МИА Радио Флеш
- МИА Радио Флеш
22 јануари 2025
Скопје - Утрово најниска температура од -4 степени е измерена во Битола. Според соопштението од УХМР, следат Прилеп и Попова Шапка со -2 степени, -1 Лазарополе, 0 во Тетово, Демир Капија, Струмица, Штип, Берово, Кавадарци, Крушево и Маврови Анови, 1 Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Крива Паланка, Претор, Виница, Велес, Дебар, 2 во Куманово и 3 степени во Охрид и Гевгелија.
Нјамногу наврнат воден талог има во Дебар 8 л/м2, 3 во Лазарополе, 2 Охрид, Крушево, Попова Шапка и 1 л/м2 во Тетово, Претор, Битола, Прилеп, Виница, Берово, Кавадарци, Гевгелија, Куманово и во Тополчани.
Скопје - Намалена видливост до 50 м. поради магла има на планинските премини Ѓавато и Пресека, како и во Страцин, Прилеп, Кочани и Струмичката котлина.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет, за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, за прашања на изборите и именувањата и Законодавно - правната комисија.
Скопје - Собранието денеска во 13 часот треба да ја продолжи 31. седница. Пратениците треба да расправаат за измените на Законот за комуналните дејности, за измените и дополнувањата на Законот за финансиската полиција, за измените на Законот за градење и за измените на Законот за превоз во патниот сообраќај, сите по скратена постапка.
Собранието вчера во рамки на 31-та седница без дискусија ја завршија општата расправа по Предлог законот за изменување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и Предлог-законот за изменување на Законот за еднакви можности на жените и мажите, двата во прво читање, со заклучок дека се прифатливи да се проследат во второ читање и во Комисијата за еднакви можности и Законодавно-правната комисија.
Скопје - Нова градинка „Рилиндја“ при Јавната установа „Младост“ ќе биде отворена денеска во Тетово, соопшти Министерството за социјална политика, демографија и млади.
По повод отворањето на градинката, најавени се обраќања на ресорниот министер Фатмир Лимани, амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас, градоначалникот на Тетово, Билал Касими, и директорка на ЈУ „Младост“ - Тетово, Фатлинда Јаја.
Скопје - Со цел посеопфатно разбирање на динамиката поврзана со изборите од 2024 година, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИСППИ-УКИМ), во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) и Програмата за поддршка на изборите во Северна Македонија (ИФЕС), лани за прв пат во земјата го спроведоа модулот на меѓународното Компаративно истражување на изборните системи (КИИС, Comparative Study of Electoral Systems, CSES, https://cses.org/). Во Скопје денеска ќе бидат презентирани првичните резултати од анкетното истражување, спроведено на национален примерок од 1056 испитаници, избрани по случаен избор.
Скопје - Во Кинотеката вечер ќе се одржи промоција на книгата „Милчо за Манчевски“, чиј приредувач е д-р Атанас Чупоски. Книгата претставува обид да се опфатат многубројните аспекти од животот и работата на режисерот Милчо Манчевски.
Кочани - Државниот архив денеска во ЈОУ Библиотека „Искра“ - Кочани ќе го промовира изданието „Писма од Љубомир Милетич до Афанасиј М.Селишчев (историја на една мистификација)“ од еден од авторите, д-р Бранислав Светозаревиќ.
После промоцијата ќе биде отворена изложбата „АСНОМ-израз на суверената волја на македонскиот народ за остварување на неговото право на самоопределување“ од д-р Јасмина Дамјановска, една од авторите.
Скопје - Младата македонска актерка Тамара Ристоска ќе учествува на престижната програма Berlinale Talents коja ќе се одржи во рамките на овогодишното издание на Berlin Film Festival - Berlinale, еден од најзначајните филмски фестивали во светот. Ристоска на ова 23-то издание на програма е избрана помеѓу 3 836 апликанти од 123 држави, и е единствената учесничка од регионот.
Белград - Во Србија денеска е Ден на жалост поради смртта на осум лица во пожар во дом за стари лица во белградската општина Бараево.
Одлуката за прогласување Ден на жалост ја донесе српската влада на вчерашната седница.
Осум луѓе загинаа, а седум се повредени во пожарот во Домот за возрасни и стари лица „Ивановиќ“ во Велики Борак, Бараево.
Полицијата во врска со пожарот уапси три лица, меѓу кои и одговорното лице за објектот, поради сомнение дека сториле тешко кривично дело против општата безбедност, што предвидува затворска казна од две до 12 години.
