• среда, 22 јануари 2025
МИА Радио Флеш

  21 јануари 2025

 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил објави дека во Вашингтон остварил средби со Ендру Пејкоф, американски бизнисмен со македонско потекло, основач и претседател на Нијагара Ботлинг, со Џеси Спиро, главен директор во Тетер и одговорен за стратешките односи со владите во светот, како и со Дан Бонгино, еден од најблиските соработници на претседателот на САД Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.

Скопје – Собранието денеска ја почна 31-седница на која пратениците расправаат по Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата во трето читање, за кој се поднесени вкупно шест амандмани. Дневниот ред на денешната седница беше дополнет со уште четири предлог-закони, и тоа Предлог на законот за изменување на Законот за комуналните дејности, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за финансиската полиција, Предлог на законот за изменување на Законот за градење и Предлог на законот за изменување на Законот за превоз во патниот сообраќај, сите по скратена постапка.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски попладнево изјави дека е против заземање страна во поглед на забранување апликации како „Тикток“, но, можноста за нешто такво на надлежните „им стои на располагање“. Тој на прес-конференција беше прашан дали поради опасните предизвици на „Тикток“, се размислува за рестрикции по училиштата.

Андоновски рече дека веќе е изработено упатство што било споделено со Педагошката служба од Министерството за образование и наука. Имало неколку средби со претставници на Министерството.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска на прес-конференција ја презентираше Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 година, за што кажа дека претставува пресвртница во процесот на дигитална трансформација на државава.

Тој информираше дека Владата на 45. седница, по сеопфатна дискусија ја донела Националната стратегија за сајбер безбедност.

Скопје - Во Собранието денеска на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија помина Предлог законот за ратификација на Спогодбата за Инструмент меѓу ЕУ и Република Северна Македонија за посебни аранжмани за спроведување на поддршка од Унијата во согласност со Инструментот за реформи и раст.  

Како што образложи претставничката од Министерството за европски прашања, Христина Конеска Беровска, оваа спогодба произлегува од Планот за реформи и раст што беше инициран од ЕК во ноември, 2023 година, како инструмент со кој што ќе се овозможи дополнителна финансиска поддршка за земјите од Западен Балкан во насока на спроведување на суштинските реформи и забрзување на економскиот раст со цел за приближување на економиите на земјите од регионот до Европската унија. Со планот за раст обезбеден е пакет од 6 милијарди евра за државите од регионов, од кои една третина се во форма на грант, а две третини во форма на заем. Сумата наменета за земјите на Западен Балкан е пресметана од ЕК со посебна формула, според која за нашата земја се определени 750 милиони евра.

Скопје - Донесена е одлука за намалување на цената за продажба на станбениот и деловниот простор во Битола во објектите што ги гради ЈП за станбен и деловен простор од значење за Републиката, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

- Поевтини станови за Битола. На денешната седница на Влада усвоивме одлука со која становите што ги гради ЈП за станбен и деловен простор ќе се продаваат по реални цени. 65 стана ќе се продаваат по 1000 евра за метар квадратен, 11 дуќани по 2000 евра за метар квадратен, 71 паркинг место по 500 евра за метар квадратен, пишува Николовски на својот фејсбук профил.

Скопје - Во периодот од 1 до 17 јануари 2025 година во Уставниот суд се оформени пет предмети, по претходно поднесени четири иницијативи и едно барање за заштита на слободата и правата на граѓанин.

Првата иницијатива, како што информираат од Уставниот суд, е поднесена по електронска пошта на 8 јануари. 

Скопје – За една третина се намалиле жалбите до Комисијата за жалбите на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), или во 2024 година пристигнале вкупно 84, беше истакнато на денешната прес-конференција на СЕММ. Претседателката на СЕММ, Билјана Георгиевска рече дека бројките покажуваат оти помалку граѓани во 2024 година имале порив да поднесат жалба до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) за несоодветни содржини во медиумите.

