• сабота, 18 јануари 2025
МИА Радио флеш

17 јануари 2024

Скопје – Сите политички партии треба постојано да придонесуваат за јакнење на улогата на Собранието како форум за конструктивен и инклузивен политички дијалог во насока на забрзување на реформите за членство во Европската Унија, повика амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас денеска во Парламентот, на заедничка седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања, на чиј дневен ред беше Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2024 година.

Рокас во обраќањето кажа дека треба да се искористи, како што рече, моментумот на наклонетост во Европската комисија кон нашата земја за почеток на преговори за членство во  Унијата.

Скопје - Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска најави деветта авиолинија во земјава. Како што рече на меѓународната конференција за бизнис дипломатија, се уште не може да каже јавно за што станува збор, но „дијаспората ќе биде многу среќна кога ќе слушне“.

Очекувањата на Николоски се дека пред нас е стабилна и исклучително успешна година со рекорден број странски инвестиции, како и дека земјава ќе биде „број еден во регионот“.

-Утрово имам потврда за деветта авиолинија, но се уште не можам да ја кажам јавно. Мислам дека нашата дијаспора ќе биде многу среќна кога ќе ја слушне. Како Влада во овие 6,5 месеци имаме девет нови авионски линии, а можам да најавам и почеток на реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром, истакна Николоски.

Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со пратениците Беким Сали и Мерита Колчи Коџаџику, денеска по повод 557-годишнината од смртта на народниот херој на Албанците - Скендербег, положија свежо цвеќе на споменикот на Скендербег во Скопје.

- На настанот со своето присуство нè почести амбасадорот на Албанија, Денион Меидани и амбасадорот на Косово, Флориан Ќехаја. Ликот на Скендербег, Гаши го опиша како симбол на единство и национална гордост, нагласувајќи дека е национална должност да се зачуваат неговите вредности и наследство, соопшти собраниската прес-служба.

Скопје - Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во излагањето пред Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ), порача дека доколку сите политички чинители се сложни за препораките од оценската комисија, реформите да се направат заеднички, без мешање на партиските ставови.

„Една година е помината откако се добиени извештаите од скрининг процесот. И до каде сме? Не треба само да седиме и анализираме или да се обвинуваме и бараме виновници, ама треба да направиме Национален план за имплементација на она што е нотирано во скрининг извештаите, но и по однос на препораките дадени во Извештаите“, посочува Зајкова.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на работна средба го примил Карло Реслер, европратеник и ко-претседавач на Мешовитиот парламентарен комитет на Република Северна Македонија и Европската унија.

На средбата, соопштија од МНРиНТ, се дискутирало за напредокот на државата кон европската интеграција, идните чекори во процесот, како и можностите за зајакнување на соработката.

Министерот Муцунски ја потврдил цврстата решителност на Владата да постигне напредок на европскиот пат на земјата, обезбедувајќи стабилен реформски процес во клучните области, унапредување на економските капацитети и подобар животниот стандард на граѓаните. Притоа тој се осврнал и на добрососедските односи, потврдувајќи ја посветеноста на наша страна за нивно постојано унапредување врз основа на принципите на меѓусебна почит и доверба.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани се сретна со полскиот министер за европски прашања Адам Шлапка, во рамки на неговата посета на Варшава, Полска.

Средбата, како што информира Министерството за европски прашања, се одржа во духот на одбележувањето на почетокот на полското претседавање со Советот на Европската Унија.

- На средбата се разговараше за приоритетите на полското претседавање, со особен акцент на зајакнувањето на европската перспектива за земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Министерот Муртезани ги истакна досегашните постигнувања на Северна Македонија во пристапните преговори со ЕУ и ја нагласи важноста на поддршката од земјите-членки за понатамошно унапредување на интегративниот процес, стои во соопштението.

Скопје - Унапредување на соработката со Царинска управа на Република Хрватска сè со цел пожестока борба и сузбивање на организираниот прекуграничен криминал во регионот. Ова, како што информираат од Царинската уорава, е договорено помеѓу директорите на двете Царински управи, Бобан Николовски и Марио Демировиќ, на настан одржан во Центарот за напредни обуки при Царинската управа на Република Хрватска.

-Нашата безбедност се потпира на нашите способности за жестока борба со криминалот и сузбивање на нелегалната трговија. Притоа унапредување на соработката со Царинските управи во регионот е од исклучителна важност за зголемување на безбедноста, истакнал директорот Николовски.

