3 декември 2024
Скопје - Меѓународниот ден на лицата со попреченост нè потсетува на нашата обврска да изградиме општество на еднакви можности, каде поддршката и разбирањето се темел на секојдневната посветеност за интеграција на лицата кои своите способности ги изразуваат на различен, но подеднакво значаен начин, се вели во пораката од претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова по повод 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Овие личности, се подвлекува, се неразделен дел од раскошниот мозаик на нашето општество.
Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска упати порака по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
-На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, оддаваме почит на силата, храброста и истрајноста на поединците кои се соочуваат со специфични предизвици. Тие се чувствителен, но витален дел од нашето општество, и без разлика на пречките, нивниот потенцијал за придонес во сите сфери на животот е неограничен, вели Гаши во пораката.
Скопје - АМСМ информира дека од 11.20 часот во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Кратово кон с.Страцин поради паднати тополи на коловозот.
Скопје - Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека важноста на возачките дозволи со старото уставно име, согласно со промената на законот за безбедност во сообраќајот, е заклучно со 31.12.2024 година.
Скопје - Поради наноси од снег повисоки од 60 сантиметри, едно лице е заглавено во месноста „Празни торба“ – Црни врв, село Цветово во Општина Студеничани.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), лицето денеска, во 9:18 часот, во РЦУК Скопје пријавило дека е заглавено, се наоѓа во сопствена викендица и не е во можност да го користи сопственото моторно возило, иако има зимска опрема.
Скопје – После долги години на дното оваа година за првпат имаме можност како држава да стигнеме до прилив од странски директни инвестиции до една милијарда евра, оцени денеска портпаролката на Владата Марија Митева.
-Странските директни инвестиции во Македонија во периодот јануари – септември достигнаа 838 милиони евра што е зголемување од 348 милиони евра во однос на истиот период минатата година и убедлив рекорд во изминатите 20 години. Податоците покажуваат дека само во третиот квартал оваа година приливот на странски директни инвестиции во Македонија достигна 281 милион евра, рече Митева на прес-конференција.
Скопје - Сојузот на синдикатите на Македонија е сериозно загрижен од предлогот на Фискалниот совет за зголемување на пензискиот стаж за остварување на правото на старосна пензија на 67 години.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во изјава за МИА вели дека пензиските реформи во сериозни држави се прават врз основа на сеопфатни анализи за целокупната општествено –економска состојба со сите предности и клучни предизвици во насока на социјално згрижување и сигурност за најголем број од населението.
Скопје - Во Апелациониот суд во Штип се одржа третата тркалезна маса за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет. Ова е само еден од неколкуте настани за консултации кои Министерството за правда во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ планира да ги организира, со цел да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес кој ќе придонесе кон унапредување на законската рамка која го уредува работењето на Судскиот совет.
Државниот секретар на Министерството за правда Дајанчо Ефтимов, во своето обраќање рече дека по сите случувања во Судскиот совет, неопходно е да се преземат мерки за имплементирање на препораките од Оценската мисија.
Скопје – Во рамки на Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан, денеска, беа доделени 12 грантови на организации и институции од Западен Балкан, кои во следниот период треба да спроведат проекти за превенција од пожари на ниво на предел.
Како што појасни тим лидерот на Програмата, Цветан Николовски, се работи за регионален проект финансиран од швајцарската Агенција за развој и соработка, со цел креирање поотпорни предели на пожари, со главен фокус на превенција од пожари на ниво на предел.
Скопје - Во периодот јули - септември годинава во базата на Регистарот на цени и закупнини се внесени 7.491 трансакција, од кои 5.525 купопродажби на недвижности и 1.966 закупи на недвижен имот.
Бројот на купопродажби регистрирани во Регистарот во третиот квартал годинава во однос на истиот квартал лани е незначително намален, додека бројот на закупи е намален за пет проценти, покажуваат последните податоци на Агенцијата за катастар на недвижности.
Прилеп - Со богата приредба и насмеани лица, корисниците на Дневниот центар „Ѕуница“ во Прилеп го одбележаа 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Дневниот центарт „Ѕуница“ дневно згрижува 15 корисници од различни возрасти и е меѓу првите отворен во земјава пред 22 години.
Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека целта на протестите во Србија е насилно соборување на демократски воспоставената власт и дека опозицијата во Србија оди по патот на обоената револуција во Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.
