МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
4 декември 2024
Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека средбите во Брисел со новото раководство на Европскиот совет, биле запознавање на тамошните политичари со аргументите на Владата за надминување на спорот со Бугарија пред почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Ваквите разговори, како што најави тој, ќе продолжат и на претстојниот Самит на Европската Унија со земјите од Западен Балкан.
- Разговаравме за сите теми коишто се од суштинско значење. Повторно поминуваме низ аргументите, дебатираме, даваме нови аргументи. Сепак треба да имате претстава дека тоа се нов состав, комплетно нов состав, вчера им беше практично вториот работен ден и дека голем дел од информациите коишто сега ги примаат се практично нови информации за нив. И врз основа на тие дискусии очекувам сега дополнително во периодот којшто следи да се развијат и обликуваат определени можни решенија. Повторно на 17 има редовен самит ЕУ-Западен Балкан, ќе бидам повторно таму од 17 до 19-ти, рече Мицкоски.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска, одржа билатерална средба со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ на која било разговарано за потребните чекори кои треба да ги преземат двете земји за доближување кон Европската унија.
Тошковски посочи дека на средбата било разговарано за реформите кои треба да ги спроведат двете држави, потврдувајќи ја добрата соработка помеѓу полициите и полициските службеници.
– Разговаравме за прашања кои што се од интерес за двете држави во насока на оној пат којшто претстои пред нас, тоа е правење на сите оние потребни реформи, преземање на сите оние потребни чекори за да се доближиме до Европското семејство. Тоа е нашиот единствен пат и на Македонија и на Босна и Херцеговина којшто треба да го исчекориме во иднина … Разговаравме исто така за теми кои што се од интерес за двете држави, како држави каде што имаме транзит на нелегална миграција, разговаравме за теми кои што се поврзани со создавање на еден регионален центар за обука и регионални конференции на сите центри за обука на земјите од Балканот, рече Тошковски.
Куманово - Секој којшто нема да ја оправда довербата, без разлика на неговата улога во општеството треба да си замине, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во однос на оставката на досегашната претседателка на судскиот совет, Весна Дамева. Мицкоски најави дека ќе продолжи да упатува пораки кон обвинителите и судиите, како што рече, „да си ја работат својата работа, да не бидат партнери со криминалците без разлика дали се тоа политички или вистински криминалци од улиците, туку да се борат против криминалот и корупцијата“.
Одговарајќи на новинарски прашања пред конференцијата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во Скопје, премиерот порача дека судиите и обвинителите треба да стават фокус на справување со криминалот и корупцијата, нагласувајќи дека секој кој нема да ги исполни очекувањата на граѓаните, треба да си замине.
Според него, ова правило не треба да има исклучок во иднина, без разлика на функцијата во општеството.
Скопје - Единствената давачка за која во моментот размислуваме е за усогласување на македонското законодавство со Глобалниот корпоративен данок, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање дали Владата размислува за зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.
Мицкоски најави дека до крајот на годината ќе има усогласување на даночната политика со цел консолидираниот данок на профит од 15 проценти на компаниите што ги исполнуваат условите да се исплаќа во целост во државава.
Според Мицкоски, компаните се информирани и немаат против.
Скопје – Записникот од вонредниот надзор е готов, инспекторите утврдиле неправилности поради што одговорност ќе понесе една од наставничките која била организатор на приредбата, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска надзорот што завчера во училиштето „7 Март“ во Челопек го извршил Државниот просветен инспекторат.
-Ќе бидат информирани и директорот и градоначалникот за да постапат по закон, но она што е поважно, според мене, е дека и во ова училиште и во неколку други училишта каде што имавме пријави за нерегуларности, каде што, чесно ќе кажам не се утврдени нерегуларности, но имало некаков револт, ќе спроведеме обука за соживот, мултукултурализам, мултиетничност, и за тоа ќе побараме поддршка и од ОБСЕ, изјави Јаневска денеска во Ректоратот на УКИМ каде што учествуваше на конференција „Подобро образование за посилен раст“.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на вториот ден од НАТО министерскиот состанок, што се одржа во седиштето на Алијансата, во Брисел.
