• понеделник, 20 јануари 2025
МИА Радио флеш

20 јануари 2025

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски, кој е во работна посета на САД, ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон.

Мицкоски, како што информира владината прес-служба, на инаугурацијата ќе биде придружуван од министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков. 

Делегацијата предводена од премиерот Мицкоски ќе присуствува и на свеченоста „Гласови на слободата“ што ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“.

- Очекувањата се дека за време на престојот, Мицкоски ќе одржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател. Исто така, Мицкоски ќе има средба и со бизнисмени со македонско потекло каде ќе стане збор за економска соработка и можни домашни инвестиции, се вели во владиното соопштение.

Ова ќе биде втора инаугурација на Доналд Трамп, кој ќе биде 47. претседател на Соединетите Американски Држави.

Скопје– По тринеделен зимски распуст, денеска за основците и за средношколците почнува второто полугодие од учебната 2024/2025 година.

Учебната година ќе заврши на 10 јуни за сите ученици, освен за матурантите, кои според календарот за организација на учебната година во јавните средни училишта, ќе учат до 16 мај. 

Учебната година нема да биде продолжена како минатата година бидејќи ќе нема пролетен распуст кој беше воведен лани.

За оваа одлука, Министерството за образование и наука во оваа учебна година анкетираше наставници, родители и ученици од повисоките одделенија и, како што информираше, мнозинството се изјасниле дека не сакаат пролетен распуст. 

Скопје - Во Собранието денеска ќе заседава Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање. 

На дневен ред се Финансискиот план за изменување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2024 година со дополнување и пренамена на средства, како и Финансискиот план за изменување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2025 година со дополнување и пренамена на средства.

Скопје - На Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска ќе се одржи вториот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа.

Целта на настанот, како што информира Министерството за локална самоуправа, е да овозможи активно вклучување на локалната самоуправа и невладините организации во подготовката на законските измени и дополнувања, со што се обезбедува поголема транспарентност и инклузивност.

Настанот ќе го отвори министерот за локална самоуправа Златко Перински, а меѓу учесниците ќе бидат и проф. д-р Гордан Георгиев, како и м-р Тони Попоски кои се дел од експертскиот тим вклучен во процесот на изготвување на измените. На настанот ќе присуствуваат и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, градоначалници од Југоисточниот, Источниот и Вардарскиот плански регион, претставник од УНДП, како и претставници од невладини организации.

Скопје - Турски туристи кои се наоѓале спроти ресторанот „Кањон Матка“ синоќа безбедно се префрлени преку езерото. Центарот за управување со кризи денеска информираше дека вчера на бројот 112 е добиена пријава од нив дека не можат да се движат во мракот и дека им е потребна помош за да преминат од другата страна каде се наоѓа ресторанот и пешачката патека. 

- За таа цел било потребно пловно превозно средство (кајче, чамец). Регионалниот ЦУК Скопје координираше со институциите од Системот за управување со кризи и информираше дека за ова веднаш биле известени ПС Сарај и Општина Сарај и според повратните информации за околу еден час странските државјани биле извлечени од местото каде што се наоѓале и потоа безбедно биле префрлени преку езерото, односно акумулацијата „Матка, информира ЦУК.

Скопје - Центарот за управување со кризи информира дека патот меѓу Пантелејмон во Горно Нерези и Средно Водно не е безбеден за движење со моторни возила и апелираат да не се користи поради голомразица. 

На овој потег, како што велат од ЦУК, вчера биле заглавени повеќе возила и денеска треба да биде испратена машина за интервенира. 

- По пренесувањето на пријавите од ЦУК до надлежните, е добиено известување од ЈП Македонијапат дека овој пат е од 4-та категорија на приоритет и дека вчера немале слободни машини за интервенција, бидејќи истите биле на расчистување на патот Кичево-Охрид и на Попова Шапка и дека денеска околу 10 часот ќе испратат машина и да се интервенира, се вели во информацијата од ЦУК.

Скопје- Во Прилеп и Македонски Брод поради појава на магла видливоста на патиштата е намалена од 30 до 50 метри, а во Струмица и Берово и на патниот правец Тетово кон село Гајре од 50 до 70 метри. 

