МИА Општински пул
- МИА Општински пул
20 јануари 2025
Струмица - Почна садењето на лути пиперки во пластениците во струмичко Банско со што се означува почетокот на производство на оваа градинарска култура која е меѓу првите кои се нудат на пазарот од годинашната реколта, но и почнаа првите берби од градинарите кои порано ја имаат засадено.
Според Даме Тренчовски, годинашново производство се очекува да стаса за целосна берба до почетокот на март.
-Од крајот на минатиот месец се засадува лутата пиперка во пластениците. Со берба треба да почнеме на почетокот на март и се надевам дека ќе бидеме задоволни од цената и пласманот. Првите количини засега се откупуваат по 6-8 денари за парче и традиционално има интерес. Очекуваме трговците да бидат коректни и навреме да го плаќаат откупеното, вели Даме Тренчовски производител на лути пиперки од село Банско.
Според него, годинава производството ќе биде малку поголемо споредба со лани, но не како порано кога лутите пиперки се засадуваа на поголеми површини.
-До пред неколку години секоја производствена сезона се зголемуваше производството, но последните години лутата пиперка ја дели судбината на другите градинарски култури чие производство од година во година се намалува. Тоа се должи на намалувањето на бројот на градинарите и заминувањето на младите, смета Тренчовски.
Инаку, заради затоплувањето на пластениците со топла вода од термалните извори во близина на селото Банско, производството стасува порано и е поисплатливо од другите начини на раноградинарско производство за кои се користат други извори на затоплување.
Деновиве во Струмичко интензивно се расадува и пролетната зелка во пластениците, иако одредени сорти од неа заради климатските приспособувања се одгледуваат во текот на целата година. Според производителите, зелката ќе биде засеана на незначително поголеми површини од лани.
Охрид – Богојавленските чествувања во Охрид продолжуваат и денеска на празникот Собор на Свети Јовен Крстител, со капењето на рибарите во Охридското Езеро.
Славењето на Свети Јован Крстител или Денот на рибарите е потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов.
Тој чин со кој рибарите го прославувале почетокот на излов на риба од езерото, со оглед на забраната за риболов последно време се одбележува со капење на православните верници од градот, и тоа без исклучок предводени од тајфата на оној што ќе го фати Чесниот крст. Оваа, како и пред три години, тоа е дружината на Мартин Гоџоски.
Манифестацијата и оваа година се одржува на месноста Сараиште, со културно-забавна програма, староградска музика, греано вино, топла ракија, пача, плашици...
Организацијата на манифестацијата и за Денот на рибарите веќе неколку години е на Локалната самоуправа заедно со Дебарско-кичевската епархија, а во насока на нејзино збогатување што ги придонеле за што поголема масовност и посетеност на гости во градот за празникот Богојавленски водосвет.
Инаку, празнувањето на Богојавленскиот водосвет во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.
Куманово - Зголемен број интервенции регистрира кумановската итна помош по празниците, информираа денеска надлежните. Зголемен е бројот не само на интервенции, туку и на пациенти во амбулантата. Најголем број од пациентите се жалат на зголемената температура, главоболки, повраќање.
-Со пад на температурите и на новогодишните и божиќните празници се евидентира значителен зголемен број на интервенции во итната медицинска помош. Во тек на едно деноноќие имаме од 35 до 40 повици. И во амбулантата бележиме зголемен број на пациенти, од 150 до 200 пациенти, најчесто за викендите и за празниците исто така беше зголемен бројот на прегледи при што за амбулантските прегледи може да кажам дека најчесто беа прегледи на деца од предучилишна возраст, имаше и возрасни, но доминираа децата, изјави д-р Валентина Тодоровска од Итна помош Куманово.
Лекарите од итна помош интервенираат и кај хронично заболените лица со белодробни болести, кардиоваскуларни, кои се жалат на зголемен притисок.
-Препораки за сезонски грип - најчесто превенција е вакцинација, на ризични категории е најдобро да се вакцинираат во период од октомври до декември за да се намалат компликациите. Сите да користат витамини, здрава храна, да не излегуваат во периоди кога воздухот е загаден, да не се групираат многу. Да не се групираат оние што се ризична категорија, вирусот се шири, кај нив секоја инфекција е ризична, апелираше Тодоровска.
Штип - Повеќе од 200 општини ги имаат склучено договорите со кои треба да добијат финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти, а само два ќе треба повторно да се објават заради технички проблеми, изјави денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински.
- Задоволни сме од работењето на локалните самоуправи заради тоа што повеќе од 200 од вкупно 288 проекти што се контрактираа за да добијат средства од централниот Буџет, веќе се склучени договорите и ќе влезат во фаза на изведба. Само два од овие 288 договори ќе треба повторно да се објават заради технички проблеми заради јавните набавки. Очекуваме со подобрување на временските услови, градежна и екномска експанзија на целата територија, рече Перински во изјава за медиумите во Штип пред вториот консултативен состанок за Предлог-измените на Законот за локална самоуправа.
Новиот повик очекува да биде објавен на почетокот на февруари, а претходно во последната недела од јануари да помине на владина седница.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 13.01. до 19.01.2025 година, со помош на специјалните возила „пајак“ отстраниле 132 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
ЈП ПОЦ и Општина Центар денеска апелираа до граѓаните да се придржуваат до пропишаните правила и прописи за безбедно однесување во сообраќајот со цел да се зачува безбедноста на останатите учесници во сообраќајот и реши проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар.