МИА Радио Флеш
- МИА Радио Флеш
22 јануари 2025
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил објави дека ја посетил црквата Св. Никола во Њу Џерси.- Мојот приоритет е да ја одржиме врската со Македонците ширум светот. Освен посветеноста, работливоста, наша заедничка приказна е и заветот и желбата да обезбедиме иднина на нашата заедничка татковина Македонија, напиша Мицкоски на фејсбук.
Скопје - Управата за финансиска полиција до Oсновното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против А.Б.Г во својство на сопственик и управител на правниот субјект Друштво за консултантски услуги АЛТЕРА КОНСАЛТИНГ ДООЕЛ Скопје и против правното лице Друштво за консултантски услуги АЛТЕРА КОНСАЛТИНГ ДООЕЛ Скопје поради основано сомнение дека го сториле кривичното дело 60-а од Законот за Данок на додадена вредност.
Скопје - Министерството за здравство информира дека во целост е завршена монтажата и инсталирањето на системот за компримиран воздух на комплекс клиники „Мајка Тереза“-Скопје.
Монтирани и инсталирани се три компресори со потребната придружна опрема (резервоари, сепаратор, автоматски одвојувач на конденз електронски контролиран, циклонски сепаратор отстранување на влага и масло на излезен степен од компресор и друга опрема).
Скопје - Во просториите на Центарот за управување со кризи денеска ќе се одржи седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, во проширен состав.
На седницата ќе бидат разгледани согледаните слабости на системите за управување со кризи, за заштита и спасување и за противпожарна заштита, како и предлозите за нивно надминување.
Со седницата, како што е најавено, ќе раководи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а ќе присуствуваат и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности и директор на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Скопје - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри - надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови, е надминат на мерното место - Кичево.
Софија - Голем број дојави има за поставени бомби во училишта во повеќе градови во Бугарија, јавија бугарските медиуми. Дојавите се испратени по мејл и на телефонот за реакција на итни случаи (112), изјавија од МВР на Бугарија за ТВ Нова.
Станува збор дојави примени во образовни институции во Стара Загора, Враца, Варна, Перник и Софија. Полицијата веднаш реагирала со испраќање тимови за проверки.
Учениците се изнесени од училиштата.
Софија - Епидемија на грип е прогласена во вкупно пет области во Бугарија, објавија денеска локалните медиуми.
Епидемија е прогласена во Хасково, Видин, Јамбол, Пловдив и Благоевград.
Во Хасково и Видин мерките се веќе на сила, а во Јамбол од денеска децата се префрлаат на онлајн настава.
Од денеска во Пловдив и Благоевград се забранети посети во болниците. Во градинките и училиштата нема да се примаат болни деца.
Атина – Верувам дека постојат два пола, машки и женски, ова е мое лично мислење, ова го налага биологијата, рече меѓу другото, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на панел-дискусија со поранешниот премиер на Италија Енрико Лета во организација на Грчко-американската трговска комора, јави дописничката на МИА од Атина.
Говорејќи за новиот американски претседател Доналд Трамп и односите на Грција со САД рече дека се одлични и дека „никогаш не биле подобри од последните пет години“, објаснувајќи дека двете земји имаат потпишано сеопфатен договор за безбедност и одбрана.
Тирана – Партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, која ги застапува и заштитува правата на македонската заедница, побара од албанските власти под итно да ја забранат активноста на фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија, при тоа изразувајќи „длабока загриженост за тековните напори на бугарските власти и споменатата фондацијата да ја асимилираат македонската заедница“.
-Директно му се обраќаме најпрво на премиерот Еди Рама од кого уште еднаш бараме итна интервенција, негова и на надлежните институции да ги прекинат активностите на фондацијата „Бугарска меморија“ и нејзината криминална мрежа во областите каде што живее македонската заедница. Овие активности претставуваат сериозно мешање во внатрешните работи на Албанија, ја поткопуваат етничката толеранција и сериозно ја нарушуваат меѓузаедничката хармонија која отсекогаш била една од највисоките вредности на нашата земја, изјави за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Стразбур - Европската Унија е целосно посветена на нејзиното проширување, како најголема геополитичка инвестиција за мир и безбедност за нашите народи и нашиот континент, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето пред европратениците на дебатата во Европскиот парламент посветена на резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ.
- Шесте земји од Западниот Балкан, Украина и Молдавија работат напорно за да ги исполнат своите обврски. Нема сомнеж дека иднината на овие земји е во нашата Унија. Време е да ги исполниме нашите ветувања, како што тие ги исполнуваат своите, порача Кошта.
Брисел - Највисокиот дипломат на ЕУ, Каја Калас денеска повика на нов договор за одбрана што ќе го поврзе блокот со поранешната членка Британија како „клучен партнер“ во соочувањето со заканата од Русија.