Скопје - Во следниот период се очекува поинтензивна работа на Комисијата за заштита од конкуренцијата околу Законот за нефер трговски практики. Комисијата е комплетирана и за се она што што ќе биде утврдено како неправилност во однос на Законот, има пропишано законски одредби што ќе треба да се спроведат. 

Министерството за економија и труд е задолжено за спроведување на законот, а според заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, овој закон не е само за заштита на производителите, добавувачите и трговците, туку и за заштита на стадндардот на граѓаните. 

-  До Нова Година не беа комплетирани членовите кои се дел од КЗК. Како Министерство за економија и труд го спроведуваме имплементирањето на Законот. Имавме состанок со КЗК така што ветија дека во наредниот период ќе има доста интензивна работа во проверувањеето на договорите меѓу добавувачите и трговците. За она што ќе биде утврдено како неправилност, има предвидено одредени казнени одредби кои ќе бидат спроведени. Овој закон не е само за заштита на производителите, добавувачите и трговците, туку пред се за заштита на стандардот на граѓаните, бидејќи сето тоа на крајот се однесува на цената на крајниот производ, изјави денеска Ристески при посетата на маркетот „Веро“ во Тафталиџе. 

Скопје - Два случаи на голема кашлица се евидентирани од 10 до 16 јануари. Станува збор за деца од Скопје, едното на возраст од пет месеци и невакцинирано, пријавено на 10 јануари, а второто на возраст од четири години, комплетно вакцинирано, пријавено во понеделникот. Двете деца се амбулантски лекувани, информираа попладнево од Институтот за јавно здравје.

Претходниот седмодневен период немало ниту еден случај на голема кашлица.

Од 27 декември до 2 јануари беше пријавен еден случај на голема кашлица. Тогаш од Институтот информираа дека детето се лекува болнички. Бебето од Скопје било старо два месеца, невакцинирано затоа што не ја достигнало возраста за вакцинација.

Во периодот 2024/25 година, заклучно со 16 јануари, на територија на државата регистрирани се вкупно 1.176 лица заболени од голема кашлица, со инциденца од 64/100.000 жители.

Скопје - Критична е состојбата на момчето од Волково, кое вчера качено на цистерна-вагон доживеало струен удар, изјавија попладнево за МИА од Ургентниот центар.

- Пациентот примен преку Ургентниот центар вчера со изгореници е во критична состојба и хоспитализиран на интензивна нега. Медицинските тимови ја пружаат потребната здравствена заштита, согласно медицинските протоколи и прават максимални напори за спасување на неговиот живот, појаснија од Ургентниот центар.

На пруга во општина Кисела Вода, момчето било качено на цистерна-вагон кога доживеало струен удар.

Атина – За 9,3 отсто се зголемил патничкиот сообраќај на сите 39 аеродроми во Грција во 2024 година, споредбено со една година претходно, додека сообраќајот на авиони се зголемил за 7,6 проценти, согласно официјалните податоци од Службата за цивилно воздухопловство, јави дописничката на МИА од Атина.

Поконкретно, бројот на патници на грчките аеродроми во периодот јануари – декември 2024 година е за над 6,7 милиони повисок од лани, односно достигна 79.403.911, наспроти 72.616.584 патници во истиот период од 2023 година.

Во однос на сообраќајот на авиони, домашните и меѓународните слетувања и полетувања зголемени се за 7,6 проценти на сите 39 аеродроми во земјата чија контрола на воздушниот сообраќај главно ја врши конкретната служба.

Атина – Непознати лица украле дел од новиот тревник поставен на плоштад во атинска населба, а градоначалникот Јанис Константатос преку видео објавено на социјалните мрежи коментира дека мислел дека досега видел сè и не очекувал некој да го украде тревникот, јави дописничката на МИА од Атина.

Градоначалникот на општината Елинико-Аргируполи каде што се случила кражбата во видеото вели дека во неговиот мандат се има соочено со катастрофи, вандализми, штети, кражби.

- Но, дека ќе ни го украдат новиот тревник поставен на плоштадот, ова искрено го немам видено. Се прашувам, пријателе, што ќе правиш со него? Ќе ги пасеш овците и козите? Ова не може повторно да се засади. Што ќе му правиш? Колку време посвети за да го извадиш дел по дел и каде ќе го користиш? Навистина се срамам за оној што го стори тоа. Мислев дека сум видел сè, но не е така. Еве може да го украдат и тревникот, вели градоначалникот во видеото и на шега порачува дека полицијата ќе треба да ги чува и тревниците во Грција.

