МИА Општински пул
- МИА Општински пул
2 декември 2024
Битола - Јавното комунално претпријатие „Нискоградба“ постави три нови дрвени мостови на реката Драгор во Битола со кои е вратена безбедноста за минување на три фрекфенти места во градот.
Од денеска нов дрвен мост има во непосредна близина на Музејот на Албанската азбука, или како што битолчани го нарекуваат „Мостот кај каваци“ или кај тополите, а претходно мостови беа поставени кај местата викани „Рибарниците“ и „Кланица“, изјави за МИА, Зоран Талевски, директор на ЈКП „Нискоградба“.
-Дрвените мостови на реката Драгор беа небезбедни и дотраени, а дополнително го нарушуваа ликот на градот и каменото речно корито. Промената на мостовите опфати поставување на цврста челична подлога, дрвена патека и држачи кои се безбедни за пешаци од сите генерации. Новите дрвени мостови се инвестиција на претпријатието, а напролет целосно ќе биде заменет и дрвениот мост во старата битолска чаршија што води кон Мал битолски Монмартр, посочи Талевски и додаде дека очекува со новиот општински буџет да бидат издвоени посебни средства за одржување на мостовите на реката Драгор во Битола.
Како што е познато во урбаниот дел на градот, на реката Драгор има 16 мостови, најголем дел се железни, а има и бетонски и дрвени.
Куманово - Едно од опожарените возила во Куманово е сопственост на јавниот обвинител Џелал Бајрами, кој во изјава за МИА, нагласи дека очекува во најскоро време да бидат пронајдени сторителот/те на настанот. Приватното возило е целосно оштетено.
- Пријавено е уште кога се случи настанот, од страна на соседите на кои во оваа прилика им се заблагодарам. Дојдена е противпожарната единица, припадници на полицијата. Изгаснат е пожарот, ништо не остана од возилото. На самото место излезе и дежурниот јавен обвинител, зедоа материјални докази за расветлување на настанот. Очекувам и се надевам дека брзо ќе се најдат сторителот или сторителите на оваа дело. Приватно е возилото, паркирано пред дворот од куќата пред влезната врата нема други штета, возилото целосно опожарено очекувам дека во најскоро време ќе бидат откриени лицето или лицата кои стојат зад настанот, изјави Бајрами.
Претходно ЈОРСМ информираше дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увиди на локациите каде беа опожарени два автомобили и една деловна просторија.
- Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од самото место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видеонадзор. Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од самото место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видеонадзор, велат од обвинителството.
Битола - Регионалните стопански комори од Битола и Прилеп денеска одржаа конститутивната седница на Управувачкиот совет на Алијансата за природна, вкусна и здрава храна од Пелагонија и Преспа.
Формирањето на Алијанса е со цел да се обединат и заеднички да дејствуваат клучните регионални и национални чинители во процесот на добивање, процесирање и испорака на брендирана храна со географско потекло од Пелагонија – Преспа регионот, како носечки регион во државата во производството на храна.
- Во првата фаза од развојот на проектот, целна група ќе бидат компаниите и индивидуалните производители кои веќе имаат практика во оваа област како што се ЗК Пелагонија и Вемилк од Битола, Витамника, Бимфуд и Кривогаштани промет од Прилеп, Агрогроуп Фреш-Цапари, РЕС-КОМ, Агрополод Аграр од Ресен, КРОНОС-Демир Хисар и други. Во втората фаза, непосредно по првата ќе бидат вклучени компаниите добавувачи на компаниите од првата фаза, идентификувани со мапирање на мрежите на добавувачи, соопштија основачите на Алијансата за природна и здрава храна од Пелагонија и Преспа.
Прилеп - За три години го стабилизиравме финансиското работење на општина Прилеп иако наследивме долг од 5 милиони евра, реализиравме клучни проекти од јавен интерес и го подобривме секојдневието на граѓаните, информира прилепскиот градоначалник Борче Јовчески за своето досегашно работење, соопштувајќи преку Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Јовчески речиси се исплатени обврските.
-Тоа ни овозможи да воспоставиме стабилна финансиска конструкција, со која обезбедивме основа за континуиран развој и подобрување на услугите за сите наши граѓани, вели Јовчески во обраќањето.
Направена е најобемната реконструкција на патната мрежа, рехабилитирани се над 80.000 квадратни метри улици и патишта во градот за што се издвоени 120 милиони денари, асфалтирани се улици и нови патишта во 15 населени места.
-Во областа на образованието, направивме сериозни инвестиции за подобрување на условите за учење на нашите деца. Инвестиравме над 60 милиони денари за реконструкција и модернизација на училиштата. За прв пат во општина Прилеп, воведовме бесплатни оброци за учениците од прво и второ одделение, за што издвоивме околу 8 милиони денари, а обезбедивме и стипендии за 20 најдобри студенти, како и за социјално ранливи категории студенти. Исто така, доделивме вредносни ваучери за ученици и наставници кои постигнаа успеси на државно и меѓународно ниво, нагласува Јовчески.
Битола - Во Битола почна новогодишното украсување на градот со кое ќе бидат опфатени Офицерскиот дом, Широк сокак, плоштадот Магнолија и Старата битолска чаршија.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираат дека украсувањето содржи многу нови елементи со кои се очекува низ битолските улици да се создаде посебна новогодишна атмосфера.
-Комплетното украсување на градот ќе биде завршено до 10 декември, а во меѓувреме се утврдува новогодишната програма „Зимска приказна“ која ќе се одвива од 20 декември до 6 јануари. Со оваа манифестација поттикнуваме културен туризам исполнет со концерти на локални и регионални бендови, како и детски претстави, информираа од Општина Битола.
Новогодишната „Зимска приказна“ ќе ја реализираат уметници и ансамбли од градот и државата.
Струмица - Со чистење на дивите депонии во селата Муртино и Банско струмичкото комунално претпријатие почна со чистење на таквии депонии во сите населени места во Општината.
Како што соопштија од „Комуналец“, со механизација и камиони само од депонијата во Муртино се подигнати 320 метри кубни отпад, кој е депониран на депонијата „Шапкар“.
-Во текот на оваа недела продолжуваме со чистење и на другите диви депонии низ сите населени места на Општина Струмица. За да се почувствува бенифитот од ваквите акции, покрај нашето редовно чистење, секако потребна е и соработка и помош од сите граѓани и пред се со зголемување на еколошката култура и нефрлање на отпад покрај патиштата и во нивите, се наведува во информацијата од „Комуналец“.
Оттаму додаваат дека отпадот од домаќинствата континуирано се подига од градот и сите населени места, а останатиот отпад од градот и населените места да се пријавува на телефонскиот број 13-110 или да се депонира исклучиво во депонијата „Шапкар“.