МИА Радио флеш
- 17 јануари 2025
Скопје- Неоправдан е едностран пристап што му го порекнува правото на македонскиот народ на свој јазик и идентитет и со кој се тврди дека македонската нација е создадена по вештачки пат. Според таа логика, може да се постави прашањето „која нација во Европа не е ваштачка?“. Ако се следи таквата перспектива, тоа ќе отвори бројни спорови меѓу Австрија и Германија, Белгија и Холандија, Шведска и Норвешка и тој список може да продолжи уште подлабоко во далечното минато. Да пратиме силна и јасна порака, Македонија е зрела и подготвена земја за брзо почнување на пристапните преговори и за полноправно членство во ЕУ. Македонија може да послужи како модел за други земји во Југоисточна Европа, покажувајќи дека патот кон европската интеграција е остварлив, рече денеска генералниот секретар на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ на меѓународната конференција „Бизнис дипломатијата-начин за раст на економијата и меѓународната соработка“.
Како што напомена Баришиќ, Програмата за европско обединување на Паневропска унија стави крај на таквите бесмислени спорови и и овозможи на ЕУ да се етаблира како најуспешна мирна сила во светот повеќе од седум децении. Поминаа две децении, потсети, откако Македонија доби статус на земја кандидат за членство, но, напредокот е забавен од бројни пречки.
Скопје - По завршувањето на истражната постапка што ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а во која учествуваа полициски службеници од Истражниот центар на ОЈОГОКК и од Одделот за организиран и сериозен криминал на МВР на РСМ, јавниот обвинител од ова обвинителство до Основниот кривичен суд Скопје поднел обвинение против 10 лица и едно правно лице.
Како што соопштија денеска од Јавното обвинтиелстов на РСМ, седуммина обвинети како членови на злосторничко здружение сториле кривично дело посредување во вршење проституција, од кои четворица се обвинети и за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, а за кое дело се обвинува и правното лице. Останатите двајца припадници на групата се обвинети за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, додека на полицискиот службеник освен злосторничко здружување му се става на товар и кривичното дело оддавање службена тајна.
Скопје - Унапредување на соработката со Царинска управа на Република Хрватска сè со цел пожестока борба и сузбивање на организираниот прекуграничен криминал во регионот. Ова, како што информираат од Царинската уорава, е договорено помеѓу директорите на двете Царински управи, Бобан Николовски и Марио Демировиќ, на настан одржан во Центарот за напредни обуки при Царинската управа на Република Хрватска.
-Нашата безбедност се потпира на нашите способности за жестока борба со криминалот и сузбивање на нелегалната трговија. Притоа унапредување на соработката со Царинските управи во регионот е од исклучителна важност за зголемување на безбедноста, истакнал директорот Николовски.
Скопје - Од денеска треба да почне вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за смртта на деветгодишното дете од Свети Николе, кое почина во вторникот на Детската клиника во Скопје.
Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов за МИА рече дека не може да даде изјава бидејќи има смртен случај. Неговата портпаролка не сакаше да даде детали, туку кусо одговори дека „штом заврши надзорот, ќе извести“.Извори од Инспекторатот за МИА изјавија дека од денеска ќе се врши вонреден инспекциски надзор за лекувањето на детето на три места - почнувајќи од матичниот лекар, Клиничка болница - Штип, па на Клиниката за детски болести во Скопје.
Атина – Од лични причини заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Костас Франкојанис денеска поднел оставка, која грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како што соопштија од неговиот кабинет, ја прифатил, јави дописничката на МИА од Атина.
Нов заменик -шеф на грчката дипломатија надлежен за економска дипломатија и екстровертност ќе биде пратеникот од Нова демократија Тасос Хаѕивасилиу, кој в понеделник ќе положи свечена заклетва. Дополнително, од кабинетот на Мицотакис информираа дека Франкојанис останува неплатен советник на премиерот за прашањата поврзани со екстровертност.
Будимпешта- Во вторник наутро, кога новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата, за Западот ќе изгрее нова ера и ќе дојде крајот на „горчливите, комплицирани, болни и исполнети со неуспех четири години“ на демократската администрација во Белата куќа, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, јавија унгарските медиуми.
Орбан на националното радио Лајош Кошут изјави дека администрацијата на Демократската партија „почнала лошо“ затоа што „на крајот тие му ја украле претседателската функција на Доналд Трамп“. -Да не мамеа во 2020 година, Доналд Трамп ќе останеше претседател и тогаш војната меѓу Украина и Русија немаше да започне, рече тој.
Рим - Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето денеска соопшти дека неговата земја испратила нова пратка од 50 тони хуманитарна помош во Газа.
Тој рече дека Италија на тој начин ги продолжува напорите да им помогне на палестинските цивили загрозени во војната меѓу Хамас и Израел, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.Според Крозето, бродот со хуманитарна помош собрана од сојузот на католички добротворни организации тргнал од северното италијанско пристаниште Монфалконе и е на пат за Кипар, од каде пратката ќе биде испратена во Газа.
