МИА Општински пул
- МИА Општински пул

16 април 2025
Прилеп - По вчерашните претреси на осум локации во Прилеп обезбедена е целокупна документација за финансиското работење на прилепската болница од 2020 година па до денеска. Сега документацијата ќе се анализира, велат од прилепското Основно јавно обвинителство. Оформен е предмет во фаза на предистрага заедно со Финансовата полиција.
-По претресот кај осомничени лица на осум локации е обезбедена документацијата. Се вршат проверки и на тендерска и на целокупна книговодствена и сметководствена документација. Обезбедена е и електронска и материјална документација како докази, вели основниот јавен обвинител од Прилеп, Стевчо Биноски.
Од Обвинителството, поради предистрагата, не откриваат за колку осомничени лица станува збор, само дека се повеќе.
Претресите на осумте локации во Прилеп и предистражната постапка се поради сомневања за кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување во врска со финансиското работење на општата болница со проширена надлежност од Прилеп, а се анализира документацијата од 2020 година до денеска.
Од Болницата велат дека во моментот работат со деблокирана сметка, а долговите моментално се околу 100 милиони денари што е половината од затекнатата состојба пред повеќе од шест месеци.
Охрид – Општина Охрид и Јавното претпријатие „Градски пазар“ и оваа година го организираат традиционалниот„Велигденски базар“, настан со забавна содржина и хуманитарен предзнак.
На базарот предвиден да се одржува од утре од 11 часот на Плоштадот „Крушевкса Република“ кај Стариот чинар, најавено е учество на охридски занаетчии, производители на домашна традиционална храна и трговци кои продаваат велигденски украси.
На базарот ќе бидат изложени и креативните велигденски изработки на најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“, на ученици од општинските основни и средни училишта, на младите од Младинскиот центар и волонтерите на Оопштинската организација на Црвениот Крст.
Во духот на најголемиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден финансиските средства што ше бидат собрани на манифестацијата ќе бидат донирани во хуманитарни цели.
Скопје - Општина Илинден постојано работи на реконструкција и урбанизација на сите населени места со цел задоволување на потребите на сите граѓани. Деновиве, израдувани беа најмалите жители на населеното место Мралино, кадешто во употреба беа ставени две детски игралишта. Едното игралиште се наоѓа на дел од улица „7“, додека пак другото е во дворот на ПООУ „Ристо Крле“.
Во рамки на двете детски игралишта се поставени реквизити: лулашки, клацкалки, лизгалки и фигури со коњче, како и клупи и канти за отпадоци, како неопходен и неизоставен дел за уредување и одржување на просторот. ПООУ „Ристо Крле“, може да се пофали и со новиот хортикултурно уреден парк и партерно уреден двор со бекатон плочки на површина од 722 м2, нов паркинг простор и патеки околу училишната зграда.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на детските игралишта и истакна дека освен во просторното уредување и реконструкција, овие детски игралишта се од особена важност за релаксација и рекреација на најмалите жители на општината. Градоначалникот додаде дека во овие спортско-рекреативни катчиња, најважните членови на општеството ќе уживаат во игра и забава исполнети со спортски дух.
Новите детски игралишта претставуваат континуитет на успешните проекти на Општина Илинден за урбанизација и уредување на сите населени места во општината. Во наредниот период ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места.
Куманово - Кумановскиот театар вечер со почеток во 18 часот ќе ја изведе детската претстава „Трнорушка“, информираа денеска надлежните од установата. Детската претстава слави пет години од првата изведба.
- Навистина сме горди и среќни што успеваме како театар да ја одржиме оваа претстава и што интересот од публиката не стивнува. Секоја нова генерација носи нова енергија и нови искуства. Тоа ни дава сила и инспирација да продолжиме, изјави актерката Владанка Крстевски.
„Трнорушка“ стана омилена претстава меѓу најмладите од Куманово. Актерите, освен во матичниот град, ја изведуваа и надвор од државата. На 13 мај, ансамблот ќе гостува на Меѓународниот фестивал за деца и млади „Волшебната завеса“ во Трговиште, Република Бугарија.
