
16 април 2025
Брисел - Северна Македонија е наш шампион кога се работи за Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан, што навистина добро функционира и таа прва ги доби средствата за предфинансирање, истакна еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.
Таа потенцира дека од вкупната сума од шест милијарди евра од Планот за раст, за земјава се предвидени 715 милиони евра, во чии рамки е и предфинансирањето од 52 милиони, од кои еден дел се исплатени директно во државниот буџет, а останатиот дел оди преку Инструментот за реформи и раст на Западниот Балкан.
Брисел - Само Европската Унија е таа што може да решава за прием во членство на земјите кандидати и никој друг, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.
- Тоа е огромна одговорност, а се работи и за нашиот кредибилитет. Навистина, мораме да испорачаме и затоа не можеме да загубиме ниту една од земјите кандидати, рече Кос во одговор на прашање околу соработката на ЕУ со САД во однос на процесот на проширување.
Кос нагласи дека ЕУ соработуваат со САД во Босна и Херцеговина, поради обврските со Дејтонскиот договор и се дел од Квинтата заедно со Велика Британија.
Скопје - Очекувам дека во брзо време ќе видиме инвестиции од Обединатите Арапски Емирати во Македонија. Потпишавме неколку договори за економска соработка што се услов за идната соработка. Посебно е важно тоа што Дубаи станува центар за извозот кон Истокот, што е одлична можност за домашно извозните компании да ја користат помошта и логистиката што ја нуди Владата на ОАЕ, истакна вицепремиерот Александар Николоски, кој е дел од владината делегација која е во работна посета на Обединетите Арапски Емирати.
Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат Комисијата за култура и туризам, Законодавно-правната комисија, Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика.
Липково - Првиот заменик претседател на владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска ќе врши увид на активностите за изградба на речното корито на водотекот Голем дол во село Оризари, општина Липково.
Изградбата на речното корито на водотекот Голем дол во село Оризари, соопштија од кабинетот на Меџити, се реализира со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, со вкупна вредност од 15 милиони денари.
Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ќе се обрати на отворањето на настанот „Форум за културните рути на Советот на Европа во функција на развојот на културниот туризам“.
На Форумот, соопштија од МИнистерството за култура и туризам, ќе бидат презентирани културните рути на Советот на Европа во кои е вклучена и нашата држава: „Рута на Св. Кирил и Методиј“, „Винска рута-Итер Витис“ и „Рута на римски иператори и Дунавска винска рута“.
Скопје - Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски со сведочење на првообвинетиот Љупчо Палевски, којшто треба да одговара на вкрстени прашања на Обвинителството и одбраната на останатите обвинети.
На минатото рочиште, Палевски одговарајќи на прашања од неговиот бранител Јовица Страшески негираше одговорност за двојното убиство, тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури.
Скопје - Во Скопје денеска ќе биде презентиран Годишниот извештај за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за 2024 година.
Од КСЗД соопштија дека на презентацијата ќе бидат претставени клучните наоди, активности и препораки од годишниот извештај, како и постигнувањата и предизвиците во спроведувањето на политиките за еднаквост и недискриминација во Република Северна Македонија.
Скопје - За состојбата со говорот на омраза во Северна Македонија, денеска ќе се дискутира во рамки на проектот „Борба против говорот на омраза во Република Северна Македонија“, организиран од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, поддржан од Советот на Европа.
- Говорот на омраза како малигна општествена појава, е мошне присутен во јавниот дискурс во Република Северна Македонија. Постојаното видоизменување на оваа појава и проникнувањето во бројните сфери од општествениот живот бараат адекватно приспособување, како и на правниот систем, така и при реакциите од страната на институциите, се наведува во соопштението од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Скопје - Поради одржување на меѓународниот пријателски хуманитарен фудбалски натпревар Вардар - Црвена ѕвезда вечерва од 20 часот во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на улиците околу арената „Тодор Проески“.
Кочани - Тим од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) предводен од директорот Петар Богојески, денеска ќе биде во посета на О.У „Св. Кирил и Методиј“во Кочани.
Целта на оваа посета, информираа од НАЕОПМ, е конкретна и е институционална поддршка вклучително и специјализирана обука на наставниот кадар од страна на официјални претставници на Агенцијата.
Скопје - Во текот на вчерашниот ден се исплатија 4.574 млекопроизводители со вкупен износ од 292.614.813,00 денари.
Од Министерството за земјоделство, шумарство, водостопанствои денеска информираа дека извршената исплата е по основ на произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година за периодот јули-декември 2024 година.
Висината на директните плаќања изнесува 5 денари по литар за кравјо млеко и 6 денари по литар за овчо и козјо млеко.
Скопје - Оркестарот на Македонската филхармонија вечер ќе го одржи Велигденскиот концерт насловен „Низ трње до ѕвездите“ на кој првпат ќе биде изведена „Голема миса“ во це-мол, вокално–инструментално ремек-дело на Волфганг Амадеус Моцарт. Диригентка е Ребека Тонг од Индонезија, а како солисти ќе настапат сопранистките Милена Арсовска и Гонца Богоромова Краповски, тенорот Благој Нацоски и басот Игор Дурловски.
