МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
20 јануари 2025
Скопје - Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор од 30 дена за Раде Трајковски познат по прекарот Штекли, како и за уште осум лица од криминалната група која е осомничена дека се занимава со продажба на дрога. За еден осомничен донесено е решение за определување мерка куќен притвор.
Притворот, како што соопшти Основниот кривичен суд Скопје, почнува да се спроведува од нивното пронаоѓање односно лишување од слобода.
Скопје - На автопатот Демир Капија - Неготино синоќа околу 20 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово при Регионалниот центар за гранични работи Југ го лишиле од слобода Е.Ф.(19) од Радовиш, затоа што во возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки превезувал шест лица мигранти, три од Непал и три од Индија.
Скопје - Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, каде првообвинет е Љупчо Палевски - Палчо, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
Скопје - Повеќе од 200 општини ги имаат склучено договорите со кои треба да добијат финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти, а само два ќе треба повторно да се објават заради технички проблеми, изјави денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински.
- Задоволни сме од работењето на локалните самоуправи заради тоа што повеќе од 200 од вкупно 288 проекти што се контрактираа за да добијат средства од централниот Буџет, веќе се склучени договорите и ќе влезат во фаза на изведба. Само два од овие 288 договори ќе треба повторно да се објават заради технички проблеми заради јавните набавки. Очекуваме со подобрување на временските услови, градежна и екномска експанзија на целата територија, рече Перински во изјава за медиумите во Штип пред вториот консултативен состанок за Предлог-измените на Законот за локална самоуправа.
Скопје - Надлежните очекуваат раст на заболени од грип, а пикот се очекува кон средината на февруари. Почетокот на второто полугодие за учениците и дружењето на луѓето во затворен простор поради ниските температури, се дел од факторите што допринесуваат бројот на заболени да расте во овој период.
- Секоја година се зголемува бројот на заболени од грип до средината на февруари, кога се очекува пикот. Со години тоа е така. Пикот е во втората половина на февруари. Ќе растат бројките уште, но, споредено со минатите години, нема никаква разлика во однос на тоа како е сега. Дури ако споредиме со лани, оваа година состојбата со заболени лица од грип е нешто подобра. Тоа што бројот на заболени ќе расте, не зависи само од училиштата, таква е динамиката на раст на бројот на заболени од грип, појасни за МИА, портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ.
Скопје - Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ - 04 пријави дека рокот за поднесување е до 27 јануари 2025 година.
- До денес, од вкупно 41.531 очекувани ДДВ - 04 пријави, поднесени се 6.253 пријави, што претставува само 15,1 отсто од вкупниот број. Остануваат уште 35.278 ДДВ – 04 пријави кои треба да се поднесат во преостанатите денови. Апелираме да бидете одговорни даночни обврзници и да ги доставите сите потребни документи до вашите сметководители со цел навремено и точно да се обработат вашите ДДВ -04 пријави за овој даночен период. Не го одложувајте процесот! Поднесете ги вашите ДДВ - 04 пријави на време и бидете пример за одговорни даночни обврзници, се вели восоопштението.
Дополнителни информации или поддршка може да се добие во Контакт центарот на УЈП, на info@ujp.gov.mk и на телефонските броеви: 0800 33 000 и 02 3253 200.
Скопје - Во електронското мултикултурно списание „Lamed“ со седиште во Израел, објавен е расказ на писателот Томислав Османли. Станува збор за списание од 1 јануари 2008 година, чијшто главен уредник е белградскиот автор Иван Л. Ниниќ кој живее и работи во Нетанија, Израел.
Објавената проза на Османли е дел од неговата широко афирмирана прозна збирка јудео-балкански раскази и новели насловена „Светилка за Ханука“. Таа за прв пат е публикувана во 2008 година, а деновиве е објавена новелата „Рабинот и искуството на жртвувањето“.
Атина – За растојание од пет километри возат околу два часа. Ова е реалноста што ја живеат жителите на општина Преспа, кои и покрај тоа што живеат веднаш до Северна Македонија, за да ја посетат соседната земја треба да преминат преку граничниот премин Ники и да поминат над 130 километри. Причината е што граничниот премин кој се наоѓа на крајот на нивната општина и натаму останува затворен, пишува грчкиот весник „Катимерини“ во текстот посветен на граничниот премин Маркова нога-Лемос, јави дописничката на МИА од Атина.
Во репортажата под наслов „Преспа: Стигнуваат до нашиот двор и не можат да влезат“, весникот ја истакнува важноста на граничниот премин што според проценките треба да почне со работа во 2027 година, коментира дека „седум години по потпишувањето на Договорот од Преспа, преминот сè уште не е ни почнат да се гради, а пренесува и изјави на градоначалниците на општина Преспа и општина Ресен.