- Се надеваме дека убаво ќе ги претставиме театарот и нашиот град. Претставите за деца секогаш будат посебна возбуда - и кај нас актерите и кај публиката, додаде Крстевски.
Во претставата, покрај Крстевски, играат и Сања Русеска, Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Нина Максимова, Давид Илиќ и Владо Дојчиновски. Режијата е на Бојана Краљевска, сценографијата на Крсто Богојевски, текстот го адаптираше Зоран Зафировски, костимите се дело на Дарко Илиевски, а музичка поддршка обезбеди Александар Митрички.
Крива Паланка - Со сценографија на познатата триумфална порта и Ајфеловата кула во Париз, француски шансони и дијалози на француски јазик синоќа во Националната установа Центар за култура Крива Паланка се одржа традиционалната франкофонска вечер во организација на фондацијата „Бел идел".
Координатор на настанот е професорката по француски јазик од основното општинско училиште „Св.Јоаким Крчовски", Елена Николовска, која како амбасадор на францускиот јазик и култура повеќе од една деценија е организатор на франкофонски настани и манифестации за промоција и афирмација на француската култура и јазик во нашата држава.
Настанот е тринаесетти по ред во Крива Паланка,а истиот годинава интегрираше околу стотина млади франкофони што активно го изучуваат францускиот јазик, од основното општинско училиште „Св.Јоаким Крчовски", Крива Паланка и ООУ „Илинден".
-Горда сум на моите ученици чијшто настап , јазични компетенции, вештини за пеење и глума, како и рецитирање на француски јазик, вечерва ја исполнија до последно место салата и ги анимираа присутните со франкофонски содржини, покажувајќи дека интересот за францускиот јазик и култура во градот е на високо ниво, рече Николовска.
Во Крива Паланка ваква манифестација што ги промовира францускиот јазик и култура се одржува секоја година, почнувајќи од 2013-та, на иницијатива на професорката Николовска, пружајќи им можност на сите ученици што го изучуваат јазикот да се претстават со своите способности пред пошироката јавност.
По настапот се одржа коктел за учениците во Eвропската куќа Крива Паланка, каде им беа доделени пофалници и награди за учениците, обезбедени од страна на фондацијата „Бел идеал" што овозможува и останати настани и манифестации на кои се промовира француската култура во Република Северна Македонија.
Скопје - Стручната комисија на Општина Центар ги избра најквалитетните културни проекти што ќе добијат финансиска поддршка за 2025 година, преку Конкурсот за култура.
Поддржани се проекти од различни области: визуелна и изведувачка уметност, музика, литература, театар, филм, како и програми за деца, млади и ранливи групи.
- Продолжуваме со континуирана поддршка на креативни и значајни културни иницијативи, бидејќи веруваме дека културата е срцето и препознатлив белег на нашата општина. Кога ја презедов функцијата, буџетот за култура изнесуваше 3 милиони денари, за 2025 година тој е зголемен на 13 милиони денари, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Целта на конкурсот е да се поттикне креативноста во општината, да се збогати културниот живот и да се создадат подобри услови за уметниците, културните работници и здруженијата. Со оваа поддршка се овозможува реализација на нови културни содржини кои придонесуваат за поактивна и покреативна заедница.
Скопје - Поради дефект на пп хидрант ф-80мм на улица „Рокомија“ 57, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11:10 часот до завршување со санација на дефектот.
Скопје - Поради изведување на водоводен приклучок ф -200мм на ул. „Браќа Галеви“ 40, денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето, како што соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје, ќе биде прекинато од 10:30 часот до завршување со работните активности.
Скопје - Поради изведување на водоводен приклучок ф 5/4, денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на улиците „Гаврил Константиновиќ“ и „Димитар Туриманџовски“.
Водоснабдувањето, како што соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје, ќе биде прекинато од 9:10 часот до завршување со работните активности.