МИА Општински пул
- 17 јануари 2025
Скопје - Поради дефект во шахта (промена на вентил од ф3/4“ – цол) на ул. „Ванчо Мицков“ бр.18 (општина Карпош), прекинато водоснабдување ќе имаат дел од корисниците од оваа улица.
Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ прекинот во снабдувањето со вода ќе биде од 09:00 часот до завршување на санација на дефектот.
Скопје - Поради дефект од ф 80мм на улица „Алпи“ бр: 8, денеска од 08:30 без вода се корисниците од ул.„Алпи“ и дел од ул.„Мара Междуречка“.
Водоснабдувањето, како што информира ЈП Водовод и канализација - Скопје, ќе биде прекинато до завршување на интервенцијата.
Прилеп - Две новороденчиња, близначиња, на околу 20-тина дена старост починале вчера околу пладне, а јавен обвинител од основното јавно обвинителство од Прилеп нареди обдукција за да се утврди причината за нивната смрт.
Според јавниот обвинител Стевчо Биноски, новороденчињата, машко и женско, биле во тешка здравствена состојба. Семејството од домот во прилепското село Славеј повикало Итна помош.
- Семејството во селото Славеј повикало итна помош. Близначињата биле во тешка здравствена состојба. Екипата на итната помош штом пристигнала констатирала смрт кај едното бебе, а другото било префрлено во прилепската болница во тешка состојба каде починало. Семејството живее во екстремно лоши услови и има уште три деца. Наредив обдукција за да се утврди причината за смртта на новороденчињата. Известени се надлежните, меѓу кои од Центарот за социјални работи од Прилеп, ни изјави Биноски.
Денеска во 12 часот закажана е прес конференција во Центарот за Социјални работи.
Скопје - Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстраниле повеќе диви депонии лоцирани во скопскaта општина Чаир.
-Интервенирано е на улицата „Џон Кенеди“, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“, на булеварот „Крсте Мисирков“, како и на неколку локации во населбата Серава. Во рамките на вчерашните активности беа подигнати вкупно 40 кубни метри мешан комунален и кабаст отпад одложени на јавни и сообраќајни површини, соопштија од ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Скопје - Спортската сала „Работнички“ која е симболот на македонската кошарка и градот Скопје, оваа година добива комплетно нов и модерен лик. Тренерот на Кошаркарскиот клуб „Работнички“ Горан Самарџиев, преку видео истакнува дека е среќен бидејќи после децениско чекање, оваа сала ќе биде во ново руво кадешто кошаркарите ќе имаат подобри услови за тренинг.
„Големо е задоволство и многу сме среќни бидејќи после децениско чекање салата на КК ,,Работнички" ќе биде во ново руво и едноставно ќе имаме многу подобри услови за тренинг и за напредок, како на првиот тим, така и на младинските категории. Јас имам посебни емоции спрема оваа сала. Овие млади дечки денеска немаат осетено што значи да играш во салата Градски парк пред полни трибини. Се надевам дека таа традиција ќе ја вратиме и дека заедно со навивачите, со Општина Центар и со сите расположливи сили, салата ќе добие еден нов сјај кадешто македонската кошарка и КК ,,Работнички" ќе биде на едно повисоко ниво со многу подобри услови за работа за сите“, вели Самарџиев.
Градоначалникот Горан Герасимовски, информира дека годинава се враќа сјајот на спортската сала „Работнички“ која е гордоста на Општина Центар.
Струмица -Од почетокот на годината официјално почна да функционира јавниот електричен превоз во Струмица. Од лани од септември до крајот на годината превозот беше пробен и бесплатен, а од почетокот на новата година и официјално функционира по сите утврдени линии во градот и до населените места.
Според директорот на Јавното претпријатие „Струмица транспорт“, Драги Поп Стојанов, струмичани полека ги менуваат навиките и почнуваат да го користат јавниот електричен превоз.
-Од воведувањето на електричниот јавен превоз од ден на ден се повеќе расте интересот на граѓаните за негово користење, посебно на тие од населените места во Општината. Возниот ред е целосно воспоставен и досега немаме доцнење кон населените места и дневно по осум пати секогаш во ист термин сообраќаме до таму, вели Поп-Стојанов.
Додава дека со одлука на Советот на Општината за субвенционирање на цената на возниот билет сите граѓани можат да се возат за 30 денари на дестинациите во градот и населените места.