3 јануари 2025
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека почна процедурата за повеќе од илјада нови вработувања во здравството, остануваат само формалните чекори кои треба да бидат завршени. Тој останува на ставот дека ќе има структурни реформи и дека граѓаните ќе ја добијат здравствената услуга која што им е потребна.
-Ќе продолжиме и понатаму да го поддржуваме здравството. Сега ќе следат и структурни реформи и мислам дека со тек на време граѓаните ќе ја добијат онаа здравствена услуга која што им е потребна, изјави Мицкоски, за време на неговата посета во Радовиш, во одговор на новинарско прашање.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека над 300 000 пензионери повторно ќе добијат линеарно зголемување на пензиите за 2500 денари со мартовската пензија, по покачувањето од 2.500 денари во септември лани, со што ќе се заокружи ветувањето на Владата за повисоки пензии за 5000 денари.
Во одговор на новинарско прашање, Мицкоски повтори дека во новиот Буџет е предвидено зголемувањето на пензиите за 2500 денари со мартовската пензија која што ќе биде исплатена на почетокот на април.
Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев, како физичко лице, граѓанин, по допрен глас, поднесе претставка до Државниот инспекторат за труд, барајќи вонреден инспекциски надзор во Јавното комунално претпријатие „Пиша“ од село Липково.
Во претставката, соопштија денеска од Министерството за јавна аадминистрација, Минчев укажува на сериозни неправилности во објавениот јавен оглас број 03-204/3, со кој се бараат четири нови вработувања на неопределено време.
Скопје - Ако имаше посериозен и искрен ангажман во заштитата на македонските национални интереси од страна на претходната влада, денес немаше да бидеме во оваа позиција во којашто сме. Затоа што Европската Унија и земјите членки имаат чувство на одговорност за тоа што во континуитет се прави кон нас во последните 30 години, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за МКД.мк.
Сепак, ние постапуваме принципиелно и сето што сме го ветиле во нашата програма, го реализираме. Не велиме дека ќе биде лесно, но веруваме дека може да се најде рационално решение кое ќе биде прифатливо за нас, вели тој.
Скопје - Дополнителните приходи од царината при увоз на патнички моторни возила во изминатите шест месеци се поголеми за близу 119 милиони денари во однос на истиот период во 2023-та, а наплатата на приходите од ДДВ при увоз на патнички возила е поголема за над 482 милиона денари, рече денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
Како што истакна Николовски на прес-конференција, реалната наплата на данокот на моторни возила во јули 2024 е повисока за 46,5 отсто во однос на јули 2023, во август за 21,7 проценти, во септември за 24,2 отсто, во октомври за 10,3, во ноември за 27,4 проценти, додека во декември е на речиси исто како во декември 2023 година.
Скопје - Екипи на СВР Скопје и Одделот за специјални полициски операции со физичко пребарување и пребарување со два дрона од страна на САЕ Тигар и Единицата за брзо распоредување преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето, кое го управувало возилото „ауди“ што вчера падна во водите на Вардар откако излетало на локалниот пат за село Рашче.
Како што соопшти денеска МВР, на 2 јануари 2025 година околу 16 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локален пат Сарај - село Рашче, патничко возило излетало од патот и паднало во реката Вардар.
Веднаш на местото на настанот биле упатени полициски службеници, Итната медицинска помош и јавен обвинител.
Скопје - Детето кое беше повредено во сообраќајната несреќа синоќа кај Рашче, очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување, изјави попладнево за МИА, директорот на Детска хирурија во Скопје, Лазо Јовчески.
- Детето е во стабилна општа состојба, не е витално загрозено. Од денеска се наоѓа на оддел, значи не е повеќе на интензивна нега. Очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување. Вчера имаше интензивен мониторинг, денеска контролни по протокол, биохемиски параметри за споредба, стабилно е, мислам дека сѐ ќе се разреши поволно за детето, кое има пет години, нагласи за МИА, директорот на Детска хирургија.
Скопје - Има многу фронтови на кои истовремено продолжуваме да работиме. Изминатите шест месеци покажаа дека може да се постигне и да се надомести дел од тоа што е загубено. Продолжуваме со исто темпо да работиме и во следните месеци и не само да го надополнуваме она што е пропуштено, туку и да фатиме чекор на нормална работа која ќе придонесе за подобар квалитет на сите нивоа на образование во државата, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Скопје - Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска дадоа поддршка Елена Велјановска, дипломиран правник и магистер по правни науки од Кичево да биде избрана за нов заменик-директор на Агенцијата за заштита на личните податоци.