Белград - Белградскиот средношколски форум има податоци дека денеска во 90 отсто од средните училишта во Белград нема настава, изјави потпретседателката на тој синдикат Ана Димитријевиќ, објави ТВ Н1.
„Во преостанатите десет проценти од белградските средни училишта се одржува минимум наставен капацитет“, вели Ана Димитријевиќ.
Нови Сад - Родителите на ученици во новосадските основни и средни училишта од утрово се собираат пред училиштата и им даваат поддршка на наставниците кои решија да штрајкуваат и со тоа да ги поддржат своите ученици и нивните барања, јави Бета.
На родителите им се придружија универзитетските професори од мрежата „Слободен универзитет“, како и претставници на Студентите во блокади.
Пред училишта низ Нови Сад се истакнати транспаренти меѓу кои - „Моето дете не е државна сопственост“, „Не се плашиме, се солидаризираме“, „Нашите деца утре се студенти“.
Белград - Осум лица го загубија животот во пожарот што утринава околу 4 часот и 10 минути избувна во Дом за стари лица во белградската општина Бараево, соопшти в.д. директорот на Секторот за вонредни ситуации Лука Чаушиќ.
Тој рече дека прелиминарните резултати покажуваат дека пожарот го предизвикал еден од жителите на домот, пренесе Бета.
„Пожарникарите спасија 13 лица од пожарот, од кои седум беа преземени од Итната медицинска помош, додека на останатите лица им беше овозможено алтернативно сместување“, посочи Чаушиќ.
Подгорица – Генералниот инспектор на црногорската Агенција за национална безбедност Артан Курти поднесе неотповиклива оставка од функцијата на која неодамна беше вратен со судска одлука.
Тој наведе дека оставката ја поднел бидејќи повеќе не се препознава како дел од безбедносниот систем, кој според него, во значителна мера е загрозен и урнисан.
Њујорк - Биткоинот достигна рекордна вредност од над 109.000 долари денеска додека Доналд Трамп, кој сигнализираше планови за дерегулација на секторот за криптовалути, се подготвува да положи заклетва како американски претседател.
Вредноста на Биткоинот се зголеми на највисоко ниво - 109.241 долари пред церемонијата на инаугурација на Трамп.
Лос Анџелес - За жителите на САД денеска стапи во сила забраната на „Тик-ток“, што претставува проблем за „инфлуенсерите“ кои практично ја изградиле својата кариера на оваа платформа, заработувајќи илјадници и милиони долари. Меѓу најпопуларните американски „тиктокерки“ се сестрите Чарли и Дикси Д'Амелио, па нивниот татко Марк го осуди затворањето на оваа профитабилна платформа, како потег на американската Влада.
Мелбурн - Новак Ѓоковиќ овој понеделник тренираше во комплексот Мелбурн Парк, но за првпат го затвори тренингот за новинарите и пошироката јавност.
Комплексот го вклучува и Националниот тениски центар на Австралија, кој вклучува и затворени терени. Токму тука Србинот реши да направи генерална проба пред четвртфиналниот натпревар против Карлос Алкараз, кој е закажан за вторник во 11 часот по наше време.
Скопје - Тажниот „син“ трет понеделник во јануари вообичаено се смета за „најдепресивниот ден“ во годината… И, иако ова не се заснова на научни факти, сепак, денеска многумина чувствуваат емотивни тешкотии и предизвици, додека зимските температури сè уште се ниски, денот сè уште кус, а празниците се зад нас.
Овој ден, според познавачите, може да послужи за осознавање, признавање и решавање на чувството на тага коешто некои луѓе може да го искусат во зимските месеци. Така, главниот совет гласи: Работете на менталното здравје! „Тажниот понеделник“ е потсетник за грижата за себе. Можеби е време и за разговор со психолог, ако тоа е потребно.
Лос Анџелес - Цртаниот филм „Моана 2“, првично замислен како содржина за стрим-платформите, официјално достигна милијарда долари заработка на киноблагајните ширум светот.
Имено, продолжението заработи 445 милиони долари во САД и 567 милиони на меѓународно ниво, со што неговата вкупна вкупна вредност достигна 1,009 милијарди долари во светот, по осум викенди прикажување. „Моана 2“ е третото остварување на „Дизни“ во 2024 година коешто влезе во „клубот на милијардите“, по „Опаку наопаку 2“ (Inside Out 2) и „Дедпул и Вулверин“. Ниту една од соперничките продукциски куќи лани не ја достигна милијардата, иако „Јуниверзал“ (Universal) беше најблиску, со „Подлиот јас 4“ (Despicable Me 4) - 969 милиони долари.
Оксфорд - Богатството на супербогатите во светот расте сe побрзо, покажа студијата објавена денеска од меѓународната организација Оксфам пред Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос.
Според извештајот, во 2024 година имало 2.769 милијардери ширум светот, што е зголемување за 204 во споредба со претходната година.