МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
3 декември 2024
Брисел – Премиерот Христијан Мицкоски вечер во Брисел ќе присуствува на неформална работна вечера што за лидерите од земјите од регионот на Западниот Балкан ја организира новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Покрај Мицкоски, како што соопшти Советот на ЕУ, на вечерата се поканети и косовската претседателка Вјоса Османи, претседателите на Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседавачката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цијановиќ и премиерите на Албанија и на Косово, Еди Рама и Албин Курти.
Брисел - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска и утре ќе учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО, што се одржува во седиштето на Алијансата во Брисел.
Предвидено е на министерскиот состанок да се разговара за актуелните безбедносни предизвици на НАТО, за случувањата во јужното соседство на Алијансата, за актуелните состојби поврзани со руската агресија врз Украина, како и за досегашната имплементација на одлуките донесени на Самитот на Пактот во Вашингтон одржан во јули, годинава.
Скопје - Во организација на Министерството за правда денеска во Апелацискиот суд Штип ќе се одржи тркалезна маса за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија.
Како што информираат од Министерството за правда, настанот е во соработка и со поддршка од проектот Поддршка на ЕУ за владеење на правото.
Битола - Во рамки на програмата „Граѓаните против корупцијата“ денеска на плоштадот „Магнолија“ во Битола ќе се одржи „Антикорупциски караван“.
Целта на настанот е преку директна комуникација, тимот на програмата и претставниците на државните институции и граѓанските организации одблиску да ги информираат граѓаните за значењето на борбата против корупцијата, да дискутираат за предизвиците, како и да ги презентираат можностите за пријавување на случаи на корупција.
Кочани – Ампутацијата на двете нозе, извршена пред неполни две години, не беше пречка за 38-годишниот Златко Ѓоргиев од Виница, да постигне несекојдневен подвиг и личен успех на неодамнешната маратонска трка во Базел, Швајцарија. Со помош на двете протези, што му ги заменуваат стапалата и натколениците, за 50 минути и 40 секунди ги помина петте километри и стигна до целната линија на трката.
Веќе една деценија, Ѓоргиев со семејството живее во местото Фулинсдорф, во кантонот Базел во Швајцарија, каде што се случил несреќниот случај во кој ги загубил нозете.
Скопје - По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Народниот правобранител - Тим за мониторинг на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, заедно со партнерските организации кои се дел од Националниот мониторинг механизам, денеска на прес-конференција ќе ги промовираат согледувањата во врска со остварување на правото на образование на знаковен јазик на учениците со оштетен слух кои учат во Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партениј Зографски“-Скопје.
Скопје - Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска ќе го означи почетокот на изградбата на мултифункционалното игралиште во општина Петровец.
Како што информираат од Министерството за спорт, на настанот ќе присуствува и градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски.
Скопје - Родителите од Општина Кисела Вода вечер ќе имаат можност да разговараат и подетално да се запознаат со проблемот со врсничкото насилство во рамки работилница која ќе се одржи во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“.
Ова е шестта едукативна средба наменета за родители во рамки на општествено одговорната кампања „Крени глас - Стоп за булинг“.
Скопје - По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Народниот правобранител - Тим за мониторинг на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, заедно со партнерските организации кои се дел од Националниот мониторинг механизам ќе одржат прес - конференција.
Скопје - Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор" започна со спроведување на иницијативата „Активни, независни млади со попреченост подготвени за инклузивно вработување“, која предвидува опфат на повеќе од 100 лица со типичен и атипичен развој во Скопје, Тетово и Куманово.
Како што информираат од Фондацијата, прва активност од оваа иницијатива е обуката за меки вештини за вработување за млади лица со попреченост која цели да придонесе овие млади лица да бидат активни учесници во економијата и конкурентни на пазарот на трудот.
Скопје - Хуманитарен настан насловен „Дарежлив вторник“, ќе се одржи денеска, од 18.00- 23.00 во Лабораториум, во организација на Здружението Центар за социјални иницијативи НАДЕЖ, заедно со Центар за младински активизам КРИК, Здружение на граѓани за промовирање и зачувување на културните и духовните вредности-Легис, Здружение за акција против насилство и трговија со луѓе – Отворена Порта, ХОПС- Опции за здрав живот и Здружение за едукативен развој Еквалис.
Скопје - Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КOВЗРГ) вечер во Филхармонија ќе одржи предновогодишен прием, на кој ќе биде доделено годишното комисиско признание „Вељо Манчевски“.
Скопје - Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет на УГД денеска организира настан со наслов „Текстовите во македонската чалгиска песна некогаш и денес“.
Како што информираат организаторите, предавачи ќе бидат Добрила Гашеска и Тимко Чичаковски.
Скопје - Инклузивното танц студио „Dancers United“ одбележува 10 години од инклузивните танцови претстави каде сите танчари на танцовото студио ја слават различноста преку танц, музика и уметност.
