МИА Општински пул
- МИА Општински пул
22 јануари 2025
Куманово - Досегашниот секретар на општина Куманово, Александар Гелевски, е нов директор на Агенцијата за планирање на просторот. Гелевски е избран на конкурс и има четиригодишен мандат.
- Добро сум запознаен со обврските, задолженијата и работните процеси во институцијата. Првите осум години, од 2006 до 2014 бев работно ангажиран во „Урбан ГИС“ ДОО Куманово, што е подружница на агенцијата. Работам во областа за која сум се образувал, а можам да ветам дека ќе се посветам стручно и професионално во извршувањето на моите обврски, изјави Гелевски.
Кумановецот Гелевски дипломирал на Универзитетот „Кирил и Методиј“ Скопје – Архитектонски факултет во 2006 година и ја почнал кариерат како проектант и планер-урбанист, со што се здобива со овластувања од областа на урбанизмот и архитектурата. Во 2014 година се вработува во Општина Куманово како советник во Одделение за урбанизам, во ноември 2018 е назначен за раководител на Одделение за спроведување на урбанистичка документација – Сектор за урбанизам, а во август 2020 доаѓа на функцијата -секретар на Општина Куманово, каде по две години беше реизбран за оваа функција.
Тетово – Во тетовско Теарце денеска Одборот на бранители организираше одбележување на 24 години од загинувањето на полицаецот Момир Стојановски (29) при напад со ракетен фрлач врз полициската станица на 22 јануари 2001-та, што се смета за почеток на оружениот конфликт во текот на годината. При нападот тешко ранет беше полицаецот Давор Евросимовски, а со полесниповреди добија Борче Ѓуровски и Јахи Лика.
Цвеќе положија претседателот на Одборот на бранители и делегации на СВР Тетово, политичка партии и организации.
- Дваесет и четири години потоа (четврт век од човечкиот живот) состојбата со бранителите не е променета во ниту еден сегмент, иако голем број од бранителите од последиците на војната веќе се починати. Нивните рожби, сега веќе оформени граѓани на оваа наша татковина се прашуваат: зашто нивните родители ги положиле своите млади животи на олтарот на татковината? Направија нивните деца и внуци да се срамат, затоа што нивните дедовци ja бранеле сопствената држава Зарем е тоа најголем татковци,грев? Политичарите, не доволно свесни за постигнатото од страна на бранителите и начинот на кој е тоа постигнато, како и цената која е платена, почнаа со лесно продавање на државните интереси само заради, опстанок на политичката сцена. Нивните политички договори да ги изедначат бранителите со оние кои, ја напаѓаа државата се главен проблем. Тоа бранителите никогаш до последен жив нема да се согласат, истакна Марин Најдов претседателот од Одборот на бранителите.
За нападот на полициската станица во 2001 година одговорноста ја презеде т.н. Ослободителна народна армија (ОНА).
Тетово - Во Тетово денека со свеченост се означи официјално почнување со работа на новата детска градинка „Рилиндја" при Јавната установа за згрижување на деца „Младост“. Црвена лента пресекоа министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами и директорката Фатлинда Јаја, а потоа следуваше приредба и пригодни говори.
Новата детска градинка „Рилиндја" има капацитет да згрижува 165 деца од предучилишна возраст.
-Секое дете заслужува да расте и се развива во средина која ќе биде здрава и поттикнувачка за него, да може да го развива својот потенцијал. Затоа особено се внимава објектите да бидат градени согласно сите стандарди и најсовремени услови како предуслов за квалитетно предучилишно воспитание и образование, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани
Тој изрази благодарност до Делегацијата на ЕУ во земјата за поддршката на Општина Тетово за заложбите за унапредување на детската заштита и одличната соработка, но и на Јавната установа „Младост", за професионалноста во работењето и напорите за беспрекорна грижа за најмладите.
Амбасадорот Рокас порача дека Европската унија е горда што ги поддржува проектите за образование и социјална политика во земјата.
-Инвестицијата во градинката во Тетово го симболизира приоритетот што сите им го даваме на новите генерации. Тие што ќе ја обликуваат иднината на Северна Македонија и на ЕУ. Заедно, сите ние се стремиме кон образовни и социјални политики кои ќе ги зајакнат Европејците со потребното знаење и вештини со соодветни услуги за социјална поддршка. Сè започнува од градинките, рече Рокас.
