• среда, 04 декември 2024
МИА Радио флеш

3 декември 2024

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во име на Владата, го потпиша Договорот за Инструментот за реформи и раст, по неговото назначување за национален координатор за предметниот Инструмент.

Овој Договор ги утврдува начелата на финансиската соработка помеѓу Европската комисија и Владата на Северна Македонија и обврските и условите што земјата треба да ги исполни за ослободување на финансирањето преку Инструментот.

- Во согласност со имплементирачката одлука на Комисијата од 23 октомври 2024 година, со која се одобрува Реформската агенда на Северна Македонија, Европската Унија става на располагање вкупен финансиски придонес до 215.342.394 евра како неповратна поддршка и вкупен финансиски придонес до 535.012.159 евра како поддршка за заемот, кои ќе бидат ослободени по позитивна оцена за задоволително исполнување од корисникот на условите за плаќање утврдени во Реформската агенда, информираат од Министерството за европски прашања.

Скопје- Четириесет и едногодишен скопјанец е осомничен дека подметнал пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ и на тој начин предизвикал  значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размер. За него е предложена мерка притвор која ќе почне да се применува кога ќе биде пронајден и лишен од слобода, а во меѓувреме по него ќе биде распишана потерница.

-Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.На 25 ноември осомничениот со умисла подметнал пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ на ул. “Методија Шаторов – Шарло”, предизвикувајќи на тој начин значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери, информираат од Републичкото јавно обвинителство. 

Скопје - Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија во државава заклучно со вториот квартал годинава  изнесува 1 919 695, од кои од резиденцијалните 679 245 се при-пеид претплатници, а 992 157 пост-пеид. Бројот на деловни пост-пеид претплатници изнесува 248 293. Реализирани се 1.409.062.356 минути разговор.

Податоците од Извештајот на Агенцијата за електронски комуникаци покажуваат дека со пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) во вториот квартал годинава биле 1 549 967 претплатници. 

Во вкупниот број претплатици, А1 Македонија има удел од 47,9 проценти, Македонски Телеком  46,57 проценти, Лајкамобајл 3,05 проценти, Телекабел 1,29 проценти МТЕЛ 1,08 проценти, Греен мобиле 0,11 проценти.

Скопје - Општината не може да пристапи кон изработка на нови урбанистички планови сѐ додека не се донесе Закон за ре-прогласување на Национален парк Маврово и не се усвојат зоните на заштита, додека состојбите на немање на урбанистички планови и неможноста да се издаваат решенија за градење придонеле на територијата на општината да се изградат голем број на бесправно изградени објекти, стои во извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Маврово и Ростуше за 2023 година, од страна на Државниот завод за ревизија.

Во извештајот што денеска го објави ДЗР се посочува дека се констатирани состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година за сметките на основен буџет 630 и 637, а за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики изразено е неповолно мислење за сметката на основен буџет 630 и мислење со резерва за сметката на основен буџет 637.

Скопје – За еден сантиметар е намален водостојот на Преспанското Езеро во споредба со вчера, а за три сантиметри е зголемено нивото на Охридското, додека водостојот на Дојранското Езеро е ист со вчерашниот, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Со тоа нивото на Преспанско Езеро е 41 сантиметар под апсолутно појавениот регистриран минимум, на Охридското Езеро е еден сантиметар над дозволениот минимум, додека на Дојранското Езеро е 74 сантиметри под договорениот минимум.

Водостоите, пак, на реките во земјава најчесто бележат намалување во споредба со вчера. Најголемо намалување од 35 сантиметри има реката Вардар на мерното место кај Демир Капија, а најголемо зголемување од 16 сантиметри има Црна Река кај Новаци.

Вашингтон - Комитетот на Претставничкиот дом предводен од републиканците, кој ги истражува широките аспекти на пандемијата „Ковид-19“ и неговото влијание во САД, вчера го објави својот конечен извештај, сумирајќи ја својата двегодишна истрага. Како што пишува Си-Ен-Ен, тие се надеваат дека работата ќе послужи како „патоказ за Конгресот, извршната власт и приватниот сектор да се подготват и да одговорат на идните пандемии“.

Во извештајот на 520 страници, Поткомитетот за истраги за пандемии на Претставничкиот дом заклучи дека коронавирусот „најверојатно потекнува од лабораторија во Вухан, Кина“, наведувајќи фактори како што се биолошките карактеристики на вирусот и болеста меѓу истражувачите од Институтот за вирологија Вухан на есен. од 2019. година.

