• среда, 04 декември 2024
МИА Радио флеш

  2 декември 2024

 

Скопје – Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамевска, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Советот, поради, како што рече, немањето слух кај извршната и законодавната власт да се обезбеди брза и ефикасна правда, како и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери од власта.

Скопје - Судскиот совет за денеска во 14 часот свика итна седница на која, според дневниот ред, треба да биде констатирана оставката на досегашната претседателка Весна Дамева која денеска на прес-конференција објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата. 

На седницата, како што е најавено, ќе треба да биде избран и нов претседател на Судскиот совет. 

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека праќањето инспекција во училиштето „7 Март“ во тетовско Челопек е законско постапување и очекува и инспекторите да работат по закон. Соопшти дека покрај во ова училиште, каде што на приредба ученици се облечени во воена униформа со амблеми на УЧК и со пушки во рацете, МОН има докази и слики со пријави за вакви настани во две училишта во Тетово и во училишта во Чаир и Струга, и  дека  инспекција ќе има и за тие случаи. 

Тетово -  Утре ќе се знае какви мерки ќе се преземат за ОУ „7 Март“ во тетовски Челопек, каде од Државен просветен инспекторат денеска направија вонреден надзор, барајќи одговорност за организирањето училишна приредба во која учествуваат ученици облечени во воени униформи со амблеми на УЧК и со пушки во рацете. 

Овој настан се случил на 28 ноември кога албанската заедница го одбележува Денот на знамето, а Инспекторатот денеска изврши вонреден надзор во основното училиште „7 Март“.

-Уште не е составен записникот, верувам дека до утре најдоцна ќе биде готов и ќе се постапи согласно закон. Ќе има мерки, ама чекаме да заврши надзорот, изјави за МИА директорот на Инспекторатот, Шабан Алајбегу.

Скопје – Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија од 1 јануари се зголемува за 5,68 проценти, цената за дистрибуција на Електродистрибуција се намалува за 5,52 проценти, а цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО се зголемува а 19,8 проценти.

Влијанието на цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија врз крајната цена по која потрошувачите ги плаќаат сметките за струја е 4 проценти, цената за дистрибуција влијае 33 проценти врз крајната цена, а цената на МЕМО влијае само 0,19 проценти. Вкупно трите ставки влијаат со 38 проценти врз крајната цена за потрошувачите.

Скопје – До идната пролет нема да има промена на временскиот период во кој домаќинствата може да користат евтина дневна тарифа за електрична енергија, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

- Имавме состанок со ЕСМ и со ЕВН Хоум на почетокот на октомври за воведување дополнителен час евтина дневна тарифа на електричната енергија за домаќинствата. Нашите анализи покажуваат дека цената на електричната енергија на најголемата берза во регионот, како и на нашата берза се најниски во периодот  од 12 до 16 часот, а се највисоки од 20 до 24 часот. Имајќи во предвид дека нашите домаќинства веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа се одлучивме до пролетта  да остане ситуацијата таква каква што е, а потоа врз основа на состојбата во АД ЕСМ ќе носиме понатамошни одлуки, рече Бислимоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Скопје - За денар поевтинуваат бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V и Екстра лесно 1 (ЕЛ-1), а за половина денар бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98,  од ноќеска на полноќ, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Новата цена на литар ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе изнесува 76 денари, 78,5 денари на ЕУРОСУПЕР БС - 98,  71 денар на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V), а 69,5 денари на Екстра лесно 1 (ЕЛ-1).

Поскапува Мазутот М-1 НС, за 0,521 денар и килограм ќе чини 45,5 258 денари.

Скопје - Од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензинско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти, препорачува Фискалниот совет како предлог на Фискалната стратегија 2025-2029 година. 

Од Фискалниот совет, кој е е независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија, нагласуваат дека ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период. 