Градоначалникот Касами го истакна значењето на отворањето на градинката за граѓаните од оваа општина. Тој им честиташе на вработените за вработувањата посочувајќи ја нивната одговорност за воспитно-образовниот процес на децата.
-Иако не сте нивни биолошки родители, може да бидете добра замена за нив. Вие имате одговорност да изградите и едуцирате одговорни индивидуи и поединци кои ќе придонесат за општеството затоа што нивните родители ја презеле одговорноста да работат, да плаќаат даноци и со тие даноци да се обезбедат и вашите плати, рече Биљал Касами.
Изградбата е финансирана преку Годишната акциска програма „Поддршка на ЕУ за образование, вработување и социјална политика" за 2017 година со вкупен буџет од околу 805.000 евра, од кои Европската Унија финансира околу 705.000 евра и кофинансира државата од националниот буџет од околу 100.000 евра.
Скопје - Општина Аеродром за првпат по подолг период истовремено работи на реализација на два капитални проекти - доградба на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин и на детската градинка „Изворче“ во Стар Аеродром. В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид на двата објекта, при што од тимовите кои интензивно работат на двете локации беше информиран дека градежните активности се одвиваат според предвидената динамика.
Инаку, станува збор за исклучително значајни проекти за жителите на Мичурин и на Стар Аеродром.
Објектот „Изворче“ во рамките на детската градинка „Срничка“, што е изграден во 70-тите години на минатиот век и каде што во моментов се запишани околу 280 деца, за првпат добива целосно нов лик и проширување на згрижувачките капацитети за плус 170 деца, со што се очекува листите за упис да станат минато.
Градежните активности се одвиваат според утврдената динамика и во ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин. Ова е едно од најстарите училишта во Аеродром, изградено пред 70 години и конечно прераснува во современ објект. Проектот се спроведува во две фази, при што ќе бидат изградени дополнителни 10 училници и 8 кабинети по предметна настава, како и други простории со различни намени.
Остануваме посветени на подобрување и осовременување на постојните згрижувачки и воспитно-образовни установи, а веќе се работи на подготовка на документацијата за отпочнување на проекти за изградба на нови градинки на територијата на Општина Аеродром.
Штип - Почна темелна реконструкција на салата во којашто се одржуваат седниците на Советот на Општина Штип, како и на сите свечени академии и настани во Општина Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека нешто повеќе од еден милион денари се издвоени од буџетот на општината за оваа реконструкција, која што се очекува во наредните денови и да биде завршена.
-После долги години откако е направена практично административната зграда на Општина Штип, одлучивме да направиме реконструкција на главната и големата сала за одржување на седниците на Совет, но и за одржување на многу настани, кои што во текот на годината општината и другите институции ги организираа во истата оваа сала. Нешто повеќе од еден милион денари се издвоени за комплетна рекострукција на оваа сала, вели Јорданов.
Со ваквата реконструкција, Јорданов вели дека салата ќе има посовремен изглед, а која ќе се користи за сите настани, кои што ќе се организираат.
Инаку, свечената сала на Општина Штип неколку децении не беше реконструирана, а исто така инвентарот беше застарен.
Кавадарци - Договор за донација на Фондацијата ,,Никола Јанчев" за Македонската академија на науките и уметностите, беше потпишан денеска во Кавадарци. Договорот го потпишаа претседателката на фондацијата, Јанинка Чупаркоска и претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, во присуство и на други академици.
- Денешниот повод за вашето присуство за мене лично е од огромно значење бидејќи е одлика на она што го работам и за кое творам цел живот. Потпишуваме договор за донација со највисоката институција во Македонија, Македонската академија на науките и уметностите. Ова претставува историски момент за мене лично како човек, како градоначалник, но најмногу за моето семејство. Посебно сум горд што нашата семејна фондација ,,Никола Јанчев" одлучи да донира финансиски средства, рече градоначалникот Митко Јанчев.
Потпишаниот договор за донација е на три години.
На средбата беше кажано дека фондацијта е основана во 2018 година на иницијатива на градоначалникот и дека средствата за донација се од неговата градоначалничка плата што ја донира во фондацијата, како и од семејната компанија Кожувчанка.
Притоа беше нагласено дека оваа фондација и понатаму ќе ги поддржува талентите, ќе поттикнува различни хуманитарни активности, ќе пружа помош и поддршка, таму каде што е најпотребно.
Пред присутните се обратија и Чупаркоска и академиците, кои изразија задоволство од соработката.
