МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
3 декември 2024
Гостивар- Меѓународниот ден на лицата со попреченост нé потсетува на нашата обврска и одговорност дека сите ние сме должни како општество да прилагодиме и обезбедиме можности за користење и развој на потенцијалот на секое лице а особено на лицата со попреченост, напомна министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани при неговата посета на Гостивар.
- Лицата со попреченост често се соочуваат со различни бариери - не само физички, туку и социјални, емоционални и економски. Овие бариери не само што ги ограничуваат нивните можности, туку ја попречуваат нивната интеграција во општеството.Овој ден, е и повод да ја славиме нивната храброст, издржливост и неверојатните достигнувања, рече Лимани.
Министерот напомена дека потребно е цврсто залагање да се имплементира Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2026 и Акцискиот план 2023-2026 кој има мулти секторски пристап.
Гостивар – Во Министерството за социјална политика, демографија и млади, во тек се контроли за да се утврди дали имало злоупотреба на доделувањето на услугата „туѓа нега“. Ова го кажа министерот Фатмир Лимани при неговата посета на Гостивар, одговорајќи на новинарско прашање дали се планира покачување на гарантирана минимална помош со оглед на тоа дека трошоците растат.
- Ќе треба да отвориме очи од две дванаесет на овие што исцрпуваат средства, како на пример, овие што се даватели на услуги на трето лице. Бројката се зголемува со секој циклус на избори за најмалку една илјада. Таков е примерот со Тетово. Последните три години, ако бројката била пет илјади, сега е седум илјади и петстотини корисници. За „туѓа неа“ во Скопје, од 9.000 имаме 13.700, близу 14.000 корисници, а ова само со тек на изборни циклуси, рече Лимани.
Тој посочи дека за оваа услуга на месечно ниво се издвојуваат по 6 милиони евра.
Куманово- Новогодишната кошничка се подготвува, ќе има значителни намалувања, со цел да се заштити стандардот на граѓаните, најави денеска заменик министерот за економија, Марјан Ристески во Куманово, одговарајќи на новинарски прашања. Тој кажа дека деталите за производите, за намалувањата ќе бидат сооопштни на прес-конференција.
- Се знае дека кошничката е при крај, ќе има повеќе стотина производи, сигурно повеќе од претходната „есенската кошничка“ и мислам дека ќе бидат задоволни граѓаните од производите мои ќе бидат понудени во таа кошничка. Ќе има значителни намалувања коишто ќе бидат позитивна мерка во однос на заштита на стандардот на граѓаните, задржување на стабилност на цените, стабилен процент на инфлацијата којашто засега е на задоволително ниво, рече заменик министерот.
Вакви мерки владата ќе спроведува и во иднина, дополни Ристески, особено околу празниците, кога е евидентирана најголема потрошувачка. Во оваа кошничка како што соопшти ќе бидат опфатени традиционални производи, храна и пијалаци за празниците, пред и после Нова година. Кошничката е направена со претходна детална поопсежна анализа во која учествувале стопанските комори, синдикатите, организација на заштита на потрошувачите.
Скопје - Да се најде системско решение за долгогодишниот проблем во наставата на знаковен јазик за учениците кои се глуви или имаат оштетен слух во единственото средно училиште во земјава за нивна едукација „Партениј Зографски“ во Скопје – укажува Народниот правобранител кој денеска доставил препораки до Министерството за образование и наука. Главната меѓу нив е за вработување во училиштето да биде обврзно познавањето на знаковниот јазик на солидно ниво што ќе овозможи разбирливи предавања за учениците.
Според анкета што меѓу 20 глуви и наглуви ученици и 19 вработени наставници во училиштето ја спровела канцеларијата на Омбудсманот минатиот месец, констатирано е дека има наставници и со повеќегодишно работно искуство кои имаат почетно ниво (од вкупно шест нивоа од која се состои обуката) на познавање на знаковниот јазик, што е доволно за основна, но не и за сигурна интеракција, како и наставници кои воопшто не го познаваат за да комуницираат со учениците бидејќи тоа не е задолжителен критериум за вработување. За квалитетна комуникација и поучување на учениците, наставникот треба да има минимум четврто ниво кое минатата учебна година го имале девет наставници. Ниту еден од вработените нема завршено шесто ниво на обука на знаковен јазик.
Скопје – Како Влада не ја гледаме објективноста на барањето за лидерска средба испратено преку медиумите. Сепак, нека го испратат барањето како што треба па ќе размислиме и ќе одлучиме, порача денеска портпаролката на Владата Марија Митева.
