• вторник, 21 јануари 2025
МИА Општински пул

20 јануари 2025

Скопје - Во интервју дадено за порталот МКД.мк, Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вели дека Скопје е пред големи предизвици, но дека верува дека со рационално, транспарентно и енергично раководење може да стане град каков што граѓаните заслужуваат. Истакна дека му претставува исклучителна чест што истражувањата покажуваат дека ја има довербата на граѓаните за да ја преземе и оваа мошне значајна улога. Скопје е град со огромен потенцијал, но и со големи предизвици, вели актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода и можен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје.

Влегувате во последната година од вашиот мандат како градоначалник на Кисела Вода. Низ ваша призма, како изгледа трансформацијата на оваа скопска општина?

Кавадарци - Сите се безбедно евакуирани во пожарот што го зафати старечкиот дом во кавадаречкото село Чемерско, изјави за МИА градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.  

- Нема жртва, тоа е најбитно. Приоритет беше да се извлечат на безбедно сите лица што престојуваат во домот. Имаме пратено два минибуса, пет амбулантни возила и ќе се транспортираат сите до Општа болница Кавадарци, од каде што семејствата ќе можат да си ги земат, истакна градоначалникот.

Евакуирани се 30 лица кои биле сместени во старечкиот дом од кои пет биле неподвижни.

Регионалниот Центар за управување со кризи од Велес информира дека на терен се 10 пожарникари со три противпожарни возила. На терен се и три медицински тима и две полициски коли со осум полицајци. 

Според првите информации, прво се запалил оџакот, а од него кровот на домот.

Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна покажуваат резултатите од направените физичко-хемиски и микробиолошки испитувања од 43 мерни места во градот.

-Секторот за санитарна контрола во периодот од 13 до 17 јануари 2025 зема 191 примероци за физичко-хемиска и 191 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 43 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење,  информираат денеска од ЈП Водовод и канализација.

Битола - Јавната општинска установа Зоолошка Градина-Битола со дополнителни мерки ја зголеми грижата за животинскиот свет во градината.

Заради ниските температури на воздухот во ноќните и утринските часови вршиме греење на кафезите, изјави за МИА Жарко Тренкоски, директор на ЈОУ Зоолошка Градина-Битола.

-Зимската сезона ја дочекавме подготвено, обезбедивме храна и резерви од храна за околу 200 диви животни во Зоолошката градина. Количините на храна се за 30 насто зголемени и освен пченка, пченица и луцерка за тревопасните и месо за месојадните животни, доставуваме и прихрана со витамини за да може полесно да ја минат зимата. Но освен со повеќе храна, на животните им помагаме со греење во кафезите бидејќи температурата на водухот е ниска, посебно во текот на ноќта и во раните утрински часови, посочи Тренкоски.

Во битолската Зоолошка Градина кон крајот на минатата година беа регистрирани принови во семејството на мајмуните и стадото на ламите, а во новата година се очекуваат и нови жители на градината.

Скопје - Во текот на изминатиов викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 70 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир и Центар, информираат од јавното претпријатие.

Во општината Чаир повторно се реализирани активности на булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица) каде што на аголот со улицата „Максут Садик“ се подигнати 25 кубни метри мешан комунален и кабаст отпад одложени на јавна површина, во непосредна близина на детското игралиште.

Во оваа скопска општина е интервенирано и на две локации на улицата „Џон Кенеди“, каде што се расчистени 20 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и градежен отпад.

Во текот на викендот, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и приближно 25 кубни метри мешан комунален и отпад од картонски пакувања одложени на тревна површина долж улицата „Тодор Александров“, на потегот што води кон Средно Водно. 

Штип - Модернизирање на Законот за локална самоуправа е целта на јавните дебати, кои ги организира Министерството за локална самоуправа, истакна денеска министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој присуствуваше на втората јавна дебата во Штип, а во која учествуваа градоначалници од неколку региони, експерти и претставници на здруженија на граѓани.