Десеттата јубилејна инклузивна танцова претстава „MUSICAL“ по сценарио и режија на Сара Кочан ќе се одржи вечер во Македонскиот народен театар. Во претставата „MUSICAL“ ќе учествуваат повеќе од 200 танчари од различна возраст кои со своите танцови перформанси уште еднаш ќе покажат и докажат дека танцот е универзален јазик кој ги обединува сите без оглед на полот, возраста, можностите и способностите.
Скопје - Изложбата „Не си одам дома“ на младата уметница Клелија Живковиќ вечер ќе биде отворена во Националната галерија „Мала станица“. Изложбата е дел од наградата „ДЕНЕС“, која ја организира „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ) и содржи дела создадени во периодот од 2023 до 2024 година.
Клелија Живковиќ е родена во 1989 година. Таа е трансдисциплинарна уметница од Скопје, формално образована во неколку дизајн-дисциплини.
Скопје - Во Младинскиот културен центар (МКЦ) вечер ќе биде отворена изложбата „Треперење“ на фотографот Боро Рудиќ. Ќе биде промовирана и неговата најнова фото книга „Треперење“.
Според авторот, природата е најчестиот мотив во фотографијата, често окована со одредени правила и табуа кои ја обликуваат нашата визуелна перцепција.
Скопје - По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во хотелот „Хилтон“ во Скопје, денеска „Ability awards 2024“ ќе удостои 20 поединци и компании, коишто го поттикнуваат и унапредуваат квалитетот на животот на лицата со попреченост. Настанот, со црвен тепих, почнува од 18:30 часот. Целта е истакнување на достигнувањата и на инспиративните приказни на 10 лица и 10 компании коишто се вистински шампиони за еднаквост и инклузија, соопшти организаторскиот тим на свеченоста.
Нови Сад - За денеска во 10 часот е закажана седница на Собранието на Нови Сад на која треба да се расправа само за една точка – разрешувањето на градоначалникот Милан Ѓуриќ, јавија српските медиуми.
Опозицијата ги повика граѓаните да дојдат пред зградата на Градското собрание во 11:52 часот и да го изразат своето незадоволство 15 минути поради трагедијата во тој град на 1 ноември, кога се урна бетонска настрешница на железничката станица и притоа загинаа 15 луѓе, а двајца се тешко повредени.
Приштина – Косовскиот премиер, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе се сретнат денеска со новата шефица на дипломатијата на Европската унија, Каја Калас, објави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Одделните средби на Калас со Курти и Вучиќ во Брисел, кои ги потврди и портпаролката на ЕУ за надворешна политика, Анита Хипер, нема да бидат во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, процес кој го посредува Европската унија.
Атина – Немавме многу успех во носењето одлуки, но сега е време вистински да одиме напред. А новата Европска комисија и претседателката Урсула фон дер Лајен, верувам дека се целосно согласни и препознаваат дека е дојдено време за храбри акции, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за Си-ен-ен, говорејќи за иднината на Европската Унија, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на вториот претседателски мандат на Доналд Трамп и степенот на подготвеност на Европа, Мицотакис посочи дека „пораката требаше да ја имаме примено уште пред претседателските избори во САД“.
Лондон - Британското Министерство за надворешни работи ги повика Иран и Русија да дејствуваат во согласност со меѓународното хуманитарно право по последните воздушни напади во Сирија, јави ДПА.
Говорејќи во Долниот дом, државниот министер (парламентарен потсекретар во Форин Офисот) Хајмиш Фалконер ги повика „сите инволвирани субјекти“ да не го напаѓаат цивилното население во Сирија и додаде дека владата внимателно ја следи ситуацијата таму со поглед на појава на можни терористички закани по неодамнешните настани.
Лондон - Британската влада пред посетата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Лондон најави дека нема да го промени ставот за сопственоста на скулптури од Партенон. Скулптури од Акропол биле земени од Атина од лордот Елгин во 19 век и оттогаш се наоѓаат во Британскиот музеј и покрај силната кампања за нивно враќање во Грција, објави Политико.
Мицотакис пристигнува во Лондон и според британски медиуми, членовите на неговата влада одржале серија „приватни состаноци“ со високи претставници на Британскиот музеј за да разговараат за потенцијалниот договор за заем за античкото уметничко богатство.
Лондон - Американскиот претседател Џо Бајден беше критикуван од некои негови приврзаници дека одлучил да го помилува неговиот син Хантер, и покрај тоа што до неодамна ветил дека нема да се меша во работата на судот, пишува Гардијан.
Одлуката на претседателот наиде на критики од републиканците и од новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кои ја искористија за да го покренат прашањето за затворените водачи на нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, пишува весникот. Трамп не еднаш навести дека има намера да ги помилува кога ќе се врати во Белата куќа.
Брисел - Министрите за надворешни работи на НАТО денеска ќе имаат состанок со фокус на Украина и за напредок во пристапот кон нивниот сојуз пред Доналд Трамп да ја преземе власта во САД.
Новиот американски претседател вети дека ќе изврши притисок за брз договор за завршување на војната во Русија - оставајќи го Киев да се бори да се позиционира пред неговата инаугурација во јануари.
Вашингтон - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен заминува на својот, можеби последен состанок на НАТО во Брисел каде денеска и утре - во фокусот на состаноците на министрите за надворешни работи е зајакнувањето на сојузничката поддршка за Украина пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа во јануари.
