• вторник, 21 јануари 2025
МИА Флеш

20 јануари 2025

Скопје- Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе побара од министерот за здравство Арбен Таравари да се формира стручна комисија за лекувањето на деветгодишното дете од светиниколско, кое почина на 14 јануари. Информацијата денеска за МИА ја потврди директорот на Инспекторатот, Кирил Лазов.

Вонреден инспекциски надзор за лекувањето на детето беше извршен на три места - почнувајќи од матичниот лекар, Клиничката болница - Штип и на Клиниката за детски болести во Скопје. Од извршените вонредни инспекциски надзори во овие здравствени установи, Државниот санитарен и здравствен инспекторат  не констатирал недостатоци.

Стручната комисија треба да утврди дали имало некоја лекарска грешка при лекувањето на деветгодишното дете.

Во приватната здравствена установа, детето се појавило заради болки во стомакот и повраќање, кашлање, висока температура и не спиење претходниот ден.

- При преглед, детето било поспано, афебрилно, без убедливи знаци за дехидратација. Направени му се лабораториски испитувања по што дадена му е инфузиона терапија во тек на која кај детето настапува сомнолентност со слаба реакција на говор заради што е упатено во ЈЗУ Клиничка болница - Штип, беше појаснето од страна на ДСЗИ по надзорот.

Прилеп - Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов потврди дека издал налог за вонреден инспекциски надзор во прилепската болница за случајот со двете новороденчиња близначиња кои починаа пред четири дена.

-Издадов налог и денеска ќе се изврши вонреден инспекциски надзор во болницата. Ќе се проверува сета документација врзана со новороденчињата. Се надевам дека во текот на утрешниот ден ќе имаме извештај за надзорот на инспекторатот, рече Лазов.

Јавниот обвинител при прилепското основно јавно обвинителство Стевчо Биноски ја побарал документацијата од болницата и од службата на Итната помош која интервенирала во семејниот дом во прилепското село Славеј од каде било пријавено дека бебињата се во тешка здравствена состојба и била побарана лекарска помош.

-Се чека наодот од обдукцијата на бебињата. Ја очекувам и медицинската документација од болницата и од службата за итна помош за потоа да побарам искази, рече Биноски.

Скопје - Министерството за финансии соопшти дека денеска во целост е исплатена евробврницата од 500 милиони евра земена во 2018 година. 

Средствата за сервисирање на оваа обврска беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка со камата од 3,25 проценти, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс период од три години.

- Со цел да се обезбедат средства по најниски трошоци за  исплата на оваа Еврообврзница, беше потпишан Договор за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Условите под кои ги добивме средствата направија заштеди на буџетот по основ на камати и по основ на провизии. Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови, изјавила министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, посочувајќи дека 2025 година ја почнуваме со ликвидни и стабилни јавни финансии кои ќе овозможат редовно и навремено сервисирање на обврските.

Штип - Модернизирање на Законот за локална самоуправа е целта на јавните дебати, кои ги организира Министерството за локална самоуправа, истакна денеска министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој присуствуваше на втората јавна дебата во Штип, а во која учествуваа градоначалници од неколку региони, експерти и претставници на здруженија на граѓани.

-Три главни постулати се, првиот е референдумска можност за отповик на градоначалник, којшто несовесно постапува или оној којшто не ја извршува својата функција. Втората е да се воведе и во законот да се препознае комуналниот редар. Затоа што навистина имаме можеби мал број да се превенираат и тие девијантни појави, коишто ги имаме од граѓаните и третиот главен постулат којшто се однесува во насока на измените на Законот за локална самоуправа се поголема вклученост на граѓанскиот сектор, бидејќи на тој начин сметаме дека локалните самоуправи можат да носта поиздржани и поквалитетни решенија за граѓаните, вели Перински.

Скопје - Без разлика што е во бегство, и за Артан Груби и за другиот осомничен, постапката и натаму продолжува и јавноста ќе биде известена, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски за медиумите прашан дали има напредок во истрагата за поранешниот вицепремиер, додавајќи дека и покрај меѓународната потерница, јавните обвинители и „понатаму преземаат дејствија во однос на постапката“.