Велес - Во рамките на проектот „Модернизација на јавното осветлување“ во Велес и населените места во општината во наредните 60 до 90 дена постоечките натриумови жолти улични светички ќе бидаат заменети со 4.695 нови паметни ЛЕД светилки кои се бренд на европските градови, изработени од фирата „Шредер“. Светилките се со висок квалитет и стандард со кои ќе се постигне значителна заштеда на електричната енергија, намалување на трошоците за одржување и заштита на животната средина,а граѓаните ќе добијат подобро осветлување на улиците и тротоарите.
Проектот вреден 90 милиони денари кој ќе се исплатува на 36 рати е инвестиција на Општина Велес, а работите ги изведува Македонски Телеком. Како што информира на денешната прес конференција Марјан Богатиновски главен комерцијален директор за деловни корисници на Македонски Телеком, ова решение ќе и овозможи на комуналната служба на Општина Велес далечинско управување со системот за осветлување односно вклучување, исклучување и прилагодување на осветлувањето на ЛЕД светилките, автоматски или мануелно. Инаку светилките се од четири вида од 40, 45, 55 и 85 вати, имаат животен век над 100 000 часа со одличен индекс на репродукција на бои и корелирана боја на светлина што значи дека ќе обезбедат квалитетно осветлување.
Богатиновски појасни дека се вградува и електронска опрема со кои тие далечински ќе се управуваат,а ќе се постават и 92 улични ормари за надгледување и управување на самата електрична енергија,колку и каде се троши и сето тоа ќе биде поставено на софтверски систем на мапи.
-Со тоа вработените од кумуналното одделение на Општина Велес во секое време ќе можат да добиваат преглед на состојбата,каква е потрошувачката на струјата и каде се потребни интервенции,извештаа и во случај мрежата да падне да може брзо да се интервенира,појасни Богатиновски.
Воедно информира дека во нивните мерења каде во изминатите три дена се поставени новите ЛЕД светилки на улиците „Алексо Демниевски-Бауман“ и „АСНОМ“ квалитетот на осветлувањето е подобрен и на улиците и на тротоарите за 50 насто во однос на досегашниот стар систем.
Како што посочи градоначалникот Марко Колев, со промената на уличното осветлување очекуваат помеѓу 70 и 75 отсто заштеда на електричната енергија односно на киловати,односно намалување на сметките за 70 до 85 посто.
-Тука треба да појаснам дека станува збор за намалување на ватите,додека сметката за струја не зависи од волтажата туку зависи од берзанската цена којашто секој ден варира од 75 до 300 евра,појасни Колев.
Тој ги замоли граѓаните да се стрпат бидејќи не можат сите светилки да се сменат истовремено.
Воедно информира дека на терен работат две до три екии на Македонски Телеком и првично ќе биде замената уличните светилки на главните градски улици,потоа на споредните, на сите јавни површини паркови со канделабри и мостови,во приградските населби и во сите населени места во Општина Велес,без разлика на нивната големина.
Тетово - Планот за 2025 година е да се почне градба на нови 25 градинки низ целата држава, но реализацијата зависи и од општините. Ова беше одговор на министерот Фатмир Лимани на новинарско прашање дали ќе има нови установи за згрижување деца.
-Ние планираме како министерство 2025 година околу 25 нови градинки да градиме во цела наша земја во Македонија. Ова не зависи само од Министерството за социјална политика, демографија и млади, зависи и од општините, тие што се реализатори на овие проекти. Битно е што ние сме предвиделе 25 нови градинки во цела земја, изјави Фатмир Лимани од Тетово каде почна со работа новата градинка „Рилиндја“.
На прашањето зошто новоизградената градинка во Теарце не почнува со работа, министерот рече дека издадена е дозвола за функционирање.
-Од нив зависи, јас давам дозвола, тие имаат дозвола, мислам дека ја добија пред недела-две. Денот кога ќе дадеме дозвола, од тој ден, градинките можат да бидат отворени врз основа на нивните подготовки,истакна Фатмир Лимани.
На новинарско прашање што се прави за да задржат младите во државата, Лимани истакна дека целото општество треба да работи да се врати довербата за останување во земјата.
Скопје - Во услови на сериозна економска криза, општина Гази Баба во изминатите три години преку најразлични мерки подаде рака на своите жители и 54 милиони денари ги врати директно на сметка на граѓаните.
