• четврток, 23 јануари 2025
МИА Радио Флеш

   22 јануари 2025

 

Скопје - Собранието во рамки на денешната 31. седница донесе неколку законски решенија откако за нив претходно била завршена расправата.

Пратениците ги изгласаа Предлог на законот за изменување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство - Прво читање, Предлог на законот за изменување на Законот за комуналните дејности, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за финансиската полиција, Предлог на законот за изменување на Законот за градење и Предлог на законот за изменување на Законот за превоз во патниот сообраќај, сите по скратена постапка.

Скопје - Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата денеска со 11 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан ја донесе Предлог-одлуката за определување на коефициентите за утврдување на плата на претседателот на Република Северна Македонија, на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и на функционерите кои ги избира и именува Собранието на Република Северна Македонија.

За расправа по оваа точка не се јави никој од присутните членовите на Комисијата. 

Како дополнителна точка на дневен ред на Комисијата е утврдување на Предлог-одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование.

Скопје – Собраниската комисија за финансирање и буџет на денешната седница го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска полиција, по скратена постапка, поднесен од пратениците Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Љупчо Пренџов, Бране Петрушевски и Тони Јаревски, и одлучи да го проследи на натамошна постапка во Собранието.

Како што посочи Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ во образложението за поднесувањето на законското решение, со измените се врши усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа и се заоструваат условите кој може да биде раководител на Финансиската полиција. Воедно се дава можност Министерството за финансии да има уште поголема соработка со Финансиската полиција, а таквата соработка треба да ја координира директорот на Финансиската полиција.

Скопје - Судскиот совет денеска за нови судии во Апелациониот суд Битола ги избра судиите Билјана Белевска Пројковска за судија во кривичната област, и Ристо Сотиров, Дејан Крстанов и Александар Илиевски за судии за граѓанска област.

Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски истакна дека на објавениот оглас за избор на еден судија за кривична област и тројца судии од граѓанската област формирана е Комисија за рангирање чиј претседател е Антоанета Димовска.

Скопје - Потребно е време за да има системски решенија за справување со пожари, поплави, земјотреси во земјава, како и создавање на една функционална институција. Во наредниот период освен ад хок решенија кои ќе се преземат од страна на институциите во делот на превенцијата ќе создадеме систем којшто ќе биде функционален и којшто за една, две, три години од сега ќе може да одговори системски на сите предизвици, истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој е и претседател на Управичкиот комитет за координација и управување со системот за кризи.

Тој рече дека во изминатите месеци работни групи работат на законската легислатива, потоа утврдуваат точни чекори кои треба да се преземат, предвидуваат кои членови треба да се укинат и кои се Закони треба да се сменат.

Скопје - Се води соодветна постапка под надлежност на Јавното обвинителство за тоа дали бегството на Артан Груби е организирано, дали имало други вмешани и така натам, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во одговор на новинарско прашање на прес конференцијата по седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.

Според министерот, уште од првиот ден на бегството на Груби биле преземени дејства од страна на Одделот за внатрешна контрола во рамки на МВР, била отворена внатрешна истрага и сето тоа што е обезбедено како доказен материјал по наредба на јавен обвинител е собрано и по наредба на обвинител е доставено, односно дали станува збор за организирано бегство, група или станува збор само за пропуст на предметниот полициски службеник. 

Белград - Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ денеска изјави дека Србија ќе бара продолжување на роковите за завршување на сите операции во врска со излегувањето на рускиот капитал од НИС.

Таа нагласи дека во интерес и на американската и на руската страна е да се најде решение за Нафтената индустрија на Србија (НИС), особено со доаѓањето на администрацијата на Доналд Трамп.

Потсетувајќи на крајниот рок до 25 февруари за целосно повлекување на рускиот капитал и интереси од НИС, таа исто така рече дека српската влада разговарала со двете страни и дека работните тимови веќе имале неколку состаноци.

Сараево - Главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево повторно има најзагаден воздух во светот со индекс на квалитет на воздухот од 410.

Порталот IQAir, кој го следи индексот на загаденоста на воздухот во светот, изутрината објави ажурирана листа на градови, а Сараево е на прво место со воздух во категоријата „опасен“ по здравјето.

Следува Дака, главниот град на Бангладеш, со индекс на квалитетот на воздухот од 261, додека Калкута, Индија и Ханој, Виетнам, имаат слични индекси.

Атина – Со големо мнозинство, со 247 гласа „за“ и 50 „воздржани“, пратеникот од владејачката Нова демократија Никитас Какламанис денеска беше избран за претседател на грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Откако минатата среда грчкиот премиер соопшти дека претседателот на Парламентот Константинос Тасулас е владиниот избор за шеф на државата, Нова демократија, за собраниски спикер го предложи 79-годишниот Какламанис.

Денеска се одржа гласањето, а претседателот на Парламентот беше избран со поддршка од Нова демократија и опозициските СИРИЗА, ПАСОК, Грчко решение, Спартанци, како и голем дел од независните пратеници, како што и беше очекувано.