Скопје - По повод 18 април, Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите Националниот археолошки музеј организира едукативен и интерактивен настан на тема „Културното наследство отпорно на катастрофи и конфликти“.
Настанот ќе се одржи на археолошкиот локалитет Тумба Маџари.
Скопје - Мандолинскиот орекстар „Скопје“ под диригентска палка на Рамадан и Ерхан Шукри вечер ќе одржи Пролетен концерт во фоајето на Музејот на македонската борба, посветен на трагедичниот настан во Кочани.
На програмата сe композиции и оперски арии од В.А.Моцарт, Ж.Бизе, Ф.Тости, Љ.Бранѓолица, Ф.Лехар, Џ.Верди, Ф.Шуберт, Г.Коларовски, П.Маскањи, а како солисти ќе настапат оперските пејачи Михајло Арсенски-тенор, Александра Коцевска-мецосопран и Горан Начевски-баритон.
Скопје – Скопскиот колектив Светлост, заедно со Кен Вандермарк од САД и Пал Нилсен од Норвешка, вечер ќе одржат концерт во Кино Фросина во Младинскиот културен центар (МКЦ), информираат од Скопскиот џез фестивал (СЏФ).
Како што се наведува во соопштението, од соработката на домашното трио и двете големи меѓународни имиња на современиот џез ќе произлезе албум, којшто ќе биде снимен во Скопје непосредно по концертот во МКЦ.
Крива Паланка - Со сценографија на познатата триумфална порта и Ајфеловата кула во Париз, француски шансони и дијалози на француски јазик синоќа во Националната установа Центар за култура Крива Паланка се одржа традиционалната франкофонска вечер во организација на фондацијата „Бел идел".
Координатор на настанот е професорката по француски јазик од основното општинско училиште „Св.Јоаким Крчовски", Елена Николовска, која како амбасадор на францускиот јазик и култура повеќе од една деценија е организатор на франкофонски настани и манифестации за промоција и афирмација на француската култура и јазик во нашата држава.
Белград - Со асистенција на српската полиција и на жандармеријата во опрема за разбивање демонстрации, вработени во РТС беа спроведени да влезат во зградата на медиумот во центарот на Белград, јави дописникот на МИА од Белград. При акцијата на полицијата беа истуркани студентите во блокада кои не дозволуваат влегување во РТС од понеделникот навечер.
Студентите трет ден по ред ги блокираат зградите на РТС на улицата Таковска во центарот на Белград, и на Кошутњак. Тие најавија блокада до понатамошно известување, односно до објавување на нов конкурс за РЕМ или до затворање на РТС.
Државната телевизија синоќа не го емитуваше Третиот дневник туку објави реприза на Вториот дневник, објавија студентите во блокада.
Рим - Италијанскиот претседател Серџо Матарела синоќа бил примен во болница на закажана операција за да се вгради пејсмејкер, пренесуваат италијанските медиуми.
Матарела е хоспитализиран во болницата „Санто Спирито“ во Рим поради вградување пејсмејкер, соопштија медицински извори, објаснувајќи дека неговата состојба е добра.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ќе пристигне во проштална посета на Полска, каде ќе се сретне со полскиот премиер Доналд Туск, јави ДПА.
Се очекува Шолц и Туск да разговараат за германско-полските односи, како и за европските и меѓународните прашања.
Најавата за посетата на Шолц на Полска, дадена минатата недела, беше неочекувана. Откако новиот состав на Долниот дом на германскиот Парламент за првпат се состана на крајот на минатиот месец, Шолц ја извршува функцијата канцелар. Во оваа завршна фаза од мандатот на канцеларот, невообичаено е да се прават посети во странство.
Женева - Земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) постигнаа договор за заедничка подготовка за идни пандемии по повеќе од четири години преговори, соопшти денеска организацијата.
-Земјите-членки на СЗО направија големи чекори напред во нивните напори да го направат светот побезбеден од пандемии. Ова е историски договор за здравствена безбедност, еднаквост и меѓународна солидарност, се вели во соопштението.
Брисел - Стапката на илегални преминувања на европските граници во првите три месеци од оваа година е намалена за 30 проценти во однос на 2024 година, а најголем пад - од 64 проценти - е забележан на рутите што минуваат низ Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.
Падот е забележан на сите главни миграциски рути кои водат кон Европа, се вели во соопштението на Европската агенција за гранична заштита, Фронтекс, а тоа е за речиси 33.600 пристигнувања помалку во првите три месеци од годинава.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди американските претставници кои учествуваат во разговорите со Русија за ставање крај на војната во Украина да не прават неприфатливи отстапки во однос на окупираните украински територии, јави ДПА.