Коцевски пред почетокот на 14-тата седница на Советот на јавни обвинители прашан дали има предистрага за судијата Енвер Беџети, ставен на „црната листа“ на САД, одговори дека „заедно со тој предмет што се однесува и за судијата, и за Артан Груби и, евентуално, за друг сторител, се води предистражна постапка и понатаму ќе се види како ќе се одвива.

Соопшти дека не е почната истрага за ставањето во фиока на предметот за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

– Истрага не, се уште се работи за предистрага, се прибираат докази и за тој предмет јавноста ќе биде известена, а во моментот за оние дејствија што се преземени од наша страна, јавноста е известена, рече Коцевски.

За финансиската истрага за случајот „Соравија“, пак, одговори дека за Дрин Ахмети има две постапки – едната се води во Јавното обвинителство за организиран криминал, а другата постапка во Основното јавно обвинителство-Скопје.

Скопје - Со изведување на видео записи од безбедносни камери денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, каде првообвинет е Љупчо Палевски - Палчо, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

На првите неколку видеа, презентирани од Обвинителството, се гледа како обвинетиот Влатко Кешишев наплаќа и полни балон со бензин на бензинска станица Макпетрол кај Транспорниот центар Скопје во близина на партијата Десна околу 5 часот наутро на 27 ноември 2023 година.

Во судницата беа презентирани и неколку видеа од безбедносни камери од возилото Рено Кангу, како се движи во Центар, од седиштето на партијата Десна, кон Аеродром и во правец кон Гази Баба, околу 5 часот и 33 минути на 27 ноември 2023 година.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Скопје - АД ЕСМ Снабдување информира дека поради зголемени загуби на вода во топлификациската дистрибутивна мрежа кај дел од потрошувачите ќе има намалена испорака на топлинска енергија.

- Екипите на Дистрибуција на топлина се на терен и активно работат на изолирање на проблемот, со цел воспоставување стабилен хидрауличен режим во системот и нормализација на снабдувањето со топлинска енергија. Се користат сите расположливи ресурси, а екипите преземаат засилени мерки и вложуваат максимални напори за што побрзо воспоставување на редовно снабдување со топлина до потрошувачите, стои во информацијата од ЕСМ Снабдување.

За дополнителни информации потрошувачите можат да се обратат во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075400100.

Скопје - Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. По одделни котлини во поголем дел од денот со магла и ниска облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Максималната температура во котлините со магла ќе биде во интервал од -3 до 2, а во останатиот дел од земјата од 6 до 10 степени, информираат од УХМР. 

Во Скопје, во поголем дел од денот ќе има магла и ниска облачност. Попладне ќе има делумно намалување на облачноста. Температурата ќе биде до 2 степени.

Синоптичарите за утре најавуваат повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.

- Врнежите ќе бидат со слаб, а во западните делови со умерен интензитет. Потоа во следните денови ќе се задржи променливо облачно време со сончеви периоди. По котлините во претпладневните часови ќе има појава на магла. Во петок претежно во северните делови ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег, известуваат од УХМР.

Белград – Припадниците на полицијата денеска спречија хрватска државјанка насилно да влезе во зградата на Претседателството на Србија во Белград.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека тоа се случило околу 10 часот и оти жената им се заканувала и ги навредувала полицајците, Србија и функционерите.

- Таа е донесена во службените простории на Полициската станица Стари Град и против неа ќе биде поднесена соодветна пријава во соработка со надлежното обвинителство, наведе Дачиќ.

Белград – Првиот собир на движењето, чие формирање претходно го најави српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе се одржи в петок, 24 јануари во Јагодина, јави српската агенција БЕТА.

Вучиќ на социјалните мрежи најави дека ќе биде поведена кампања на разговори и претставување на луѓето кои ќе го сочинуваат движењето.