Берлин – Лидерите на германската ултрадесничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) на 20 јануари беа во Вашингтон на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, но не присуствуваа на церемонијата, туку ја гледаа на екранот.

Како што јави германската новинска агенција ДПА, копретседателот на АфД Тино Крупала и заменик-претседателката на парламентарната група на АфД, Беатрикс фон Шторч беа меѓу илјадниците луѓе во фан зоната на околу два километри од Капитол.

Варшава - Полскиот премиер Доналд Туск денеска од Европскиот парламент ги повика граѓаните на Европа да се ослободат од комплексите во односите со Америка, истакнувајќи дека Европа има еднакви права и основи да зборува за својата величина и достигнувања како и САД.

- Таа политичка промена во САД предизвика дезориентација кај некои политичари. Но тоа никако не го оправдува падот на европскиот дух. Сите го слушавме обраќањето на Доналд Трамп за значајното минато, величината и иднината. Европа има еднакви права да зборува за својата величина, само треба широко да ги отвориме очите, рече Туск.

Обраќајќи им се на европските пратеници за приоритетите на полското претседавање со Европската Унија во првите шест месеци од оваа година, Туск го започна својот говор со парафраза од полската химна: „Европа сè уште не пропаднала додека ние живееме“.

Никозија – Кипарската Влада на денешната седница одлучи да ја намали старосната граница и право на глас да имаат сите со наполнети 17 години, за што претседателот на Кипар Никос Христодулидис коментираше дека е „историски ден за демократијата во земјата“ и изрази надеж дека Парламентот набргу ќе го изгласа соодветниот закон, јави дописничката на МИА од Атина.

На почетокот на владината седница, Христодулидис рече дека денеска е важен ден за спроведување на еден од нивните најосновни приоритети, а тоа е „зајакнувањето на партиципативната демократија во земјата“, објаснувајќи дека со правото на глас од 17-годишна возраст, ќе има и автоматското запишување во избирачките списоци.

Брисел - На ЕУ не и треба единствена европска армија, туку 27 европски армии кои се способни и можат ефикасно да работат заедно за да ги одвратат ривалите и да ја бранат Европа, по можност со нашите сојузници и партнери, но доколку е потребно и сами, порача денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во обраќањето на Годишната конференција на Европската безбедносна агенција во Брисел. 

Според Калас, Европската Унија мора да ги зголеми трошоците за одбраната за да се „подготви за најлошото“ и да може да се брани самата од воинствената Русија, ако тоа биде потребно.  

Рим – Импровизирана кукла полна со ѓубре со ликот на Илон Маск обесена наопаку вчера беше пронајдена на плоштадот Лорето во Милано, на истото место каде во 1945 година беше изложено телото на италијанскиот фашистички лидер Бенито Мусолини.

Куклата е обесена откако Маск, на инаугурацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, отпоздрави, а неговиот гест беше спореден со нацистичкиот поздрав.

Маск ги отфрли критиките како „заморен“ напад.

Вашингтон - Полската дијаспора во САД изразува загриженост поради најавените масовни депортации на мигранти, кои може да ги засегнат и нив, што предизвика премиерот Доналд Туск да побара засилување на капацитетите на полските конзулати во САД.

Туск ги повика своите сонародници во САД, истакнувајќи дека Полска значително се променила и дека секој кој сака да работи може да најде пристојна работа.

- Не знаеме колку Полјаци може да бидат засегнати, но гарантирам дека ќе бидеме подготвени,  изјави Туск, повикувајќи ги Полјаците да ги обноват документите и пасошите. Според податоците од 2010 година, во САД неформално живеат околу 100.000 полски мигранти.

Вашингтон – Американските сојузни држави предводени од демократите и групите за граѓански права поднесоа серија тужби, со кои се оспорува обидот на претседателот Доналд Трамп да стави крај на државјанството по право на раѓање. Две слични тужби беа поднесени од Американската унија за граѓански слободи и имигрантските организации.

Трамп по инаугурацијата им нареди на американските агенции да одбијат да го признаат државјанството на децата родени во САД ако ниту мајката ниту таткото не се државјанин на САД или се законски постојани жители.

Дваесет и две држави под контрола на демократите, заедно со главниот град Вашингтон и градот Сан Франциско, поднесоа неколку тужби до федералните судови во Бостон и Сиетл, тврдејќи дека Трамп го прекршил Уставот на САД.

Вашингтон – Кандидатката на Доналд Трамп за американска амбасадорка во ОН, Елисе Стефаник за време на сослушувањето во Сенатот изјави дека Израел има библиско право на целиот Западен Брег.

Сослушувањето на републиканката Стефаник од Њујорк го потврди расколот помеѓу САД и ОН за израелската политика.

Ставот на Стефаник е спротивен на долгогодишниот меѓународен консензус и големиот број резолуции на Советот за безбедност за израелските населби на окупираните територии.

Вашингтон - Доналд Трамп денеска ја нарече бискупката од Вашингтон, Маријан Едгар Бад, „одвратна“ и побара да се извини откако таа му кажа на американскиот претседател дека сее страв меѓу имигрантите и ЛГБТК луѓето. 