Скопје - Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Здружението на новинарите и РЕСИС денеска организираа панел дискусија на која беше нагласена потребата за нов закон за медиуми, којшто целосно ќе биде усогласен со европското законодавство. Деновиве се подготвуваат измени на Законот за медиуми, кои се однесуваат генерално за онлајн медиумите и за кои додека тој беше на ЕНЕР засегнатите медиуми, организации и АВМУ испратиле забелешки.  

Претседателот на ССНМ Павле Беловски изјави дека Синдикатот и ЗНМ  предлагаат ново законско решение затоа што сите измени не можат да бидат опфатени во постоечкото и дека е потребен нов закон за медиуми. 

Скопје - Со развој на нови решенија да се адаптираме на предизвиците што ги носат климатските промени, кои имаат се поголемо негативно влијание во земјоделството, влијаат на приходот и приносот на земјоделците, а особено на животот на лицата во руралните заедници. Клучен предизвик остануваат ограничените водни ресурси, но и поддршката за ранливите групи - жените земјоделки и младите фармери, порачаа учесниците на „Земјоделски форум за климатски промени“, што се одржува денеска во Скопје, во организација на Националната федерација на фармери, со поддршка на Шведска и Шведската развојна организација We Effect.

Скопје - Во третиот квартал годинава во државава имало 10.010 слободни работни места, а најголем број односно 1.950 во услужните дејности и продажба, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во групата Стручњаци и научници се регистрирани 1.909 слободни работни места, а следни се Елементарни занимања, 1.781, Занимања за неиндустриски начин на работа во производството, 1313, Ракувачи и составувачи на машини и постројки, 1.114, Техничари и сродни занимања, 1.001. Во групата Државни функционери, раководни државни службеници, дипломати и директори имало 33 слободни работни места, 28  во Воени занимања, 15 во Стручни работници во земјоделството, шумарството, рибарството и ловот. 

Скопје - Поглаварите на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелистичко-методистичката црква и Еврејската зедница ги повикаа сите македонски граѓани да не потклекнуваат пред обидите за нарушување на соживотот во државата. 

Во соопштението упатено по денешната средба во Скопската епархија се наведува дека треба да се продолжи со продлабочување на меѓусебната солидарност и да се запази почитта едни кон други, кон државните симобили на државата и кон симболите на сите етнички заедници во неа.

Скопје - За 3,2 проценти е намален бројот на работниците во индустријата во октомври годинава во однос на октомври лани, а бележи раст од 0,6 проценти во периодот јануари-октомври годинава споредено со истиот период од минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).

Скопје - Најпознатиот македонски пијанист Симон Трпчески ќе одржи предновогодишен концерт на 20 декември во арената „Борис Трајковски“ заедно со македонски уметници. 

Концертот го организира „Прагма продукција“ и ќе има два дела – во првиот е свита од балетот „Оревокршачка“ на Чајковски со четирирачна изведба на пијано, за која на Трпчески ќе му се придружи пијанистот Шкељзен Бафтијари, негов поранешен студент, активен во образовната дејност.  Ќе настапи дел од балетскиот ансамбл на НОБ и балетските првенци Марија Кичевска  и Бобан Ковачевски.

Скопје - Магистер доцент Ѓор­ѓи Цуцковски, оперски пејач, пр­ве­не­ц на Опе­ра­та при Националната опе­ра и ба­лет (НОБ), е нови­от директор на националната установа „Охрид­ско ле­то".

Тој до­а­ѓа на ме­сто­то на Анита Алоска, која беше на функцијата в.д. директор измнативе три месеци, информираат од НУ „Охрид­ско ле­то".

Скопје - Комисијата за натпревари во рамки на Фудбалската федерација на Македонија по барање на Министерството за внатрешни работи (МВР) донесе одлука натпреварите од 17. коло и 18. коло во Првата македонска фудбалска лига да се играат без присуство на публика.

Утре од 13 часот ќе се играат натпреварите од 17. коло, додека на 8 декември се закажани средбите од 18. коло.

Одлуката на Комисијата за натпревари е донесена поради извршена проценка на Министерството за внатрешни работи заради неодамнешните случувања и спречување на било каков вид на насилство и недолично однесување пред, за време и по одигрување на фудбалските натпревари, информира ФФМ.

