• недела, 05 јануари 2025
МИА Радио флеш

  3 декември 2025

 

Скопје - Утрово е најстудено во Берово, -7 степени, а најмногу снег има во Маврови Анови, 45 сантиметри.

Според УХМР, до 08:30 часот се измерени и -6 степени во Скопје Петровец, -5 Скопје-Зајчев Рид, Струмица, -4 Битола, Велес, Куманово, Попова Шапка, -3 Тетово, Штип, Демир Капија, Кавадарци, Крива Паланка, -2 Лазарополе, -1 Гевгелија, Прилеп, 0 Охрид, Претор, 1 Виница, Дебар, Маврови Анови, како и 2 степена во Крушево.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози.

ЈП Македонијапат соопшти дека поради магла видливоста е намалена кај Неготино, до 70 метри, и Демир Капија до 80 метри, како и на патот Катланово –Велес, 90 метри.

Автомотосојузот на Македонија информира дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Скопје – Министерството за внатрешни работи соопшти дека се преземаат мерки за пронаоѓање на уште едно лице, кое според исказ од роднини, го управувало возилото „ауди“ што вчера падна во водите на Вардар откако излетало на локалниот пат за село Рашче. 

За сообраќајната несреќа во СВР Скопје било пријавено вчера во 16 часот. МВР информира дека веднаш на местото на настанот биле упатени полициски службеници и Итна медицинска помош, како и јавен обвинител.

Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката за обезбедување докази и поднесе обвинение против вкупно десет лица осомничени дека учествувале во дејствија на криумчарење луксузни автомобили, како и фалсификување службени и други исправи, соопшти државното Јавно обвинителство.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски, денеска, напладне, ќе присуствуваат на пуштање во употреба на реконструираната спортска сала „25 Мај“ во Радовиш.

Како што соопштија од Министерството за спорт, комплетната внатрешна реконструкција на спортската сала во Радовиш, која е завршена пред предвидениот рок, е една од капиталните инвестиции на Министерството за спорт во спортската инфраструктура.  

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

На дневен ред на Комисијата како прва точка е јавната расправа за утврдување на Предлог - oдлука за избор на заменик - директор на Агенцијата за заштита на личните податоци.

Пратениците ќе треба да го разгледаат и барањето за остварување на плата по престанок на функцијата на член на Комисијата за заштита на конкуренцијата, на директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци, како и на замениците на генералниот секретар на претседателот на Република Северна Македонија. 

Скопје – Судскиот совет денеска на седница ќе избира нов претседател. Претседателот на Советот се бира со најмалку осум гласови од членовите на Советот со право на глас.

Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ќе оствари средба со претставници на Националното студентско тело, Сојузот на средношколци и Форумот за образовни промени.

Средбата ќе се одржи во Студентскиот културен центар Скопје. По средбата е најавена изјава за медиумите на министерката Јаневска.

Скопје - Во Царинската управа денеска ќе бидат презентирани резултати од случај во кој е откриен и спречен организиран криминал.

Резултатите на прес-конференција најавена во просториите на Царинската управа ќе ги презентира директорот Бобан Николовски.

Струга - Една милијарда евра директни странски инвестиции до крајот на изминатата година се остварливи, смета првиот човек на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо. Во изјава за МИА, тој вели дека е потребно да се стремиме кон поголем квалитет кај идните инвеститори, за што државата треба да инвестира во соодветно образование и постојано да ја унапредува бизнис и инвестициската клима.

Скопје – Во 2024 година, Северна Македонија доби нова Влада, а до крајот на 2025 година ќе добие и друга локална власт. Градоначалниците на 80 општини и Градот Скопје започнаа да ги „трчаат“ последните девет месеци од мандатот. Поголем дел од партиите, но и поединци, меѓу нив и актуелни градоначалници, и покрај завршувањето на парламентарните избори, не ја запреа кампањата и постојано се присутни, како на традиционалните медиуми, така и на социјалните мрежи. „Теренот“ е постојано актуелен, особено сега за новогодишните и божикните празници. 

Битола - Во Битола денеска почнува кампања „Поддршка за згрижувачките семејства“ со која се оддава признание на згрижувачките семејства и центрите за лица со попреченост и овозможува помош и промени во животите на децата на кои тоа им е најпотребно.

Како што е најавено од организаторите, на настанот ќе бидат присутни Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади, и Петар Денковски, директор на ВЕРО.  

