• петок, 17 јануари 2025
МИА Радио флеш

17 јануари 2025

Скопје - По повод завршување на градежните работи на делницата Куманово - Бељаковце (Коридор 8 Источна делница) премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува и ќе ја пушти во употреба железничката пруга Куманово - Бељаковце.

Пругата Куманово - Бељаковце е со должина од 30,8 километри и на неа се изградени три нови железнички станици (Ново Куманово, реконструирана постоечката железничка станица Куманово, 6 стојалишта, 5 мостови, 1 тунел, пропусти со различен дијаметар, заштита на наклони, одводни канали, пристапни патишта, звучни бариери, потпорни ѕидови, горен строј и сигнализација и телекомуникација. На железничките станици и стојалишта е инсталирана сигнално-телекомуникациска опрема во вредност од 10 000 000 евра, алуминиумски седишта, челични настрешници, дисплеи, лед осветлување.

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со амбасадорот на Република Азербејџан за Северна Македонија со седиште во Белград Камил Касијев.

Како што информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, на средбата беше разговарано за унапредување на соработката меѓу двете земји, со акцент на енергетиката како клучна област од заеднички интерес.

Скопје - Комисијата за социјална политика, демографија и млади засега нема претседател откако Собранието ја констатираше оставката на Илире Даути од функцијата, поднесена по изгласувањето на нејзината интерпелација минатиот петок, затоа што одбиваше да го стави на дневен ред законот за бранителите. Од пратеничката група на „Вреди“ оставката ја оценија како признавање на слабост и глумење жртва, но дека тоа „не може да ја спаси од каењето по обидот да помогне во блокирањето на законот за бранителите“.

Пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците на Зијадин Села, која е дел од „Европскиот фронт“, по речиси еднонеделниот вакуум дали ќе остане или ќе биде сменета од функцијата и бројни меѓусебни препукувања откако во Собранието минатиот петок помина нејзината интерпелација, вчера поднесе неотповиклива оставка.

Скопје - Паневропската унија на Македонија во соработка со Паневропската Унија на Австрија и Институтот на региони на Европа-Салцбург денеска организира Меѓународна конференција „Бизнис дипломатијата-начин за раст на економијата и меѓународната соработка“.

Како што информираат од Паневропската унија на Македонија, конференцијата ќе се одржи во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а воведни зборови ќе имаат Андреј Лепавцов, амбасадор и претседател на Паневропската Унија на Македонија, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Александар Николоски, заменик претседател на Владата и министер за транспорт, Карло Реслер, пратеник во Европскиот парламент, претседател на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ - С. Македонија, како и Паво Баришиќ - Генерален секретар на Меѓународната Паневропска Унија.

Скопје - Во Собранието за денеска е закажана првата седница на Националниот совет за евроинтеграции.

Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2024 година е единствена точка на дневен ред. 

Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за финансирање и буџет,  за економски прашања, труд и енергетска политика, за здравство и Законодавно-правната комисија.

Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2024 година е единствена точка на дневен ред на собраниската Комисија за европски прашања. 

Скопје - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски синоќа го претстави македонското вино на настан кој што го организираше Државното претставништво на Северна Рајна Вестфалија во Берлин и Македонската амбасада, соопштија од МЗШВ.

-За нас, како мала земја, македонската винска индустрија е од особена важност бидејќи покажува позитивен потенцијал, позиционирајќи се себеси како втор најголем извозник во земјоделскиот сектор, истакнал министерот Трипуновски на настанот.

Скопје - Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска ќе одржи протест пред Министерството за финансии. Како што е најавено, протестот ќе трае од 11:00 - 12:00 часот.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деановски вчера, на предупредувачкиот получасовен протест пред Државниот завод за статистика, изјави дека 988 вработени се уште немаат земено плата за декември иако е истечен законскиот рок. 

Букурешт - Националниот воздушен простор на Романија е нарушен за време на ноќниот руски напад врз Украина, а зоната на веројатен влез на дрон е одредена во близина на границата, во југоисточниот округ Тулчеа, соопшти денеска Министерството за одбрана во Букурешт.

Романија, членка на НАТО, подигна два борбени авиони за да го надгледува воздушниот напад.

Вашингтон - Главниот град на САД, Вашингтон, е замрзнат поради температурите под нулата, а церемонијата на инаугурација на Доналд Трамп в понеделник би можела да остане запишана во историјата како најстудената заклетва во последните децении, јави ДПА.

Иако не се очекува да биде толку студено како за време на вториот мандат на Роналд Реган во 1985 година, кога напладне живата достигна речиси минус 14 степени Целзиусови, според Националната метеоролошка служба, прогнозата за понеделник е максимална температура од минус 6 степени, но може да се чувствува значително постудено.

Вашингтон - Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да најде начин да ги земе предвид легитимните барања на Палестинците за долгорочна стабилност на Израел.

