МИА Општински пул
- 21 јануари 2025
21 јануари 2025
Битола - Општина Битола утврди програма за развој на туризмот со која ќе финансира промоција на активности во функција на Националниот парк Пелистер, како и ангажман на локални здруженија на граѓани.
Од Општина Битола информираат дека за развој на туризмот изработени се и имплементирани неколку студии, но има место за нови и поиновативни.
Во 2025 година Општина Битола ќе финансира промоција на активности преземени од страна на НП Пелистер за развој на туризмот во Националниот парк. Со средства на локалната самоуправа ќе бидат финансирани изработката на студија за развој на летен и зимски туризам на Пелистер, како и работата на здруженија на граѓани кои се посветени на активности за унапредување на туризмот.
За реализација на програмата, Општина Битола ќе издвои 5 милиони денари, а средствата ќе бидат обезбедени од надоместокот за добивање на лиценца за угостителска дејност, како и од редовната комунална такса за привремен престој во градот.
Охрид – Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и други уметности, „Креативна верига“ од Охрид го распиша конкурсот за наградата „Тоде“ за најдобра песна за деца.
Право на учество на конкурсот имаат сите домашни автори кои заклучно со 20 февруари ќе испратат своја необјавена песна на електронската пошта nagradatode@gmail.com .
Стручното жири чии членови ќе останат анонимни до истекување на конкурсот ќе исбере три најдобри творби, за кои се предвидени награди од девет, шест и три илјади денари, за прво, второ и трето место.
Минатата година наградите ги добија Сузана Ѓорѓиевска за прво место со песната „Песна за една врана ненаспана“, второто место и припадна на Јана Сиљаноска за песната „Оглас на инстаграм“ и Слаѓана Ставрева како третопласирана со песната „Сватови зеленчуковци“.
Прилеп - Ученик од шесто одделение од прилепското основно училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп вчера попладне паднал од трети кат и се здобил со тешки повреди. По укажаната прва помош, префрлен е на Детската хирургија во Скопје.
Според началникот на Итната медицинска помош од Прилеп, Боше Милошески, биле повикани вчера во 14:40 часот, а 11-годишниот ученик бил во полусвесна состојба.
- Веднаш беше прфрлено на Одделот за анестезија во Прилепската болница. Од првичните прегледи се констатира дека има фрактури на едното стапало и сомнеж за скршеници на градните пршлени. Веднаш беше префрлено на лекување на Детската хирургија во Скопје, изјави Милошевски.
Директорот на Детската хирургија Лазо Јовчески за МИА информира дека детето е во стабилна состојба, вон животна опасност.
Куманово - Општина Куманово ќе субвенционира трошоци за домување на материјално и станбено необезбедени лица, информираа денеска од секторот за социјална заштита. Оваа мерка можат да ја користат корисници на гарантирана минимална помош (ГМП) за 2025 материјално и станбено необезбедени лица кои живеат на територија на општина Куманово (лица кои живеат под кирија).
- Барањата можат да се подигнат во архивата на општина Куманово и на портирница во зградата на поранешен АД „Козјак“ спроти Градскиот стадион (Одделение за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита). Потребната документација се доставува до архива на општина Куманово од до 16-ти февруари, годинава, изјави раководителот на секторот, Александар Крстевски.
Покрај барањето, заинтересираните треба да поднесат, лична карта, решение издадено од Центарот за социјални работи Куманово којшто докажува дека лицето користи право на гарантирана минимална помош, договор за наем на стан/куќа, активна трансакциска сметка.
Охрид – Со средства обезбедени од Охридскиот Завод и музеј и ресорното Министерство за култура се спроведуваат обемни зафати за санација и реставрација на Куќата на Робевци во Охрид, еден од најзначајните и најпрезезентативни објекти од старата градска архитектура.
Станува збор за еден од најголемите проекти за кој досега се издвоени три милиони денари, а реконструкцијата е предвидено да биде заокружена некаде до крајот на март годинава.
Директорот на охридскиот Завод и музеј, Горан Патчев, појаснува дека се работи за градежни интервенции на фасадите и на крововите, како на самата куќа така и на попратните објекти од споменичниот комплекс, како што се Магазата, депото и Лапидариумот.
Предвидена е и внатрешна реконструкција на подовите, како и вградување нов систем за проветрување и затполување на Куќата на Робевци.
Куманово - Центарот за јавно здравје Куманово ја одјави епидемијата на голема кашлица или пертусис, која беше прогласена лани во февруари, информираа денеска од ЦЈЗ Куманово. На подрачјето на Центарот имаше 107 случаи, лабораториски потврдени, претежно деца.
-На 14 јануари ние ја одјавиме епидемијата на голема кашлица која во Куманово беше прогласена во март, лани. Првиот случај на ниво на Центарот беше на 6 февруари, а последниот случај беше на 19 ноември 2024 година, така што веќе оваа година епидемијата беше одјавена со вкупно 107 случаи на кашлица, од кои претежно беа деца на возраст до 14 години. Сите беа лабораториски потврдени случаи, од нив 19 беа хоспитализирани, останатите беа на домашно лекување,изјави д-р Јадранка Стаменковска од ЦЈЗ Куманово.
Превентивните тимови од Здравствениот дом Куманово дале 6.900 вакцини. Здравствените институции, изминатиов период ги пребаруваа нецелосно вакцинираните, правеа епидемиолошки анкети, истражувања, даваа препораки за вакцинација.