Како што информираат од Министерството, состанокот на ниво на министри за надворешни работи на земјите-членки на НАТО бил посветен на клучни прашања за безбедноста на евроатлантскиот регион во контекст на актуелните безбедносни предизвици.
Скопје – Министерството за внатрешни работи досега има уапсено 18 лица поврзани со инцидентите на Денот на албанското знаме, од кои четворица се во притвор, додека за десетина се покренати прекршочни постапки поради „дивеењeто“ на улиците и сообраќајниот хаос којшто настана, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по денешната билатерална средба со неговиот босански колега Ненад Нешиќ.
Тошковски упати апел за разум и мудрост, и порача дека МВР одлучно ќе одговори против сите коишто ќе се обидат да го погазат достоинството на граѓаните на Македонија, без оглед дали станува збор за сквернавење на државен симбол на Македонија или на која било соседна земја. Изрази надеж дека станува збор за изолирани случаи, со оглед на тоа дека сторителите на кривичните дела биле млади луѓе, но како што рече „не ми личи за таква работа“.
Скопје – За жал, ова не е новост, резултатите се лоши. Не можам да кажам дека се неочекувани, но се доказ дека се потребни промени во се што го опфаќа образовниот систем, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска за резултатите од ТИМСС-тестирањето што денеска ги соопшти МОН.
Како што рече, пред пет месеци се почнати промени од кои треба да произлезат подобри резултати на меѓународните тестирања.
-Промените во образованието не се ни лесни ни брзи. Но, почнати се и се надевам дека во еден разумен временски период ќе ги дадат и своите резултати, изјави Јаневска денеска во Ректоратот на УКИМ каде што учествуваше на конференција „Подобро образование за посилен раст“.
МОН денеска информираше дека ТИМСС-тестирањето „покажа дека се потребни крупни промени во образованието за да можат учениците да ги подобрат знаењата“.
Скопје – Министерот за спорт, Борко Ристовски, денес присуствуваше на церемонијата на доделување на стипендиите „Спортска надеж“.
Петстотини талентирани млади спортисти од колективните и индивидуалните спортови ќе добиваат стипендија во вредност од 20% од просечната плата исплатена во претходната година.
- Оваа финансиска помош сигурно ќе значи околу подобрување на барем еден дел од условите потребни за нивниот спортски развој. Ова е мал гест од министерството и Владата на Република Македонија. Со оваа манифестација даваме важност и на децата кои се корисници на стипендијата и на нивните родители кои се нивна поддршка. Ќе се потрудиме во иднина помошта да ја зголемиме. Со овој чекор покажуваме дека се грижиме за младите, за спортот во Македонија, за промовирање на вистински вредности.
Приштина - Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека имал „продуктивна средба“ со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешната објава на платформата „Х“, Курти вели дека на средбата со Кошта, како и на заедничката вечера со другите лидери од Западен Балкан, изразил загриженост за тековните закани за безбедноста на Косово, вклучително и последниот терористички напад на каналот Ибар-Лепенец во северно Косово.
-Му честитав (на Кошта) за новата улога и ја потврдив посветеноста на Косово за продлабочување на односите со ЕУ и унапредување на нашите аспирации за членство. За време на нашата билатерална средба и на заедничката вечера на шесте лидери на земјите од Западен Балкан, со високата претставничка Каја Калас и со комесарката Марта Кос, изразив загриженост за постојаните заплашувања и закани по нашата безбедност, вклучително и последниот терористички напад врз нашата критична инфраструктура и повикав на одговорност, напиша Курти.
Рим - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска разговараше со папата Франциск и високи претставници во Ватикан за изгледите за мир во Украина.
Орбан во текот на денот треба да се сретне и со италијанската премиерка, Џорџа Мелони.