Атина – Силен земјотрес со јачина од 5,1 степен синоќа беше регистриран во морскиот дел северно од грчкиот остров Лезбос, а освен одрон на земјиште на локален пат не е регистрирана друга материјална штета, јави дописничката на МИА од Атина.
Превентивно, денеска ќе останат затворени училиштата во три општини на островот.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц планира да отпатува во Париз денеска на средба со францускиот претседател Емануел Макрон два дена по инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Средбата се очекува околу пладне, јави ДПА.
Покрај идното позиционирање на ЕУ во однос на САД, разговорите најверојатно ќе се фокусираат и на војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток.
Париз - Француските судски власти вчера издадоа нов налог за апсење на соборениот од власт сириски лидер Башар ал Асад, обвинувајќи го за учество во воени злосторства поврзани со смртта на француски државјанин од сириско потекло во 2017 година, објави денеска весникот „Паризиен“.
Според обвиненијата, Асад се товари за соучесништво во убиства и напади врз цивили.
Брисел - Белгиските судови нема да разгледуваат жалби против претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во врска со нејзините преговори со производителот на вакцини против Ковид, Фајзер, објавија белгиските медиуми.
Судот во Лиеж ја отфрли жалбата на граѓанинот Фредерик Балдан, кој рече дека Фон дер Лајен треба да биде под истрага за недозволено збогатување, злоупотреба на службената положба и уништување документи од јавно значење. Судот пресуди дека Балдан и уште околу илјада граѓани кои се приклучија на оваа тужба немаат правен интерес во случајот.
Давос - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека за да се спречи нова руска офанзива, потребни се најмалку 200.000 мировници од Европа. Зеленски ја даде изјавата на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, еден ден откако Доналд Трамп повторно ја презеде функцијата претседател на САД со ветување за брз крај на војната во Украина.
Украинскиот лидер апелираше до европските држави да преземат поодлучни чекори за заштита на континентот.
Газа - ОН соопшти дека над 2.400 камиони со хуманитарна помош пристигнале во Појасот Газа за три дена од почетокот на примирјето меѓу Израел и Хамас.
Само вчера, во палестинската енклава влегле 897 камиони со помош. Исто така, во неделата влегле 630 камиони, а во понеделникот 915.
Примирјето предвидува најмалку 600 камиони помош дневно, од кои 50 мора да носат гориво, а половина од вкупната помош е наменета за северниот дел на Газа, каде што жителите се соочуваат со закана од глад.
Вaшингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот претходник Џозеф Бајден му оставил „инспиративна“ порака на неговата маса во Овалната соба во Белата куќа, продолжувајќи ја традицијата на размена на писма на денот на инаугурацијата.
Трамп им рече на новинарите дека го отворил писмото во понеделникот вечерта и се уште размислува дали да го објави.
Според него, Бајден во писмото го советувал да ужива во својот мандат и ја истакнал важноста на претседателството.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе воведе царини за ЕУ и дека неговата администрација разгледува опции да воведе царина од 10 отсто за стоки увезени од Кина од 1 февруари.
Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, претседателот на САД рече дека веќе наметнал големи царини за Кина за време на неговиот прв мандат. Тој додаде дека ЕУ и другите земји, исто така, имаат вознемирувачки трговски дисбаланс со САД.
Вашингтон - Неколку часа по положувањето заклетва на Доналд Трамп како претседател на САД, неговата администрација ја отстрани шпанската верзија на официјалната веб-страница на Белата куќа.
Корисниците кои се обидуваат да пристапат до шпанската верзија на веб-страницата добиваат порака за грешка („Error 404“), што укажува дека страницата повеќе не постои или е недостапна.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува Рос Улбрихт, основачот на дарк веб „Силк Роуд“, кој беше осуден на доживотен затвор за управување со нелегална онлајн платформа на која се продавале наркотици.
Вкупната вредност на продажбата беше повеќе од 200 милиони долари, при што се користел биткоин како средство за плаќање.
Вашингтон - Претседателот на САД, Доналд Трамп најави голема инвестиција за изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција предводена од јапонскиот гигант Softbank, облак гигантот Oracle и ChatGPT / OpenAI.
Тој потфат, наречен „Старгејт“, „ќе инвестира најмалку 500 милијарди долари во инфраструктурата за вештачка интелигенција во САД“, рече Трамп во изјавата во Белата куќа.
„Овој монументален потфат е звучна изјава за доверба во потенцијалот на САД“.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп ја укина заштитата на Тајната служба на неговиот поранешен советник за национална безбедност Џон Болтон.