-Три главни постулати се, првиот е референдумска можност за отповик на градоначалник, којшто несовесно постапува или оној којшто не ја извршува својата функција. Втората е да се воведе и во законот да се препознае комуналниот редар. Затоа што навистина имаме можеби мал број да се превенираат и тие девијантни појави, коишто ги имаме од граѓаните и третиот главен постулат којшто се однесува во насока на измените на Законот за локална самоуправа се поголема вклученост на граѓанскиот сектор, бидејќи на тој начин сметаме дека локалните самоуправи можат да носта поиздржани и поквалитетни решенија за граѓаните, вели Перински.

На новинарско прашање, дали измените и дополнувањето на Законот за локална самоуправа ќе почнат да важат пред да се одржат новите локални избори и дали поттикот е по случајот со скопската градоначалничка, Данела Арсовска, министерот за локална самоуправа Перински со одговор дека овие јавни дебати предвидуваат сет на консултации со експертите и граѓаните.

Скопје - Сообраќајот на патниот правец од Средно Водно до Св. Пантелејмон од 11 часот е нормализиран, информираат од ЈП Македонијапат.

Претходно, Центарот за управување со кризи информираше дека патот меѓу Пантелејмон во Горно Нерези и Средно Водно не е безбеден за движење со моторни возила и апелираше да не се користи поради голомразица. 

На овој потег, како што рекоа од ЦУК, вчера биле заглавени повеќе возила и денеска требало да биде испратена машина за интервенира. 

Од ЈП Македонијапат информираат и дека намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на патните правци Страцин – Куманово и Дебар – Струга. Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.

Прилеп - Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов потврди дека издал налог за вонреден инспекциски надзор во прилепската болница за случајот со двете новороденчиња близначиња кои починаа пред четири дена.

-Издадов налог и денеска ќе се изврши вонреден инспекциски надзор во болницата. Ќе се проверува сета документација врзана со новороденчињата. Се надевам дека во текот на утрешниот ден ќе имаме извештај за надзорот на инспекторатот, рече Лазов.

Јавниот обвинител при прилепското основно јавно обвинителство Стевчо Биноски ја побарал документацијата од болницата и од службата на Итната помош која интервенирала во семејниот дом во прилепското село Славеј од каде било пријавено дека бебињата се во тешка здравствена состојба и била побарана лекарска помош.

-Се чека наодот од обдукцијата на бебињата. Ја очекувам и медицинската документација од болницата и од службата за итна помош за потоа да побарам искази, рече Биноски.

Дебар - Полициски службеници од дебарското  одделение за внатрешни работи, привеле скопјанец кој превезувал повеќе грла жив добиток без соодветна документација.

Според Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид, на 18 овој месец во 20.50 часот во близина на Дебар, полициски службеници сопреле и извршиле контрола во товарно моторно возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Џ.Ќ.(39) од скопското село Зелениково. 

-Притоа, било констатирано дека превезува повеќе грла жив добиток без соодветна документација. Добитокот бил одземен и предаден на претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство. По целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава, додаде Димоски.

Ова е прв ваков случај во оваа но и минатата година на подрачјето на Дебар.

Охрид – Богојавленските празници во Охрид се меѓу најпочитуваните денови од православниот календар. И оваа година охриѓани се собраа на Сараиште за со песна, топла ракија, пржени плашици да го прослават празникот Собор на Свети Јовен Крстител, низ народот познат и како Денот на рибарите, како потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на стопански риболов.

Со оглед на забраната за риболов во поново време Денот на рибарите се одбележува со капење на православните верници од градот, секогаш предводени од тајфата на оној што ќе го фати Чесниот крст. Оваа, како и пред три години, тоа беше дружината на Мартин Гоџоски.

Организацијата на манифестацијата и за Денот на рибарите веќе неколку години е на Локалната самоуправа заедно со Дебарско-кичевската епархија, а во насока на нејзино збогатување што ги придонеле за што поголема масовност и посетеност на гости во градот за празникот Богојавленски водосвет.

Кавадарци - Пожарот е локализиран, корисниците евакуирани, информираат од домот за стари лица ,,Доктор Јанески", откако утринава пожар изби во објектот во кавадаречкото село Чемерско. 

