МИА Радио флеш
- 20 јануари 2025
20 јануари 2025
Скопје - Со изведување на видео записи од безбедносни камери денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, каде првообвинет е Љупчо Палевски - Палчо, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Судењето продолжува на 27 јануари.
Обвинителство на денешното рочиште презентираше видео записи од системот Сејф сити, за кои рече дека се обезбедени со пребарување по регистарски таблички на возилата Цитроен и Рено Кангу.
Скопје - Еден од мотивите за создавање на поткастот „Бизнис клуб“ е да се инспирираат младите претприемачи кои сакаат да почнат со свој бизнис, преку слушање на реални приказни за успех. Исто така, целта е да се охрабрат младите да тргнат по својот пат во нашата држава, а не да одат во странство, посочи на денешната прес-конференција продуцентот на овој поткаст, Иво Јанкоски.
Како што соопштија претходно од Стопанската комора, формирањето на Бизнис клубот „Европа“ е резултат на поткастот „Бизнис клуб“ во кои се селектирани плејада на млади македонски бизнисмени, воедно и како успешна алатка за пристапување кон ЕУ, чии активности ќе бидат насочени кон подобрување на конкурентноста и продуктивноста на македонското стопанство кои на одреден среден рок природно би придонеле кон раст на бруто домашниот производ, раст на куповната моќ и доближување на нашата земја до ЕУ.
Кавадарци - Пожарот е локализиран, корисниците евакуирани, информираат од домот за стари лица ,,Доктор Јанески", откако утринава пожар изби во објектот во кавадаречкото село Чемерско.
- -Пожарот што го зафати дел од кровот на домот е локализиран. Сите корисници безбедно се евакуирани и однесени во Општа болница, каде ќе останат неколку дена, соопштија од Домот. Оттаму упатија голема благодарност до градоначалникот Митко Јанчев, противпожарната служба, итната медицинска помош, директорката на болницата и сите што помогнале за сите корисници на услугите во домот, за кои сега бил обезбеден престој со истата услуга, во хотел во Кавадарци.
Скопје - Министерството за култура и туризам попладнево информира дека е објавен конкурсот за учество во финансирање проектни активности на правни лица од Република Северна Македонија во европски проекти што се поддржани од потпрограмата Култура на Креативна Европа 2021 - 2027 на Европската Унија за 2025 година.
- Конкурсот има цел да се обезбеди развој на културниот и креативниот сектор, промоција на разновидноста на културните изразувања и афирмација на македонската култура, надвор од границите на нашата држава, преку јакнење на европската културна соработка и реализација на културни активности во земјава и надвор од нејзините граници, се појаснува во соопштението.
Скопје - Ставот на Стопанската комора е секоја компанија да може да си го добие кредитот. Можеби малку повеќе се одолговлекува од датумот кога требаше да го добијат, но сепак, ние успеавме во нашата намера дека сите компании ќе учествуваат во добивање на кредитот, изјави денеска проектниот менаџер на Стопанската комора Наташа Јаневска, прашана за став во врска со доцнењето на исплатата на унгарскиот кредит.
Таа потврди дека имаат блиска соработка со Владата, а според последната информација, сите компании можат да конкурираат за кредитот.
Скопје - Горивата од полноќ поскапуваат од пола до денар и пол. Дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство поскапуваат за пола денар, а Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 за денар и пол.
Според денешната одлука на Регулаторната комисија, од полноќ се зголемува и цената на мазутот за 0,337 денари за литар.
Скопје - Министерството за финансии соопшти дека денеска во целост е исплатена евробврницата од 500 милиони евра земена во 2018 година.
Средствата за сервисирање на оваа обврска беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка со камата од 3,25 проценти, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс период од три години.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски, кој е во работна посета на САД и ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон, имаше вечера и средба со Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација, Џон Битов - американски бизнисмен со македонско потекло, сопственик на повеќе мултимилионски компани, Марко Галина - бизнисмен и одговорен за МАГА во Португалија и Крис Павловски, сопственик на Рамбл групацијата.
