• сабота, 18 јануари 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  17  јануари 2025

 

Скопје - Два случаи на голема кашлица се евидентирани од 10 до 16 јануари. Станува збор за деца од Скопје, едното на возраст од пет месеци и невакцинирано, пријавено на 10 јануари, а второто на возраст од четири години, комплетно вакцинирано, пријавено во понеделникот. Двете деца се амбулантски лекувани, информираа попладнево од Институтот за јавно здравје.

Претходниот седмодневен период немало ниту еден случај на голема кашлица.

Од 27 декември до 2 јануари беше пријавен еден случај на голема кашлица. Тогаш од Институтот информираа дека детето се лекува болнички. Бебето од Скопје било старо два месеца, невакцинирано затоа што не ја достигнало возраста за вакцинација.

Во периодот 2024/25 година, заклучно со 16 јануари, на територија на државата регистрирани се вкупно 1.176 лица заболени од голема кашлица, со инциденца од 64/100.000 жители.

На 14 јануари, пристигната била одјава на епидемијата во Куманово со вкупно регистрирани 107 заболени лица. Последниот пријавен случај е регистриран на 18 ноември. Од Институтот нагласуваат дека епидемијата на територијата на град Скопје сè уште е во тек.

Од 18 јануари 2024 до вчера, на територија на државава дадени се вкупно 94.822 дози вакцина со компонента против голема кашлица. 

Свети Николе – Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев денеска имаше средба со наставникот Иле Михајловски ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Свети Николе, кој во средата е прогласен за Топ 50 финалистите на најдобри наставници во светот.

Владев истакна дека Свети Николе отсекогаш било тло на квалитетни луѓе од различни области за кои слушнале Европа и светот, а на кои какошто вели сите ние сме горди и благодарни.

-Особено сум горд и голема чест е за нашето Свети Николе, но и на нашата држава достигнувањето на наставникот Иле Михајловски, кој е номиниран на светската манифестација „Global Teacher Prize“ , а организирана од Varkey фондацијата и со поддршка на УНЕСКО и GEMSEducation која веќе деветта година по ред го одржува овој настан, оваа година влезе во Топ 50 финалисти во повеќе од 5.000 номинирани наставници од 89 земји од светот, вели Владев.

Посочува дека со самото тоа, Иле Михајловски се уште е во трка во изборот на Топ 10 наставници, а кој ќе биде објавен до крајот на месец јануари, а победникот кој добива еден милион долари ќе биде прогласен во почетокот на месец февруари.

-Иле Михајловски ќе биде присутен на главната свеченост која ќе се одржи во Дубаи од 10 до 13 февруари. Јас како градоначалник на општина Свети Николе безрезервно ја давам поддршката на нашиот наставник Иле Михајловски кој со своите постигнувања го стави нашето Свети Николе , но и нашата држава на светската мапа, изјави Владев.

Тој ги повика сите граѓани максимално да му дадат поддршка на Иле Михајловски, затоа што со своите постигнувања и неговото работење, тој со својата работа дава поддршка како на учениците, така и на сите нас жители на Свети Николе, но и на целата држава. 

Делчево - Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски денеска го посети домот на првороденото новороденче во 2025 година во Делчево. На малиот Миха кој е првородено дете во семејството Калаџиски Општината му додели 10.000 денари парична поддршка.

-Малиот Миха е роден на 1 јануари 2025 година во Скопје, а тој е и првородено дете во семејството на Стефанија и Мартин Калаџиски. Традиционално,  му доделивме 10.000 денари, а на семејството Калаџиски им ја честитавме радоста, истакна Трајковски.

Посака малиот Миха да има среќно и безгрижно детство и да донесе многу радости на неговите родители.

-Продолжувајќи ја традицијата, Општина Делчево доделува  10 илјади денари за првороденото во Делчево. Инаку, Општина Делчево за новороденчиња во Општината исплаќа по 3 илјади денари еднократна парична помош и 10.000 денари за првото новородено во годината, дополни Трајковски. 

Тетово - Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово вчера ја одржа првата активност за 2025 година - самостојна изложба на сликарката Лиридона Ѓука Богу од Косово. Изложбата е насловена „Визуелни звуци“.