-Оваа Влада не работи за желбите на политичарите, туку исклучиво за интересите на граѓаните. Сосема е чудно зошто ова барање за лидерска средба доаѓа преку медиумите, се надеваме дека знаат како се испраќаат официјални барања за лидерска средба. Нека ги испратат, па ќе размислиме и ќе одлучиме, рече Митева во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Нагласи дека ако во минатото имавме влада која немаше капацитет да води политички дијалози, сега имаме Влада која и во рамки на извршната, но и во рамки на законодавната власт има капацитет да води такви политички дијалози.
Кавадарци - Водостојот е критичен и последица од несовесно управување, неопходна е акција, е изјавата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, по денешната посета на хидроелектраната „Тиквеш“, информираат од Министерството.
Таа сакала да се информира за моменталната состојба со хидропотенцијалите, техничката подготвеност и предизвиците поврзани со водостојот во земјата.
- Нивото на големата вештачка акумулација во земјава, Тиквешкото езеро, останува далеку под потребното ниво. Водата од езерото не е ниту до горниот праг од тунел Тисовец кој е на кота 245 м водостој на Тиквешкото езеро. Генерално состојбата е критична на ниво на цела држава, се вели во соопштението до јавноста.
Божиновска заедно со директорот на електраната, Звонко Бошков и претставници на раководството на ЕСМ биле во обиколка на ХЕЦ Тиквеш.
Штип - Оставката на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева е политички фолклор, бидејќи на истекување на неколку дена од нејзиниот мандат е всушност политички маневар, вели државниот секретар во Министерството за правда, Дејанчо Ефтимов, кој денеска одговараше на новинарско прашање како ја коментира оставката на Дамева пред да почне и третата стручна дебата за во штипскиот Апелациски суд за Предлог законско решение за изменување и дополнување на Законот за Судски совет.
-Во однос на ова можам само да констатирам дека потегот, којшто го направи е добар во насока дека конечно се одважија да истите бидат пример. Сите оние коишто се инволвирани и во највисоките судски инстанци и во правосудниот систем ќе сносат одговорност доколку не постапуваат согласно позитивните законски прописи, односно ако истата постапуваше со темпото, динамиката којашто сакаше да ја воспостави врз основа на заклучок од колегиум да го продолжи мандатот истата ќе навлезеше во прекршување на позитивните законски прописи, конкретно на Кривичниот законик од член 353, со тоа што истата ќе правеше кривично дело и истата ќе имаше индивидуална одговорност, вели Ефтимов.
Штип – Реализирана е третата стручна средба во штипскиот Апелационен суд за Предлог законското решение за изменување и дополнување на законот за Судски совет. Државниот секретар во Министерството за правда, Дејанчо Ефтимов кој денеска присуствуваше на расправата во Апелациониот суд во Штип вели целта е да се сумираат сите мислења и предлози, за да се регулира судскиот систем.
Изборот на членови на Судски совет е една од темите кои се дискутираа на денешната стручна средба, а кога ќе се сумираат крајните мислења и предлози ќе се формираат измените и дополнувањата на законот.
-На оваа дебата се сумираат сите мислења, предлози токму од оние кои најдиректно се засегнати од имплементација на законот кој ја регулира нивната работа. Судскиот совет целта за која е основан е всушност независност и стручност на целокупниот систем. Тоа е телото кое ги регулира сите текови во однос на судските постапки. Токму од овде тргнуваме со стручни дебати во сите апелациони подрачја и со стручната јавност за да можеме да изготвиме едно сеопфатно решение кое ќе биде имплеметирано и ќе допринесе да бидат надминати сите аномалии, вели Ефтимов.
Битола - Притисоци од политичари немаме. Ние сме независна институција и нема да дозволиме каква било форма на притисок, изјави деенска во Битола претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.
Во изјава за медиумите Димитровска нагласи дека борбата против корупцијата не зависи само од една институција и потребно е заедничко дејствување.
-Борбата против корупцијата не зависи само од една институција. Максимално вложуваме напори за постапување по сите предмети и нивно процесуриање. Притисоци од политичари немаме. Ние сме независна институција и нема да дозволиме било каква форма на притисок, посочи Димитровска.
На новинарско прашање во врска со постапката и динамиката на оформениот предмет во ДКСК за условите за именување на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Димитровска истакна дека во ДКСК секојдневно пристигнуваат дополнувања на пријавата со одредени сомневања.
Скопје - Коалицијата „Менуваме“ на Денот на лицата со попреченост бара од Министерството за социјална политика, демографија и млади да се реши проблемот со надоместокот за персоналните асистенти и бара зголемувањето на додатокот за попреченост да биде за сите лица, а не само, како што најавил министерот, за лицата со квадраплегија и со оштетен слух и говор.
Суарет Алишан, координатор на Коалицијата „Менуваме“ денеска изјави дека се констатирани низа неправилности во исплатите за личните асистенти, како и дека забелешките за тоа пред две недели се доставени до Министерството но дека нема никаков одговор за нив.