Брисел - Рускиот државен медиум РТ (поранешен „Раша тудеј“) и ИТ компанијата „Агенција за социјален дизајн“ (СДА) со лажни тактики ги поларизираат и слабеат општествата во интерес на Кремљ, соопшти Механизмот за брз одговор на Г7 (Г7 РРМ).
Механизмот посочува дека неодамнешните соопштенија на САД, Велика Британија и Канада разоткриваат оти Кремљ ги финансира и насочува „тајните напори“ на овие два субјекти за поткопување на општествата, преку ширење глобални дезинформации и кампањи за влијание. - РТ и СДА користат лажни тактики, со цел да ги искористат социјалните и политичките прашања за поларизирање и слабеење на општествата, за поткопување и делегитимирање на избраните влади и за унапредување на злонамерните интереси на Кремљ, се нагласува во соопштението.
Брисел - Кинеската воена индустриска база расте и активно го поддржува рускиот воено индустриски комплекс и Кина брзо го проширува својот воен арсенал, вклучувајќи го и нуклеарниот, без каква било форма на транспарентност, порача досегашниот претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер.
- НАТО е сериозно загрижен од улогата што Кина ја игра во меѓународната безбедност. НАТО експлицитно и порача на Кина: не можете да седите на две столици. Кина не може од една страна да каже дека сака да одржува добри односи со Западот и да тврди дека ја поддржува Повелбата на ОН, а во исто време да продолжува да ја поттикнува војната во Европа, истакна Бауер, кој од денеска должноста му ја препушта на италијанскиот адмирал Џузепе Каво Драгоне.
Москва - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска пристигна во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин за стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Иранскиот претседател на аеродромот Внуково го пречекаа министерот за енергетика Сергеј Цивилев, заменик министерот за надворешни работи Андреј Руденко и шефот на Одделот за државен протокол Игор Богдашев, пренесува руска новинска агенција.
Moсква - Руски суд осуди тројца поранешни адвокати на рускиот опозиционер Алексеј Навални на неколку години затвор под обвинение за учество во екстремистички активности.
Адвокатите Вадим Кобзев, Алексеј Липцер и Игор Сергунин беа осудени на затворски казни од три до пет и пол години, објави руска новинска агенција. Истовремено, им е изречена забрана за вршење адвокатска дејност во период од три години.
Навални ненадејно почина на 16 февруари минатата година во затворска колонија во арктичкиот дел на Русија, а Кремљ ги отфрли обвинувањата на неговите приврзаници дека опозицискиот политичар е убиен.
Вашингтон - Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, го назначи конгресменот Рик Крафорд за претседател на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, што е најновото унапредување на сојузникот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп на клучна функција за национална безбедност.
Претседателот на комитетот е меѓу осумте конгресни лидери, познати како „Бандата на осумте“, кои се информирани за најтајните работи на американското разузнавање.
-Агресивно ќе го бранам нашиот мандат да обезбедиме сигурен и силен надзор на финансирањето и активностите на разузнавачката заедница, се вели во соопштението на Крафорд.
Лос Анџелес - Режисерот, сценарист, музичар, глумец, фотограф, сликар и уметник, Дејвид Линч почина на 78-годишна возраст. Смртта на познатиот американски „оскаровец“ ја потврди неговото семејство.
„Постои голема празнина во светот сега кога тој веќе не е со нас“, објавија тие. Линч, кој е веројатно најпознат по делата како „Твин Пикс“ (Twin Peaks), „Син сомот“ (Blue Velvet), „Мулхоланд Драјв“ (Mulholland Drive), „Ѕвезден булевар“ (Boulevard of Stars), „Изгубени на автопатот“ (Lost Highway) итн. кон средината на минатата година најави дека најверојатно ќе се повлече од јавниот живот поради емфизем - белодробна болест.
Исламабад - Пакистанскиот суд денеска ги осуди веќе затворениот поранешен премиер Имран Кан и неговата сопруга Бушра Биби Кан на 14, односно седум години затвор, откако ги прогласи за виновни за корупција, соопштија официјални претставници и неговиот адвокат.
Тие се осудени по обвиненија за корупција во случајот Tруст Ал-Кадир, каде Кан и неговата сопруга се обвинети за проневера на 190 милиони фунти, објавија пакистанските медиуми. Судијата ја изрече пресудата во затворот Адиjала, каде се сместени обвинетите Кан и Биби, објави АРИ Њуз.
Вараждин - Ракометната репрезентација на Македонија вечерва од 18 часот ќе го одигра дуелот со Холандија од второто коло на Светското првенство.
Нашите репрезентативци во првиот натпревар од ракометниот мундијал одиграа нерешено против Унгарија (27-27). Единствениот меѓусебен дуел досега со Холанѓаните беше пред две години на Светското во Полска каде загубивме убедливо со 34-24 во Краков.