• среда, 04 декември 2024
МИА Флеш

4 декември 2024 

Скопје - Во математичка писменост од 58 држави, нашите ученици се на 44 место. Во природни науки сме три места подолу, односно на 47 место. Ова се резултатите од последното меѓународно ТИМСС тестирање (TIMSS – Trends in International Mathematics and Science Study) што беше спроведено во 2023 година, петти пат во нашата држава. Тестирани беа ученици од четврто одделение, на македонски и на албански јазик и прв пат електронски, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН). 

Оттаму наведуваат дека и оваа меѓународна компаративна студија покажа дека на нашиот воспитно-образовен систем му се потребни крупни промени за да можат нашите ученици да ги подобрат знаењата.

Скопје - Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов денеска беше домаќин на делегација на Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA - „Џајка“), предводена од Ичиро Мимура, заменик на генералниот директор и директор на групацијата за заштита на шумите и природата од главната Дирекција (на JICA) од Токио.

Како што информира ЦУК, на средбата Мимура беше придружуван од страна на неговиот соработник Генја Накамура, исто така од генералната Дирекција од Токио и Чигиру Јамашита и Мана Нагашима од Канцеларијата на Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA) за Балканот, од Белград.

Скопје - Заедно да кажеме стоп за петардите и огнометите, освен тоа што се опасна „играчка" за најмладите и може да дојде до страшни повреди, погубни се и за животинскиот свет, алармираат од скопската Зоолошка градина.

Декември го посветуваат за зголемување на свеста за последиците од употребата на пиротехнички средства во овие денови на празнични прославувања.

Скопје - Над 1200 ученици од скопската Општина Бутел денеска формираа најголемото македонско знаме. 

Градоначалникот на општината Дарко Костовски во објавата на Фејсбук напиша дека знамето и химната се симболи на државност и секој еден од нас треба да се идентификува и да ги почитува националните симболи.  

Скопје - УСАИД е посветена на инклузивноста што ги зајакнува демократијата, човековите права и економскиот раст. Преку нашите програми, 420 Роми се вработија во приватни компании или преку грантови за самовработување. Овие програми ги надминуваат работните места - тие градат достоинство, безбедност и патишта кон подобра иднина, изјави денеска претставничката на канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Џери Дајбл на отворањето на Саемот за вработување во Скопје во организација на Стопанската комора и „Ромалитико“.

- Соработката е клучна за напредок. Денеска ги поздравувам „Ромалитико“ и Стопанската комора на Северна Македонија за поврзувањето на Ромите, кои бараат работа со инклузивни работодавци како што е корпорацијата „Лаер“, што вработи над 200 Роми, вклучително и во лидерски улоги, подвлече Дајбл.

Скопје - Претставници на 25 компании членки на Стопанската комора денеска директно разговараат и интервјуираат околу 130 невработени Роми во рамки на Саемот за вработување организиран од Ромалитико во соработка со Стопанската комора.

-Ромалитико за првпат организира ваков саем како уникатна можност да ја помогнеме вработливоста кај ромската заедница. Целта на настанот е ромската заедница денеска да има директни интервјуа со приватните компании со цел побрзо да се вработат, изјави извршниот директор на Ромалитико, Елвис Шакири пред почетокот на Саемот за вработување што денеска се одржува во Скопје.

Скопје - Нискобуџетната компанија Изиџет планира да врати на македонскиот пазар напролет со воведување летови меѓу Париз (аеродормот „Орли“) и Скопје.

Како што објави порталот „Екс ју авијација“, повикувајќи се на францускиот финансиски весник „Les Echos“, се очекува летовите да бидат закажани наскоро.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска  оцени дека интерпелацијата што ја поднесе за неговата работа опозициската ДУИ  е „низок обид за манипулација на јавноста“, истакнувајќи дека Собранието ќе постапи како што смета. На новинарско прашање Тошковски рече дека тезите коишто се поставувале во изминатиот период од страна на опозицијата, а особено од страна на ДУИ, сами по себе се контрадикторни.