Субвенции за велосипеди, инвертер клима уреди, печки на пелети, електрични тротинери, соларни колектори, чистење на оџаци и субвенции за вградување на уреди за течен нафтен гас во возилата се мерките од областа на животната средина преку кои вративме средства директно кон граѓаните.
Еднократна парична помош за секое новороденче, еднократна помош за секое прваче, еднократна помош за семејства кои се соочиле со несреќа и болест, финансиска поддршка за семејства во социјален ризик и финансиска поддршка за пензионерите со ниски пензии се мерките од областа на социјалната заштита преку кои вративме средства директно кон граѓаните.
За доделените средства, информираше градоначалникот Бобан Стефковски во објава на социјалните мрежи.
Изминатите три години преку нашето одговорно, посветено и чесно работење на дело покажавме дека постоиме за граѓаните – напиша Стефковски.
Општина Гази Баба и оваа година продолжува со имплементација на програмите за субвенционирање на граѓаните и социјална заштита преку кои ќе продолжи трендот на враќање на средства од општинскиот буџет кон граѓаните.
Могила - Во рамки на проект за поврзување на локални патишта кој се реализира од страна на Единицата за имплементација на проект при Министерството за транспорт со финансиска поддршка од Светска Банка, а со цел подобрување на локалната патна инфраструктура, Општина Могила ќе го реализира проектот „Реконструкција на улица „АСНОМ“ и изградба на атмосферска канализација во општина Могила“.
Улицата АСНОМ во Могила е со должина од 409 метри и е позиционирана во станбена зона од населено место преку која жителите се поврзуваат со останатата сообраќајна мрежа во тој регион, информираа од кабинетот на градоначалникот на Општина Могила, Драган Саботковски.
- На улицата се одвива двонасочен сообраќај по асфалт кој е во лоша состојба. Ширината на коловозот е променлива од околу 3 до 3,5 метри и не постојат тротоари, а тоа ги принудува пешаците да се движат по коловозот со што е нарушена нивната безнедност. Со реализација на овој проект во населеното место Могила ќе се придонесе за полесно поврзување на жителите со останатите населени места во општината, информираа од тамошната локална самоуправа.
Со новиот профил, улицата АСНОМ ќе биде широка 6 местри од кои 4,5 се коловоз и 1,5 метри тротоар од едната страна на улицата. Согласно рамката за животна средина и социјални аспекти изготвена врз основа на барањата на Светска Банка, за проектот подготвен е документ „Контролна листа на План за управување со животна средина и социјални аспекти” во кој се анализираат влијанијата врз животната средина и социјалните аспекти кои ќе произлезат од планираните активности на проектот.
Документот „Контролна листа на План за управување со животна средина и социјални аспекти” е ставен на јавен увид и коментарите може да се доставуваат до 3 февруари, нагласија од Општина Могила.
Тетово - И службите на Министерството за труд и социјална политика го следат случајот во Прилепско каде на 16 јануари починаа бебиња од само неколку недели, по што ќе има информација за јавноста. Ова од Тетово го најави министерот Фатмир Лимани кој беше на свеченост по повод почеток со работа на нова градинка. Тој одговорајќи на новинарско прашање рече дека се работи и на превентивни мерки.
-Имаме инспекторати во склоп на Министерството. Ангажирани се, во моментот кога ќе достават информации ќе излеземе со информации и податоци. Има превентива, но многу значи од Центрите за социјална работа што се во Прилеп, Кичево. Контролираат, во склоп на центрите имаме и инспекторати и инспектори кои треба да ја следат таа работа. И ние чекаме од нив информација да ни дадат во врска со тој случај и после да излеземе со една поконкретна и подетална информација, изјави Фатмир Лимани.
На 20 јануари МИА информираше дека вработени на Центарот за социјални работи Прилеп го посетила семејниот дом на младите родители во Славеј за да видат во какви услови е домаќинството каде сега се другите три деца на младата брачна двојка. Вонреден инспекциски надзор имаше направено и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Бебињата, машко и женско се родиле на 30 декември во прилепската болница како недоносени, а на 10 јануари мајката, на своја одговорност, заминала со бебињата.
Јавниот обвинител при прилепското основно јавно обвинителство информираше дека побарал документација од болницата и од службата на Итната помош која интервенирала во семејниот дом во прилепското село Славеј од каде било пријавено дека бебињата се во тешка здравствена состојба и била побарана лекарска помош.