-Мислите дека е генијално тоа што ги обоивте бехатон плочите со црвена боја, кои нема да можат целосно да се исчистат? Дали мислите дека тоа беше нивна идеја? Најдете ги снимките од 2016 година, потполно истото сценарио во Северна Македонија. Потполно на ист начин го бојадисаа главниот плоштад во Скопје. Газдата и спонзорот секогаш беа исти, а жртви беа народите врз кои се правеа обоени револуции. Тоа нема да се случи во Србија, бидете сигурни, им рече тој на новинарите на конференцијата „Србија-Африка 2024: Достоинство“ во Белград.
Бeлград - Здружението на судии и обвинители на Србија денеска ги повика сите членови на Високиот совет на обвинители од редот на јавните обвинители да поднесат оставки бидејќи, како што се наведува, не ги исполнуваат своите обврски во насока на заштита на јавните обвинители од медиумски и политички линч и континуирано ги игнорираат сите притисоци и напади врз јавните обвинители, јавија белградските медиуми.
Брисел - Одвојувањето за трошоци за одбраната од два отсто од националните БДП не е доволно и земјите членки на НАТО ќе мора да издвојуваат повеќе средства за зајакнување на своите одбранбени капацитети, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на прес-конференција пред почетокот на дводневниот состанок на шефовите на дипломатиите на Пактот, на кој учествува и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
- Мора да направиме повеќе. Не можеме да останеме на два проценти, бидејќи на долг рок тоа би значело дека нашата решителност не е доволно јака, рече Руте.
Брисел – Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска изјави дека сојузниците на Алијансата би требало да ја зголемат воената помош за Украина, за да ја засилат позицијата на Киев доколку украинскитре власти влезат во преговори со Москва за завршување на војната.
- Потребно е сите повеќе да направиме. Што посилна биде нашата помош за Украина сега, тоа ќе биде појака нивната сила на преговарачката маса, посочи Руте.
Хаг – Белгиската, колумбиската и шпанската полиција со поддршка од Европол открија голем синџир за трговија со кокаин од Колумбија до наркопазарот во Европска унија.
Во акцијата откриени и запленети се 5,8 тони кокаин и уапсени се 32 лица.
Операцијата уследи по апсењето на два бегалци од италијанската мафија Камора во октомври во Колумбија.
Брисел - Членките на ЕУ би можеле денеска да ги заострат правилата против пушење и да ја поддржат забраната за пушење и „вејпинг“ на некои отворени простори како што се игралишта, плажи, базени и тераси во кафулињата.
Препораката за забрана на пушење и „вејпинг“ на отворено ќе биде предмет на расправа на 27 министри за здравство на состанок во Брисел.
Според дипломатски извори, препораката ќе биде усвоена и покрај политичките поделби околу тоа прашање, кои станаа видливи минатата недела кога Европскиот парламент отфрли сличен документ.
Тбилиси – Во синоќешните протести во главниот град на Грузија, Тбилиси повредени се 26 луѓе, од кои 23 демонстранти и тројца полицајци, соопшти грузиското Министерство за здравство.
Во соопштението се додава дека никој од повредените не е во животна опасност.
Во Тбилиси, петта вечер по ред илјадници луѓе излегоа на улица против владејачката партија Грузиски сон.
Протестите почнаа кога премиерот Иракли Кобахиѕе од Грузиски сон ја соопшти одлуката на Владата за стопирање на преговорите со ЕУ.
Вашингтон - Претседателот Џо Бајден побара од Конгресот дополнителни 24 милијарди долари за поддршка на Украина и за надополнување на резервите на оружје на САД, изјавија за Гласот на Америка двајца американски претставници, додека администрацијата во понеделникот продолжи со новите пакети помош од последните средства одобрени од Конгресот за Киев пред Бајден да ја напушти функцијата на 20 јануари.
Лондон - Британски готвач, чиј ресторан има ѕвезда на „Мишелин“, ги повика крадците кои му го украле комбето со 2.500 пити - „да ја направат вистинската работа“, да не ги фрлаат, туку да ги остават некаде за гладни и изнемоштени луѓе, кои имаат потреба од нив.
Томи Бенкс, сопственик на два ресторана и паб во Северен Јоркшир, вчера на Инстаграм објави дека му е украдено комбе, со намирници во вредност од 25.000 фунти (повеќе од 30.000 евра). Тој ги повика крадците да ги остават питите во општински центар или пред народната кујна.