Приштина – Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е горд на четирите години на неговата влада, кои, според него, се полни со достигнувања, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната седница на Собранието, на која на барање на опозицијата се расправа за изминатитите четири години на неговиот мандат на чело на Владата, Курти рече дека во овој период Косово станало „ извонреден пример во светот“.

Тирана - Одлуката на Специјалниот суд против организиран криминал и корупција, со која му беше укината мерката „куќен притвор“, на Сали Бериша му го отвора патот да се врати во Собранието, од каде што замина во декември минатата година, кога му беше одземен имунитетот, а на 30 декември и одредена безбедносната мерка.

Неговото столче веќе нема да биде празно од утре кога ќе се одржи пленарна седница за гласање на член по член на Предлог-буџетот за 2025 година, но ќе биде на растојание од поранешниот лидер на ДП, Љуљзим Баша, со кого се во влошени односи, па Баша сега делува како група на ДП- евроатлански демократи, со само седум пратеници, објавија медиумите.  

Атина – Прометот на грчкиот пазар за време на „Black Friday“ и „Cyber Monday“ ќе го надмине ланскиот со околу три милиони продажби со просечна сметка од околу 100 евра и вкупен промет од околу 300 милиони евра, оценува претседателот на Трговско-индустриската комора, Василис Коркидис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изјавата за грчките медиуми, Коркидис вели дека периодот од три дена, односно од петокот до денеска „се покажа и оваа година како добра можност за паметно купување за над осум од десет Грци“, а првичната процена е дека постоел зголемен интерес кај граѓаните.

Брисел - Претставничката на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас утре ќе има средби со лидерите на Косово и Србија, најави денеска новата главна портпаролка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската комисија, Анита Хипер.  

Таа појасни дека станува збор за билатерални средби, кои сами по себе, не се дел од процесот на дијалогот меѓу Белград и Приштина што се води со посредство на ЕУ. 

Париз - Франција ги намалува субвенциите од државата за купување за електрични автомобили, од максимални 7.000 евра на максимални 4.000 евра со моментално стапување во сила, јави ДПА.

За домаќинства со средни до високи приходи, субвенциите за купување ќе изнесуваат 3.000 евра, односно 2.000 евра, најави владата.

Во 2025 година, купувањето на електрични автомобили ќе биде субвенционирано со вкупно 700 милиони евра, додека за оваа година за субвенции се предвидени 1,5 милијарди евра.

Брисел - Процесот на исплата на средствата во рамките на Планот за раст на Западниот Балкан не е поврзан со откажаната средба на лидерите од регионот со претставници на ЕУ, што беше најавувана за в среда, изјави денеска портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие. 

- Работиме (на реализација) на овој процес што е можно поскоро, рече Мерсие, додавајќи и дека засега не е предвиден нов термин за одржување на откажаната средба. 

Берлин - Германските власти денеска изјавија дека Европската Унија и натаму е отворена за Грузија, при што ја повикаа тамошната Влада да го поддржи овој пат, во време кога земјата сведочи на масовна проевропска мобилизација на улиците.

- Вратата кон Европа останува отворена за Грузија, но важно е Грузија да оди по тој пат, а луѓето што ги гледаме на протестите го сакаат токму тоа, изјави портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Себастијан Фишер, на редовна прес-конференција.

Берген - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска престојуваше во Берген, на југозападниот брег на Норвешка, каде заедно со неговиот норвешки колега Бјорн Арилд Грам присуствуваше на свеченото отворање на нов центар за поправка на подморници, јави ДПА.

Во 2021 година, двете земји – партнери во НАТО – потпишаа заеднички договор за набавка на шест подморници од германскиот производител „Thyssen Krupp Marine Systems“. Проектот има за цел унапредување на заедничкиот дизајн на подморниците на двете земји.