Скопје – Морињата се одредниците кои ќе ги исцртаат новите сфери на интерес во светот, а новиот интерес конечно ќе се вика бизнис затоа што сите ќе сфатат дека без бизнис нема ништо и дека тоа е единственото врзивно ткиво на овој свет, порача претседателот на Стопанската комора Бранко Азески на панел дискусијата за претставување на  иницијативата „Три мориња“, можностите за економската соработка меѓу нејзините членки и придонесот во нивниот економски развој, со посебен осврт на инфраструктурата и вклучувањето на земјите од Западен Балкан и зајакнувањето на оската север-југ во источна Европа.

Подгорица – Вонредната седница на Парламентот на Црна Гора, на чиј дневен ред, меѓу другото, беше и Предлог-законот за буџетот за оваа година, не почна бидејќи опозицијата ја блокираше говорницата.

Претседателот на Собранието Андрија Мандиќ рече дека опозицијата врши опструкции. Тој упати предупредување до пратениците од опозицијата во кое истакна дека денешната работа е завршена и оти навремено ќе бидат известени за продолжението.

Истанбул – Бројот на загинати во пожарот во хотелот во турскиот ски-центар се искачи на 66, соопшти министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

Уште 51 лице е повредено, изјави Јерликаја во провинцијата Болу каде се наоѓа хотелот, на околу 300 километри источно од Истанбул.

- Многу ни е жал, рече министерот, пренесе ДПА.

Во хотелот во популарниот ски-центар Карталкаја, каде во текот на ноќта избувнал пожарот, престојувале вкупно 238 гости.

Берлин - Германскиот вицеканцелар и министер за економија Роберт Хабек ја опиша како „фатална“ одлуката на новоименуваниот американски претседател Доналд Трамп да ја повлече својата земја од Парискиот договор за климата.

Парискиот договор има за цел ограничување на глобалното затоплување и борба против негативните климатски промени, се наведува на веб-страницата на Европската унија.

„Треба да ги изведеме на преден план нашите сопствени технологии (за производство на чиста енергија)“, рече Хабек.

Давос – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска увери дека ЕУ ќе биде „прагматична“ во односите со САД по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

- Наш прв приоритет ќе биде да почнеме дијалог без одлагање за да разговараме за заедничките интереси и да бидеме подготвени за преговори. Ќе бидеме прагматични, но секогаш ќе стоиме на нашите принципи. Да ги браниме нашите интереси и да ги поддржуваме нашите вредности – тоа е европскиот пат, рече таа за време на Светскиот економски форум во Давос.

Брисел – Европската комисија со загриженост гледа на најавата на САД за повлекување од Светската здравствена организација (СЗО) и се надева дека Американската администрација ќе ја преиспита ваквата своја одука, изјави денеска портпаролката на ЕК за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство, Ева Хрнчирова. 

- Ако сакаме да бидеме отпорни на глобалните здравствени закани, треба да има глобална соработка во областа на здравството, додаде Хрнчирова. 

Магдебург, Германија – Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој ќе излезе на избори следниот месец, денеска изјави дека си поставил за цел да има субвенции за електрични автомобили произведени во Германија.

- Ова бара зелено светло од Европската комисија – најдобро би било (да се донесе) решение за цела Европа“, изјави Шолц за весникот „Фреј прес“ во источниот германски град Кемниц.

- Купувањето на електрични автомобили не може едноставно да се нареди, рече Шолц, пренесе ДПА.

Наместо тоа, електричните модели ќе треба да ги убедат потрошувачите, рече тој, но додаде дека производителите на автомобили сега нудат сè поголем опсег на возила кои се поразвиени и поевтини.

Минхен - Германските компании за одржување на патиштата, државната „Дојче бан“ (ДБ) и „Муних С-бан“ во Минхен користат роботско куче од американски „Бостон динамикс“, наречено Спот, коешто треба да помогне во борбата против вандализмот во возовите.

Роботот, опремен со вештачка интелигенција, ќе им помага на безбедносните тимови на ДБ со патролирање во областите каде што возовите мируваат во ноќните часови. Иницијативата е дел од новиот пилот-проект, а целта е да се дојде „до помалку незаконски графити“, меѓу другото. Тест-фазата ќе трае четири недели, за да се процени делотворноста на роботот околу подобрување на безбедноста на возовите и железниците.

