канализација, а секако тука е и спортот, активностите на децата и младите во нашиот град, рече во своето обраќање Јорданов пред штипските советници.
Струга - Педесет и четиригодишна жителка на струшкото село Велешта доби кривична пријава поради кражба на електрична енергија, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, ОВР Струга поднело кривична пријава против У.Х.(54) од Велешта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на електрична енергија“.
Пехчево - Доброволното противпожарно друштво од Пехчево доби специјално наменско противпожарно возило. Возилото е донација од Операција Флоријан, а истото претходно е користено од Доброволното противпожарно друштво од Свети Николем со кое пехчевските пожарникари има добра соработка.
Од страна на ДПД „Св.Николе“ денеска беше извршено и свечено примопредавање на кое присуствуваше и градоначалникот на Општината, Александар Китански кој се заблагодари што идејата која започна пред повеќе месеци, денес се реализираше во целост.
Скопје - Со цел подобрување на патната инфраструктура Општина Илинден, продолжува со градежната експанзија која се одвива со засилено темпо во населените места.
Во таа насока извршено е целосно асфалтирање на краците 3,5 и 7 од улица „7“ во месноста викана Ограѓе, населба Илинден, во вкупна должина од 200 метри.
Струга - Зимскиот младински шаховски фестивал „Езерска кралица 2024“, следниот викенд по втор пат ќе се одржи во Струга во организација на Младинската шаховска школа „Струга“ и Шаховската школа „Ласкер“ од Охрид.
Директорот на Шаховскиот фестивал Ѓоко Котески информира дека на турнирот ќе учествуваат млади шахисти од Струга, Охрид, но и цела држава.
Кавадарци - Дамата со шеширот е насловена книгата поезија од Габриела Костадинова од Пехчево, што беше промовирана денеска во градската библиотека „Феткин“ во Кавадарци, на средбата на директори од јавни и национални библиотеки од повеќе градови во државата.
Директорот на кавадаречката библиотека, Петар Гурев рече дека ова е најново дело на Костадинова, квалитетна збирка на поезија, што од утре ќе ја има на рафтовите во оваа културна установа.
Куманово - Општина Куманово првпат ќе субвенционира набавка на инвертер клими, одлучија советниците на последната седница. Приближно сто семејства ќе добијат субвенција во износ од 20.000 денари за набавка на клими. Од буџетот на општината одвоени се два милиони денари за наредната година.
- Општина Куманово ја спроведува програмата за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на подрачјето на градов за 2025 година, донесена на Совет на Општината. Субвенционирањето е активност предвидена во мерките за заштита на амбиентниот воздух и е дел од мерките на програма за активности од областа за заштита на животната средина и природата на општина Куманово за 2025 година. Постапката за доделување на финансиски средства ќе ја спроведува соодветна комисија формирана од градоначалникот, по претходно објавен јавен повик, во кој ќе бидат прецизирани услови и начин на субвенционирање. Средствата кои ќе се користат за делумен надомест за граѓаните на територија на Куманово ќе се распределат според редот на пристигнати барања, наведуваат од општината.
Куманово - Во основниот суд Куманово поради службен пат на обвинителот, денеска беше одложено судењето против 36-годишната Вангелица Илијевска, која во јуни годинава ги уби сопругот и свекорот во домот во Кратово.
Обвинителството бара да се осуди по член 123 од Кривичниот законик, додека нејзината одбрана тврди дека таа, постапувала во нужна одбрана. На денешното рочиште требаше да бидат разгледани доказите, материјално технички и да се сослушуваат вештите лица од психијатрија и ДНК анализа на предлог на обвинителството. По изведување на доказите на Обвинителството, одбраната најави дека ќе започне со презентирање на својата теза со материјални и технички докази и распит на свои технички советници и вешти лица.