2 јануари 2024
Скопје - По најавите на УХМР за врнежи од дожд и снег во наредните денови, агрометеоролозите препорачуваат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции. Треба, велат, да се расчистат и одводните канали за полесно одлевање на површинските води. Врнежите, сепак, оценуваат агрометеоролозите, се добредојдени, го зголемуваат полскиот воден капацитет кај сите земјоделски култури. Појавата на снег на планините исто така ги зголемува резервите на вода кои би ги подобриле хидролошките услови.
-Ова е период од годината кога есенските култури, лозовите насади и овошките се во фаза на зимско мирување. Животните функции (дишење, транспирација) се сведени на минимум, но не се прекинати. Коренот кај овошните видови црпи извесна количина вода за одржување на тургорот во круната. Во овој период овошките бараат одредена сума ниски температури за да можат нормално да вегетираат во идната година, објаснуваат агрометеоролозите.
Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека нема што да им замери на студентите во блокадите бидејќи „тие имале само десет години кога злото беше на власт“, кое, според него, ја уништувало Србија.
„По стоти пат велам дека нема да има преодна влада, власта се добива на избори, со поддршка на народот. Нема филозофија“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк и додаде дека е бескрајно благодарен на студентите, кои сакаат да учат, за нивната „трпеливост“.
Спомнувајќи го пред се Прогласот, тој го повтори тврдењето дека тие се финансираат од странство.
Брисел – Европската Унија најави дека е целосно подготвена да се справи со намалувањето на дистрибуцијата на руски гас за Европа, предизвикано од одлуката на Украина да го прекине транзитот на енергенсот преку нејзина територија од 1 јануари годинава.
Европската комисија истакна дека овој прекин на дистрибуцијата на гасот нема да предизвика позначајни проблеми, имајќи предвид дека по мерките за намалување на зависноста на ЕУ од руски енергенси, преземени по инвазијата на Москва врз Украина, преку украинска територија се транспортираат само околу пет проценти од вкупниот увоз на природен гас во Унијата.
-Повеќе од една година конкретно работиме на адаптирање на сценарио без транзит на руски гас преку Украина, посочи Европската комисија.
Рим - Директорот на италијанската одбранбена компанија „Леонардо“ повика на заеднички европски одбранбен буџет за здружување на инвестициите, според изјавите објавени денеска од германскиот весник „Зиддојче Цајтунг“.
- Европа мора да премине од финансирање одбранбени иницијативи преку национални буџети кон европски фонд, изјави Роберто Чинголани за „Зиддојче Цајтунг“, додавајќи дека, иако тоа нема да се случи преку ноќ, сепак не може да трае уште десет години.
Тој нагласи дека Европа инвестира значително, но неефикасно во одбраната: „Не е важно колку инвестираме, туку како инвестираме.“
Киев - Советникот на претседателот на Украина, Михаил Подољак, изјави дека преговорите за завршување на руско-украинската војна се нереални додека Русија не плати висока цена за своите дејства.
Подољак рече дека многумина зборуваат за преговори со цел да се стави крај на руско-украинскиот конфликт, но дека тоа е само илузија.
-Не може да има преговарачки процес, бидејќи Русија не беше принудена да плати доволно висока цена за оваа војна, изјави Подољак за Би-Би-Си.
Москва - Русија денеска соопшти дека ги нападнала украинските енергетски објекти кои му помагаат на воено-индустрискиот комплекс на Киев.
Во текот на изминатите 24 часа, руската армија изврши воздушни и артилериски напади врз енергетски објекти, воени аеродроми и области каде има концентрација на жива сила, се вели во соопштението на Министерството за одбрана во Москва.
Министерството наведува дека биле нападнати вкупно 146 региони во Украина и дека синоќа бил соборен украински борбен авион Су-27, биле пресретнати 97 беспилотни летала и шест американски ракети ХИМАРС.
Каиро - Населението на Египет се зголемило за 1,4 милиони луѓе во 2024 година, достигнувајќи 107.205.591, објави весникот Ал Ахрам, повикувајќи се на Централната агенција за јавна мобилизација и статистика.
Бројката не ги вклучува 11,09 милиони Египќани кои живеат во странство, според податоците на агенцијата за 2023 година.
И покрај растот во апсолутни вредности, стапката на раст на населението во северноафриканската земја продолжи да се забавува во текот на изминатата деценија, со постојан пад на стапката на наталитет.
Рамала - Катарскиот канал Ал Џезира денеска ја осуди одлуката на палестинските власти да го прекине емитувањето на палестинските територии, велејќи дека тоа е „обид да се скрие реалноста“ на окупираниот Западен Брег.
Одлуката синоќа ја соопштија палестинските власти, обвинувајќи го каналот за „поттикнување бунт“.
„Надлежниот министерски комитет одлучи да го прекине емитувањето и да ги замрзне сите активности на каналот Ал Џезира и неговата редакција на палестинските територии и да ја суспендира работата на сите новинари, вработени, тимови и поврзани канали додека не се подобри неговиот правен статус“, наведува палестинска новинска агенција.
Лас Вегас - Возилото „Тесла“ што експлодираше во средата во Лас Вегас беше изнајмен од Туро, истата апликација за автомобили што се користела за изнајмување на камионетот што учествуваше во нападот во Њу Орлеанс.
Од оваа апликација потврдија дека возилата вклучени во двата инцидента се изнајмени преку нивната служба.
„Нашиот тим за доверба и безбедност активно соработува со органите на прогонот за да сподели какви било информации што може да бидат корисни во нивните истраги“, се наведува соопштението.
Токио - Бројот на наставници во Јапонија кои земале боледување поради проблеми со менталното здравје достигна рекордни 7.119 во 2023 година, што е зголемување трета година по ред, покажа владиното истражување.
Според податоците на Министерството за образование, култура, спорт, наука и технологија, главниот фактор зад ова зголемување е зголемениот обем на работа, објави Кјодо.
Бројот на наставници кои земале боледување поради ментални здравствени проблеми до март 2024 година е зголемен за 580 во однос на претходната година, што е 0,77 отсто од сите наставници во основните и средните училишта, како и во училиштата за деца со посебни потреби. Кога ќе се пресметаат и наставниците кои земале боледување повеќе од еден месец, вкупниот број е 13.045, што е 1,42 отсто од вкупниот број наставници.
Пекинг - Кина воведе контроли за извоз за десетици американски одбранбени компании, соопшти денеска кинеското Министерство за трговија, јави ДПА.
Испораката на стоки што можат да се користат и за цивилни и за воени цели сега е забранета, со образложение дека мерката е неопходна за заштита на националните интереси и безбедност на Кина, како и за исполнување на меѓународните обврски.
Контролите за извоз важат за вкупно 28 американски компании, меѓу кои се оддели на Lockheed Martin, Raytheon и General Dynamics, соопшти Министерството.