Унгарскиот премиер имаше одвоена средба со поглаварот на Римокатоличката црква, а потоа се сретна со државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин и со потсекретарот за односи со државите на Ватикан, Мирослав Ваховски.
-За време на средбата посебно внимание беше посветено на војната во Украина, со фокус на хуманитарните последици и напорите за поддршка на мирот, се вели во соопштението на Ватикан.
Прага - Снабдувањето на Чешка со нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“ денеска беше прекинато од непознати причини, но снабдувањето на земјата со тој енергенс не е загрозено, бидејќи нафтата продолжува да пристигнува од запад, соопшти чешкиот оператор на нафтоводот, компанијата „Меро“.
Портпаролката на компанијата изјави дека се истражуваат причините за прекинот на испораките преку нафтоводот „Дружба“ (Пријателство), пренесе Меѓународното радио Прага.
Минатата година Чешка преку тој нафтовод примила вкупно 58 отсто од нафтата што ја користела. Остатокот е набавен преку нафтоводот Инголштад-Кралупи на Влтава-Литвинов, кој е поврзан со Трансалпскиот нафтовод (ТАЛ), кој започнува во Трст.
Брисел - Земјите членки на НАТО договорија збир на проактивни мерки за спротивставување на непријателските и кибер активностите на Русија, соопшти генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на прес-конференцијата по завршувањето на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Пактот во Брисел.
- Овие мерки вклучуваат засилена размена на разузнавачки информации, повеќе вежби, подобра заштита на критичната инфраструктура, подобрена кибер одбрана и построги акции против руската флота замаскирана во бродови кои извезуваат нафта, рече Руте.
Тој потенцира дека сме сведоци на се поагресивно држење на Русија и на ескалација на нејзината кампања на непријателски акции во земјите на НАТО.
- Видовме нагло зголемување на овие напади и мораме да ги повикаме сторителите на одговорност. И Русија и Кина се обидоа да ги дестабилизираат нашите земји и да ги поделат нашите општества со акти на саботажа, кибер напади и енергетска уцена, истакна Руте.
Брисел - Ако сакаме да ја задржиме сегашната способност за одвраќање на НАТО на подолг рок, сегашните издвојувањата за одбраната на ниво од најмалку два отсто од БДП нема да бидат доволни, порача денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на прес-конференцијата по завршувањето на дводневниот состанок на министрите на земјите членки на Пактот во Брисел.
- Силно верувам и знам дека многу сојузници силно веруваат дека „два отсто“ не се доволни ако на подолг рок сакаме да ја одржиме нашата способност за одвраќање на ниво какво што е сега. Сега таа е во ред, сега можеме да се браниме себеси ако некој не нападне, но сакаме така да остане и за четири или пет години, рече Руте во одговор на прашање за негов став во врска со најавата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе бара зголемување на издвојувањата за одбраната на членките на НАТО да бидат најмалку три проценти од националните БДП.
Брисел - Поранешниот еврокомесар Дидие Рејндерс е под истрага поради сомнение за перење пари, објавија белгиските медиуми, повикувајќи се на соопштение на обвинителството. Вчера беше претресен домот на Рејндерс, два дена откако ја напушти Европската комисија.
Се наведува дека поранешниот еврокомесар бил сослушан во полиција, но не можел да биде приведен бидејќи бил под истрага за можни злосторства за време на неговите години во ЕК и во белгиската влада. Се појаснува дека во таква истрага треба да важи имунитетот што тој го имал тогаш.
Според податоците, откриени се сомнителни дејствија кои можеби довеле до акумулација на значителна сума пари. Рејндерс наводно купил лотарии во вредност од 1 до 100 евра и ги платил во готово, а потоа вредноста на билетите ја префрлил на електронска сметка на националната лотарија. Од оваа сметка осомничениот ги насочил сумите на жиро сметка, покажува истрагата.