-Македонскиот граѓанин, македонскиот народ многу добро знае што стои зад оваа интерпелација од аспект на нивно барање. Нека им е со среќа. Собранието ќе си постапи во насока на она што смета. Јас искрено сметам дека ова е еден низок обид за манипулација на јавноста, рече министерот Тошковски, по средбата со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ. 

Скопје - На собраниската седница закажана за 10 декември се очекува да започне расправата за Предлог-буџетот за 2025 година. Согласно Деловникот за работа на Собранието, претресот по Предлогот на буџетот, односно по дополнетиот предлог на буџетот на седница на Собрание, се води во втората недела на месец декември и трае најмногу пет дена.

Како што информираат за МИА од Собранието, Предлог-буџетот ќе биде една од точките на дневене ред на 22. седница на која исто така треба да биде изгласан и потребата за носење на Предлог на закон за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година (по скратена постапка). 

Приштина - Обединетиот синдикат за образование, наука и култура (СБАШК) денеска ќе протестира барајќи зголемување на платите и спроведување на одлуката за колективниот договор. А доколку институциите не се одразат, ниту челниците на СБАШК не исклучуваат штрајкови, јави дописникот на МИА од Приштина.

Протестот пред зградата на Министрерството за образование во центарот на градот ќе започне во 12:30 часот.

Атина - Преку новата мобилна апликација „Safe Athens“, што ја лансираше општина Атина, жителите ќе можат брзо да пријават потенцијални опасности или природни катастрофи со кои би можело да се соочат во секојдневниот живот и да ја известат полицијата или нивните најблиски, јави дописничката на МИА од Атина.

Од општина Атина соопштија дека станува збор за иновативна апликација, со која справувањето со опасност ќе се врши со „притискање на едно копче“, а воедно е и прва во Грција наменета и за глувите граѓани.

Берлин - Вработените во Германија трошат дури 22 отсто од своето работно време на бирократски задачи, покажа денеска објавеното истражување на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен, спроведено меѓу 450 германски менаџери.

Менаџерите се жалат на значителните суми пари што треба да ги одвојат за персоналот поради зголемената бирократија и новите законски барања, изјави истражувачот на ИФО, Рамона Шмид.

Газа - Најмалку пет лица, меѓу кои четири деца, загинаа денеска во израелски воздушен напад во Појасот Газа, јавија локални медицински лица.

Болницата Ауда, каде што се однесени телата, соопшти дека петмината Палестинци биле убиени пред засолниште во бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа. Повредени се 15 лица, претежно деца.

Виндхук - Кандидатката на владејачката партија СВАПО Нетумбо Нанди-Ндаитва е избрана за прва жена претседателка на Намибија по минатонеделните спорни избори, јавува денеска Би-би-си.

Државната изборна комисија соопшти дека таа освоила повеќе од 57 отсто од гласовите, додека нејзиниот најблизок ривал Пандулини Итула од опозициската партија Независни патриоти за промени (ИПЦ) доби 26 отсто.

Вашингтон - Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, ја поздрави денешната одлука на претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук-јеол, да ја укине воената состојба, истакнувајќи дека САД „внимателно ги следеа случувањата во последните 24 часа“ и очекуваат политичките несогласувања да бидат „разрешени мирно“.
 
Во својата изјава Блинкен го потврди сојузништвото меѓу САД и Јужна Кореја, кое, како што рече, е засновано на „заеднички принципи на демократија и владеење на правото“.

Техеран - Техеран испрати делегација на воени советници во Сирија, предводена од висок генерал од Корпусот на Исламската револуционерна гарда, за да и помогне на владата во Дамаск да се спротивстави на исламистичката офанзива на југот на земјата, јави ДПА.

Бригадниот генерал Џавад Гафари ќе обезбеди поддршка за контраофанзивата на војниците на претседателот Башар Асад во регионот на градот Хама, јави иранското радио „Ал Алам“.

Дамаск - Армијата на сирискиот претседател Башар ал Асад започна контраофанзива против исламистичките бунтовнички сили кои минатата недела започнаа ненадејна офанзива во северозападна Сирија, јави ДПА.

Рано утринава сириските воени единици ги истуркаа бунтовниците на околу 10 километри од градот Хама, објави невладината организација Сириска опсерваторија за човекови права, како и владини претставници во Дамаск.

Остани поврзан