-Сите територии припаѓаат на обединетата држава Украина. Само украинскиот народ ќе носи одлуки во врска со нивната национална територија, рече Зеленски. „За нас е црвена линија да не признаеме ниту една привремено окупирана територија како украинска, туку да ја признаеме како руска“, додаде Зеленски.
Киев - Три лица се повредени како резултат на напад со дрон во Одеса во текот на ноќта, објави украинската државна служба на апликацијата Телеграм.
Како резултат на нападот, причинета е штета на цивилната инфраструктура, станбени згради и магацини, соопштија локалните власти.
Сите надлежни служби работат на отстранување на последиците од нападот.
Брисел - Европската унија денеска ги осуди затворските казни од пет и полгодини за четворица руски новинари, велејќи дека тоа се политички мотивирани пресуди и повика на нивно итно и безусловно ослободување.
-Ги осудуваме политички мотивираните затворски казни од пет години и шест месеци за руските новинари за учество во активности поврзани со организацијата на Антикорупцискиот фонд (ФБК) на (Алексеј) Навални, напиша на „Х“, Анита Хипер, портпарол на високиот претставник на ЕУ.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира да воведе нова програма која им нуди пари на имигрантите доброволно да ги напуштат Соединетите држави.
Трамп рече дека таквата „програма за самодепортација“ ќе вклучи одредена финансиска помош и можност за подоцна легален влез во земјата. „Ќе им дадеме пари и авионски билет, а потоа ќе работиме со нив“, рече тој.
Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предлага да се прекине финансирањето на мировните мисии на ОН, објави Ројтерс, повикувајќи се на внатрешен документ што го видела, јави БТА.
Мотивот се проблеми и неуспеси во работењето на мисиите во Мали, Либан и Демократска Република Конго.
Вашингтон најмногу придонесува во буџетот на ОН, заедно со Кина, која е на второто место. Американскиот придонес сочинува 22 отсто од буџетот на ОН од 3,7 милијарди долари и 27 отсто од буџетот од 5,6 милијарди долари за мировни операции. Овие плаќања се задолжителни.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша указ за намалување на цените на лековите, со кој и наредува на својата влада да развие низа мерки за намалување на цените на фармацевтските производи во САД, каде што се значително повисоки од оние во странство.
Активностите вклучуваат подобрување на процесот на преговарање помеѓу системот на јавното здравствено осигурување и фармацевтските групи и давање можност на поединечните држави да увезуваат лекови директно од странство од земјите каде што се поевтини.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп нареди ревизија на потенцијалните нови царини за сите американски увозни клучни минерали, наведувајќи го „преголемото потпирање“ на Вашингтон на Кина за преработените верзии на минералите.
Трамп потпиша налог со кој му се наредува на министерот за трговија Хауард Лутник да покрене истрага за националната безбедност според член 232 од Законот за проширување на трговијата од 1962 година. Тоа е истиот закон што Трамп го користеше за време на неговиот прв мандат за наметнување глобални царини од 25 отсто за челик и алуминиум, како и законот што го користеше во февруари за да започне разгледување на потенцијалните тарифи за бакар.
Вашингтон - САД треба да платат околу 2,2 милијарди долари за да го купат Гренланд, се пресметките на неделникот „Њусвик“ базирани на понудата на Хари Труман од 1946 година, која денеска би вредела околу 1,6 милијарди долари.
Труман тогаш на Данска и понудил 100 милиони долари в злато, или 1.6 милијарди долари во денешна противвредност.
Дополнително, администрацијата на Трамп размислува да ги зголеми субвенциите за Гренланд на над 600 милиони долари годишно, со што вкупната куповна цена е зголемена до 2,2 милијарди.
Вашингтон - САД ги олеснија барањата до Украина да ја врати помошта што ја доби од САД за време на војната со Русија, изјавија извори за Блумберг Њуз.
Тие додадоа дека, по рунда преговори во Вашингтон минатата недела, администрацијата на претседателот Доналд Трамп проценила дека вредноста на помошта што САД му ја дале на Киев од почетокот на војната е околу 100 милијарди долари.
Сеул - Јужна Кореја и Виетнам соопштија дека се согласиле на блиска соработка, по објавувањето на американските царини кои претставуваат голем предизвик и за економиите и за компаниите како „Самсунг Електроникс“ (Samsung Electronics) со големи инвестиции во Виетнам.
Виетнамското Министерство за надворешни работи соопшти дека двете земји се обидуваат да ја зголемат билатералната трговија на 150 милијарди долари и да одржат таков трговски биланс.
Бирмингем – Химната на Лига Европа по грешка беше интонирана изминатата ноќ во Бирмингем, пред реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампиони меѓу Астон Вила и ПСЖ.
Нешто пред 21 часот, преку системот за јавно обраќање на стадионот „Вила Парк“ се интонираше химната на второто по ранг европско клупско натпреварување, Лигата на Европа, но организаторите набрзо ја поправија грешката и ја емитуваа познатата мелодија од Лигата на шампионите.