• недела, 05 јануари 2025
МИА Радио флеш

3 јануари 2025

Скопје - Судијата Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија. 

Советот денеска на 510-тата седница со 13 гласа го избра Камбовски, кој доаѓа од Апелација Битола и беше избран за член на Советот во јуни минатата година. По изборот за претседател Камбовски, се заблагодари за укажаната доверба и порача дека ќе работи да ја опрадава. 

Скопје - Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека извршиле увид во Рашче на местото каде синоќа автомобил со патници излета и падна во водите на Вардар.

-Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа изврши увид на лице место кај Рашче, каде автомобил со патници излета и падна во водите на Вардар. И покрај исклучително тешките услови на непристапен терен, беа преземени сите дејствија за обезбедување траги и докази со цел да се утврдат причините за несреќата, посочуваат од ЈОРСМ.

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, и организаторите денеска на прес-конференција ќе ја соопштат програмата за годинашниот „Вевчански карневал“.

-На прес-конференцијата ќе бидат споделени информации за програмата и за значењето на карневалот кој се одржува секоја година од 12 до 14 јануари, по повод празнувањето на Стара Нова година – Василица, како и светецот св. Василиј Велики, соопшти Министерството за култура и туризам.

Aнкара - Во Турција во големата операција против групата „Исламска држава“ се уапсени 42 нејзини членови, јавија турски медиуми.

Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја соопшти дека во акцијата која била спроведена на територијата на 17 (од вкупно 81) окрузи во земјата, меѓу кои Адана, Анкара, Истанбул и Едрене се приведени вкупно 42 лица.

Париз -  Членовите на новата влада на францускиот премиер Франсоа Бајру денеска ќе се сретнат со претседателот Емануел Макрон во Елисејската палата, пренесува БФМ.

Француските претставници, заедно со Бајру, ќе појадуваат со Макрон во 10 часот, по што премиерот ќе го претстави новиот предлог-буџет.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја оцени операцијата Курск како опиплива предност во дипломатските напори на Киев, особено меѓу земјите од глобалниот југ, објави Укринформ.

„Курск е многу силен адут во какви било преговори, особено со земјите кои се важни за нас, особено оние од глобалниот југ. Никогаш не очекував дека (операцијата) ќе даде толку значаен ефект, бидејќи тие земји сметаа дека Русија е непобедлива. “, рече Зеленски во интервју за телевизиската програма „Обединети новини“, на кое присуствуваше и неговата сопруга Олена.

Брисел - Здружението на фламанските градови и општини (ВВСГ) повикаа на воведување на забрана на продажбата на пиротехнички материјали на физички лица на ниво на Европската Унија. 

Ваквото барање следи по повеќето инциденти и повреди со пиротехнички материјали за време на новогодишните прослави изминативе неколку години. 

Москва -  На Крим е забележано повторно испуштање мазут и тоа на површина од три километри, соопшти денеска прес-службата на руското Министерство за вонредни ситуации.

Ново, но мало загадување од нафтени деривати е забележано во селото Јаковенково, Ленинска област“, ​​се наведува во соопштението.

Сеул - Најмалку 40 луѓе се спасени, а 50 успеале да ја напуштат зградата во која денеска избувна пожар во населбата Бунданг, јужно од Сеул, соопштија локалните власти.

Според извештаите, неколку луѓе се уште се заробени во осумкатницата, а пожарникарите работат на гаснење на пожарот со околу 80 возила, пренесува јужнокорејска новинска агенција.

Каракас - Венецуелските власти нудат награда од 100.000 долари за информација што ќе доведе до апсење на прогонетиот опозициски лидер Едмундо Гонзалес Урутија, кој тврди дека го победил претседателот Николас Мадуро на претседателските избори во јули минатата година.

„Се бара, Наредба за апсење. Награда: 100.000 долари“, пишува на постер што полицијата го објави на социјалните мрежи доцна синоќа, со фотографија на Урутија, кој во септември замина во егзил во Шпанија.

Бангкок - Тајландската премиерка Петонгтарн Шинаватра пријави имот во вредност од над 400 милиони долари, вклучувајќи два имоти во Лондон, инвестиции во неколку компании и колекција луксузни часовници и чанти, објави денеска Тајландската Национална антикорупциска комисија.

Таа, исто така, пријавила 31,6 милиони долари во готовина и депозити на повеќе од дваесетина банкарски сметки, како дел од неговата вкупна актива од речиси 402 милиони долари, пишува Блумберг. Таа во ноември го префрли својот удел од 24 проценти во фирмата за развој на недвижнини на нејзиното семејство.

Ханој - Главниот град на Виетнам, Ханој денеска е прогласен за најзагаден град во светот, откако се измерени 266 микрограми опасни честички, познати како ПМ2,5, на метар кубен.

Ханој е покриен со густ смог во последните неколку недели, што е резултат на густ сообраќај, горење ѓубре и индустриска активност.

Москва - Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) соопшти дека во Украина е подготвена одлука за намалување на старосната граница за мобилизација и дека таа наскоро ќе биде усвоена. 

Како што се наведува во соопштението на СВР, Вашингтон неодамна побарал од украинскиот претседател Володимир Зеленски итно да ја намали старосната граница за мобилизација на 18 години, пренесуваат руските медиуми. 

Сеул - Уставниот суд на Јужна Кореја го закажа за 14 јануари почетокот на судскиот процес во врска со импичментот на претседателот Јун Сук Јеол, соопшти денеска судот.

Судот наведе дека Јун мора да присуствува на првото рочиште, додека второто рочиште е закажано за 16 јануари, во случај Јун да одбие да се појави на првото судење.

Атина -  Поради закана со нож кон полицаец, американскиот актер Руди Јангблад познат по филмот „Апокалипто“ минатата седмица бил уапсен во атинска населба и ослободен, но било констатирано дека му е истечена визата и се соочува со депортација од Грција, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, 42-годишниот актер во Грција е за снимање на неговиот нов филм, а во раните утрински часови на 27 декември застанал пред полициска станица во населбата Кипсели, а со оглед на тоа што бил под дејство на алкохол, полицаец од станицата му се обратил да го праша дали е добар, по што Јангблад извадил нож и почнал да му се заканува на полицискиот службеник.

Варшава - Канцеларијата за странци во Варшава денеска соопшти дека писмата со повик за регрутација што ги добиле одреден број украински граѓани во Полска се фалсификат.

Во лажното писмо, објавено од Канцеларијата, се вели дека во врска со украинското законодавство за воена служба и тековната мобилизација во Украина, примачот треба да очекува посета од претставник на одделот.

Остани поврзан