Париз - Претседателот на Пари Сен-Жермен, Насер Ал-Хелаифи му изрази поддршка на тренерот на тимот Луис Енрике.
- Според мене, сега го имаме најдобриот тренер во светот. Тој гради проект за иднината. Резултатите се важни, но ние остануваме фокусирани на нашиот проект. Има и многу гласини за играчи, но ние сме многу јасни. Имаме една од најмладите екипи во Европа, ако не и најмладата, со просечна возраст од 22,5 години. Во медиумите секогаш има шпекулации. Новинарите само сакаат да ги продадат своите весници. Но, јас верувам во нашиот проект, нашиот систем, нашиот тренер и нашиот план, изјави Ал-Хелаифи за „Sky Sport“.
Каиро - Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати ја потврди цврстата позиција на Каиро за поддршка на Сирија, нејзиниот суверенитет, единство и територијален интегритет, нагласувајќи ја фундаменталната важност за заштита на цивилното население, пренесоа египетските медиуми.
Во текот на денешниот телефонски разговор на иницијатива на сирискиот министер за надворешни работи Басам Сабаг, двете страни разговараа за последните случувања во северниот дел на Сирија.
Двете страни разговараа и за тешките последици од овие настани врз безбедноста и стабилноста на Сирија и на целиот регион.
Вашингтон - Сè поголем број сенатори во приватни разговори сигнализираат дека не се наклонети да гласаат за потврда на Пит Хегсет за следен министер за одбрана, номиниран од избраниот претседател Доналд Трамп. Ова ги натера советниците на Трамп да разгледуваат и препорачаат потенцијални замени, соопшти денеска „Еј-Би-Си њуз“.
Се дознава дека најмалку шест сенатори во приватни разговори изразиле намера да не гласаат за Хегсет поради излегување на виделина на голем број случаи на негово недаекватно однесување кон жени.
Иако Трамп и неговите советници приватно истакнале дека избраниот претседателот го поддржува Хегсет и се надева дека „да продолжи да се бори“.
Вашингтон - Американските власти се сомневаат дека Кинезите, за време на неодамна откриената хакерска и шпионска кампања, собрале податоци за стотици илјади американски корисници на мобилни телефони и можеби неовластено преземале информации од повеќе од милион корисници, објави денеска Еј-би-си Њуз.
Според информациите на таа телевизија, меѓу жртвите на кинеските хакери биле и некои од највисоките владини функционери во администрацијата на претседателот на САД, Џозеф Бајден, а меѓу нив и најмалку еден секретар на неговиот кабинет, како и советник за внатрешна безбедност на Белата куќа.
Хавана - Милиони луѓе во Куба останаа без електрична енергија кога денеска повторно не функционира системот на националната електрична мрежа, соопшти Министерството за енергетика и рударство.
Прекините на струја се голем проблем на островот, каде што жителите веќе се соочуваат со недостиг од храна, гориво, вода и лекови, пренесуваат агенциите.
Министерството за енергетика и рударство на земјата соопшти дека електраната „Антонио Гитерас“, најголемиот производител на електрична енергија во земјата, во Матанцас, престанала да работи околу 2 часот по полноќ по локално време, предизвикувајќи колапс на мрежата низ островот.
Пекинг - Кина денеска успешно го лансираше сателитот „Хаишао-1“ за далечинско набљудување на глобалните промени во океаните, јави државната новинска агенција, цитирајќи ја кинеската корпорација за аерокосмичка наука и технологија.
Корпорацијата соопшти дека лансирањето се случило во 12:46 часот по пекингшко време од Центарот за лансирање на сателити Сичанг со модернизирана ракета-носач „Куижоу-1А“. Ова е 28-ма мисија според програмата „Куајжоу“.
Пекинг активно ја развива својата национална вселенска програма, развива метеоролошки, телекомуникациски и навигациски сателити и технологии за истражување на Месечината. Се спроведуваат проекти за проучување на астероиди и Марс.