Авто мото сојузот на Македонија утринава информираше дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Скопје - На годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ којшто траеше од 15 декември до 15 јануари, пристигнати се 43 романи. 

На конституитивната седница, жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатирала дека во конкуренција се романи од различни жанрови и дека процесот на избор на најдобро дело воопшто нема да биде лесен. 

Скопје - Утрово е студено со појава на магла по одделни котлини, а преку ден ќе биде променливо облачно со сончеви периоди во источните делови. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната од 3 до 11 степени.

Во Скопје, претпладне студено со појава на магла, преку ден променливо со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне 3 степени.

Според УХМР, наредните денови ќе преовладува променливо облачно време со појава на утринска магла понекаде во котлините. Утринските температури ќе бидат претежно околу нулата, а дневните во делови од земјата ќе надминуваат 10 степени. Локални врнежи од дожд, а на планините од снег ќе има во вторник, а потоа се очекуваат и на крајот од неделата. 

Вашингтон- Доналд Трамп денеска ќе положи заклетва како 47. претседател на САД.

Уставот на САД предвидува мандатот на секој нов претседател да почне на 20 јануари точно напладне, по локално време во Вашингтон (18 часот по средноевропско време).

Инаугурацијата обично се одржува на отворено на западната страна на зградата на Капитол, меѓутоа, температурите во главниот град на САД моментално се спуштаат до 12 степени под нулата, поради што инаугурацијата на Доналд Трамп ќе се одржи во зградата на Капитол.

За обезбедување на церемонијата беа ангажирани околу 25.000 луѓе.

Белата куќа, Капитол и делови од авенијата Пенсилванија се веќе со безбедносни огради високи 2,40 метри.

Вашингтон - Доналд Трамп им рече на илјадници поддржувачи на митингот во Вашингтон, еден ден пред неговата инаугурација, дека ќе воведе строги ограничувања за имиграцијата на првиот ден од неговиот нов мандат и вети дека брзо ќе го исполни клучното предизборно ветување.

„Кога сонцето повторно ќе зајде утревечер, инвазијата врз нашата земја ќе престане“, рече Трамп за време на собирот „Да ја направиме Америка повторно голема“ во спортската сала „Капитал Уан“.
„Почнувајќи од утре, ќе дејствувам со историска брзина за зајакнување на силата на нашата земја и решавање на секоја криза со која се соочува“.

Идниот претседател повтори дека ќе ја изврши „најголемата депортација во американската историја“, што ќе резултира со протерување на „милиони имигранти“ од САД.

Њујорк -   Криптовалутата, објавена од Доналд Трамп на крајот на минатата недела, денеска ја зголеми својата цена за 73 отсто на 46,06 долари и пазарна капитализација од над 9 милијарди долари.

Позната како $TRUMP, таа достигна пазарна капитализација од 9,2 милијарди долари.

Трамп го најави лансирањето на новата криптовалута, чиј токен го носи неговиот лик од времето на неуспешниот обид за атентат врз него во јули минатата година.

Дури и играчите на пазарот на криптовалути беа изненадени од лансирањето на токенот, јавија американските медиуми.

Белград - Во Србија денеска треба да почен второто полугодие во основните и средните училишта, но според синдикатите тоа нема да се случи во голем број школи во државата. Професори кои не се согласуваат со договорот меѓу репрезентативните образовни синдикати и српската влада најавија дека денеска на првиот ден од второто полугодие ќе ја прекинат работата во основните и средните училишта низ Србија, а најавен е и протест во Белград во 11 часот.
Вработените во училиштата кои најавија дека влегуваат во еднодневен прекин на работа како една од причините ја наведоа поддршката на студентските протести и барања.

Според податоците на Самостојниот синдикат на вработените во образованието во Србија, во повеќе од 35 проценти од училиштата мнозинството вработени одлучиле денеска да нема настава и дека тој број ќе се зголеми.

Белград -  Адвокатите во Србија од денеска целосно ќе ја прекинат работата на седум дена во знак на поддршка и солидарност со барањата на студентите, соопшти Адвокатската комора на Србија (АКС) на вонредното собрание што се одржа викендов.
Прекинот на работа нема да важи за преклузивните периоди што се однесуваат на редовни и вонредни правни лекови.

