• вторник, 20 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

16 април 2025 

Скопје - Потребата од интензивирање на меѓусебниот политички дијалог, како и унапредувањето на економската и трговската соработка, биле посочени на средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со вицепремиерот и министер за надворешни работи на ОАЕ, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан. 

На средбата, што се одржа во рамки на официјалната посета на премиерот Христијан Мицкоски на Обединетите Арапски Емирати, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, биле потврдени добрите билатерални односи и конструктивната соработка помеѓу двете земји, при што била истакната заемната заложба за нивно понатамошно продлабочување.

Во таа насока, министерот Муцунски, во име на Владата, потпишал два меморандуми за разбирање – за економска соработка и за соработка помеѓу дипломатските академии на двете министерства за надворешни работи.

Скопје - Благо намалување на бројот на претставки за 20 отсто бележи Извештајот за спречување и заштита од дискриминација за 2024 година во однос на 2023-та.

Зголемен е бројот на претставки во однос на националната или етничка припадност, зад што најчесто стои политичко уверување. Работата и работните односи се најчестите области во кои се пријавува дискриминација, но исклучително покачен е бројот на претставки во областа на членувањето во синдикалното организирање.

Согласно Извештајот, загрижува тоа што скоро 80 отсто од утврдените дискриминатори се државни институции, органи на управата, општини и претпријатија кои вршат јавни овластувања. 

Скопје - Ноќеска во 02.30 часот на булеварот „Србија“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Б.Р. (31) од Крива Паланка поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.

Тој претходно управувајќи патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, удрил во објект на бензинска пумпа на булеварот.

Скопје - Во близина на мостот на Серменинска река во гевгелиското село Мрзенци, синоќа во 20.00 часот на земјен пат  полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица лишиле од слобода малолетник од Скопје.

При контрола во возило „хјундаи“, кое тој го управувал, а на кое имало скопски регистарски таблички кои припаѓале на друго возило, соопштија денеска од МВР, биле пронајдени седум лица мигранти од Египет.

Скопје - На граничен премин Долно Блаце, на влез во државата синоќа околу 19.30 часот полициски службеници го лишиле од слобода Ш.Б.(51) од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „давање поткуп“ од член 358 став 1 од Кривичниот законик.

Од МВР денеска соопштија дека при гранична контрола, тој на увид дал документи за патничко возило „фолксваген голф“ со косовски национални ознаки, кое го управувал и во патната исправа ставил банкнота од 10 евра.

Атина – Од 1 мај ќе важи 50 отсто попуст на пристанишните такси за сите пристаништа во земјата и за концесионерите и тоа директно ќе влијае на билетите за траект, со задржување или дури и намалување на цените, рече министерот за поморство на Грција Василис Кикљас, кој утрово го посети атинското пристаниште Пиреас, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас се осврна на цените на билетите, со оглед на тоа што од следниот месец европска регулатива наметнува дополнителни трошоци за бродскиот превоз, поради употребата на поеколошки горива, но рече дека со одлуката на Владата да се намалат за 50 отсто пристанишни такси, нема да има зголемување на цените.

Белград - Српскиот претсеател Александар Вучиќ се очекува попладнево да се обрати до граѓаните со презентација на резултати од руската ФСБ за наводната употреба на звучен топ за време на протестот на 15 март, јави дописникот на МИА од Белград. 

Тоа утрово го најави претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ.

„Не знам дали конечно е потврдено времето (17 часот), бидејќи претседателот има многу обврски...Но сигурно ќе зборува попладнево“, изјави Брнабиќ за белградски медиуми.

Брисел – Португалскиот европратеник Жоао Оливеира поднесе Предлог-резолуција до Европскиот парламент со која се бара Европската Унија да го суспендира договорот за соработка со Израел, како одговор на израелските напади врз цивилното население во Газа и блокадата на испораката на хуманитарна помош во Појасот. 

- Резолуцијата има за цел да испрати силен политички сигнал со економско влијание, изјави Оливеира, кој е член на Португалската комунистичка партија (ПЦП).   

Женева - Појасот Газа стана масовна гробница за Палестинците и оние кои им помагаат, соопшти денеска невладината организација Лекари без граници.

-Сведоци сме на уништување и присилно раселување на целото население на Газа, изјави координаторката за итни случаи на Лекари без граници во Газа, Аманда Базерол.

Мале - Парламентот на Малдиви усвои амандман на законот за имиграција, со кој се забранува влез во земјата на секој со израелски пасош поради војната во Газа.

Амандманот претходно беше одобрен од претседателот Мохамед Муизу, се вели во соопштението од неговиот кабинет.

Одлуката беше донесена пред околу една година, но беше официјализирана дури оваа недела.

„Ратификацијата ја одразува цврстата позиција на владата како одговор на континуираните злосторства и тековниот геноцид извршен од Израел врз палестинскиот народ“, се вели во соопштението.

Париз - Францускиот министер за правда Жералд Дарманин вчера изјави дека три возила биле запалени пред затворот Таракон во Буш-ду-Рон, што ја одбележа втората ноќ по ред на насилство поврзано со затворот.

Обвинителот Лоран Гимбо рече дека три возила биле запалени утрово во 5:20 часот во близина на затворот Тараскон, на „изолиран паркинг само за персоналот, заграден и обезбеден со дигитален код, пишува „Фигаро“.

Француското Национално обвинителство за антитероризам (ПНАТ) ја презеде истрагата започната вчера за обидот за убиство на јавен службеник во Тулон и за вандализам од организирана банда во врска со други напади во затворите.

Тел Авив - Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска изјави дека израелските војници ќе останат на неодредено време во таканаречените безбедносни зони во Појасот Газа, Либан и Сирија.

-За разлика од минатото, израелската армија нема да се евакуира од областите што се исчистени и заземени. Армијата ќе остане во безбедносните зони како тампон меѓу непријателот и израелската заедница во секоја привремена или постојана ситуација во Газа, како во Либан и Сирија, рече Кац, пренесуваат израелските медиуми.

Израелските сили зазедоа големи области на Газа во последниве недели во обновената воена кампања во Појасот Газа, откако го прекршија прекинот на огнот минатиот месец.

Вашингтон - Неименуван бездомник од Калифорнија освоил милион долари на лотарија откако купил билет во локална продавница за алкохол која често ја посетува, пишува Гардијан.

-Тој влезе во продавницата, ја изгреба картичката и рече: „О Боже, дали е ова реално?“ „Човеку, јас повеќе не сум бездомник!“, изјавил менаџерот на продавницата, потсетувајќи се на ноќта кога била освоена наградата.

Победникот првично мислел дека освоил 100.000 долари, пред неговиот менаџер да посочи дека тоа всушност е милион.

Вашингтон - Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека Вашингтон и Киев веќе оваа недела би можеле да потпишат договор за ретки метали.

„Многу сме блиску до потпис. Можеби и оваа недела“, изјави Бесент во интервју за Блумберг.

Бесент рече дека Украина дала контра-предлог на договорот и дека преговорите се уште се во тек.

Консултациите за договорот почнаа минатата недела.

Сеул - Јужнокорејската полиција денеска изврши рација во поранешната канцеларија на соборениот претседател Јун Сук-јеол како дел од истрагата за неговиот неуспешен обид да воведе вонредна состојба во декември. Полицијата соопшти дека извршила „налог за претрес и заплена во претседателската канцеларија и комплексот на претседателската резиденција“ во Сеул.

Како што се наведува, претресите биле извршени како дел од истрагата за „наводно попречување на извршување на налог за апсење“.

Остани поврзан