- Разговаравме за можноста за инвестиции во Македонија, за конкретни проекти од бенефит за граѓаните. Меѓу другото ги посочив напорите кои Владата ги дава за стабилизирање на економијата, рекордот кој го остваривме во привлекување на инвестиции во државата и поволностите кои се нудат. Воедно ја искористив можноста за лобирање за македонските интереси и позиции во однос на клучните прашања за нас. Станува збор за високо позиционирани луѓе во американското општество со можност за влијание на прашањата важни за нас, напиша премиерот Мицкоски на Фејсбук.
Атина - Она што сега е важно е да се финализираат соодветните процедури за избор на нов претседател и, и покрај приговорите што може да постојат да се создаде, националното единство со реализам и вистина и ќе се стремам ова да го сторам како лидер на Нова демократија, очекувајќи го ставот и на останатите партии, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателката во заминување Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за прва средба на Мицотакис и Сакеларопулу откако грчкиот премиер соопшти дека Константинос Тасулас е владиниот предлог за претседател на државата, а актуелната шефица на државата не доби можност за втор мандат.
Берлин - Младите луѓе во Германија често имаат различно мислење за надворешната политика во споредба со другите луѓе, посебно тие што користат ТикТок, покажуваат резултатите од најновата анкета.
Дури 67 проценти од испитаниците на возраст меѓу 16 и 29 години се согласуваат со изјавата дека Кина е диктатура, а 62 отсто од корисниците на ТикТок се согласуваат, процент од сите испитаници, без оглед на нивната возраст и дали користат ТикТок имаат ист став.
Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан оцени дека вториот мандат на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе влијае на иницирање на нов бран големи десничарски политички промени во Европа.
Орбан изјави дека за само неколку часа сонцето поинаку ќе свети во Брисел, седиштето на Европската унија, пренесуваат британските медиуми.
Атина - Во присуство на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис и останатите заменици, новиот заменик-министер за надворешни работи на Грција, надлежен за економска дипломатија и екстровертност, пратеникот од Нова демократија Тасос Хаѕивасилиу претпладнево во Министерството за надворешни работи и официјално ја презеде функцијата од неговиот претходник Костас Франкојанис, кој во петокот си поднесе оставка, јави дописничката на МИА од Атина.
Герапетритис, посочи дека економската дипломатија и екстровертноста се важен столб на грчката надворешна политика и заблагодарувајќи му се на Франкојанис истакна дека „повеќестрано придонесе за да се зголеми нивото на странските инвестиции, на извозот на Грција, да се подигне меѓународниот отпечаток на земјата во светот“.
Брисел - Европската комисија внимателно ја следи актуелната внатрешна политичка ситуација во Србија поврзана со масовните протести на студентите и други групи и ги охрабрува сите политички актери за враќање на дијалогот и за воздржување од ескалација на тензиите, изјави денеска портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот Гијом Мерсие.
- Изразуваме загриженост поради пријавените инциденти против демонстрантите, за кои очекуваме брза истрага, рече Мерсие.
Загреб - Владата на Хрватска побара одложување на исплатата на 835,6 милиони евра од Механизмот за заздравување и отпорност, бидејќи сè уште не е донесена законската рамка која треба да ја редефинира и подобри работата на државните компании.
Хрватската Влада упати барање за исплата на 20 декември, но по барањето за одложување средствата ќе бидат исплатени во март.
Ал-Ариш - На вториот ден од прекинот на огнот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, Египет денеска испрати уште околу 220 камиони со помош кон Појасот Газа,јави ДПА.
Претставник на египетската Црвена полумесечина во Северен Синај изјави дека во дополнителните камиони има и 10 што превезуваат гориво, а ќе влезат во Газа преку граничниот премин Керем Шалом на југ од енклавата.
Брисел - Европската комисија денеска одби да ги потврди или негира медиумските извештаи дека поранешниот шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, данскиот дипломат Петер Соренсен, ќе го наследи Мирослав Лајчак на местото специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања на Западниот Балкан.
- Мандатот на специјален претставник на ЕУ Мирослав Лајчак трае до крајот на јануари. Во моментов во тек е процесот на избор на неговиот наследник, па ќе се навратиме на тоа кога ќе имаме повеќе детали, изјави портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
Киев - Украина сака да ги зголеми напорите да ги убеди бегалците во Германија да се вратат, а украинската влада планира советувалишта за бегалците кои сакаат да се вратат во Украина, изјави денеска украинскиот вицепремиер, Олексеј Чернишов.