Адвокатите ја оставија отворена можноста за организирање подолг штрајк доколку овој не донесе резултати.

Загреб -  Корисници на социјалните мрежи во Хрватска масовно споделуваат пораки во кои повикуваат на бојкот на   трговските синџири в петок, 24 јануари. Пораките за бојкот се поради високите цени на производите.

„На 24 јануари во Хрватска има бојкот против високите цени на храната. Се повикуваат луѓето да не купуваат ништо тој ден, но ништо. Осигурете се за тој ден како да е недела. Во Обединетото кралство истото се случи со горивото, пред некој ден падна за 15 пени по литар, но ги покачија и платите за 100 фунти месечно“, гласи една од пораките
Според иницијаторите, ако десет отсто од луѓето во Хрватска се приклучат во акцијата - ќе има голем загуба за малопродажните синџири.

Тел Авив- Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, што стапи во сила вчера, предвидува повеќе од 230 Палестинци осудени на доживотен затвор да бидат меѓу ослободените во замена за 33 израелски заложници.

Израел објави список од 734 затвореници кои би можеле да бидат ослободени според првата фаза од договорот за прекин на огнот за ставање крај на 15-месечната војна во Појасот Газа, со посредство на Катар и со помош на САД и Египет.

Меѓу имињата на списокот - 296 се на затвореници осудени на доживотен затвор за извршување или учество во напади или бомбашки напади во кои беа убиени израелски државјани. Двесте триесет и шест од нив треба да бидат депортирани, главно во Катар или Турција, откако ќе излезат од затвор.

Брисел – Приоритетите на Полска за време на претседавањето со Советот на ЕУ во првите шест месеци од годинава се тема на централната дебата на овонеделното заседание на Европскиот парламент во Стразбур, но најголемо внимание предизвикува расправата за мерките за справување со општествените ризици по демократијата од илегалните содржини и дезинформациите што се шират преку социјалните мрежи. 

Јануарското заседание на ЕП започнува доцна попладнево со дебата посветена на Договорот за прекин на огнот во Газа, во чии рамки се очекува европратениците да се заложат за целосна имплементација на договореното, за почитување на примирјето, за ослободување на заложниците и за ставање крај на хуманитарната криза, но да расправаат и за начините за постигнување трајно мировно решение преку моделот на две држави Израел и Палестина, кои би егзистирале една покрај друга во мир и безбедност. 

Стразбур -  Првата пленарна сесија на Европскиот парламент оваа година започнува денеска и ќе трае до четврток  во Стразбур, при што европратениците ќе разговараат за програмата на шестмесечното полско претседавање со Советот на ЕУ и ќе коментираат голем број прашања од надворешната политика вклучувајќи го и влијанието што се очекува да го има вториот мандат на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп врз трансатлантските односи.

На пленарната седница денеска ќе се оценуваат последните случувања во Појасот Газа, прекинот на огнот, ослободувањето на заложниците кои ги држеше палестинската исламистичка група Хамас, како и итните мерки за ставање крај на хуманитарната криза.

Вашингтон - Оштетувањето на подводните кабли во Балтичкото Море, што ги вознемири европските безбедносни претставници во последниве месеци, најверојатно е резултат на поморска несреќа, а не на руска саботажа, потврдија за „Вашингтон пост“ неколку американски и европски разузнавачи.

Овој заклучок го одразува новиот консензус меѓу американските и европските безбедносни служби, изјавија високи функционери од три земји вклучени во тековните истраги за серијата инциденти во кои каблите што претставуваат критични енергетски и комуникациски линии беа отсечени во Балтичкото Море, пишува „Вашингтон пост“.

Американските и европските претставници рекоа, според весникот, дека досега собраните докази, вклучително и пресретнати комуникации и други доверливи разузнавачки информации, укажуваат на несреќи предизвикани од неискусни екипажи кои служат на лошо одржувани бродови и дека има недостиг на докази што укажуваат на руска вина.

Остани поврзан