„Идејата дека Израел на долги патеки ќе може да се одржи без решавање на палестинското прашање... Тоа нема да се случи“, рече Бајден во интервју за телевизијата Ем-Ес-Ен-Би-Си, додавајќи дека често го потсетувал Нетанјаху дека мора да пронајде начин да одговори на потребите на Палестинците.

Пекинг - Населението на Кина е 1,408 милијарди луѓе до крајот на 2024 година, 1,39 милиони помалку отколку на крајот на 2023 година, според податоците на Националното биро за статистика, објавја кинеските медиуми.

Така, населението во Кина се намалува трета година по ред. Властите ги истакнаа демографските предизвици со кои се соочува втората најнаселена земја во светот - стареењето на населението и зголемениот недостиг на работоспособни луѓе.

Лос Анџелес  - Властите во Лос Анџелес ги предупредија повеќето евакуирани од шумските пожари да не се враќаат во своите домови најмалку уште една недела, бидејќи спасувачите го отстрануваат токсичниот отпад од изгорените населби и ги прекинуваат електричните и гасните линии што претставуваат опасност среде урнатините.

Одроните дополнително ги загрозуваат опустошените падини, каде што срушените згради повеќе не можат да служат како потпора. Ова го зголемува стресот и тагата на луѓето погодени од најтешката природна катастрофа во историјата на Лос Анџелес.

Сеул - Истражителите пронајдоа птичји перја и крв во два мотори на авионот „Боинг 737-800“, кој се урна во Јужна Кореја кон крајот на декември, изјави за светските медиуми лице запознаено со истрагата. Министерството за транспорт на Јужна Кореја се уште не ги коментира овие наводи.

Во авионската несреќа на патничкиот авион „Боинг 737-800“ на јужнокорејската компанија „Џеџу ер“ на линијата од Бангкок до Муан, на 29 декември, загинаа 179 лица, а две лица беа спасени, соопштија властите во Сеул. Авионот принудно слета, удри во бетонски ѕид, експлодира и се запали.

Пекинг - На покана од американската страна, специјалниот претставник на претседателот Си Џинпинг, потпретседателот Хан Женг, ќе присуствува на церемонијата на инаугурација на претседателот Доналд Трамп на 20 јануари во Вашингтон, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.

Кина ги следи принципите на меѓусебно почитување, мирен соживот и заемно корисна соработка кога станува збор за нејзините односи со Соединетите држави, рече портпаролот.

Бејрут - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе го посети Либан, за прв пат од 2020 година, за да помогне во забрзувањето на формирањето влада која може брзо да ги спроведе реформите и да го отвори патот за обнова на земјата.

Макрон е во посета на земјата во време кога Франција сака да ја нагласи важноста на суверенитетот на Либан и да го поддржи спроведувањето на структурните економски реформи кои би ја вратиле довербата на меѓународната заедница, пренесоа светските агенции.

Њујорк - Советот за безбедност на ОН синоќа повика на брзо формирање влада во Либан во, како што рече, „клучна“ фаза за стабилноста на земјата и регионот по претседателските избори.

Поздравувајќи го изборот на Џозеф Аун за претседател на 9 јануари, пополнувањето на функцијата по повеќе од две години и назначувањето на Наваф Салам за премиер, Советот за безбедност ги „охрабрува“ новите лидери „брзо да формираат влада“.

Сеул - Антикорупциската агенција на Јужна Кореја во понеделникот соопшти дека ќе побара од судот во Сеул да го продолжи притворот на уапсениот претседател Јун Сук-јеол, откако тој повторно одби да биде сослушан од истражителите.

Во средата, Јун стана првиот актуелен јужнокорејски претседател кој беше уапсен во врска со истрагата за тоа дали извршил бунт кога накратко воведе воена состојба на почетокот на декември. Тој е задржан во притвор во Сеул.

Отава - Лидерите на Г7 го опишаа договорот за прекин на огнот во Газа како „важна вест“ и ги повикаа Хамас и Израел да работат на неговото „целосно спроведување“.

-Ги повикуваме сите страни да се вклучат во конструктивни преговори за следните фази од договорот за да се обезбеди негово целосно спроведување и конечен прекин на непријателствата, се вели во нивното соопштение.

Вашингтон - Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп ги назначи актерите Силвестер Сталоне, Мел Гибсон и Џон Војт за специјални амбасадори во Холивуд, а со цел да ја направеле филмската индустрија „посилна од кога било досега“.

Тројцата актери, добитници на 10 номинации за „Оскар“ и три „Оскари“, се издвоија во Холивуд со поддршката на републиканецот Трамп, за разлика од многумина нивни колеги кои традиционално ја подржуваат Демократската партија.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е постигнат договор за враќање на заложниците што ги држеше Хамас во Појасот Газа. Тој најави дека денеска ќе го свика својот кабинет за безбедност, а потоа и владата за да го одобри договорот. 

Соопштението дојде еден ден откако канцеларијата на Нетанјаху соопшти дека во последен момент имало неуспеси во преговорите за ослободување на заложниците во замена за прекин на огнот во Газа и ослободување на палестинските затвореници.

 

Остани поврзан