• петок, 17 јануари 2025
МИА Флеш

17 јануари 2025 

Скопје - Во следниот период се очекува поинтензивна работа на Комисијата за заштита од конкуренцијата околу Законот за нефер трговски практики. Комисијата е комплетирана и за се она што што ќе биде утврдено како неправилност во однос на Законот, има пропишано законски одредби што ќе треба да се спроведат. 

Министерството за економија и труд е задолжено за спроведување на законот, а според заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, овој закон не е само за заштита на производителите, добавувачите и трговците, туку и за заштита на стадндардот на граѓаните. 

Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со пратениците Беким Сали и Мерита Колчи Коџаџику, денеска по повод 557-годишнината од смртта на народниот херој на Албанците - Скендербег, положија свежо цвеќе на споменикот на Скендербег во Скопје.

- На настанот со своето присуство нè почести амбасадорот на Албанија, Денион Меидани и амбасадорот на Косово, Флориан Ќехаја. Ликот на Скендербег, Гаши го опиша како симбол на единство и национална гордост, нагласувајќи дека е национална должност да се зачуваат неговите вредности и наследство, соопшти собраниската прес-служба.

Скопје - Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан останува приоритет на полското претседателство со Советот на Унијата, кое почна на почетокот на месецов, вели во интервју за „360 степени, вршителот на работи амбасадор на Полска, Мариуш Бримора,  во Северна Македонија. Тој уверува дека Полска не се откажала од Балканот како дел од нејзините приоритети и нагласува дека неговата земја ќе ги продолжи и зајакне активностите за забрзување на пристапувањето на регионот во Унијата.

- Минатиот декември премиерот Туск, за време на посетата на Србија, изјави дека проширувањето на ЕУ ќе биде во фокусот на нашето внимание за време на претседавањето. Ќе ја повикаме новата висока претставничка Каја Калас, за време на нашето претседавање, да организира министерски состанок ЕУ-Западен Балкан за да се задржи интересот за соработка со регионот, да се процени напредокот во проширувањето и, на пример, да се постигне напредок во нормализацијата меѓу Србија и Косово. Ги поддржуваме земјите од Западен Балкан низ низа други активности и проекти како твининг-проектите, еден од нив наредната недела ќе биде отворен овде во Скопје. Со него ќе раководат полски експерти за транспортни прашања. Преку годишната академија за проширување, на која присуствуваат претставници на сите земји од регионот, нудиме билатерален трансфер на знаење за процесот на проширување. Значи, Северна Македонија ако поднесе барање за некакви консултации, наши експерти ќе бидат подготвени да го споделат тоа знаење. Треба да се напомене дека додека го снимаме ова интервју, вашиот министер за европски прашања, Орхан Муртезани, е на пат кон Варшава, каде в петок ќе се сретне со нашиот министер за ЕУ, Шлапка. Тој ќе има и низа средби со полски владини претставници, вклучувајќи и парламентарци кои се дел од групата на полско-балканското пријателство. Вчера добив уште една покана за министерот Муртезани да присуствува на состанок на Советот во Варшава кон крајот на февруари, нагласува Бримора.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на работна средба го примил Карло Реслер, европратеник и ко-претседавач на Мешовитиот парламентарен комитет на Република Северна Македонија и Европската унија.

На средбата, соопштија од МНРиНТ, се дискутирало за напредокот на државата кон европската интеграција, идните чекори во процесот, како и можностите за зајакнување на соработката.

Скопје - Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против три физички и две правни лица поради основани сомненија дека ги сториле кривичните дела фалсификување или уништување деловни книги по член 280 ст.2 од КЗ на РМ, Употреба на исправа со невистинита содржина по член 380 ст.1 и ст.2, Фалсификување службена исправа по член 361 ст.1 од КЗ на РМ и Помагање по чл.24 од КЗ на РМ.