-Пожарот што го зафати дел од кровот на домот е локализиран. Сите корисници безбедно се евакуирани и однесени во Општа болница, каде ќе останат неколку дена, соопштија од Домот.

Оттаму упатија голема благодарност до градоначалникот Митко Јанчев, противпожарната служба, итната медицинска помош,  директорката на болницата и сите што помогнале за сите корисници на услугите во домот, за кои сега бил обезбеден престој со истата услуга, во хотел во Кавадарци.

Тетово - Наставата во сите општински училишта во Тетово е почната и се одвива без проблеми. Во општина Тетово функционираат 12 основни и пет средни општински училишта, информираше денеска раководителот на Секторот за јавни дејности при Општина Тетово Назми Даути на средба со новинарите.

-Општина Тетово беше постојано во комуникација со раководителите на училиштата. Сме ги презеле сите чекори за да можеме да почнеме во второто полугодие без никакви проблеми. Досега немаме јавено за никаков проблем од ниту едно училиште, наставата ќе продолжи без никакви проблеми. Денес бевме во комуникација со директорите и не е пријавено нешто дека голем број од ученици отсуствуваат од наставата, истакна Даути. 

На новинарско прашања дали продолжува трендот на отпишување на учениците, Даути потврди, но смета дека бројката е помала во споредба со претходната учебна година.

Oхрид – Богојавленските празници во Охрид се меѓу најпочитуваните денови од православниот календар. И оваа година охриѓани се собраа на Сараиште за со песна, топла ракија, пржени плашици да го прослават празникот Собор на Свети Јовен Крстител, низ народот познат и како Денот на рибарите, како потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на стопански риболов.

Со оглед на забраната за риболов во поново време Денот на рибарите се одбележува со капење на православните верници од градот, секогаш предводени од тајфата на оној што ќе го фати Чесниот крст. Оваа, како и пред три години, тоа беше дружината на Мартин Гоџоски.

Организацијата на манифестацијата и за Денот на рибарите веќе неколку години е на Локалната самоуправа заедно со Дебарско-кичевската епархија, а во насока на нејзино збогатување што ги придонеле за што поголема масовност и посетеност на гости во градот за празникот Богојавленски водосвет.

Инаку, празнувањето на Богојавленскиот водосвет во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст. 

Битола - Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски го награди Иван Миовски (15 г.) ученик во прва година во општинското средно економско училиште „Јане Сандански“, годинешен најсреќен учесник на Водици, манифестација што ја организираше преспанско-пелагониската епархија во црковниот базен на храмот „Свети Великомаченк Димитриј“.

Според востановената традиција, ден по завршувањето на манифестацијата, градоначалникот Коњановски оствари средба со дел од учесниците кои го следеа положувањето на чесниот крст и негово пронаоѓање, а за најсреќниот, младиот Миовски додели парична награда во износ од 20.000 денари и икона од заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“. 

Куманово - Без проблеми почна второто полугодие од учебна за 2024/2025 година во 21 основно и средно училиште на подрачјето на општина Куманово, информираа денеска надлежните од секторот за образование од општината. Според податоците на секторот, во второ полугодие настава следат 13.454 ученици од кои 9.610 во основно и 3.844 во средно образование.

- Почнато е со редовна настава која ќе трае до 10 јуни за сите ученици освен за матурантите кои согласно календарот од страна на ресорното Министерство за образование наука завршува на 16-ти мај. Нема проблеми со греење, најголем дел од училиштата се затоплуваат на електрична енергија и гас во подрачните со огревно дрво меѓутоа и таму веќе се заменети со пелети, има со мазут, изјави раководителот на секторот, Александар Јовановиќ.

Во однос на градскиот превоз, доколку имаат одредени проблеми, учениците треба да соопштат на училиштата кои пак треба да се обратат до Секторот за комунални дејности.

- Како сектор тука немаме надлежност меѓутоа доколку има каков било проблем посочувам родителите до реагираат на училиштето, воведен е линиски превоз, ако им потреба треба да соопштат до секторот за комунални дејности, изјави Јовановиќ.

Дел од учениците од средните училишта реагираа дека име метеж по автобусите особено кога се менува прва и втора смена.

 

Остани поврзан