-Таканаречената бискупка кој зборуваше на националната миса вчера наутро е радикална левичарка која го мрази Трамп, напиша американскиот претседател на својата платформа Truth Social.

„Таа го внесе светот на политиката во нејзината црква на многу нељубезен начин. Таа говореше со одвратен тон, беше неубедлива и неинтелигентна, напиша Трамп откако присуствуваше на богослужбата во националната катедрала во Вашингтон, предводена од епископскиот бискуп Маријан Едгар Буде.

Тел Авив – Израелскиот министер за стратешки работи Рон Дермер денеска изјави дека Израел не дал никакви ветувања за формирање на палестинска држава, како дел од разговорите за потенцијална нормализација на односите со Саудиска Арабија.

- Воопшто нема никакво ветување за воспоставување на палестинска држава, истакна Дермер пред Кнесетот.

Тел Авив – Израелската армија денеска, втор ден ја продолжува операцијата во градот Џенин, во северниот дел на Западен Брег.

Според очевидци, израелската армија извршила рации во неколку населби во бегалскиот камп Џенин и гранатирала неколку локации.

Израелската армија соопшти дека операцијата во Џенин, со кодно име „Челичен ѕид“ ќе трае неколку дена.

Давос - Панамскиот претседател Хосе Раул Мулино во Давос изјави дека Панамскиот канал припаѓа на Панама и никогаш не бил подарок од САД, одговарајќи на изјавите на Доналд Трамп дека САД ќе си ја повратат контролата над каналот.

- Ние во целост го отфрламе сето она што го кажа г-дин Трамп. Прво затоа што е лага, а второ затоа што Панамскиот канал и припаѓа на Панама и ќе продолжи да и припаѓа на Панама, рече Мулино за време на панел-дискусија на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

- Панамскиот канал не беше отстапка или подарок од САД, потенцираше Мулино, туку резултат на повеќедецениски договори.

Moсква - Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за повторно именување на Игор Краснов за главен обвинител на Русија.

„Во согласност со дел 2 од член 129 од Уставот на Руската Федерација и точки 1 и 5 од член 12 од Федералниот закон „За обвинителството на Руската Федерација“, Игор Викторович Краснов е назначен на позицијата главен обвинител. на Руската Федерација“, се наведува во документот објавен на официјалната веб-страница на Обвинителството.

Москва - Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, денеска изјави дека Москва не гледа простор за преговори со новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп, пренесоа руските медиуми.

-Не можеме денеска ништо да кажеме за капацитетот за преговори на новата администрација, но, сепак, во однос на безнадежноста, од секој аспект, на поранешниот шеф на Белата куќа (Џо Бајден), денес има простор, иако мал, рече Рјабков.

Краснов првпат беше назначен за главен обвинител во јануари 2020 година.

Техеран – Во иранскиот град Реј се случи инцидент со резервоари со нафта во кои имало 18.000 тони нафта.

Иранската Национална компанија за дистрибуција на нафтени производи не наведе повеќе детали за инцидентот.

Техеран – Иран е избран за претседавач со Азиско-пацифичката група на Советот за човекови права на ОН. Азиско-пацифичката група е најголема во Советот за човекови права.

Одговорностите на Иран ќе вклучуваат координација и насочување на активностите на групата за време на состаноците на Советот за човекови права. Исламската Република ќе се занимава и со прашања поврзани со Канцеларијата на високиот комесар за човекови права.

Техеран – Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ) соопшти дека Иран продолжува да ги депортира авганистанските мигранти.

- На граничниот премин Ислам Кала дневно поминуваат околу 3.000 луѓе од Иран. Тоа се главно луѓе кои се депортирани или протерани. Овие луѓе пристигнуваат во Авганистан среде сурова зима и хуманитарна криза што погодува 22,9 милиони луѓе на кои веќе очајно им е потребна помош, изјави генералниот секретар на НРЦ Јан Егеланд за Германската новинска агенција ДПА, кој неодамна го посети пограничниот град.

Амстердам - Холандскиот суд денеска пресуди дека Холандија прави премалку за да се бори против штетата на природата предизвикана од емисиите на азот, што е удар за десничарската влада.

Судот и нареди на владата да го намали нивото на емисии на азот за најмалку 50 проценти до крајот на 2030 година, одлука која може да има големи последици за интензивното сточарство.

Состојбата на природните области во Холандија со години се влошува поради емисиите на азот, што и штети на биолошката разновидност. Главен виновник е сточарството.

Бразилија - Шумските пожари во Бразил минатата година зафатија вкупна површина поголема од целата територија на Италија, објави денеска платформата за мониторинг МапБиомас.

Земјата продолжува да се бори со пожарите што честопати ги предизвикуваат земјоделците и сточарите кои незаконски ја прошируваат својата територија.

Приближно 30,8 милиони хектари вегетација беа изгорени во Бразил во 2024 година, што е зголемување од 79 отсто во споредба со 2023 година, објави МапБиомас.

Пожарите во Амазонија, областа со најмногу биодиверзитет во светот, предизвикуваат 58 отсто од штетите.

Остани поврзан