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, и организаторите денеска на прес-конференција ќе ја соопштат програмата за годинашниот „Вевчански карневал“.

-На прес-конференцијата ќе бидат споделени информации за програмата и за значењето на карневалот кој се одржува секоја година од 12 до 14 јануари, по повод празнувањето на Стара Нова година – Василица, како и светецот св. Василиј Велики, соопшти Министерството за култура и туризам.

Охрид – По повод 40-дневниот помен на блаженоупокоениот митрополит дебарско-кичевски Тимотеј, денеска во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид со почеток во 8:45 часот ќе се служи Света архијерејска заупокоена литургија.

Како што информираат од Дебарско-кичевската епархија, на литургијата молитвено ќе присуствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, со членовите на Светиот архијерејски синод, под чиноначалство на епископот стобиски г.Јаков.

Брисел – Земјава остана на заложбите за членство во ЕУ и во текот на 2024 година, но нејзиното напредување на евроинтегративниот пат и натаму е условено со исполнување на обврските утврдени со Преговарачката рамка, пред се поврзани со промените на Уставот. Наспроти ова, властите на земјава порачуваат дека „македонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваат своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, бидејќи споделуваме исти вредности, се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите“. 

Сараево - Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит вчера ги отфрли заклучоците усвоени од Парламентот на Република Српска во декември 2024 година, обидувајќи се на тој начин да го оспори легитимитетот на судските тела на ниво на БиХ и да го доведе во прашање продолжувањето на судењето на Милорад Додик.

Дамаск - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок заедно со својот француски колега Жан-Ноел Баро денеска престојува во еднодневна посета на Сирија. За време на посетата Бербок ќе се сретне со лидерот на новата сириска Влада, Ахмед ал Шара.

 „Моето денешно патување, заедно со мојот француски колега и во име на ЕУ, е јасен сигнал за Сиријците: можен е нов политички почеток меѓу Европа и Сирија, меѓу Германија и Сирија“, наведе Бербок во соопштение објавено пред нејзиното тргнување за Дамаск.

Киев - Напад на руски дронови предизвика пожар рано утринава во главниот град на Украина, објави Укринформ, повикувајќи се на локалните власти. 

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм напиша дека остатоците од дроновите предизвикале пожар во регионот Дарницки. 

Киев - Русија мобилизирала меѓу 140.000 и 180.000 затвореници кои се бореле во војната против Украина, објави Укринформ, повикувајќи се на украинската Служба за надворешно разузнавање. 

Според нејзините податоци, заклучно со ноември минатата година, во руските казнени колонии казни отслужувале приближно 300-350 илјади луѓе. 

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека непредвидливоста на Доналд Трамп, кој треба да ја преземе функцијата во Белата куќа на 20 јануари, може да помогне да се стави крај на војната во Украина. 

-Трамп може да биде одлучувачки (...) во оваа војна. Тој може да ни помогне да го запреме Путин. Тој е многу силен и непредвидлив, рече Зеленски во телевизиско интервју, оценувајќи дека новоизбраниот американски претседател „навистина сака да стави крај на војната. 

Доха - Израел и Хамас планираат да испратат преговарачи во Катар и да ги продолжат разговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа.  

Заливската држава, заедно со САД и Египет, посредува во разговорите, бидејќи Израел и палестинската милитантна група Хамас одбиваат директно да разговараат. 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одобри испраќањето на преговарачка делегација. Хамас соопшти дека планира да испрати свои преговарачи, а висок функционер на групата изрази оптимизам. 

Вал ди Фием – Украинската селекција во крос-кантри скијање нема да учествува во Тур де ски, објавија италијанските медиуми.

Причините за ваквата одлука се непознати. Организаторите на 19. издание на турнејата кое се одржува во Италија тврдат дека Украинците официјално не го објавија своето одбивање да учествуваат на натпреварот.

Каракас - Властите во Венецуела понудија награда од 100.000 долари за информација што ќе доведе до апсење на опозицискиот лидер Едмундо Гонзалес Урутија, кој тврди дека го победи претседателот Николас Мадуро на изборите, а по нив замина во егзил во Шпанија. 

„Гардијан“ пренесува дека полицијата на социјалните мрежи објавила фотографија за до неодамна малку познатиот поранешен дипломат Гонзалес, на која има напишано „се трага“. 

Остани поврзан