• сабота, 21 декември 2024
МИА Радио флеш

 19 декември 2024 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил напиша дека имал чест да учествува на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), каде што се собрале истакнати лидери, претставници на партии и клучни носители на одлуки од цела Европа.

-Самитот беше платформа за размена на мислења и идеи за иднината на Европа, особено ме радува фактот што Македонија останува дел од овие стратешки разговори и партнерства. Нашето активно учество на ваквите меѓународни настани е клучно за зајакнување на позицијата на нашата земја во европскиот контекст и за придонес кон заедничката визија за стабилна и просперитетна Европа, напиша Мицкоски.

Скопје - АД ЕСМ со поволен кредит од германска развојна КфВ банка почнува нов циклус инвестициски проекти во обновливи извори на енергија. Станува збор за изградба на фотоволтаичната електроцентрала Битола 2 и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“, соопшти Министерството за финансии.

Средствата за овие два значајни проекта, во износ од 55 милиони евра, се обезбедени преку заем со државна гаранција потпишана од Министерството за финансии, по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс-период од пет години.

Скопје, - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) и Здружението на лиценцирани енергетски контролори на Македонија (ЗЛЕК) потпишаа меморандум за соработка, кој отвора нови можности за поттикнување и унапредување на енергетската ефикасност во државата.

Целта е преку здружување на експертизата и институциите да се забрза унапредувањето на енергетската регулатива и стручна поддршка. Меморандумот предвидува активности како промоција на енергетска ефикасност, размена на информации, стручна и техничка поддршка, како и организирање на трибини, обуки и настани, соопшти МЕРМС.

Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади соопшти дека во тек е исплата на образовниот додаток за првиот мерен период за учебната 2024/2025 година.

-Исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди и тоа за првиот мерен период во текот на месец декември во тековната календарска година, а за вториот мерен период во текот на месец февруари во наредната календарска година, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека за исплатата за третиот мерен период во текот на месец мај во тековната календарска година и за четвртиот мерен период исплатата се врши во текот на месец јули  во тековната календарска година.

Скопје - Во Управата за заштита на културното наследство пуштен е во употреба Софтвер за водење заштитни евиденции и Националниот регистар на културното наследство во земјава што ќе овозможи поефикасно управување и заштита на културното наследство со примена на иновации.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во обраќањето на прес-конференција по тој повод истакна дека со реализацијата на овој проект на дело се потврдува посветеноста на Владата и на Министерството за модернизација и создавање брз и ефикасен систем за водење на заштитните евиденци и транспарентен систем за управување со културните добра.

Скопје - Скопското Кале до почетокот на летото би требало да биде официјално отворено за посетители, најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

- Вчера го имав првиот состанок со Советот за културно наследство, со кој го видовме и извештајот кој што беше направен од работната група формирана од Управата за заштита на културното наследство и во наредниот период ќе преземеме конкретни чекори бидејќи имаме буџет во 2025 година за таа намена. Се надеваме дека до почеток на летото веќе ќе можеме да го отвориме Калето официјално за посетители. Освен Калето и содржините што ги имаме внатре, во Калето, а тоа се музеите, рече министерот Љутков на новинарско прашање по промоцијата на софтвер за водење на заштитните евиденции и Националниот регистар на културното наследство. 

Во однос на истражувањето на археолошкиот локалитет во струшко, тој кажа дека ископувањето е завршено и затворено. Конзервација на пронајдените предмети прави Заводот и Музеј од Охрид и тие предмети ќе бидат изложени таму.

Скопје -  Предлог на законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства - Законот за бранители и денеска повторно ја блокира работата на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, на чиј дневен ред имаше само една точка Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување во второ читање.

На почетокот на седницата пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска предложи да се дополни дневниот ред со точка број еден Предлог на закон за посебните права на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства. На ова барање на Тренчевска, претседателката на Комисијата Илире Даути нагласи дека дека не може да го стави на гласање нејзиниот предлог бидејќи како што рече, овој предлог-закон ги поминал сите законски рокови. И на крајот, Даути ја прекина денешната седница на Комисијата.

Скопје – Билетарниците на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ не им ги продолжуваат годишните карти за наредната година на студентите за бесплатен јавен превоз во главниот град.  Претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Александар Николоски, изјави дека веќе пратиле апел до Владата, Министерството за образование и наука, Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска и до ЈСП „Скопје“, како што рече, „да се произнесат јавно дали се предвидени средства за бесплатен превоз на студентите во градот Скопје“.

-Затоа што билетите за 2025 не се продолжуваат на билетарниците на ЈСП. Од друга страна, од МОН се произнесоа дека се предвидени средства. Во текот на септември градоначалничката имаше дадено изјава дека има заостанат долг во неколку милиони денари којшто треба да се плати, покрај од страна на Министерството и Владата. Останува да почекаме одговор од страна на институциите. Доколку не, УСС на УКИМ ќе преземе соодветни реакции и мерки со кои ќе го искаже ставот. Смешно е студентите да немаат бесплатен превоз, мерка што е обезбедена десет години по ред од страна на Владата. Во програмата на сегашниот градоначалник беше мерката бесплатен јавен превоз за сите граѓани, а сега доаѓаме во ситуација кога се зборува за укинување на превозот за студентите што навистина не би било во ред за студентскиот стандард, изјави Николоски.