Белград - Извршниот одбор на Здружението на српските сценаристи реагираше по вчерашниот напад на студентка во Белград, барајќи нивните дела да не се емитуваат на РТС „поради токсични и многу опасни коментари против студентите, уметниците и академската заедница“, јавија српските медиуми.

Извршниот одбор на Српското здружение на сценаристи по вчерашното „очигледно намерно удирање студентка со автомобил во Белград констатираат дека работите во општеството ја достигнале границата на нормалноста и отишле подалеку од неа на многу начини“, се вели во соопштението.

Нови Сад - Полициски службеници со употреба на сила  избркаа 30-на опозициски советници и пратеници од Градското собрание во Нови Сад кои утрово влегоа и ја блокираа институцијата. Полицијата насилно избрка и новинари кои известуваа од Градското собрание, а во еден момент при пресметка со полицијата било скршено стаклото на влезната врата, јави Бета.

Опозиционерите скандираа „Србија, Нови Сад, стани сега!“ и „Фрлете ги униформите!“ 
Пред Градското собрание се уште е присутна полицијата и жандармеријата. Неколку градски советници од Нови Сад и пратеници во Собранието на Војводина рано денеска го блокираа градското собрание во Нови Сад.

„Ако повикуваме на генерален штрајк, мора да штрајкуваме и политички“, велат тие и најавија дека ќе ја блокираат работата на Градското собрание кое е седиште на градоначалникот и градската власт.

Софија -  Формулата на новоформираната влада ја прифаќаа 37,4 отсто од полнолетните Бугари, покажа експресната анкета на социолошката агенција „Мјара“, јави БТА.

Податоците се од независна телефонска анкета на социолошката агенција спроведена на 16 и 17 јануари 2025 година меѓу 800 полнолетни бугарски државјани.
Според анкетата, 21,4% имаат тенденција да ја прифатат новата формула на владата, 16,5% не ја прифаќаат, а 20,8% воопшто не ја прифаќаат.
Останатите речиси четири отсто од анкетираните тешко можат да одговорат.

Така, владата на Росен Жељазков составена од ГЕРБ-СДС, со учество на БСП и „Има таков народ“ и со поддршка на ДПС - добива првична јавна толеранција, иако мала, додаваат социолозите.

Рим - Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето денеска соопшти дека неговата земја испратила нова пратка од 50 тони хуманитарна помош во Газа.

Тој рече дека Италија на тој начин ги продолжува напорите да им помогне на палестинските цивили загрозени во војната меѓу Хамас и Израел, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.

Според Крозето, бродот со хуманитарна помош собрана од сојузот на католички добротворни организации тргнал од северното италијанско пристаниште Монфалконе и е на пат за Кипар, од каде пратката ќе биде испратена во Газа.

Брисел - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поддржува зголемувањето на трошоците за одбраната, но никогаш не споменала кратење на средства за други сфери, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.  

- Претседателката во неколку наврати јавно кажа дека се залага за зголемување на трошоците за одбраната со цел навистина да бидеме сигурни дека можеме да покажеме поголема издржливост во однос на сопствената одбрана, но таа не се изјасни дали тоа би значело, доколку би значело, кратења во некои сфери, рече Пињо во одговор на прашањето за ставот на Фон дер Лајен за идејата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте за пренамена на „мал дел“ од средствата предвидени за пензии, здравство и социјална заштита за потребите на одбраната. 

Брисел - Европската комисија иницира три дополнителни технички истражни мерки за Икс, кои се однесуваат на системот за препораки на социјалната мрежа, како дел од формалната постапка отворена против платформата на 18 декември 2023 година врз основа на Законот за дигитални услуги (ДСА), соопшти денеска портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.

- Прво, Комисијата бара од компанијата до 15 февруари 2025 година да обезбеди внатрешна документација за нејзините системи за препораки и сите неодамна направени промени, рече Рение. 

Комисијата, исто така, бара информации за планираните промени во дизајнот и функционирањето на алгоритмите за препораки во периодот помеѓу 17 јануари 2025 и 31 декември 2025 година, како и пристап до техничкиот интерфејс што овозможуваат директно откривање факти за умереноста на содржината и виралноста на сметките. 

