МИА Општински пул
- 4 декември 2024
4 декември 2024
Скопје - Општина Центар денеска работи на чистење на две критични диви депонии – под Кале и на крак од улицата „Самоилова", зад Американската амбасада. Со механизација, багери и камиони, беше подигнат крупен отпад и шут, кој со години наназад претставува сериозна закана за животната средина и здравјето на жителите.
Се работи за локации кои и покрај постојаните интервенции на општината, постојано се полнат со смет и отпад, и буквално преку ноќ се претвораат во жаришта на загадување и извор на потенцијални здравствени ризици.
Паралелно со оваа акција, вчера службите на ПОЦ интервенираа и во Маџир Маало, каде што по пријава од граѓаните беше целосно расчистено уште едно сметиште.
Скопје - Заедно да кажеме стоп за петардите и огнометите, освен тоа што се опасна „играчка" за најмладите и може да дојде до страшни повреди, погубни се и за животинскиот свет, алармираат од скопската Зоолошка градина.
Декември го посветуваат за зголемување на свеста за последиците од употребата на пиротехнички средства во овие денови на празнични прославувања.
-Употребата на пиротехнички средства е опасна затоа што милиони птици угинуваат од стрес или исплашени ги напуштаат своите гнезда со малечки, за кои потоа нема кој да се грижи и умираат од глад и дехидрација. Кучињата и мачките може да доживеат огромен стрес или во најлош случај, срцев удар од страв. Дивиот свет, исто така, страда. Бучавата и светлината ги вознемируваат до степен да може да настапи смрт, но и да ги напуштат своите малечки кои потоа страдаат. Се создава загадување на воздухот преку испуштање отровни хемикалии, но и загадување со бучава. Децата може да се повредат и да останат со ампутирани делови од телото. Кај возрасните луѓе со ПТСР (PTSD) поттикнува поголема анксиозност. Силниот звук има огромно влијание кај дечиња со потешкии во развојот или пак со аутистичен спектар на нарушување, а празничниот период не треба да им носи трауми поради петардите, истакнуваат од Зоолошката, нагласувајќи дека и животните таму доживуваат голем стрес.
Скопје - Над 1200 ученици од скопската Општина Бутел денеска формираа најголемото македонско знаме.
Градоначалникот на општината Дарко Костовски во објавата на Фејсбук напиша дека знамето и химната се симболи на државност и секој еден од нас треба да се идентификува и да ги почитува националните симболи.
-Стоиме заедно обединети под светлината на нашето Македонско знаме! Во црвено и жолто, го формиравме најголемото Македонско знаме! Благодарност до Андријана Јаневска која на маестрален начин ја изведе нашата Македонска химна! Со особена гордост го одбележуваме овој значаен момент формирање на Македонското знаме, кое е симбол на независноста, заедништвото и достоинството. Тоа нѐ повикува да бидеме обединети, горди и одлучни во зачувување на нашите вредности. Знамето и химната се симболи на државност и секој еден од нас треба да се идентификува и да ги почитува националните симболи на Република Македонија, напиша Костовски.
Овој чин, додава градоначалникот, не прави горди и говори за љубовта кон татковината и почитта кон нејзините историски вредности.
Дебар - Општина Дебар финализира, но и продолжува со реализација на проекти во интерес на граѓаните, посебно од инфраструктурата, а кои влијаат и врз заштитата на животната средина.
-Го финализиравме проектот за целосна реконструкција на главната улица во дебарската населба Ново Коњаре, со што видно се подобри патната инфраструктра во ова населба. Населбата првпат доби атмосферска канализација, извршена беше реконструкција на фекалната канализација, а се разбира доби и асфалт. Техничката документација за проектот беше изготвена со финансиски средства од буџетот на општината, додека тој се реализира со средства добиени од Бирото за регионален развој со кофинансирање на општината, а вкупната инвестиција изнесува 8,4 милиони денари, рече за МИА градоначалникот Хекуран Дука.
Оваа населба е изградена во седумдесеттите години од минатиот век и живеат неколку илјади граѓани, главно поранешни жители на селото Коњаре, по што го добила името.
Тетово - Студенти и млади од Тетово денескa на Универзитетот на Југоисточна Европа имаа можност да слушнат за можноста да почнат таканаречен зелен бизнис со поддршка од Европската унија. Проектот и интернет платформа Green Up Yourself има за цел да го промовира отворањето бизниси кои покрај профит и вработување, ќе имаат за цел заштита на животната средина.
- Денес со младите дознаа како може да ги зајакнат нивните знаења и вештини во областа на зеленото претприемништво и зелените вештини, се со цел да се охрабрат и да се мотивираат и да видат кои чекори може да ги преземат да бидат успешни зелени претприемачи. Платформата е креирана во соработка со организации и институции од Шпанија, Италија, Кипар, Грција и Словенија. Оваа платформа е водена од ментори во зелено претприемништво, воедно и експерти кои имаат што да понудат и ќе бидат достапни на самите студенти за понатаму, изјави Марина Тошевска од организацијата Агролидер која е македонски партнер во проектот.
