• недела, 05 јануари 2025
МИА Општински пул

3 јануари 2025

Струмица - Заменик градоначалникот на Струмица, Елена Магеровска Паликарова им додели штедна книшка со 40.000 денари на првородените машки бебиња-близнаци, кои вчера на свет ги донесе мајката Ѓоргина Стојчева од село Моноспитово, Општина Босилово.

Ова е прва рожба на мајката Ѓоргина, а породувањето го извршија лекари и медицински персонал на Одделението за гинeкологија и акушерство при струмичката болница.

Инаку, среќниот татко на фејсбук објави дека близанците ќе ги носат имињата Јован и Јане. 

Скопје - Општина Бутел обезбеди нови клупи, столчиња и смарт-табли за учениците во општинските основни училишта.

Од општинската прес-служба информираат дека училишниот мебел не бил обновен повеќе години. Посочуваат дека локалната самоуправа преку континуирани инвестиции во основните училишта обезбедува подобри услови за учениците.

Скопје -  Итната помош ќе работи нон - стоп за Божиќните празници, единицата за домашна посета од седум до 21 часот, потврдија денеска од Јавната здравствена установа „Здравствен дом“ Скопје, за МИА.  

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ „Здравствен дом на Скопје“ Скопје, во текот на Божиќните празници на шести и седми јануари, ќе работи со следново работно време.  Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од 07 до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа. 

Скопје - ЈП Водовод и канализација – Скопје денеска информира дека во пресрет на божиќните празници, на 06.01.2025 година (понеделник), шалтерите за наплата, шалтерите за рекламација и операторите во Дирекцијата на претпријатието ќе работат, од 07:30 до 15:30 часот.

Подвлекуваат дека 07.01.2025 година (вторник) е неработен ден.

Скопје - Подготвени се повеќе од 3500 коледарски пакетчиња за дечињата од Бадниковите Поворки. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги покани сите да бидат дел од досега најдолгата поворка која ќе финализира на плоштадот ,,Македонија” во Скопје, каде е поставена импозантна Божикна пештера.

- Голема е мојата чест, што заедно со Премиерот Христијан Мицкоски сме помагатели на овогодинешните Бадникови поворки. Се потрудивме и плоштадот ,,Македонија” да го краси најимпозантната Божикна пештера во регионот.

Куманово - Првите два дена од новата 2025 година кумановци се соочуваат со аерозагадување, општината денеска извести да се почитуваат повеќе мерки поради надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10.

- Согласно добиениот Акциски план со краткорочни мерки за чист воздух (ноември-февруари 2024-2025 година) од Министерство за животна средина и просторно планирање и Заклучокот на Владата од триесет и третата седница, Општина Куманово им препорачува на граѓаните, да користат јавен превоз, да не користат возила без поголема потреба, да се возат повеќе лица во едно возило, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал, да се користат правилно печките за дрва и строго се забранува на горење на отворено, информираа, денеска од општината.

Скопје - Вевчанскиот карневал е слика и прилика на тоа што се случувало во општествено - политичкиот живот, од претходната година, на специфичен начин, изјави денеска градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, на прес-конференцијата во Скопје, посветена на овој традиционален настан. Тој се осврна на традиционалните маски и додаде дека секое издание на карневалот има и нови маски. Очекуваат голема посетеност на 13 и 14 јануари кога ќе се одржува Вевчанскиот карневал. 

- Вевчанскиот карневал со своето илјадагодишно постоење е повеќе од традиција - тој е еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство, што и покрај предизвиците и недостигот на континуирана поддршка во изминатите години, опстојува како симбол на нашата култура и традиција, нагласи министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Битола - Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со компанијата ВЕРО, денеска во Битола продолжија со националната кампања „Поддршка за згрижувачките семејства“.

Згрижувачките семејства се директна и максимална поддршка на системот на социјална и детска заштита. Во земјава има над 360 згрижувачки семејства кои згрижуваат над 600 деца, истакна Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализирале активности за отстранување 45 кубни метри непрописно одложен отпад во скопските општини Центар, Гази Баба и Чаир.

Како што соопштија денеска од ЈП Комунална хигиена-Скопје интервенирано е на улиците „Даме Груев“ и „Васил Ѓоргов“ во општина Центар, каде што се подигнати приближно 15 кубни метри кабаст отпад одложен на јавни и сообраќајни површини. Во општината Гази Баба е отстранета дива депонија лоцирана на улицата Алија Авдовиќ.

Гостивар - Општина Гостивар денеска соопшти дека има предвидено доделување на 6.000 денари за секое новороденче. 

Аплицирањето, се додава во соопштението, се врши на веб-страницата на Општина Гостивар, каде што се бараат с извод од матична книга на родените за бебето, лична карта на таткото и мајката, банкарска трансакција на еден од родителите и контакт број.

Охрид - Од Секторот за внатрешни работи во Охрид испратија известување до учесниците во сообраќајот на подрачјето на Охрид дека денеска од 11 часот повеќе кандидати за полициски службеници, распоредени во полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, ќе имаат теренско полагање.

Притоа, кандидатите за полициски службеници, на неколку сообраќајници во Охрид, под контрола на нивните ментори, ќе преземаат службени дејствија за контрола во патниот сообраќај по повеќе основи, согласно Законот за безбедност во патниот сообраќај, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. 

Остани поврзан