- Првопријавениот И.Б во својство на службено лице во Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини - Биро за метрологија, заради постоење на основано сомнение дека го сторил кривичното дело Фалсификување службена исправа по член 361 ст.1 од КЗ на РМ. Второпријавениот З.А во својство на управител на Друштво за производство, трговија и услуги ТРИТЕРОЛ ПЕТРОЛ ДООЕЛ Скопје, заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Фалсификување или уништување деловни книги по член 280 ст.2 и Употреба на исправа со невистинита содржина по член 380 ст.1 од КЗ на РМ. Третопријавениот А.З. во својство на управител на правното лице Друштво за трговија, услуги и градежништво ЛТА ПЕТРОЛ СЕРВИС ДООЕЛ Скопје заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Фалсификување или уништување деловни книги по член 280 ст.2, Употреба на исправа со невистинита содржина по член 380 ст.1 од КЗ на РМ и Помагање по чл.24 од КЗ на РМ, соопштија од Управата за финансиска полиција.

Скопје - Неоправдан е едностран пристап што му го порекнува правото на македонскиот народ на свој јазик и идентитет и со кој се тврди дека македонската нација е создадена по вештачки пат. Според таа логика, може да се постави прашањето „која нација во Европа не е ваштачка?“. Ако се следи таквата перспектива, тоа ќе отвори бројни спорови меѓу Австрија и Германија, Белгија и Холандија, Шведска и Норвешка и тој список може да продолжи уште подлабоко во далечното минато. Да пратиме силна и јасна порака, Македонија е зрела и подготвена земја за брзо почнување на пристапните преговори и за полноправно членство во ЕУ. Македонија може да послужи како модел за други земји во Југоисточна Европа, покажувајќи дека патот кон европската интеграција е остварлив, рече денеска генералниот секретар на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ на меѓународната конференција „Бизнис дипломатијата-начин за раст на економијата и меѓународната соработка“. 

Како што напомена Баришиќ, Програмата за европско обединување на Паневропска унија стави крај на таквите бесмислени спорови и и овозможи на ЕУ да се етаблира како најуспешна мирна сила во светот повеќе од седум децении. Поминаа две децении, потсети, откако Македонија доби статус на земја кандидат за членство, но, напредокот е забавен од бројни пречки.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани се сретна со полскиот министер за европски прашања Адам Шлапка, во рамки на неговата посета на Варшава, Полска.

Средбата, како што информира Министерството за европски прашања, се одржа во духот на одбележувањето на почетокот на полското претседавање со Советот на Европската Унија.

Скопје - Доколку не се постигне договор со Влада, не се исклучуваат и понатамошни протести, штрајкови и тужби, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, на денешниот протест пред Министерството за финансии. 

Тој рече дека во изминатите денови, вработените покажале дека и на минусни температури можат да излезат на протести за да ги остварат своите права. Деаноски истакна дека овие денови се изначитале декларативни соопштенија од страна на Владата, преку кои Владата ги канела на средби преку медиумите, а тие формално не добиле никаква покана за продолжување на дијалогот.

Скопје  - Унапредување на соработката со Царинска управа на Република Хрватска сè со цел пожестока борба и сузбивање на организираниот прекуграничен криминал во регионот. Ова, како што информираат од Царинската уорава, е договорено помеѓу директорите на двете Царински управи, Бобан Николовски и Марио Демировиќ, на настан одржан во Центарот за напредни обуки при Царинската управа на Република Хрватска.

-Нашата безбедност се потпира на нашите способности за жестока борба со криминалот и сузбивање на нелегалната трговија. Притоа унапредување на соработката со Царинските управи во регионот е од исклучителна важност за зголемување на безбедноста, истакнал директорот Николовски.

Скопје - Народната банка денеска информира дека крајниот рок за доставување на трудовите за конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи за 2025 година е до 1 февруари. Сите заинтересирани млади истражувачи можат да поднесат свој труд, согласно условите и критериумите на јавниот повик. 

