16 мај 2025
Скопје - Без вода денеска од 13:50 часот се дел од корисниците на улиците „Боро Кралевски“ и „АФЖ“ во општина Бутел.
Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради уличен дефект на улицата „Боро Кралевски“ без број. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности.
Крива Паланка - Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска оствари работна посета на Општина Крива Паланка во рамки на кампањата „Кадешто срцето е дома“ при што оствари средби со градоначалникот Сашко Митовски, админиситрацијата и советниците, а извршија и увид во градежните работи од проектот „Паркови“ што се имплементира во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка, кои значајно придонесуваат за развојот на локалните заедници во повеќе области.
Во рамките на овие програми, во тек е успешната реализација на проектот „Паркови“, со соседна Бугарија, кој има за цел подобрување на урбаниот биодиверзитет и квалитетот на живот во Крива Паланка и бугарската општина Дупница, преку креирање и промоција на еко-пријателски зелени паркови и површини.
Струга - Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, во сабота на 25 мај ќе биде промовирана книгата „Сетило на врв планина“, илустрирано житие на Света Спаса Вишенска.
Автор на делото е Јасмина Кантарџиева Димков, а илустратор Викторија Попоска. Житието, како што појасни за МИА уредникот на книгата отец Александар Димоски, се состои од седум поглавја, со по два цртежи или вкупно четиринаесет цртежи.
Тетово - Основниот суд Тетово денеска ги прогласи за виновни поранешните директори на Клиничката болница Тетово обвинети за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ во врска со пожарот во модуларната болница на 8 септември 2021 година во кој 14 луѓе ги загубија животите. Тие добија по година и шест месеци ефективна затворска казна. Правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово беше прогласено за одговорно за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.
- Флорин Бесими и Артан Етеми виновни се за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 став 4 во врска со член 288 став 4 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Правно лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово одговорно е за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 став 5 во врска со став 4 и во врска со став 2 од Кривичниот законик. Судот Флорин Бесими и Артан Етеми ги осудува на ефективна казна затвор од траење од една година и шест месеци, Судот правното лице го осудува на парична казна од еден милион денари да ја плати по 30 дена од правосилност на пресудата, наведе при читањето на пресудата судијата Реџеп Муса.
Струмица - И за новата учебна година Општина Струмица обезбеди еднократна парична помош од 2.000 денари за семејства со прваче за прв пат запишано во учебната 2025/2026 година со постојано живеалиште на родителите на подрачјето на општина Струмица.
Според објавата на општинската веб-страница, за остварување на ова право се поднесува барање до градоначалникот во периодот од 16 мај до 30 септември. Со барањето треба да се приложат и документи, како што се потврда за запишување во прво одделение за прв пат во учебната 2025/2026 година заверена од основното училиште на територијата на Општина Струмица, копија од извод од матична книга на родени за детето, копија од лични карти на двајцата родители/старатели, копија од трансакциска сметка на еден од родителите/старателите, изјава за согласност за користење на лични податоци и барање за еднократна парична помош за прваче.
Неготино - Неготинско има потенцијал за екотуризам, беше кажано на денешната меѓународна конференција во Неготино, на која учествуваат експерти од повеќе држави. Се разговара за потенцијалот за екотуризам низ промоција и конзервација на природното богатство на неготинската општина, што говори за биодиверзитетот од минатото.
Интернационалниот настан е организиран од регионалното еколошко друштво „Ековита“ и „Макгеопарк“, а конференцијата е финансирана од Централната европска иницијатива. Во рамки на конференцијата, утре учесниците ќе го посетат неготинското село Вешје.
Охрид – Работник смртно настрада изутринава при изведување градежни работи на деловен простор во изградба на улицата „7-ми Ноември“ во Охрид.
Станува збор за лицето Ѓ.Д. (58) од Охрид, кој при работа паднал од висина, по што бил пренесен со тешки телесни повреди во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде им подлегнал на повредите.
Скопје - Во Домот на култура Илинден се одржа централна манифестација од програмата на „Денови на култура во општина Илинден 2025“. Изминативе денови исполнети со литература, поезија и уметност, беа скрасени со пишаното слово на најреномираните поети од македонската и странска авторска сцена, како и со истакнати солисти од Националната опера и балет.
На манифестацијата, освен градоначалникот Александар Георгиевски и претставници од Општина Илинден, беа присутни градоначалникот на општина Зелениково, пратеници, советници, директори на јавните претпријатија и на училиштата од општина Илинден, како и граѓани од општина Илинден, кои во голем број ја проследија како оваа централна манифестација, така и сите претходни настани од тридневната програма.
Струга - Полициски службеници од Регионален центар запад пронашле пиштол во близина на автомобил паркиран во импровизиран објект на планината Јабланица, во близина на граничната линија со Република Албанија, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, вчера, при контроли и надзор на граничната линија со Република Албанија, извршени со дрон во атарот на струшкото село Модрич и шумските појаси на планина Јабланица, полициските службеници во импровизиран објект забележале патничко возило „мицубиши“ со албански национални ознаки.
Битола - Министерството за култура на Јапонија и Министерството за култура и туризам на Турција доделија високи награди и признанија за членови на Детското ликовно студио (ДЛС) „Св. Кирил и Методиј“-Битола.
На светскиот ликовен конкурс во Јапонија, ДЛС „Св. Кирил и Методиј“ учествуваше со колекција од 15 цртежи, а ученичката Бојана Стефановска ја доби наградата „100 од 100“ најдобри млади ликовни уметници.
Скопје - Општина Центар објави повик за финансирање проекти за воннаставни активности наменети за ученици, наставници и родители во општинските основни училишта, на тема „Улогата на наставниците и стручните соработници во пренесување на вредностите и моралните норми кај младите“.
Општината појаснува дека проектните активности треба да се реализираат во периодот мај – јуни 2025 година, а избраниот проект ќе добие финансиска поддршка во износ од 250.000 денари, еднократно исплатени од Буџетот на Општината.
Скопје - Очигледно е дека кога ќе се соочи со критика, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска побрзо праќа адвокати и деманти отколку камиони за отпад. Формалната игра со титули не ја менува реалната слика на терен – улиците се преполни со ѓубре, а јавните претпријатија се нефункционални, реагира в. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Ако Арсовска не е одговорна за состојбата во ЈП „Комунална хигиена“, тогаш кој е? Дали со ова признава дека можеби градот нема никаков надзор врз службите што треба да го одржуваат Скопје чист?, прашува Митески.