• среда, 04 декември 2024
МИА Флеш

2 декември 2024

Скопје - Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева денеска поднесе неотповиклива оставка. 

Одлуката, како што рече, ја донела за да го заштити својот углед, но и фамилијата.

 

Скопје - Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска беа потпишани 57 договори по објавениот јавен повик за доделување на финансиска поддршка за набавка на специјални комбајни за жнеење на ориз со сецкалици и/или мобилни сушари за ориз.

- Максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник изнесуваа 600.000 денари. Вкупната вредност на договорите е над 34 милиони денари, соопштија од МЗШВ.

Со јавниот повик, Министерството преку мерките од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, како што е наведено во соопштението, им излегува во пресрет на оризопроизводителите со цел да се модернизира механизацијата во земјава.

Куманово - Едно од опожарените возила во Куманово е сопственост на јавниот обвинител Џелал Бајрами, кој во изјава за МИА, нагласи дека очекува во најскоро време да бидат пронајдени сторителот/те на настанот. Приватното возило е целосно оштетено.

- Пријавено е уште кога се случи настанот, од страна на соседите на кои во оваа прилика им се заблагодарам. Дојдена е противпожарната единица, припадници на полицијата. Изгаснат е пожарот, ништо не остана од возилото. На самото место излезе и дежурниот јавен обвинител, зедоа материјални докази за расветлување на настанот. Очекувам и се надевам дека брзо ќе се најдат сторителот или сторителите на оваа дело. Приватно е возилото, паркирано пред дворот од куќата пред влезната врата нема други штета, возилото целосно опожарено очекувам дека во најскоро време ќе бидат откриени лицето или лицата кои стојат зад настанот, изјави Бајрами.

Претходно ЈОРСМ информираше дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увиди на локациите каде беа опожарени два автомобили и една деловна просторија.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на јавното претпријатие „Македонија пат“.

Оттаму информираат дека на планинскиот премин Ѓавато има магла со видливост од 200 метри.

Сите патни правци во државата се проодни без забрани и ограничување. На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

Приштина– Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер изјави дека во овој момент САД не можат да кажат кој стои зад петочниот напад на каналот Ибар-Лепенец во селото Варага кај Зубин-Поток во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференција по средбата на амбасадорите на групата Квинта, која ја сочинуваат САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија, со косовскиот премиер Албин Курти, Ховениер рече дека е рано да се зборува и дека ова прашање бара внимателна истрага.

- Во овој момент, САД не можат да кажат кој стои зад нападот. Рано е за тоа и овие работи бараат внимателна истрага. Она што можам да го кажам е дека институциите на Косово ја имаат нашата поддршка. Исто така, не можам да исклучам ниту една група, држава или нешто друго. Рано е, уште не знаеме, рече Ховениер.

Брисел - Советот на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување на глобалниот режим на санкции на ЕУ, со кои се опфатени поединци, субјекти и тела кои подлежат на рестриктивни мерки поради сериозни повреди и злоупотреби на човековите права, за уште една година до 8 декември 2025 година. 

На физичките и правните лица опфатени со режимот на санкции им е замрзнат имотот во ЕУ, а на субјекти од Унијата им се забранува да им ставаат на располагање средства, финансии и економски ресурси. Дополнително, на санкционираните поединци им се забранува патување во ЕУ. 

На листата на санкционирани за кршење на човековите права се наоѓаат 116 поединци од Русија, Кина, Северна Кореја, Авганистан, Либија, Јужен Судан, Мјанмар, Централноафриканската Република, Сирија и Израел, како и 33 правни субјекти, групи и организации од Русија, Кина, Либија, Северна Кореја, Еритреја, Централноафриканската Република, Судан, Иран, Сирија, Мјанмар, Хаити, Израел, Либан и од Појасот Газа. 

Брисел - Дел од пратениците на Европскиот парламент (ЕП) испратија писмо до новата висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, во кое повикуваат Европската комисија да иницира санкции против грузиските власти.

Писмото го објави на социјалната мрежа Икс европратеникот Михај Шчерба, кој посочи дека го потпишал заедно со европратеничката Раса Јукневичиене.

„Ние, долупотпишаните пратеници на Европскиот парламент, сакаме да ве повикаме да иницирате лични санкции против грузиските власти поради случувањата во кои актуелната владејачка партија во Грузија ја узурпира државата по наместените избори и ги задушува протестите на цивилното општество“, се наведува во писмото.

Тбилиси– Повеќе од 200 луѓе се приведени на синоќешните протести во главниот град на Грузија, Тбилиси поради владината одлука за суспензија на преговорите за членство во ЕУ.

Грузиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека 244 демонстранти се приведени поради административни тужби, а тројца се уапсени поради кривични пријави. Додека лекарска помош побарале 113 полицајци, а тројца се хоспитализирани.

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили наведе дека голем број од приведените демонстранти се здобиле со повреди на коските, главата и лицето.

Најавата на Владата за суспензија на процесот за членство во ЕУ уследи неколку часа откако Европскиот парламент усвои резолуција со која се критикуваат октомвриските избори како неслободни и нефер.