Право на учество, подвлекуваат од Народна банка, имаат сите државјани на земјава на возраст до 35 години, кои не се вработени во Народната банка и не се членови на Советот. Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2023 година. Трудовите се поднесуваат до Народната банка по електронски пат на е-адресата: konkurs@nbrm.mk

Скопје - Заменик-министерот за образование и наука, Лулзим Алиу денеска на прес-конференција истакна дека Владата за годинава буџетот за образование го зголемила за повеќе од два милиони евра и е во вредност од 11,5 милиони евра.

-За 2025 година Владата одлучи да го зголеми буџетот за образование како никогаш досега. Значи, станува збор за буџет кој ќе достигне вредност од 11,5 милиони евра, сума која во 2024 година изнесуваше само девет милиони евра. ВЛЕН го зголеми буџетот за образование за повеќе од два милиони евра. ВЛЕН се залага за зголемување на квалитетот на образованието, бидејќи сметаме дека најважната алка во државниот систем е образованието, всушност, за нас тоа е главниот фактор за создавање нова и продуктивна перспектива, рече Алиу. 

Рим - Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето денеска соопшти дека неговата земја испратила нова пратка од 50 тони хуманитарна помош во Газа.

Тој рече дека Италија на тој начин ги продолжува напорите да им помогне на палестинските цивили загрозени во војната меѓу Хамас и Израел, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.

Лондон - Нивото на јаглерод диоксид (CO2) во нашата атмосфера минатата година се зголемувало побрзо од кога било досега, предупредуваат научниците, сугерирајќи дека постигнувањето на клучните цели во глобалната борба против климатските промени сега е се помалку возможно, објавија денеска британските медиуми.

Концентрацијата на CO2, гасот кој има најголемо влијание врз затоплувањето, сега е за повеќе од 50 отсто повисока отколку во периодот пред луѓето да почнат да користат големи количини на фосилни горива, јавува Би-Би-Си.

Сиднеј - Четири возила и куќата на водачот на еврејската заедница се оштетени во Сиднеј рано утринава, а два автомобили се запалени, во напад што се случи во Довер Хајтс, едно од ексклузивните предградија во источниот дел на австралискиот град. 

Целта била поранешната резиденција на Алекс Ривчин, ко-извршен директор на Извршниот совет на Австралиската еврејска заедница (ECAJ), кој повеќе пати ја повика Владата да стори повеќе за борба против антисемитските напади, кои се во пораст од почетокот на израелската војна против Хамас во Газа. 

Ерусалим - Израелскиот безбедносен кабинет на денешната седница треба да одлучи дали ќе го одобри договорот со Хамас за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Појасот Газа.

Ако биде одобрен, договорот ќе биде доставен до Владата. Ако израелската Влада гои одобри договорот, истиот ќе стапи во сила в недела (19 јануари) со ослободување на првите заложници. Израелскиот безбедносен кабинет вчера го одложи гласањето обвинувајќи го Хамас за создавање на „криза во последен момент“.

Атина – За 9,3 отсто се зголемил патничкиот сообраќај на сите 39 аеродроми во Грција во 2024 година, споредбено со една година претходно, додека сообраќајот на авиони се зголемил за 7,6 проценти, согласно официјалните податоци од Службата за цивилно воздухопловство, јави дописничката на МИА од Атина.

Поконкретно, бројот на патници на грчките аеродроми во периодот јануари – декември 2024 година е за над 6,7 милиони повисок од лани, односно достигна 79.403.911, наспроти 72.616.584 патници во истиот период од 2023 година.

Киев – Украинската противвоздушна одбрана синоќа собори 33 од 50 дронови лансирани од Русија.

Девет дронови се „изгубени“ односно пренасочени, додека еден го напушти украинскиот воздушен простор во правец на Романија.

Брисел - Европската комисија иницира три дополнителни технички истражни мерки за Икс, кои се однесуваат на системот за препораки на социјалната мрежа, како дел од формалната постапка отворена против платформата на 18 декември 2023 година врз основа на Законот за дигитални услуги (ДСА), соопшти денеска портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.

- Прво, Комисијата бара од компанијата до 15 февруари 2025 година да обезбеди внатрешна документација за нејзините системи за препораки и сите неодамна направени промени, рече Рение. 

Остани поврзан