-Овој посебен настан го одбележа почетокот на годината со импресивна комбинација на визуелна уметност и звуци, нудејќи мултидимензионално искуство за присутните. Со своите апстрактни пејзажи и емоциите што ги пренесе, Лиридона ја збогати регионалната уметничка сцена и ги инспирираше сите љубители на уметноста, информираат од Центарот за култура. 

Кураторот на изложбата беше проф. Хајруш Фазлиу, а во организацијата на настанот учествуваа и уметничкиот директор Шпетим Селмани и кустосот Јасмина Крстоска. 

- Обуката пред сè беше наменета за личната безбедност на ренџерите затоа што тие се движат низ планината и по терени каде има потенцијален ризик од лавини. Тоа не значи дека намерно одат натаму меѓутоа никогаш не може да се знае што ќе се случи. Обуката ја правеше еден од нашите вработени кој веќе има поминато ваква обука. Тој ги обучуваше своите колеги како да ја користат опремата која ја имавме набавено минатата година, како да прават лавински профили, стабилност на снежна покривка, откопување на затрупани лица од лавина, информираше Анела Ставреска Панајотова, раководител на секторот за заштита на природата при НП Шар Планина.

Брзото интервенирање при појава на лавина, односно реакција најмногу 15 минути по случувањето е клучната можност за спасување човечки живот.

- Лавинската опасност е еден од најголемите ризици во зима, но, поради оддалеченоста на терените, периодот за да спасиш некого кој е затрупан од лавина е многу краток, најмногу 10 до 15 минути, што значи дека спасувачот треба да биде присутен на самото место за успешно да реагира, односно да се спаси животот на затрупаниот. Затоа скијачите, планинарите и другите посетители на планината, да не се охрабруваат и да одат на ризични терени со мисла дека ако бидат затрупани од лавина некој ќе ги спаси. Затоа оваа обука беше наменета за личната безбедност на вработените од Националниот парк кои се движат низ планината и на потенцијално опасни места. Затоа тие со себе носат трекер, па доколку биде затрупан, преку сигналот кој го емитува трекерот, со помош на сонда брзо да биде пронајден од своите колеги и да биде спасен, вели Анела Ставреска Панајотова.

Таа вели дека секој наклон на снегот поголем од 30 степени е потенцијален ризик од лавина, а на Шар Планина има повеќе такви места. Националниот парк Шар Планина има површина од 63.000 хектари.

Крива Паланка, 17 јануари 2025 (МИА) - Градежна офанзива во општината со бројни инфраструктурни проекти што носат бенефит за сите, реализација на нови и финиширање тековни проекти за изградба, реконструкција и рехабилитација на локалната патна мрежа, изградба на капитални проекти за водоводна и канализациска мрежа, детски катчиња, спортска инфраструктура, најави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Во објавата што ја сподели на социјалните мрежи, Митовски нajaви нови проекти што ќе се реалзиираат од областа на локална патна инфраструктура, водоводи, канализации, како и завршување на пет значајни проекти што се во фаза на реализација.

Од службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка информираат дека  2025 ќе ја одбележи финалната реализација на тековните проекти за партерно уредување на дворот на културно-историски објект во село Градец, што се работи во рамки на прекуграничната соработка на ЕУ преку ИПА фондовите, помеѓу Северна Македонија и Србија, ќе се изврши  реконструкција на оградата на Осички мост, еден од петте мстови на Крива Река за кои се инвестираат вкупно 40 милиони денари, доизградба на локален пат Б’с – Кошари, проект значаен за развој на туризмот на туристички локалитет Калин Камен, проектот за изградба и регулација на Куков дол и капиталниот проект за реконструкција и рехабилитација на централната улица „св.Јоаким Осоговски“ на потег од Соларски мост до населба „Единство“, вреден 40 милиони денари од којшто, фаза-2 е комплетирана.