Брисел - Многу медиуми и аналитичари во Европската унија известуваат дека повеќето европски членки имаат различни идеи за безбедносните гаранции за Украина, за што денеска и утре ќе разговараат шефовите на дипломатијата на НАТО, пренесе Бета.
Новата шефица на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, за време на нејзината прва посета на Киев рече дека Европската унија мора да му помага на Киев „колку што е потребно“ за „Украина да ја добие војната“ и дека наводно некои членки на Унијата се подготвени да испратат војници во Украина.
Вашингтон - Од Белата куќа синоќа испратија пораки дека претседателот Џо Бајден го помилувал својот син Хантер поради стравувања дека неговите политички противници ќе продолжат да го гонат Бајден помладиот и во иднина, во чисто политички мотивирани судски процеси.
Изјавата доаѓа во услови на гласни критики кон претседателската одлука како и од демократите, така и од републиканците.
Њујорк - Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп бара итно ослободување на израелските заложници кои се уште се држат во Газа и најави дека ќе платат „ужасна цена“ на Блискиот Исток доколку не бидат ослободени пред неговата инаугурација на 20 јануари 2025 година.
-Оние кои се одговорни ќе бидат погодени посилно од кој било..., објави Трамп на „Truth Social“ и додаде порака „Ослободете ги заложниците сега“, напишана со големи букви.
Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го посети Париз в сабота за да учествува на церемонијата на отворање на обновената катедрала Нотр Дам, уништена од голем пожар пред пет години. Тоа ќе биде и негово прво патување во странство по победата на изборите за Белата куќа.
Републиканецот, кој победи на гласањето на 5 ноември и се очекува да ја преземе функцијата на 20 јануари, ја пофали владата на францускиот претседател Емануел Макрон во објава на социјалните мрежи.
Лондон - Британскиот премиер, Кир Стармер рече дека зајакнувањето на поддршката за Украина е од најголема важност за Киев да може да влезе во какви било мировни преговори од најповолните можни почетни позиции. Тоа е најјасното признание досега од негова страна дека војната може да заврши со преговори, јавија британските медиуми.
Стармер ја истакна важноста за продолжување на помошта од Западот за Украина и предупреди дека руската победа ќе ја загрози безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа.
Лондон - Речиси една петтина (18 проценти) од сопствениците на куќи дале понуда да купат имот додека биле во локалниот паб, податоците беа објавени на веб-страницата Mortar Research.
Речиси една четвртина (24 проценти) од сопствениците на куќи, анкетирани од агенцијата за недвижности Zoopla, рекоа дека локалниот паб влијаел на нивната одлука да го купат нивниот моментален имот, а повеќе од една третина (36 проценти) рекле дека дури и не би дале понуда за куќа ако е предалеку од локалниот паб, каде што идеалното растојание го процениле да биде 13 минути пеш, додека растојанието од повеќе од километар и половина се сметало за предалеку.
Вашингтон - Федералното биро за истраги (ФБИ) на САД ја обвинило Русинката Нома Зарубина за шпионажа и замешаност со руските разузнавачки служби, јави денеска Гласот на Америка.
Според ФБИ, Зарубина соработувала со руските разузнавачки служби уште од 2020 година, кога, како што се тврди, била регрутирана од страна на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ, наследничка на КГБ) и добила кодно име „Алиса“.
Вашингтон - Американскиот сенатор Берни Сандерс изјави дека владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху врши „воени злосторства“ и „етничко чистење“ во Газа.
„Не се борите против тероризмот со гладување луѓе и убивање десетици илјади цивили“, нагласи Сандерс (82) во објавата на X, јави Ал Џезира.
Киев - Руски напад со беспилотно летало ноќеска го остави без струја западниот украински град Тернопил, соопшти регионалната воена администрација, една недела по нападите на Москва кои го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во поголемиот дел од градот и областа.
„Тимовите за итни случаи и спасувачите ги отстрануваат последиците од нападот. Снабдете се со вода и наполнете ги телефоните“, напиша Сергиј Надал, шеф на регионалниот штаб за одбрана во Тернопил, на апликацијата Телеграм.
Газа - Палестинските власти и Хамас потпишаа документ во кој се договорија да формираат заеднички комитет за управување со повоениот Појас Газа, се наведува во извештајот објавен од порталот Ал-Араби Ал-Џадед.
Според извештајот, документот кој е потпишан предвидува формирање комитет со 10 до 15 водечки палестински личности.
Хо Ши Мин - Суд во Хо Ши Мин денеска во жалбена постапка ја потврди смртната казна за Тронг Ми Лан, главна актерка на најголемиот финансиски скандал во Виетнам досега.
Судиите утврдија дека нема причина да се ублажи смртната казна на тајкунката со недвижности изречена во понизок суд, во случајот со голема проневера, кој беше од таков обем што предизвика загриженост за целата виетнамска економија.
Таа беше осудена во април за проневера и поткуп во измама од 12,5 милијарди долари, што е речиси три отсто од БДП на Виетнам во 2022 година.