Хаг – Здравствениот систем на Холандија годишно издвојува околу 18 милијарди евра за лекување на болестите предизвикани од загадениот воздух, покажуваат резултатите од истражувањето на емисиите на 15 штетни материи.

Како најголеми загадувачи во Холандија се посочува земјоделскиот сектор, особено сточарството. Сточарството во Холандија го загадува воздухот главно поради големата емисија на амонијак, до тој степен што лекувањето на последиците од ова загадување чини три милијарди евра годишно.

Сообраќајот и транспортниот сектор предизвикуваат штета на холандскиот здравствен систем од околу 5,3 милијарди евра, а индустријата, енергијата и рафинериите заедно предизвикуваат штета од 3,1 милијарди евра.

Тбилиси - Грузиската полиција денеска уапси познат лидер на опозицијата и употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите кои четврта ноќ протестираа против владата.

Протестите избија откако владата минатата недела објави дека ги прекинува преговорите за пристапување на земјата во ЕУ. Критичарите велат дека тоа потврдува дека, под влијание на Русија, Грузија се оддалечува од Западот, тврдење кое владејачката партија го негира.

Стокхолм - Стоте најголеми компании за оружје во светот во 2023 година забележаа значителен пораст на нивната продажба, бидејќи влијание на тоа имаат војните во Украина и Газа и тензиите во другите делови на светот, јави ДПА.

Според извештај објавен денеска од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот, вкупниот приход на овие 100 компании во 2023 година се зголеми за 4,2 отсто и изнесува 632 милијарди долар по намалувањето претходната година.

Москва - Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека во нејзината контраофанзива во Курскиот регион загинале 36.850 украински војници и 225 тенкови.

Киев – Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во интервју за Украинформ истакна дека секое потпишување на договорот за прекин на огнот во војната на Русија против Украина нема нужно да значи доаѓање на мирот.

- Многу луѓе погрешно веруваат дека мирот ќе дојде автоматски ако се постигне договор за прекин на огнот. Мирот во Украина треба да биде заснован на меѓународното право и не треба да го награди агресорот, посочи Кошта, кој веднаш по преземањето на функцијата ја посети Украина.

Берлин - Вработените во германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ денеска започнаа предупредувачки штрајкови со привремени прекини на работата низ цела Германија, откако преговорите меѓу синдикатот и менаџментот за намалување на трошоците засега не донесоа резултати.

- Доколку е потребно, ова ќе биде најтешката битка во историјата на колективното преговарање на 'Фолксваген', изјави водечкиот преговарач на синдикатот ИГ Метал, Торстен Грегер.

„За време на воените операции во правец на Курск, непријателот загуби вкупно повеќе од 36.850 војници, 225 тенкови, 160 борбени возила како поддршка на пешадијата, 123 оклопни транспортери, 1.202 оклопни борбени возила, 1.060 возила артилериски, 30. 540 повеќецевни ракетни фрлачи, вклучувајќи 11 ХИМАРС и 6 МРЛС, 13 лансири за противвоздушни ракетни системи, седум транспортни и товарни возила, 70 станици за електронско војување, 13 контрабатериски радари и четири радари за противвоздушна одбрана“, соопшти руското Министерство.

Дамаск – Сириското воено воздухопловство и Воздушно-вселенските сили на Русија извршија напади врз позициите на терористите во источната провинција Алепо, соопшти сириското Министерство за одбрана.

Во соопштението се истакнува дека во нападите убиени и повредени се десетина бунтовници.

Лондон - Зборот на годината, кој го избра издавачката куќа Оксфорд, е „затапување“ (гниење на мозокот - brain rot), поради, како што се наведува во објаснувањето,бескрајното прелистување (скролање) на социјалните мрежи и користењето содржини кои го намалуваат интелектуалното ниво на луѓето, соопшти денеска британскиот универзитет Оксфорд.

 Во изборот учествуваа над 37.000 лица, кои помогнаа овој збор да биде избран од скратената листа подготвена од Оксфордската издавачка куќа, пренесува британскиот „Гардијан“.

Остани поврзан