-Ја подобруваме патната инфраструктура, следува изградба, реконструкција и рехабилитација на локална патна мрежа на улиците: „Никола Тесла“, „Панче Пешев“ и „Коце Металец“,рехабилитација на ул. „11 Септември“ и „Ратко Минев“, изградба на кејска улица покрај Крива Река  од кај автобуската станица до вливот на Дурачка Река, рехабилитација на локалните патни правци во Дурачка Река и  во село Кркља, реконструција на централната улица  на потег од технички преглед до населба „Единство“, со изградба на атмосферска канализација, ќе се изврши реконструкција на постојниот пат до Калин Камен и реконструкција на дел од ул."Пиринска“, до поранешниот ловечки дом, нагласија од општината.

Проектите ќе опфатат и изградба на нова водоводна линија во Конопница, „Вирови-Грамаѓе“, доизградба на водоводна линија  Крива Паланка-Конопница, со што ќе се реши еден значаен проблем на населението од село Конопница кадешто ќе се изгради и канализација, а канализација ќе се гради и во населба Маневци.

-И годинава ќе продолжи инвестирањето од Развојната програма на општината за  изградба на детски игралишта и спортски терени, со изградба на детско катче, урбан парк и спортски терен во населба„Бавчал’к“, и во: „Осичка маала“, „Домачки дол" и кај „Технички“, детски катчиња и спортски терени. Нови уредени јавни површини  за потребите на сите граѓани и во 2025 се во фокус на работата на општината, ќе се градат ролерско-велосипедска и пешачка патека покрај Крива Река од Бегови Бавчи до градски базен, за решавање на горливиот проблем со недостиг од паркинг места во градот ќе се гради катна модуларна гаража на локација кај зелен пазар, а многу значаен е и проектот за реконструција на спортскиот терен во ООУ „Св. Јоаким Крчовски“, зграда Партизан, каде ќе се обнови фасадата и ќе биде поставена нова енергетски-ефикасна фасада, додаваат од општината.

Нов урбан-зелен парк ќе се изгради кај населбата „ Единство“-комплекс згради, најавена е доизградба и комплетирање на целата траса на пешачката патека Бабин дол до манастирот „Св.Јоаким Осоговски“, а градскиот стадион се очекува да добие нови трибини.

Најавени се капитални проекти, за кои во фаза на потпишување се договорите за реализација изградба на Дом за стари лица и изградба на адреналински парк на туристичкиот локалитет Калин Камен.

Ќе се инвестира и во проектно-техничка документација за значајни проекти:  изградба на корито на Дурачка Река и пристапна улица, како и за изградба на  колекторски систем со пречистителна станица на Крива Река, нова водоводна линија Калин Камен-Варовиште, како и локални патни правци: м.в. Спас – Крст, Конопница, во „Крстата Падина" со изградба на нов мост, локален пат Градец-Осиче и пат во село Добровница. 

Струга - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) склучи договор со избраниот изведувач „Марковски К73 ДООЕЛ“ од Струга за „Замена на азбестцементната водоводна мрежа во град Струга“, инвестиција вредна 76 милиони денари.

Инвестицијата, како што соопшти денеска Министерството, е во рамките на проектот „Подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија“, со средства обезбедени од Европската инвестициска банка и Владата на Република Северна Македонија, а кои ќе се доделуваат преку МЖСПП како неповратни средства на општините.

- Замената на азбестцементната водоводна мрежа во градот, согласно договорот, ќе се одвива во следните 18 месеци, со што жителите на Струга ќе добијат поквалитетно водоснабдување. Со замената на азбестцементните водоводни цевки со нови високо квалитетни цевки во голема мера ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на водата, заштита на животната средина и ќе се намалат загубите на вода, стои во информацијата на МЖСПП.

Битола - НУ Народен театар-Битола учествува на фестивалот за театарски плакати во Вараждин, Хрватска.

Од битолскиот театар информираат дека меѓународното биенале учествуваат со два избрани плакати во вкупна селекција на 50 најдобри плакати застапени во официјалниот каталог на фестивалот.

Автор и дизајнер на театарските плакати за претставата „На дното“ и „Шекспир фестивал“ е битолчанецот Сашо Илковски.

Театарските плакати ќе бидат изложени во изложбениот салон на Сермаж Палас ГМВ и Галерија „Златен ангел“ во Вараждин од 24 јануари до 16 февруари 2025 година, а најдбобрите ќе бидат наградени, соопштија од НУ Народен театар-Битола. 

Остани поврзан