Брисел - Во текот на 2024 година вкупно 39.615 лица поднеле барање за добивање „меѓународна заштита“ во Белгија, што е речиси за 12 отсто повеќе во споредба со претходната година. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквите податоци укажуваат дека барањата за азил во Белгија се искачиле на највисоко ниво од времето на бегалскиот бран во Европа во 2015 година. 

Според белгиските власти, речиси 40 отсто од подносителите на барања за заштита во Белгија или 15.685 од нив, претходно веќе барале азил во некоја друга земја членка на Европската Унија, но биле одбиени. 

Белгиската државна секретарка за азил и миграција во заминување Никол де Мур ја осуди ваквата  „секундарната миграција“ во Европа и се заложи за преземање мерки за спречување поединци да поднесуваат барања за азил во повеќе земји на ЕУ. 

Париз - Полицијата за економски криминал на францускиот остров Реунион, одговорна за разоткривање разни финансиски измами, покрена истрага за кибер-измама каде што криминалците, претставувајќи се како „Бред Пит“, измамиле француска државјанка и ѝ зеле 830.000 евра во текот на една година.

Ова не е првпат измамници да го злоупотребат името на овој или други познати глумци и да измамат луѓе за пари. Слична истрага е во тек и во Шпанија. Таму на две жени кои се приклучиле како следачки на лажна интернет-страница на Бред Пит, биле измамени за вкупно 325.000 евра. Веста беше објавена лани, а беа уапсени пет лица.

Од украдените пари, тогаш биле пронајдени околу 94.000 евра, пишува „Варајети“.

Ерусалим – Израелскиот безбедносен кабинет на денешната седница  го одобри договорот со Хамас за прекин на огнот во Појасот Газа и за размена на заложници за палестински затвореници, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

По одобрувањето од безбедносниот кабинет, договорот треба да биде одобрен и од израелската Влада. По нејзиното одобрување договорот за прекин на огнот ќе стапи во сила в недела (19 јануари) со ослободување на првите заложници.

Вилнус – Литванија одлучи да ги зголеми трошоците за одбрана од пет до шест проценти од Бруто домашниот производ поради заканата од руска агресија во регионот, изјави денеска литванскиот претседател Гитанас Наузеда.

Тој додаде дека „историската одлука“ била донесена денеска од Државниот совет за одбрана.

- Можноста за руска воена агресија сè уште е реална, но таа не е веднаш неизбежна. Мора да ги засилиме нашите напори за значително зајакнување на одбраната и одвраќање и да посветиме повеќе ресурси на ова. Нашата безбедност е загарантирана и со членството во НАТО, но тоа ќе биде ефективно само ако сме подготвени да се браниме, посочи Наузеда.

Киев – Украинската противвоздушна одбрана синоќа собори 33 од 50 дронови лансирани од Русија.

Девет дронови се „изгубени“ односно пренасочени, додека еден го напушти украинскиот воздушен простор во правец на Романија.

Непријателските дронови погодија претпријатија во регионот на Одеса, а оштетени се згради на институции, приватни компании и домаќинства во регионите Харков, Черкаси и Киев, како резултат на падот на соборените непријателски беспилотни летала, објави украинската армија на платформата Телеграм.

Вашингтон – Претседателот на САД, Џо Бајден помилува речиси 2.500 лица осудени за ненасилни прекршоци поврзани со дрога.

Тој истакна дека осудените „одлежале подолги казни отколку што би добиле денес според сегашните закони“ и дека неговите потези ќе ги исправат „историските неправди“.

Бајден наведе и дека издал повеќе индивидуални помилувања од кој било друг претседател во историјата на САД.

Тој ги помилува затворениците три дена пред да ја предаде функцијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.

Лос Анџелес - Куќата oд филмот „Сам дома“ - со типичниот ентериер од 90-тите, е продадена по бараната цена за 5,5 милиони американски долари, објави „Пипл“ (People).

Имотот во американската сојузна држава Илиноис беше центар на класичниот празничен филм, каде што 8-годишниот Кевин Мекалистер, кого го глуми Меколи Калкин, по грешка останал дома сам, откако неговото семејство набрзина заминало на божиќен одмор. Куќата има пет спални соби и шест бањи, а на пазарот се појави и во мај 2024 година за цена од 5,25 милиони долари.

Во меѓувреме, имало најмалку една неуспешна продажба, според агентите за недвижнини од „Колдвел банкер ријалти“.

Остани поврзан