„Потребен ни е взаемно корисен однос за безбедноста и одбраната“, рече Калас на конференцијата во Брисел.
„Нов договор за ова е логичен следен чекор“.
Брисел - Високата дипломатка на ЕУ Каја Калас денеска нагласи дека блокот мора да го послуша барањето на американскиот претседател Доналд Трамп да троши повеќе за одбраната. Таа упати остро предупредување за закана од Русија.
„Претседателот Трамп е во право кога вели дека не трошиме доволно. Време е да инвестираме“, рече Калас.
Според неа, САД мора да останат „најсилниот сојузник на Европа“.
Стразбур - Нашата прва цел во односите со новото раководство во САД ќе биде брзо да воспоставиме врска, да бидеме подготвени за преговори и да бидеме прагматични во преговорите...Милиони работни места во светот зависат од меѓусебно поврзаните економии на ЕУ и САД, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во говорот пред европратениците во Стразбур.
„Секогаш ќе се придржуваме до нашите европски принципи“, додаде таа.
Стразбур - Првите три недели од 2025 година се показател за промената во глобалната политика и влеговме во нова ера на сурова геостратешка конкуренција, каде имаме работа со сили со големина на континент, кои се ангажираат меѓу себе главно врз основа на интереси, истакна денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент посветена на резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ.
- Оваа нова динамика се повеќе ќе доминира во односите меѓу глобалните актери. Правилата за ангажман се менуваат. Можеби на некои во Европа не им се допаѓа оваа нова реалност, но ние мора да се справиме со неа. Нашите вредности не се менуваат. Но, за да ги одбраниме, мора да се променат некои работи, рече Фон дер Лајен.
Ташкент - Програма за стратешко партнерство меѓу Русија и Узбекистан во воената област за периодот 2026-2030 година и Планот за соработка меѓу министерствата за одбрана на двете земји за 2025 година се потпишани денеска во узбекистанскиот главен град Ташкент, пренесоа руските медиуми.
Документите ги потпишаа шефовите на воените ресори на Русија и Узбекистан, Андреј Белоусов и Шухрат Калмухамедов, во рамките на официјалната посета на рускиот министер за одбрана на Узбекистан, пренесува Интерфакс.
Вашингтон - Белата куќа го врати познатото црвено копче во Овалната соба за претседателот Доналд Трамп лесно да нарача диетална Кока-Кола.
Црвеното копче за Кока-Кола што Трамп го користеше за време на неговиот прв мандат повторно беше забележано на неговото биро откако во понеделникот положи заклетва како 47-ми претседател на САД, објави весникот „Волстрит џурнал“.
Позната е неговата наклонетост да пие диетална Кока-Кола. Тој многу пати изјави дека не пие алкохол поради тоа што неговиот брат Фред починал од компликации поврзани со алкохолизмот во раните 1980-ти.
Вашингтон - Неколку часа откако Доналд Трамп официјално стана претседател на САД, кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин одржаа онлајн средба, на која се договорија за дополнително зајакнување на билатералните односи, објавија државните медиуми во двете земји.
Нарекувајќи го Си Џинпинг „драг пријател“, Путин рече дека Русија и Кина ги градат односите „на основа на пријателство, взаемна доверба и поддршка“ и покрај надворешниот притисок, јави денеска Би-Би-Си.
Лос Анџелес - Филмот „Џокер: Лудило за двајца“ доби најмногу - дури седум номинации за наградите „Златна малина“ за најлоши филмски остварувања на годината.
Овие награди, коишто секоја година се објавуваат ден пред „Оскарите“, се доделуваат за најлош филм, глума, сценарио, режија итн. За првиот филм „Џокер“, Хоакин Феникс освои „Оскар“ за неговата главна и насловна улога. 3a „Џокер 2“, oвојпат, тој е номиниран за најлош глумец.
Неговата партнерка во вториот дел, Лејди Гага е номинирана за најлоша глумица.
Лос Анџелес - Ракувањето открива подробности за Вашиот сексуален живот, посочува ново истражување објавено во списанието „Еволуција и човеково однесување“ (Evolution and Human Behavior). Во испитувањето учествувале над 4.000 возрасни лица од САД.
Научниот труд ги испитува силата на дланката, и на горниот дел од телото, како и одговори на прашања за сексуалноста. Така, мажите кои имаат посилно ракување имаат поголема веројатност да бидат во долги врски и да имаат повеќе сексуални партнери, отколку нивните врсници.
Лос Анџелес – Легендарниот кошаркар на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс го изедначи постигнувањето на Карл Мелоун.
Леброн рано утрово постигна трипл-дабл и стана само вториот играч во НБА-лигата на 40-годишна возраст со двоцифрен ефект во три статистички категории.