-Голем број бегалци во Германија сериозно планираат да се вратат во Украина и ние мора да им помогнеме во тоа, изјави Олексеј Чернишов за германските медиуми.
Лондон - Британски тинејџер денеска се изјасни за виновен за убиство на три девојчиња во северна Англија во јули, злосторство што ја згрози нацијата и предизвика неколкудневни немири.
Аксел Рудакубана (18) го промени своето признание во невин и се изјасни за виновен на првиот ден од судењето во Ливерпул. Тој призна дека ги избодел Беби Кинг (6), Елси Дот Стенкомб (7) и Алис Дасилва Агиар (9), кои биле на час по танц на тема Тејлор Свифт во Саутпорт.
Сеул - Отповиканиот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јол денеска одби да биде испрашуван од истражителите, како дел од истрагата за тоа дали организирал бунт кога воведе краткотрајна вонредна состојба на 3 декември.
Десетици поддржувачи на Јун се соочуваат со обвиненија за насилниот напад врз судската зграда. Властите соопштија дека е зголемено обезбедувањето во притворскиот центар во Сеул во кој се наоѓа Јун, како и во Уставниот суд, што ја води постапката за негово отповикување и одлучува дали трајно ќе го смени од функцијата.
Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден ги помилува д-р Ентони Фаучи, пензионираниот генерал Марк Мили и членовите на Претставничкиот дом кои го истражуваа нападот на Капитол на 6 јануари, користејќи специјални овластувања во последните часови од неговиот мандат, со цел да се спречат потенцијалните правни последици за тројцата по враќањето на Трамп на власт.
Британските медиуми пренесуваат дека најновата одлука на Бајден доаѓа откако Трамп предупреди на листата на непријатели, на која се наоѓаат оние кои политички му се спротивставија или се обидоа да го повикаат на одговорност за обидот да ја поништи неговата изборна загуба во 2020 година и неговата улога во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.
Париз - Францускиот премиер Франсоа Бајру денеска изјави дека Франција и Европа мора заеднички да се спротивстават на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и неговата политика, во спротивно ќе се соочат да бидат „здробени“.
„САД одлучија да водат исклучително доминантна форма на политика, преку доларот, преку својата индустриска политика, преку фактот дека можат да ги 'заробат' глобалните инвестиции и светските истражувања“, рече Бајру.
Брисел - На денешната инаугурација на новиот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон, Европската Унија ќе ја претставува амбасадорката на ЕУ во САД, Јовита Нељупшена, соопшти главната портпаролка на Европската комисија Паула Пињо.
Ваквиот одговор Пињо го даде на денешниот редовен прес-брифинг во Еврокомисијата запрашана дали италијанската премиерка Џорџа Мелони „како единствен европски лидер“ кој ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп, ќе ја преставува и ЕУ.
Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху трите ослободени жени, кои беа заложнички на Хамас, ги нарече „херои на Израел“ и најави дела сите заложници ќе бидат вратени дома.
Роми, Дорон и Емили – целата нација ве прегрнува, со честитки за вашето враќање. Овој момент беше постигнат благодарение на пожртвуваноста и борбата на нашите херојски борци – хероите на Израел. Ветувам: сите ќе ги вратиме дома, напиша Нетанјаху на Икс.
Вашингтон - Волстрит журнал објави дека Доналд Трамп ќе повика на „револуција на здравиот разум“ во неговото инаугуративно обраќање денеска.
Американскиот весник наведува дека имал пристап до копија од говорот на Трамп и дека во неговото обраќање ќе ја поздрави „возбудливата нова ера на национален успех“.
Вашингтон - Голема временска промена ги зафати САД. Арктичкиот студен бран се шири кон југ и ќе го зафати целиот северноамерикански континент.
Со оглед на ветрот, температурите ќе станат опасно ниски, а арктичкиот бран ќе трае неколку денови и ноќи, потенцијално соборувајќи рекорди.