Прилеп - Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе издаде решение со наредба за спроведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност кај здравствените работници кои учествувале во лекувањето и исписот на новороденчињата-близначиња кои починаа на 16 јануари, стои во наодот на Инспекторатот кој во понеделникот изврши вонреден инспекциски надзор во прилепската болница, конкретно во Гинеколошко-акушерското и во неонатолошкото одделение во случајот со починатите новороденчиња.
-Инспекторатот ќе издаде и наредба за задолжително известување на надлежен Центар за социјални работи во случај кога интересите на пациентот односно неговиот родител/старател се спротивставени, а за што од страна на ДСЗИ ќе биде спроведена и соодветна прекршочна постапка. Истовремено ДСЗИ врз основа на Законот за санитарна и здравствена инспекција, до министерот за здравство ќе иницира постапка за стручен надзор над стручната работа на здравствената установа согласно Законот за здравствена заштита, стои во известувањето на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Инспекторатот констатирал дека кога на 10 јануари мајката со потпис, на свое барање заминала од болницата со новороденчињата предвреме родени на 30 декември и со мала тежина, болницата не го известила Центарот за социјални работи.
-Во врска со исписот од установата, од страна на докоторите од неонатолошкото одделение добиен е податок дека мајката инсистирала на испис на новородените и покрај нивното убедување дека треба да останат во установата се нивно целосно адаптирање. И покрај тоа новородените на барање на мајката и со нејзин потпис, испишани се од установата со препорака за доење, витамин Д3 и контрола кај педијатар поради мала тежина. Од страна на установата, во врска со предвремениот испис на новородените, не е доставено известување до надлежниот Центар за социјални работи, се вели во извештајот на ДСЗИ.
Бебињата близначиња се родија на 30 декември предвреме, во 34-та гестациска недела со мала тежина, под 2 килограми. На своја рака со потпис мајката на 10 јануари си заминала дома со бебињата. На 16 јануари при тешка здравствена состојба на бебињата, семејството од својот дом во селото Славеј повикало Итна помош. Била констатирана смртта на машкото бебе, а женското починало во прилепската болница.
Од прилепската болница информираат дека ќе биде формирана внатрешна комисија која ќе го испита случајот.
Дебар - Во Општина Маврово и Ростуше, во оваа академска учебна година, право на еднократна финансиска помош остварија 19 студенти, редовни како и вонредни, но кои не се вработени, а се запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за академската 2024/2025 година.
-На јавниот повик објавен во декември беа пријавени 19 студенти и по разгледување на доставените пријави, соодветната комисијата, одлучи сите пријавени да го остваруват ова право, бидејќи сите ги исполнуваа условите. Набрзо се очекува средствата во износ од по 10 илјади денари, што е за 4 илјади повеќе во однос на претходните години да им бидат исплатени, рече Омер Муратоски, назначен службеник за млади.
Според него, оваа финансиска помош се доделува, четврта година по ред, со цел мотивирање на младите да го продолжат школувањето на високо образовните институции и да се трудат редовно да ги полагаат испитите.
Оваа можност, почна да се аплицира од академската 2021/22 години, и до сега, вклучувајќи ги и годинешните, ја остваруваат 103 студенти.
Општина Маврово и Ростуше од 2018 година еднократен паричен надоместок доделува и за секое новороденче, во семејства, кои живеат постојано на територијата на општината, кој од септември минатата изнесува 9.000 денари а четврта година по ред надоместок за секое прваче во износ од по 6.000 денари, кои ќе продолжи да ги исплатува и ова година.
Кочани – Во библиотеката „Искра“ во Кочани денеска беше промовирана книгата „Писмата на Љубомир Милетич до Афанасиј М. Селишчев (Историја на една мистификација)“ од авторите Бранислав Светозаревиќ и Драган Јаќоски. Исто така, беше отворена и изложба на документи по повод 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.
Двата настана се реализираа во соработка со Државниот архив и Институтот за национална историја и беше нагласено дека се работи за важни авторски трудови поврзани со фактографијата за самобитноста и идентитетот на македонскиот народ.
Коавторот на книгата, Светозаревиќ истакна дека во неа меѓу другото, се наведени писмата со кои претседателот на Македонскиот научен институт од Софија, Љубомир Милетич го убедувал и му нудел пари на големиот руски славист да го измени насловот на својот научен и докторски труд и наместо македонско, лажно да прикаже дека на територијата на Македонија живеело бугарско население.