- Ќе има многу тешки обврски и многу важни работи за Србија во Давос, но со нетрпение очекувам да разговарам со граѓаните на Србија, веднаш по моето враќање од Швајцарија. Прва голема средба и ги поканувам луѓето од Поморавље и Шумадија во Јагодина, в петок на 24 јануари, претпоставувам во 17 часот. Повелете и едвај чекам да се видиме, наведе Вучиќ.

Брисел - Чекањето заврши. Човекот кој ја смета ЕУ за „непријател“, кој го гледа НАТО како тажен збир на „бесплатни корисници“ што ги искористуваат предностите на благородниот американски даночен обврзник и кој мисли дека европските земји ги „закинуваат“ САД во трговијата, повторно цврсто ќе заседне во Белата куќа, наведува бриселскиот портал „Еурактив“ во анализа за очекувањата во ЕУ пред денешното стапување на Доналд Трамп на должноста американски претседател. 

- Не е тајна дека Европа е нервозна, како што треба и да биде. Но, во последните денови анкетиравме политичари, дипломати и други функционери ширум Европа и бевме изненадени кога откривме дека многумина, ако не и сите, се помириле со враќањето на Трамп, наведува порталот.  

Брисел - Европската комисија за 30 јануари најави започнување на Стратешки дијалог за европската автомобилска индустрија, на кој социјалните партнери и другите засегнати страни ќе разговараат за иднината и перспективите на овој индустриски сектор во ЕУ. 

- Оваа иницијатива ја нагласува посветеноста на Комисијата за заштита на иднината на автомобилскиот сектор, кој е витален за европскиот просперитет, а во исто време и ги унапредува нејзините климатски и пошироки општествени цели, се наведува во денешното соопштение на ЕК. Стратешкиот дијалог, чие одржување претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен го најави во обраќањето пред Европскиот парламент на 27 ноември минатата година, има за цел да ги ангажира индустриските играчи, социјалните партнери и засегнатите страни заеднички да ги согледаат предизвиците, да изнајдат решенија и да преземат конкретни активности. 

Давос – Во швајцарскиот град Давос денеска почнува Светскиот економски форум на кој ќе присуствуваат околу 900 извршни директори и е присуствуваат околу 900 извршни директори и 60 шефови на држави и премиери. Говорите на лидерите ќе почнат утре по денешното свеченото отворање на годишната конференција на Светскиот економски форум.

Официјалната програма вклучува разговори и панели за кибер криминалот, вештачката интелигенција и технолошките промени, под мотото „соработка за интелигентно доба“.

Tел Авив - Израелскиот екстремно десничарски министер за финансии Безалел Смотрич зборуваше на Израелското воено радио за поддршка на израелската окупација на целиот Појас Газа, јави ДПА.

Смотрич, лидер на Верската ционистичка партија, е еден од владините претставници кои го критикуваат мировниот договор со Хамас.

„Треба да го окупираме целиот појас и да воспоставиме воена управа таму. Не постои „трета сила“ која може да гарантира безбедност таму, рече Смотрич.

Во истото интервју министерот рече дека началникот на Генералштабот на израелската армија, Херзи Халеви не е вистинскиот човек кој ја води армијата.

Санкт Петербург - Во Санкт Петербург, Русија, уапсен е маж осомничен дека украл 20 милиони рубљи (околу 190.000 евра) од сметка во Москва, со лажен пасош, соопшти денеска портпаролката на руското Министерство за внатрешни работи, Ирина Волк.

„Осомничениот ја искористил својата физичка сличност со сопственикот на сметката за да украде пари... Осомничениот прво извадил лажен пасош со своја фотографија и туѓите лични податоци, а потоа од мобилниот оператор на кого му го покажал лажниот документ побарал дупликат од СИМ-картичката што наводно ја изгубил“, напиша Волк на „Телеграм“.

Според наводите, против уапсениот е поведена кривична постапка.

Таа посочи дека осомничениот потоа користел мобилна апликација за да ги добие потребните информации за банкарските сметки и од нив подигнал околу 20 милиони рубљи. Потоа, се наведува, им ги испраќал парите на своите соучесници.

 

Остани поврзан