Скопје - Илире Даути, пратеничка на „Европски фронт“ и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади денеска во изјава за медиумите истакна дека интерпелацијата поднесена за неа од пратениците на Левица не ја гледа како персонална против неа, туку, како што рече, како војна против лицата кои се борат за еднаков третман за сите граѓани.

-Треба да бидеме преокупирани со интерпелацијата, бидејќи никогаш порано досега не се случило такво нешто. Мислам дека тоа нема да биде во ред за демократијата, за луѓето кои бараат еднаквост за сите граѓани. Интерпелацијата не ја гледам како персонална против мене, туку, една војна против лицата кои се бораат за еднаков третман за сите граѓани, во овој случај и против другата страна поранешните војници на ОВК кои учествувале во воениот конфликт во 2001 година, рече таа.

Даути потенцира дека таа досега работела во согласност со Деловникот за работа на Собранието.

Атина – Поради труење со храна, министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас ја одложил посетата на Србија што беше закажана за денеска, информирале за грчките медиуми од Министерството за одбрана, јави дописничката на МИА од Атина.

Планирано беше Дендиас во Белград денеска да биде примен од претседателот на Србија Александар Вучиќ и да се сретне со министерот за одбрана Братислав Гашиќ. 

Атина – Грција беше протагонист во обликувањето на поактивна одбранбена политика на Европската унија. За овие прашања ќе имаме можност да разговараме и на вонредниот Самит во февруари, но за мене е апсолутно јасно дека Европа треба да одвои повеќе европски ресурси за својата заедничка европска одбрана, истакна грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по пристигнувањето на Самитот на ЕУ во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи „она што првпат беше формулирано од Грција пред неколку месеци, и изгледаше можеби како многу далечен сон, сега почнува да се третира со чувство на итност од многу европски земји“.

Тирана - Албанскиот боксер Флоријан Марку е уапсен во Германија и екстрадиран во Грција, откако бил баран за инцидент што се случил пред седум години во Солун.

Тој се товари за убиство во обид (ранување) и недозволено поседување оружје. Претходно Марку беше осуден за овој инцидент и одлежа 1,5 година затвор во Солун.

Според него, инцидентот се случил во кафеана со некои руски државјани.

Марку (32) е познат на меѓународната сцена, со успешна боксерска кариера. Тој е професионален боксер и поранешен кик-боксер, роден е во албанскиот град Љушња, а живеел во Германија.

Тирана – Заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф денеска престојува во Тирана, каде ќе учествува на церемонијата по повод петгодишнината од формирањето на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК).

Касаноф, кој ја презеде функцијата во јули оваа година како наследник на Габриел Ескобар, се очекува да одржи говор на овој настан, потврдувајќи ја американската поддршка за реформите во правосудството во Албанија.

Брисел - На премиерот Христијан Мицкоски вчера ми порачав дека треба да се намали „острината на изјавите“, пред се од македонска страна, бидејќи, како што знаете, Бугарија „ништо и не кажува“, изјави денеска  шефот на бугарската техничка Влада, Димитар Главчев во Брисел, каде учествува на Самитот на ЕУ. 

- Јазикот на омразата не треба да продолжи. Можеме да водиме секакви дијалози, но нашата позиција не е променета, рече Главчев. 

Според него, иако нема промена на бугарската позиција, сепак е добро да се почне да се разговара за европските односи со добар европски тон, каков што треба да се користи меѓу држава членка и кандидат за членство во Европската Унија. 

Брисел – Во 2024 година подзабавивме и не можеме да бидеме горди поради тоа, но во 2025 година треба да забрзаме ако сме навистина сериозни во напорите да го потврдиме местото на Европа на светската сцена, бидејќи имаме малку простор за друг избор, порача претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола на прес-конференција по нејзиното денешно учество на Самитот на ЕУ во Брисел. 

Според неа, во услови на сегашното „чувство на итност“ една од најитните безбедносни грижи на ЕУ треба да биде руското мешање во Молдавија, Грузија и на Западниот Балкан. 

Со години велиме дека проширувањето е геополитичка неопходност. Сепак, во последната деценија изгубивме повеќе членки, отколку што добивме. Поентата ми е дека ако продолжиме „да се влечкаме“, тогаш не треба да бидеме изненадени ако другите се вмешаат за да ја пополнат празнината, порача Мецола.

Стокхолм - Шведската полиција денеска соопшти дека ќе учествува како набљудувачи додека кинеските власти спроведуваат истрага на брод под кинеско знаме во Балтичкото Море, во областа каде минатиот месец беа оштетени два подводни кабли за пренос на податоци.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави на крајот на ноември дека неговата земја официјално побарала од Кина да соработува во истрагата за оштетувањето на кабелите, што се случи во шведските води.

Шведските, финските и литванските власти спроведуваат истрага за оштетувањето на каблите, додека германскиот министер за одбрана Борис Писториус рече дека се сомнева во саботажа.

Вашингтон - Илјадници работници на компанијата Амазон започнуваат денеска со штрајкови во повеќе магацини во САД, и тоа се случува во екот на празничната сезона, јавија дел од американските медиуми.

Протестите се резултат на неуспехот на синдикатот да издејствува преговори со компанијата за решавање на некои прашања како склучување договори.

Штрајковите претставуваат сериозен проблем за најглемата онлајн продавница во светот  бидејќи се случуваат во најоптоварениот период со нарачки во годината, за веме на божиќните празници. Притоа, се прецизира дека магацините кои се претставени од синдикати претставуваат само еден отсто од работниците на компанијата кои се платени по час.

 

 

Остани поврзан