- Од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади не се исплатени септември, октомври и ноември персоналните асистенти, а истовремено за тоа молчат и операторите кои ги даваат услугите. Ги детектираше следните слабости: од страна на провајдерот нема никаква соработка со персоналниот асистент и тој е оставен сам на себе. Од страна на операторот врз основа на некаков правилник, член 146 се крати од месечниот надоместок на персоналниот асистент, вели Алишан.
Скопје - Од Центарот за управување со кризи информираат дека примен е повик од лице кое се наоѓа во викендица во село Леуново, на локација над Хотел Радика, кој е со сопругата кој цело време е приклучена на апарат за кислородна поддршка кој работи на струја, по што за денеска е договорено да се интервенира во чистење, за да може пациентката да биде транспортирана до Клиничката болница во Гостивар.
Во координација со ПС Маврово и Итна Медицинска Помош Гостивар, како што информираат од ЦУК, биле на лице место, но поради висина на снежна покривка од околу 1 метар, не се во можност истата да јa пренесат до амбулантното возило. Лицето, како што се посочува, поседува и агрегат за струја, во случај да снема.
Женева – Високиот комесар на Обединети нации за човекови права Волкер Турк е загрижен поради ескалација на насилство во северозападна Сирија, изјави денеска неговиот портпарол Џереми Лоренс.
- Нашиот кабинет документираше серија екстремно вознемирувачки инциденти кои резултираа со голем број цивилни жртви, вклучително и голем број жени и деца, во нападите и од Хајат Тахрир ал-Шамс (ХТС) и од провладините сили, истакна Лоренс.
Борбите во Сирија почнаа на 27 ноември кога бунтовниците предводени од исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал-Шам го прекршија договорот за деескалација и ги нападнаа провинциите Алепо, Идлиб и Хама. Сириската армија возврати на нападот. Командата на сириската армија вчера соопшти дека изминатите дена ликвидирани се над 400 бунтовници.
Ерусалим - Израел го изврши најсилниот напад врз Либан од потпишувањето на примирјето со Хезболах, при што загинаа најмалку 11 луѓе.
Министерството за здравство на Либан соопшти дека во израелскиот воздушен напад врз либанското село Харис загинале пет лица, а двајца се ранети. Во вториот воздушен напад врз селото Талуса загинаа четири лица, а двајца беа ранети.
Нападот следеше по вчерашниот напад на Хезболах врз израелските сили на планината Дов, спорна територија што ја држат Израелците, на тројната граница меѓу Либан, Сирија и Израел.
Договорот од 60 дена требаше да стави крај на едногодишната војна меѓу Хезболах и Израел, која започна во исто време со војната меѓу Хамас и Израел.
Бејрут- Либанските власти ги повикаа Вашингтон и Париз да извршат притисок врз Израел да го почитува договорот за прекин на огнот, откако израелските напади и ракетите на Хезболах повторно го прекршија примирјето во јужен Либан.
Привремениот либански премиер Наџиб Микати и претседателот на парламентот Набих Бери им се обратија на американските и француските официјални лица за ескалацијата на тензиите, наведувајќи дека прекинот на огнот „ослабнал“ помалку од една недела откако стапи на сила, јавија британските медиуми.
Договорот со посредство на САД, што стапи на сила на 27 ноември, му забранува на Израел да започне офанзива на либанска територија, додека Либан мора да го спречи Хезболах да го нападне Израел.
Бејрут- Денеска избувнаа жестоки борби меѓу сириската армија и коалицијата на бунтовници предводена од радикални исламисти, кои се обидуваат да напредуваат кон стратешки важниот град Хама, во истоимената провинција во центарот на земјата, јавува невладиниот Сириски Центар за мониторинг на човековите права.
Бунтовниците минатата недела започнаа блиц-офанзива за заземање на Алепо, вториот по големина град во Сирија на северот на земјата, над кој владините сили целосно ја загубија контролата за првпат од почетокот на граѓанската војна во 2011 година.
„Во северниот дел на провинцијата Хама се водат жестоки борби“, додека руските и сириските воздушни сили изведуваат десетици напади врз позициите на бунтовниците, соопшти Центарот.
Бунтовниците успеаја да преземат контрола над неколку градови и села во областа Хама, додаде Центарот, со седиште во Велика Британија.
Брисел– Советот на ЕУ денеска одобри пакет мерки насочени кон подобрување на кардиоваскуларното здравје во Унијата, фокусирани на превенција, рано откривање, третман и рехабилитација, со цел зајакнување на напорите во спречување на срцевите заболувања, кои се водечка причина за смртност во блокот.
Според унгарскиот државен секретар за здравство Петер Такач, кардиоваскуларните заболувања имаат разорно влијание врз поединците и нивните семејства, иако во повеќето случаи тие можат да се спречат со надминување на основните фактори на ризик и преку поздрав избор на начин на живот.