Вашингтон - Претседателот на САД Џо Бајден синоќа објави опширно помилување за својот син Хантер за сторени кривични дела од 2014 до 2024 година. Со ова тој предизвика лавина од реакции меѓу републиканците и сопартијците демократи. Бајден во неколку наврати годинав ана прашања од новинари потврди дека нема да посегнува по помилување за својот син. Помилувањето денеска го потврди и самиот и Хантер Бајден.

-Џозеф Р. Бајден помладиот ми даде целосно и безусловно помилување за, меѓу другото, делата наведени во обвинението во овој случај, изјави тој.
 
-На 1 декември формално ја примив и прифатив претседателската одлука за помилување. Изјавувам (или потврдувам, верификувам или наведувам) под казна за лажно сведочење според законите на Соединетите Американски Држави дека горенаведеното е вистинито и точно.“

Каиро - Претставници на Обединетите нации (ОН) денеска ја опишаа ситуацијата во Газа како „ужасна и апокалиптична“, предупредувајќи дека условите со кои се соочуваат Палестинците во енклавата би можеле да се сметаат за „најтешки меѓународни злосторства“.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, преку неговата заменичка Амина Мохамед, на конференцијата во Каиро за забрзување на доставувањето хуманитарна помош во Појасот Газа, повика меѓународната заедница да постави темели за траен мир во Газа и целиот Блиски Исток.

Според податоците на Министерството за здравство на Газа, во речиси 14 месеци војна помеѓу Израел и палестинската група Хамас, загинаа над 44.000 луѓе.

Киев - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска пристигна во Киев на својата прва посета на Украина по две и пол години. За време на оваа ненајавена посета, тој ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесе ДПА.

Шолц најави дека до крајот на декември ќе се реализира испорака на оружје во вредност од 650 милиони евра за поддршка на украинската одбрана.

- Сакам да биде јасно дека Германија ќе остане најсилниот поддржувач на Украина во Европа, изјави Шолц, кој допатува до Киев со специјален воз.

Канцеларот истакна дека посетата е знак на солидарност со Украина, која „херојски се брани од безмилосната руска агресија повеќе од 1000 дена“.

Копенхаген – Стоте најголеми светски компании за вооружување забележаа значителен пораст на продажбата на оружје минатата година, поттикнат од конфликтите во Украина и Газа, заедно со пошироките глобални тензии.

Според извештајот објавен денеска од Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ), вкупните приходи во 2023 година на 100-те компании се зголемија за 4,2 проценти, приспособени за валутни флуктуации, на вкупно 632 милијарди долари, по падот претходната година.

Приходите од оружје се однесуваат на приходите остварени од продажба на воени стоки и услуги на воени клиенти во земјата и странство.

СИПРИ истакна дека многу компании за оружје го зголемиле производството и прогнозираат дека трендот на пораст во продажбата на оружје најверојатно ќе продолжи.

- Големите заостанати нарачки и зголемената побарувачка за оружје во текот на 2022 и 2023 година сугерираат дека вкупниот приход од оружјето во Топ 100 може значително да се зголеми во годините што доаѓаат, се вели во извештајот.

Конакри - Се стравува дека повеќе од 50 луѓе загинале по судири меѓу навивачи и стампедо на фудбалски натпревар во југоисточна Гвинеја, соопшти владата, пренесува Скај њуз.

Инцидентот се случи по завршувањето на фудбалски натпревар во Гвинеја, во градот Н'Зокоре, а информациите што пристигнуваат се повеќе од вознемирувачки.

Во оваа африканска земја традиционално се одржува натпреварување наречено „Мамади Думбуја“, а по завршувањето на еден натпревар се случија тешки инциденти.

Досега е потврдено дека во судирите има жртви, а снимките на социјалните мрежи прикажуваат безживотни тела на асфалтот. Според одредени извори, бројот на загинати е најмалку 100.

Бејрут - Вооружени групи од Ирак поддржани од Иран се распоредени во Сирија за да ја поддржат владината контраофанзива против ненадејниот напредок на бунтовниците кои го зазедоа градот Алепо, соопштија денеска претставници на ирачките групи.

Бунтовниците, предводени од џихадистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, минатата недела го нападнаа Алепо и се распоредија во околината на Идлиб и соседните провинции Хама. Владините трупи формирале одбранбена линија во северниот дел на Хама во обид да ги запрат бунтовниците.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи вчера во Дамаск се сретна со сирискиот претседател Башар ал Асад и ја најави целосната поддршка на Техеран за неговата влада.

Бања Лука - Во последните 25 години, од државјанството на Босна и Херцеговина (БиХ) се откажале повеќе од 100.000 граѓани, главно за да добијат државјанство на некоја западноевропска земја, најчесто Германија и Австрија.

„Од 1999 година, 101.413 граѓани се отпишале од книгата на државјани на БиХ“, соопштија од Министерството за цивилни работи на БиХ за бањалучкиот весник „Независне новине“.

Во последните 10 години, 37.294 лица се откажале од државјанството на БиХ, додека 6.806 лица го стекнале.

Остани поврзан