Таа информира дека од нејзиното 10-годишно работно искуство, пет години ги поминала во Министерството за труд и социјална политика и пет во Центарот за социјална работа како правник.
Скопје - Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги откри и спречи организирана мрежа во која увозници, шпедитери, возачи вработени во превозни компании и царински службеници организирано вршеле кривични дела со употребувани возила. Возилата на нелегален начин биле ставани во промет и завршувале на авто-плацеви во земјава без да се платат увозни давачки.
Како што соопшти денеска директорот на Царинска управа Бобан Николовски, запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари, при што врз Буџетот на државата преку избегнување плаќање увозни давачки е нанесена директна штета од девет милиони денари.
Скопје - Основното јавно обвинителство Тетово донесе наредба за спроведување истражна постапка против 65-годишен тетовец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство“ според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, при семејно насилство.
Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за декември 2024 година.
Корисниците на парични права кои поседуваат дебитна картичка, соопштија од Министерството за социјална политика, демографија и млади, ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска.
Скопје - Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), Оливера Трајковска упати телеграма со честитки до Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан, до членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, како и до свештенството, монаштвото, до верници од православна вероисповед и до сите христијани кои празнуваат по јулијанскиот календар по повод празникот Рождество Христово – Божиќ.
Трајковска на верниците им го честита Божиќ, со желби за мир, љубов и заедништво.
Скопје - Од 12:20 часот во целосен прекин е сообраќајот на обиколниот пат Скопје – Велес, во близина на Башино село, по кој се пренасочуваат тешки моторни возила.
Како што соопшти АМСМ, сообраќајот е во прекин поради безбедносни причини.
Скопје - Вевчанскиот карневал е слика и прилика на тоа што се случувало во општествено - политичкиот живот, од претходната година, на специфичен начин, изјави денеска градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, на прес-конференцијата во Скопје, посветена на овој традиционален настан.
Тој се осврна на традиционалните маски и додаде дека секое издание на карневалот има и нови маски. Очекуваат голема посетеност на 13 и 14 јануари кога ќе се одржува Вевчанскиот карневал.
Скопје - Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров се надева на добри игри и резултати на претстојниот Мундијал.Македонија која ќе игра во Вараждин, Хрватска, е единствена селекција од регионот со постојани настапи на големите натпреварувања од Европското првенство 2012. во Србија.
Белград – Граѓаните на Србија и денеска им одадоа почит на загинатите во Нови Сад, но и на убиените во Ариље и Цетиње.
Акцијата, која се одржа Белград, Нови Сад, Краљево, Ниш, Александровац, Зрењанин и други градови, траеше 29 минути – за 29 жртви.
Во Нови Сад маж со автомобил БМВ се обидел да ја пробие блокадата.
Бризбејн - Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ денес загуби од Американецот Рајли Опелка во четвртфиналето на АТП турнирот во Бризбејн, Австралија.
Мечот траеше 1 час и 40 минути и заврши со победа на Опелка со 7:6 (8:6) и 6:3.
Турнирот се игра за награден фонд од 766.290 долари.
Следен противник на Опелка ќе биде Џовани Мпетши Перикард од Франција.
Лондон - Британската агенција за здравствена безбедност (УКХСА) издаде предупредување поради ниските температури за цела Англија.
Предупредувањето ќе биде на сила до следната среда, а се предвидува и пораст на бројот на смртни случаи, особено кај лицата над 65 години и кај оние со постоечки здравствени проблеми, пишува „Скај њуз“.
Мадрид – Обилни дождови денеска зафатија делови од Шпанија, вклучувајќи ги Галиција, Астурија, Кантабрија, Баскија, Навара и северот на Кастиља и Леон, а врнежите се очекува да престанат по викендот.
Како што јавија шпанските медиуми, најобилни врнежи се регистрирани во Галиција, а во некои делови од регионот се очекува во текот на денот количината на врнежи да достигне и до 40 литри на метар квадратен.
Брест – Во францускиот град Брест е уапсен алжирски инфлуенсер познат по името „Зазујусеф“, кој преку мрежата „ТикТок“ повикувал на терористички напади во земјата, соопшти министерот за внатрешни работи на Франција, Бруно Ретајо.
- Алжирскиот инфлуенсер Зазујусеф, кој ја повика својата заедница да изврши терористички напади во Франција, мора да одговара за своите постапки пред суд, напиша францускиот министер на Х.