Повеќето американски разузнавачки агенции велат дека вирусот не е резултат на генетски инженеринг, но сè уште не е целосно јасно како започнала пандемијата. Анализата на американското разузнавање објавена минатата година рече дека се можни и лабораториско и природно потекло, а заедницата е поделена по ова прашање. Министерството за енергетика на САД минатата година соопшти дека има „малку доверба“ во теоријата дека вирусот истекол од лабораторијата.

Киев - Украинските власти денеска повикаа за „целосно“ членство во НАТО како единствена гаранција за безбедност наспроти руската инвазија, пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.

-Убедени сме дека единствената вистинска гаранција за безбедноста на Украина, како и одвраќање за понатамошна руска агресија против Украина и другите држави, е полноправното членство на Украина во НАТО, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи во Киев.

Загреб - По еднонеделен одмор, парламентарците во Хрватска се враќаат и ги очекува многу работа во следните две недели, од донесувањето на државниот буџет за 2025 година и изборот на уставни судии до потврдувањето на нов министер за здравство и расправа за доверба на премиерот, јавија хрватските медиуми.

Прашањето за доверба на премиерот Андреј Пленковиќ го отвори СДП, по последниот корупциски скандал, апсењето на министерот за здравство Вили Берош, за што денеска ќе расправаат пратениците.

СДП го образложи својот предлог хрватскиот Сабор да му изрази недоверба на Пленковиќ во 14 точки, на 17 страници.

Загреб - Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го достави својот предлог за кандидатура до Државната изборна комисија (ДИК). Предлагачи се група партии на чело со Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП).

Со тоа Милановиќ е првиот кандидат за „Пантовчак“ кој поднесе своја кандидатура.

Од 14 потенцијални претседателски кандидати, досега само тројца го најавија своето доаѓање во ДИК. Покрај Милановиќ, ова го соопштија и кандидатот на ХДЗ, Драган Приморац и независниот Дражен Пилиќ, за во вторник на 10 декември во 18 часот.

Делавер - Судот во Делавер пресуди дека главниот извршен директор на Tесла, Илон Маск, нема право на финансиски пакет од 56 милијарди долари, иако акционерите на компанијата за електрични возила гласаа за тоа во јуни.

Пресудата на судијката Кеталин МекКормик следи по нејзината одлука во јануари, која го нарече пакетот претеран и го поништи, изненадувајќи ги инвеститорите и фрлајќи сомнеж врз иднината на Маск во највредниот производител на автомобили во светот.

Во објавата на X по одлуката на судот, Маск рече дека „акционерите треба да ги контролираат гласовите на компанијата, а не судиите“. Компанијата Тесла на Х објави: „Пресудата е погрешна и ќе се жалиме“, додавајќи дека судијата го отфрлил огромното мнозинство акционери.

Маск и Тесла може да се жалат до Врховниот суд во Делавер штом МекКормик ја објави пресудата, што би можело да се случи оваа недела.

Атина – Противпожарната служба на Грција од саботата претпладне до шест часот утрово примила 3.937 повици за помош поради невремето „Бора“ што ја зафати земјата и предизвика материјална штета, а загинаа и три лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Повеќе од половина од повиците, односно 2.480 биле во северниот дел на Грција, 1.261 на Родос, а останатите на островите Лимнос и Хиос и во североисточниот дел на земјата.

Денеска ситуацијата е значително подобрена во цела Грција, а според порталот „Метео“ на националната опсерваторија во Атина, за нешто помалку од три дена, односно од саботата до вчера биле регистрирани „екстремно високи врнежи од дожд во областите Халкидики, Пиерија, Иматија, Пела и на островите Родос, Лимнос и Тасос“.

Ријад - Сушата го чини светот повеќе од 300 милијарди долари секоја година, предупредија Обединетите нации денеска во извештај објавен на вториот ден од меѓународните разговори за дезертификација во Саудиска Арабија.

Поттикната од „човечкото уништување на животната средина“, се предвидува дека сушата ќе погоди 75 отсто од светското население до 2050 година, се предупредува во извештајот.

Се вели дека кризата веќе надминала трошоци од 307 милијарди американски долари годишно низ целиот свет.

Остани поврзан