Таа го пренесе и нејзиното искуство преку проектот со кој почнала производство на грицки за домашни миленици од кланичен отпад што е пакуван во рециклирана амбалажа.
Прилеп - На платото пред Градскиот саат во Прилеп денеска престојува Антикорупцискиот караван во рамки на програмата „Граѓаните против корупцијата“.
Според координаторката на програмата, Снежана Камиловска Трповска прилепчани покажуваат интерес да добијат сознанија за можноста за справување со корупцијата.
-Во Прилеп го продолжуваме антикорупцискиот караван по вчерашниот почеток на Караванот во Битола и контактите со граѓаните. Повторно дискутираме со граѓаните за прашања кои директно ги мачат, а се поврзани со корупцијата. Прилепчани веднаш почнаа да ги искажуваат ставовите кои се поврзани со корупција и еден сублимат од целата таа дискусија е дека сѐ уште постои тој страв кај граѓаните јавно да дискутираат за прашања поврзани со корупцијата. Токму затоа ја отвораме темата со граѓаните за да може преку форум отворено да дискутираат, бидејќи борбата против корупцијата не е само борба на институциите, туку, пред сѐ, треба да потекнува од граѓаните, изјави Камиловска Трпковска.
Штип - Книгата „Непланираното дете на Европа, Македонија како дел од Источното прашање во 19 век и евроатланските интеграции во 21 век“ од авторите Дејан Маролов и Јорданка Галева, денеска беше промовирана пред студентите и научната фела на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип. Авторката на книгата Галева вели дека станува збор за мултидисциплинарна монографија, која читателот го враќа во историското минато на нашата држава. Посочува дека даваат и целосна слика на состојбата на Балканот, меѓународната консталација и геополитичките интереси за кроење на македонската судбина во 19 век.
-Опфаќа и детална анализа од поновата историја, со поконкретен акцент на три клучни договори, а тоа е Охридскиот рамковен договор, договорот Преспа склучен со Грција и договорот за добро соседски односи склучен со Бугарија. Направена е детална анализа на првиот период, значи на македонското прашање пред создавање на македонската држава, опфаќајќи ги сите преговори, договори и донесени клучни одлуки на меѓународно ниво, вели Галева.
Таа истакна дека во книгата како автори прават и компарација на двата периоди, со акцент кои се интересите на големите сили, на меѓународниот фактор, како и на балканските држави во однос на решавање на македонското прашање во 19 век и во 21 опфаќајќи го евроинтегративниот пат.
Дебар - Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против жител на Дебар, кај кој претходно е пронајдена марихуана.
- Кривична пријава е поднесена против А.Ц.(19) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“, информираше Стефан Димоски портпарол на Секторот за внатрешни работи- Охрид.
Според него, при преглед во возило „пежо“, во кое се превезувал, полициските службеници кај него пронајдшле и одзедле марихуана.
Дополнително, при преглед кај него пронајдено и одземено било пакување со марихуана.
Деновиве полициски службеници од дебарското одделението за внатрешни работи, приведоа двајца дебрани Б.М.(22) и Ф.Л.(22), во чиј автомобил пронашле дробилка со остатоци од марихуана.
Битола - Во Битола продолжува акцијата за отстранување на хаварисани возила и времени објекти гаражи, бесправно поставени на јавни површини во градот.
Од Општина Битола информираат дека акцијата ја спроведува Општинскиот инспекторат и е согласно Законот за јавна чистота.
-Локалната самоуправа спровдува континуирана акција за отстранување на хаварисаните возила. Сопствениците претходно се известуваат да ги отстранат возилата во определен рок. Доколку, сопствениците не постапат по известувањето, возилата ќе бидат отстранети од страна на инспекторатот, на трошок на сопственикот, на кој ќе му биде изречена и парична казна, во согласност со Законот за јавна чистота и Одлуката за комунален ред, посочија од Општина Битола.
Кавадарци - Полициски службеници вчера ја лишиле од слобода Н.И., на возраст од 47 години од Кавадарци, постапувајќи по пријава од вработена во финансиско друштво, дека се обидела со туѓа лична карта да подигне парични средства, информираат попладнево од Секторот за внатрешни работи - Велес.
Таа била приведена во полициска станица, а личната карта ѝ била одземена. По документирање на настанот, против нејзе ќе биде поднесена соодветна пријава.
Кавадарци - Педесет и тригодишна кавадарчанка вчера пријавила дека од 5 ноември до денот на пријавување, И.Т. во повеќе наврати на социјални мрежи ја вознемирувал со објави против неа, информираат попладнево од Секторот за внатрешни работи - Велес.
-Според пријавеното, во една прилика отишол и на нејзиното работно место во Кавадарци ѝ се заканил и се обидел физички да ја нападне, но, бил спречен од другите вработени, појаснуваат од СВР - Велес.
Оттаму додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Струга - Струшката полиција приведе 43 - годишен жител на селото Велешта, од кој бил одземен пиштол со дијаболи, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, вчера околу 12 часот полициски службеници од ОВР Струга го лишиле од слобода Б.Н.(43) од струшкото село Велешта и од него одзеле еден пиштол со дијаболи „Colts“.