Според портпаролот на Болтон, Тајната служба му се јавила во понеделникот вечерта за да го извести дека неговата заштита ќе биде прекината следниот ден напладне.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е отворен за можноста технолошкиот милијардер Илон Маск да ја купи апликацијата за кратки видеа TикТок, доколку извршниот директор на Teсла сака да го стори тоа.
„Би бил подготвен ако сака да ја купи“, рече Трамп одговарајќи на новинарско прашање дали Маск е подготвен да ја купи социјалната платформа.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ги менува упатствата од времето на поранешниот претседател Џо Бајден, кои ги ограничуваа федералните имиграциски апсења во близина на таканаречените чувствителни локации, вклучувајќи училишта, болници и цркви.
Од 2011 година досега, на американските власти им беше забрането тоа да го прават, но администрацијата на Бајден го прошири опсегот на регулативата, дополнително ограничувајќи ги нивните овластувања, јави ДПА.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека најверојатно ќе воведе санкции против Русија доколку нејзиниот лидер Владимир Путин одбие да преговара за крај на војната во Украина.
Трамп не даде детали за можни дополнителни санкции.
САД веќе воведоа сериозни санкции кон Русија поради нејзината инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Вашингтон - Јапонија се надева дека ќе ја организира првата средба меѓу премиерот Шигеру Ишиба и новиот американски претседател Доналд Трамп во февруари или март, изјави портпаролот на јапонското Министерство за надворешни работи Тошихиро Китамура на вчерашната прес-конференција во Вашингтон.
„Се надеваме дека тоа ќе се случи во февруари или март“, рече портпаролот, додавајќи дека конкретниот датум за средбата ќе зависи од агендата на двете страни.
Пекинг - Кина најави дека ќе ги брани своите „национални интереси“ откако американскиот претседател Доналд Трамп Трамп изјави дека царина од 10 отсто за увоз на кинески стоки може да биде воведена од 1 февруари.
„Отсекогаш верувавме дека нема победници во трговска војна или војна за царини“, рече портпаролката на кинеското Министерството за надворешни работи Мао Нинг.
Вашингтон - Австралија, Индија, Јапонија и САД, членки на Квадрилатералниот безбедносен дијалог (Квад група), потврдија дека остануваат посветени на слободен и отворен Индо-Пацифик. Ова го соопштија по првиот министерски состанок во Вашингтон откако Доналд Трамп ја презеде претседателската функција само еден ден претходно.
Во заедничката изјава, министрите за надворешни работи на четирите земји изразија противење на каква било еднострана акција со цел промена на статус кво со сила или принуда.
Лос Анџелес - Бројот на жртви во пожарите во Лос Анџелес се искачи на 28, соопштија денеска локалните власти.
Во пожарот во округот Итон, кој зафати повеќе од 14.000 хектари во населбата Алтадена, загинаа најмалку 17 лица. Во пожарот во округот Палисејдс, кој уништи повеќе од 23.000 хектари, загинаа 11 лица, објави Еј-Би-Си њуз.
Женева - Операциите во јеменското пристаниште Ходеида во Црвеното Море, преку кое се доставува помош, паднаа на околу една четвртина од нејзиниот капацитет од почетокот на нападот на Хутите, поддржани од Иран, врз меѓународни бродови, изјави денеска претставник на Обединетите нации, Жулиен Арнај.
Хутите започнаа напади врз меѓународни бродови во близина на Јемен од ноември 2023 година, како што наведоа, во знак на солидарност со Палестинците во војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, по што Израел целеше пристанишни и енергетски објекти, вклучително и пристаништето Ходеида во Црвеното Море.
Куала Лумпур - Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во вторникот објави соопштение во кое го поздрави постигнувањето на прекин на огнот меѓу Израел и радикалната палестинска група Хамас во Појасот Газа, а истовремено повика на негово целосно спроведување.
Денвер - Врховниот суд на американската сојузна држава Колорадо вчера пресуди дека пет слона од Зоолошката градина на Шајен не се луѓе и според тоа, го немаат човековото право да бидат ослободени од установата.
Како што пренесе ДПА, Судот утврди дека слоновите Миси, Кимба, Лаки, Лулу и Џамбо - како „нечовечки животни“, во САД немаат право на „Хабеас корпус“ (habeas corpus) - правен концепт што им дозволува на луѓето да тврдат незаконско притворање на суд и да бараат ослободување. „'Хабеас корпус' не се однесува на нечовечки животни ('non-human animals'), без разлика колку тие се умствено, психолошки или социјално софистицирани“, се наведува во судската одлука.