-Насловот на книгата на Селишчев од 1918 година, преведен на македонски јазик е „Есеи за македонската дијалектологија“ и со овој труд тој докторирал на универзитетот Ломоносов. Во него ги опфатил сите македонски дијалекти, меѓу кој и оној од Полог, и експлицитно укажува дека постојат Македонци уште од крајот на 19 век. Истражувајќи ги фактите согледав дека нема никаква логика по 11 години тој да ја издаде книгата „Полог и неговото бугарско население“, па заедно со колегата Јаќоски ги пребаравме архивските фондови низ светот и утврдивме дека во 2002 година е издадена книга на асистентот на Селишчев, Самуилович Бернштајн. Во неа тој сведочи дека една бугарска делегација од професори дошла кај Селишчев за да го убедува со големи хонорари, да му ја испечатат книгата на руски и германски јазик и да стане почесен член на бугарската академија. Притоа побарале да се направат измени на насловот и книгата да биде „Есеи за македонската дијалектологија на бугарскиот јазик“ и нешто внатре да се стави бугарско население, бугарски јазик и дијалекти. За голема среќа, во тоа време Селишчев ги одбил, истакна Светозаревиќ.
Куманово - Во Oсновниот суд vo Куманово продолжи рочиштето против 36 годишната Вангелица Илијевска, која во јуни лани ги уби сопругот и свекорот во домот во Кратово. Обвинителството бара да се осуди по член 123 од Кривичниот законик, додека нејзината одбрана тврди дека таа, постапувала во нужна одбрана.
На денешното рочиште беа сослушани вештите лица од психијатрија и од лабораторија за биоллошки траги-ДНК анализа на предлог на јавното обвинителство.
Вештите лица од психијатрија и невропсихијатрија кажаа дека при прегледот на обвинетата констатирале дека била во афективна состојба, но афектот не ги надминал физиолошките граници и немал патолошка димензија, во смисла дека не се сеќава на делото и била во состојба да го сфати значењето на делото. Таа била во специфична состојба врз која влијание имало хроничната повеќегодишна конфликта ситуација помеѓу неа и сега починатите Јован и Стојан.
На прашања на одбраната дали при прегледот на Илијевска можело да се види наталожениот негативен набој од претходноте повеќегодишно малтретирање, вештите лица останаа при ставот дека таа во детали опишувала низ што се поминала, дека реагирала во афект, но не во патолошка смисла. Таа дејствувала бидејќи се чувствувала загрозена за својата безбедност.
Денеска на предлог на обвинителството беа сослушани и две вешти лица во однос на оставените биолошки траги на двата ножа. Вештите лица кажаа дека имало траги само од Вангелица, Јован и Стојан. Одбраната во изјавата кажа дека има забелешки во однос на контаминација на едниот нож од четврто лице. Адвокатот Христијан Георгиевски, вели дека е задоволен од текот на судењето.
- Одбраната останува на својот став и како тече судењето. Се повеќе сметам дека се докажува нашата теорија дека обвинетата дејствувала во услови на нужно одбрана. Стручните лица од областа на психијатријата и наодите ја потврдија нашата теза дека навистина се работи за долгогодишна жртва на семејно насилство која низ годините акумулирала стрес од тешките напади којшто се испразнила во моментот. Неспорно е дека овој стрес акумулирал со години, таа дејствувала во страв, во услови на силна раздразнетост. Вештите лица од психологијата, од психијатрите, исто така кажаа дека истата немала привремено растројство меѓутоа, критичниот настан го направила со цел да се одбрани од двајца посилни, покрупни мажи. Вештите лица коишто беа сослушувани во однос на биолошките траги останаа во своите наоди не е спорно тој дел за нас, повеќе беше спорна контаминацијата на самиот предмет со кое е извршено делото, изјави Георгиевски.
На првото рочиште обвинетата кажа дека дејствувала во нужна одбрана. Јавниот обвинител во воведниот говор кажа на 13 јуни, годинава Илијевска по семејно насилство со нож ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан. Обвинителството остана на обвинителниот акт и за продолжување на куќниот притвор на Вангелица. Одбраната на првото рочиште рече дека Илијевска била во брак повеќе од десет години и била жртва на семејно насилство физичко и психолошко малтретирање од сите членови на семејството, најмногу од нејзиниот сопруг Јован. На првото рочиште сведочеа мајката и сопруга на Јован и Стојан како и сосед на семејството.
Наредното рочиште е закажано на 28 февруари, годинава и тогаш ќе бидат сослушани сведоци на одбраната.