Киев – Шефот на психијатрискиот оддел на украинските вооружени сили е уапсен под сомнение за корупција, јави ДПА.

Украинската безбедносна служба (СБУ) денеска соопшти дека богатството на осомничениот се зголемило за речиси еден милион евра од почетокот на руската агресивна војна во 2022 година, пренесе германската агенција.

Киевските медиуми истакнаа дека главниот армиски психијатар е и заменик-шеф на Централната медицинска комисија која одлучува за подготвеноста за воена служба.

Брисел - Европската комисија е подготвена да разговара со Вашингтон околу барањата на новиот американски претседател Доналд Трамп ЕУ да купува поголеми количества нафта и гас од САД, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за клима, енергија, домување, животна средина и оданочување Ана-Кајза Итконен.  

- Приоритет е да имаме разговори, да разговараме за заедничките интереси и потоа да бидеме подготвени да преговараме, рече Итконен.  

Вашингтон – Новиот американски претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се суспендираат сите американски програми за помош за странство на 90 дена додека со ревизија не се утврди дали помошта е во согласност со целите на неговата политика.

Засега не се знае какви ќе бидат последиците бидејќи американскиот Конгрес веќе одвоил средства за многу програми и тие се обврзани да бидат исплатени, доколку веќе не се исплатени.

Во наредбата, меѓу многуте потпишани од Трамп на неговиот прв ден од враќањето на функцијата, се наведува дека „меѓународните програми за помош и бирократијата не се усогласени со американските интереси и во многу случаи се спротивни на американските вредности“ и „служат за дестабилизирање на светскиот мир“.

Женева – Во текот на минатата година во странство патувале околу 1,4 милијарда туристи, што е на исто ниво како и пред пандемијата на Ковид-19, проценува агенцијата на Обединетите нации за туризам (UN Tourism – UNWTO), која се залага за одговорен, одржлив и достапен туризам.

Според UNWTO, чие седиште е во Мадрид, бројот на меѓународни туристички патувања во 2024 година ја надмина 2023 година за 11 отсто (1,3 милијарда) и се искачи на нивото од претходната рекордна 2019 година, последна пред пандемијата на Ковид-19.

Moсква - Русија е подготвена да помогне во нормализирање на односите меѓу Ерменија и Азербејџан во сите области на развојот, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Подготвени сме да ја обезбедиме неопходната помош во нормализацијата на односите меѓу Ерменија и Азербејџан во развојот на трилатералните договори постигнати од лидерите на трите земји во 2020-2022 година. Договорите остануваат релевантни, особено во однос на моменталната ситуација во регионот“, рече Лавров на средбата со ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан.

Рамала - Израелската армија соопшти дека почнала голема воена операција во палестинскиот град Џенин на северниот дел на Западниот Брег.

Заедно со домашната разузнавачка служба и полициските сили, во градот почна „антитерористичка операција“ наречена Железен ѕид, објави денеска војската.

Најмалку четворица Палестинци загинаа, а 35 други се повредени при почетокот на операцијата, соопшти Министерството за здравство во Рамала, пренесе ДПА.

Брисел – Советот на ЕУ денеска реши на Вооружените сили на Либан да им додели 60 милиони евра помош од средствата на Европскиот мировен фонд (ЕПФ). 

Овој трет пакет помош за либанските Вооружени сили има за цел зајакнување на нивните капацитети за обезбедување и одржување на стабилноста во јужниот дел на земјата.  

Кабул - Авганистански затвореник во американски затвор е ослободен во замена за двајца американски државјани, соопштија денеска талибанските власти.

Авганистанскиот државјанин, Кан Мохамад, беше осуден на доживотен затвор и ја отслужуваше казната во Калифорнија, откако беше уапсен пред речиси две децении во источната авганистанска провинција Нангархар кога беше екстрадиран во САД, пренесоа светските агенции.

Остани поврзан