Берлин – Злоупотребата на голема економска моќ и моќ во областа на комуникациите може да биде многу опасна за демократијата, изјави германската државна министерка за култура Клаудија Рот, коментирајќи ги навредите на американскиот милијардер Илон Маск кон германскиот претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.
Маск на својата социјална мрежа Х напиша дека социјалдемократот Штајнмаер е „недемократски тиранин“.
Брисел – Во сила стапи новата Директива на ЕУ за родова рамнотежа на управните одбори, чија цел е да обезбеди порамномерна полова застапеност во раководните тела на компаниите во сите земји членки на Унијата, соопшти денеска Европската комисија.
Согласно Директивата, сите компании во ЕУ кои котираат на берзите мора да имаат најмалку 40 отсто припадници на „недоволно застапениот пол меѓу нивните неизвршни директори и 33 проценти меѓу сите директори“. Компаниите имаат рок да се усогласат со оваа одредба до 30 јуни 2026 година.
Вашингтон – Федералното истражно биро (ФБИ) и Министерството за внатрешна безбедност на САД во заедничка изјава до 18.000 државни агенции за спроведување на законот во Соединетите Американски Држави предупредија дека постои опасност од потенцијални имитатори кои можат да го повторат новогодишниот терористички напад со пикап во Њу Орлеанс.
Како што објави Еј-Би-Си Њуз, до агенциите за спроведување на законот ширум САД е испратен меморандум со предупредување да ја следат секоја активност што укажува на употреба на возила како метод за предизвикување масовни жртви.
Лондон – Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска ја повика Велика Британија да ги демонтира своите турбини на ветер во Северното Море како одговор на одлуката на американска нафтена компанија да го напушти регионот богат со нафта.
- Велика Британија прави многу голема грешка. Отворете го Северното Море. Ослободете се од ветерниците, напиша Трамп на својата платформа, Truth Social.
Астана - Во верижна несреќа во северниот дел на казахстанската област Акмолинск, 95 автомобили се судрија поради снежна бура и слаба видливост, соопшти националниот оператор за патна инфраструктура Казавтожол.
Нема загинати, но има двајца повредени - подоцна пренесени во болница, во несреќата, поради влошување на времето, на патот што ги поврзува Астана и Петропавловск, во делот меѓу селата Когам и Каратал во областа Биржански.
Сан Франциско – Американската технолошка компанија Епл се согласи на спогодба со корисниците кои ненамерно биле шпионирани од нејзиниот гласовен асистент Сири и ќе им плати вкупно 95 милиони долари за претрпената штета.
Предложената спогодба, според која сопствениците на производите на Епл со асистентот Сири би можеле да добијат до 20 долари по уред, мора да биде одобрена од американскиот суд.
Адис Абеба – Откако вулканот во североисточна Етиопија денеска почна да покажува знаци на ерупција, властите наредија евакуација на населението од неговата близина во привремени засолништа, соопшти владината геолошка служба.
Геолошкиот институт на Етиопија на својата Фејсбук страница објави видео на кое се гледа чад и прашина што ги исфрла вулканот во областа Аваш Фентале.
Државната телевизија на Етиопија јави дека властите ги евакуирале жителите од погодената област, која е на околу 165 километри од главниот град Адис Абеба.
Газа - Најмалку 30 лица, меѓу кои и деца, се убиени синоќа и утринава во израелските напади во Појасот Газа, според персоналот на болницата за маченици Ал-Акса во Деир ал-Балах.
Персоналот на болницата соопшти дека повеќе од 10 жени и деца биле убиени во израелските напади на различни локации во централниот дел на Појасот Газа, со кој владее палестински Хамас, вклучувајќи ги градовите Нусејрат, Заваида, Магази и Деир ал-Балах.
Бејрут - Новите сириски власти воведоа ограничувања за влез на Либанци преку копнената граница меѓу двете земји, изјавија двајца либански официјални лица.
Либанската армија соопшти дека еден од нејзините војници во патрола, кој денеска го „затворал илегалниот премин“ бил ранет од „истрели од луѓе од Сирија“. Според либански воен извор, либанските власти потоа ги уапсиле тие Сиријци.
Сан Франциско – Американската технолошка компанија Епл се согласи на спогодба со корисниците кои ненамерно биле шпионирани од нејзиниот гласовен асистент Сири и ќе им плати вкупно 95 милиони долари за претрпената штета.
Предложената спогодба, според која сопствениците на производите на Епл со асистентот Сири би можеле да добијат до 20 долари по уред, мора да биде одобрена од американскиот суд.