- Лицето се сомничи дека во струшката населба „Езерски лозја“ со остар предмет го нападнал Е.М. од струшкото село Франгово, а потоа со пиштол го удрил Б.Н. од селото Велешта, стои во соопштението на СВР Охрид.
По целосно расчистување и документирање на настанот, треба да биде поднесена соодветна пријава.
Кавадарци - „Стоп за насилство", е насловена изложбата на ликовни дела и ракотворби што денеска беше отворена во Музеј галеријата во Кавадарци. Настанот беше во организација на Комисијата за еднакви можности при Општината, во соработка со музејот и здружението за родова еднаквост „Визија", а во рамки на кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство.
- Преку оваа изложба, ние ги поттикнуваме сите да го запрат насилството и да изградат свет во кој жените и девојките ќе живеат без страв, беше посочено на изложбата.
Дел од делата ќе бидат донирани во Интервентниот центар за жртви на семејно насилство на Општина Кавадарци, со кој раководи ЗРЕ „Визија".
-Денес сме собрани за да сведочиме за моќта на уметноста која го буди нашето сознание и ни помага да се соочиме со еден од најголемите проблеми на нашето општество-родово базирано насилство. Изложбата ја нареков „Гласови против насилството" и е повеќе од обична изложба. Таа е крик за помош, апел за промена и сведоштво за човековата креативност која служи во борбата против насилството. Секое дело пред вас е уникатен глас кој на свој начин ја осудува секоја форма на насилство врз жените и девојчињата, рече Марија Камчева, координатор за еднакви можности при Општината.
Штип – Се намалува перцепцијата за иселувањето на младите. Тоа е факт, но се уште сме над регионалниот просек на ниво на Југоисточна Европа, покажаа истражувањата во научната публикација „Млади, миграции и образование“ од авторите Страшко Стојановски, Ана Панева и Кристијан Панев, а која денеска беше промовирана на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип.
Универзитетскиот професор, Стојановски вели дека пред десет години беше до 78 проценти, а сега околу 56 % од младите сакаат да се иселат.
-Има тенденција на намалување, но тоа 56% воопшто не е малку и треба да се работи сериозно. Се разбира младите мора да се вклучат во процесот на донесување на одлуки, не само на локално ниво, не само за прашања кои ги тангираат младите, туку за сите прашања, од урбанизам до стратегии, инфраструктура, за се младите треба да бидат прашани, вели Стојановски.
Берово - Во Берово почна промената на столаријата во гимназијата „Ацо Русковски", соопшти денеска градоначалникот на Општината, Звонко Пекевски. Како што додаде тој станува збор за проект за подобрување на енергетската ефикасност, кој се спроведува преку Програмта за развој во заедницата со поддрѓка на повеќе општествено одговорни субјекти.
-Проектот се реализира, преку Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, со партнерот, ЛАГ Малеш Пијанец и ОСУ ,,Ацо Русковски” , Општина Берово, Синотип, Трено Комерц, Хотел Манастир, БИ ГРУП – 18, Алфа Профил, Полотекс, ДАЕЛ транс, МРС ЗМС, Дентал Естетика ПЗУ, Малеш нет и Здружение на граѓани ,,Владимерски илинденски средби. Проектот е финансиран од Агенцијата на САД, за меѓународен развој USAID, а имплементиран од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, информираше Пекевски.
Тетово - Здружението за култура и уметност „Традита“ – Тетово денес во oсновното училиште „Абдул Фрашери“ во Општина Боговиње организираше трибина на тема „Заштита на биодиверзитетот на флората и фауната на Шар Планина – социјален императив“. Предавањето е дел од истоимениот проект на здружението што се реализира во рамките на проектот „Одржливо користење на природните ресурси (Кораб – Коритник – Шар Планина и Албанските Алпи)“.
-Овој настан имаше за цел да ја подигне свеста кај јавноста и да ги едуцира младите генерации, односно учениците, за нивната улога во континуираното промовирање и заштита на здрава и корисна животна средина за сите граѓани. Заштитата на биодиверзитетот на флората и фауната претставува заеднички предизвик за целото општество, сите образовни институции и невладини организации. Според него, сите заедно треба да работиме на промовирање на вредностите за заштита и развој на здрава животна средина во корист на граѓаните, рече Селам Сулејмани, претседател на Здружението „Традита“ и координатор на проектот.
Штип - Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска се сретна со амбасадорот на Република Словенија во Република Северна Македонија, Грегор Прескер, информираат во писмено соопштение од Општина Штип.
Во соопштението се наведува дека амбасадорот Прескер е голем пријател на Општина Штип и веќе двете страни имаат работено на заеднички проект што резултираше клонот „Развигорче“ од детската градинка „Вера Циривири - Трена“ да добие фотоволтаични централи на кој им претходеше целосна промена на кровот.
- На средбата беше истакнато обостраното задоволство за досегашната соработка на двете страни, која во иднина ќе биде интензивирана со реализација на повеќе заеднички проекти, стои во соопштението од Општина Штип.