- Скринингот и подобриот пристап до третмани се суштински елементи за намалување на влијанието на кардиоваскуларните заболувања. Денешните мерки ја одразуваат нашата посветеност за подобрување на кардиоваскуларното здравје низ ЕУ, порача Такач, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
Сухуми- Парламентот на отцепената грузиска провинција Абхазија, кој го поддржува Москва, денеска гласаше против ратификувањето на инвестицискиот договор со Русија што предизвика протести минатиот месец и резултираше со смена на претседателот.
Договорот беше потпишан во октомври во Москва, кога рускиот министер за економија Максим Решетников и абхазиската министерка Кристина Озган го потпишаа договорот.
Опозициските лидери тврдат дека договорот е штетен за економскиот суверенитет на Абхазија, бидејќи ги фаворизира богатите Руси и компаниите заинтересирани за купување недвижен имот во регионот на Црното Море, наместо локалното население.
Москва, која во голема мера го пополнува буџетот на Абхазија, бара руските инвеститори да добијат право да купуваат недвижен имот и право да ја градат и развиваат областа.
Хелсинки – Телекомуникациски кабел што ги поврзува Финска и Шведска синоќа е оштетен, а финската полиција се сомнева дека е сторено кривично дело.
- Сериозно ја сфаќаме ситуацијата, напиша на Икс финскиот министер за транспорт и врски Лулу Ране.
Шведската управа за телекомуникации (ПТС) потврди дека интернет кабелот бил оштетен на два места на територијата на Финска.
Од ноември тоа е трет инцидент со оштетени телекомуникациски кабли во нордискиот и балтичкиот регион.
Киев - Две илјади војници од Северна Кореја им се приклучија на руските единици и активно ќе учествуваат во борбите, додека уште 9.000 војници се во резерва, објави „Киев пост“.
Андриј Черњак, претставник на Украинската одбранбена разузнавачка служба, изјави за Радио Свобода дека иако овие сили веројатно не се на линијата на фронтот, тие сè уште придонесуваат за агресија против Украина, помагајќи во убивањето на украинските војници.
„Можеби не се на линијата на фронтот. Можеби не се на напредни позиции, но сепак придонесуваат за агресијата врз Украина и убиството на украинските војници“, рече Черњак.
Според Украинската одбранбена разузнавачка служба, со севернокорејскиот воен контингент во Русија командуваат тројца генерали од Северна Кореја.
Москва - Русија ја критикуваше најновата најава на германскиот канцелар Олаф Шолц за помош за Украина, по неговата вчерашна посета на Киев, јави ДПА
- Шолц не кажа ништо ново, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој додаде дека како и другите претставници на европските држави, Шолц посочил дека актуелниот курс во оваа војна ќе продолжи.
- Тие намерно продолжуваат со нивната деструктивна политика насочена кон поттикнување и продолжување на оваа војна, рече Песков, цитиран од руските новински агенции. Русија ја започна војната со голема инвазија во февруари 2022 година.
И покрај критиките за Шолц, Песков изјави дека Москва е подготвена да продолжи со неодамна обновените контакти со канцеларот.
Тбилиси - Опозицијата не успеа во обидите да го спроведе сценариото на украинскиот Мајдан во Грузија, изјави денеска грузискиот премиер Иракли Кобахидзе.
Кобахидзе на прес-конференцијата рече дека „националниот Мајдан во Грузија пропаднал, и покрај координираните напори“.
Премиерот нагласи дека организаторите на протестите, вклучително и невладините, нема да можат да избегаат од одговорност.
Зборувајќи за вклученоста на опозициските лидери во организирањето на протестите, Кобахидзе рече дека лидерите на опозициските партии „седат во своите канцеларии и не учествуваат во протестите“, но дека тоа не значи ништо.
Тбилиси- Уставниот суд на Грузија денеска го отфрли барањето за поништување на парламентарните избори одржани на крајот на октомври, на кои победи владејачката партија Грузиски сон, која е на власт од 2012 година.
Опозицијата смета дека изборите биле наместени и во последните денови организира проевропски демонстрации.
„Уставниот суд не ги прифати жалбите...со кои се бараше изборите од 26 октомври да се прогласат за неуставни“, соопштија од судот, прецизирајќи дека тоа е „конечна“ одлука.
Атина – Билатералните односи, миграцијата, регионалните и меѓународни случувања, но и кипарското прашање, биле темите за кои разговарале британскиот и грчкиот премиер Кир Стармер и Кирјакос Мицотакис на нивната денешна средба во Лондон, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, „двајцата лидери ги разгледаа билатералните односи и изразија заемна волја за зајакнување на соработката“, а Мицотакис го истакнал значењето што Грција го придава на грчко-британските односи и нагласил дека „средбата е можност да им се даде нов поттик“.