МИА Радио флеш
- 14 февруари 2025

14 февруари 2025
Скопје - Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11 февруари годинава презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Република Северна Македонија.
-Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство, се наведува во денешното соопштение од Министерството за правда.
Скопје - Наместо да се бара рефундација, антикоагулансот „клексан“ ќе може да се подигне на рецепт во аптеките, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов.
Како што посочи Клековски, побарани се две измени во правилникот, односно да се овозможи преместување на лекови од болничката на аптекарската позитивна листа, како и Фондот да добие право за преговарање на цените на лековите кои се субвенционирани.
Скопје - Со изведување на материјални докази од страна на Јавното обвинителство денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за убиството на Вања и Панче. Дел од изведените докази вклучуваа предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничка обработка на возилото Рено Кангу.
-Работни ракавици и отпушоци од цигари пронајдени во пластична чаша. Пронајдени и подигнати при извршеното обезбедување на доказен материјал од извршен увид на 7.12.2023 во подрумските простории на улица „Наум Наумовски Борче“, за да се утврди дали на истите има траги со идентификационо значење, рече обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.
Скопје - Во Министерството за економија денеска се одржа средбата со претставници на новоформираната Стопанска комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун во врска со Предлог-одлуката за ограничување на маржите до 10 проценти во трговијата на мало и на големо.
Од Министерството за економија и труд повеќе детали најавуваат во текот на денот. Денешната средба доаѓа откако претставници на Стопанската комора на трговци на големо и мало се сретнаа со премиерот Христијан Мицкоски.
Скопје - Следната недела ќе биде познато дали ќе има ограничување на маржите на основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна. Претставници на трговците и дистрибутерите денеска имаа средба во Министерството за економија и дале свои предлози кои дополнително ќе се анализираат.
- Трговците и дистрибутерите дадоа свои предлози и забелешки кои Министерството за економија и труд дополнително ќе ги анализира. На состанокот беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на следната недела, информираа од Министерството за економија и труд.
Скопје - ВМРО-ДПМНЕ денеска демантира дека било кога се разговарало, ниту пак дека ќе се разговара за промена на химната и порачува граѓаните да бидат спокојни.
-ДУИ матрицата на етнизирање на сите важни прашања, и СДС пинг понг политиката треба да престане. Ниту некогаш било разговарано за промена на химната, ниту пак во иднина ќе се разговара. Граѓаните може да бидат спокојни. Времето на ДУИ и СДС на губење и порази на сите теми, со цел да се затскрие криминалот, помина, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје - Северна Македонија, Црна Гора и Албанија имаат најсериозни шанси да станат земји членки на ЕУ до 2030 година, смета амбасадорот на Литванија Едуардас Борисовас. Тој денеска на средба со претседателот на Собранието Африм Гаши истакна дека Литванија се залага за проширување на ЕУ кон Украина и Молданија, но дека е исклучително важно процесот на проширување да продолжи кон земјите од Западен Балкан врз основа на принципот на заслуги и тие да станат членки на ЕУ што е можно поскоро.
Гаши на средбата, како што информира собраниската прес-служба, упати честитки по повод 16-ти февруари, Државниот ден на обновата на Литванија и изрази благодарност за контитуираната поддршка што нашата земја ја добива од Литванија за пристапувањето кон ЕУ, како и за подготвеноста за споделување на сопственото искуство на тој пат. Во време на сериозни геополитички и економски предизвици во Европа и светот, тој изрази надеж за натамошна поддршка на Република Литванија на интеграцијата на Република Северна Македонија и на останатите земји од Западен Балкан во ЕУ.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Минхен оствари средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, на која се разговарале за европските интеграции, за напорите и отстапките кои беа направени на тој план, како и за потребата да се отворат вратите на ЕУ.
Како што соопштија од Владата, Мицкоски посочи дека земјава заслужува да оди напред и конечно да не биде заложник на билатерални спорови и препреки, какви имаше и во минатото многу.
Скопје - Агенцијата за национална безбедност (АНБ) денеска соопшти дека почнува со примена на полиграфско тестирање. Полиграфското тестирање ќе се применува како задолжителен чекор во процесот на селектирање лица за вработување, во постапките за проверка на професионалниот интегритет на вработените, при вршење на безбедносни проверки за кои е надлежна Агенцијата, како и во сите други случаи во согласност со Законот за Агенција за национална безбедност.
Во соопштението се посочува дека законската обврска за примена на полиграфско тестирање е предвидена со основањето на Агенцијата во 2019 година, но поради неспроведување на истата во претходните пет години.
Скопје - Ваљбон Лимани, актуелниот вршител на должноста градоначалник на општина Гостивар е потенцијален кандидат на претстојните локални избори, одговори на новинарско прашање министерот за здравство Арбен Таравари по денешната посета на поликлиниката Бит Пазар во Скопје.
Таравари, кој ја отстапи функцијата градоначалник пред истек на вториот мандат, смета дека Лимани според направените анкети ја ужива поддршката на граѓаните и дека има големи шанси да биде кандидат на претстојните избори од коалицијата ВРЕДИ.
Минхен - Европската унија нема да остане без одговор на воведувањето на неоправданите царини од страна на САД и ќе преземеме соодветни и решителни контрамерки, најави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по средбата во Минхен со баварскиот покраински премиер Маркус Содер.
- Ги зајакнавме нашите алатки за да ги заштитиме нашите интереси, нашите компании и нашите работници, но се подразбира дека ние секогаш сме подготвени да бараме заеднички решенија со САД, од кои корист ќе имаат и двете страни, додаде Фон дер Лајен.
Москва - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров в понеделник ќе има средба со шефот на српската дипломатија Марко Ѓуриќ, изјави портпаролката на руското МНР Марија Захарова.
„Разговорите меѓу шефот на руската дипломатија и шефот на српската дипломатија ќе се одржат на 17 февруари“, рече Захарова.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека наскоро ќе отпатува во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Саудиска Арабија и Турција.
„Не гледам ниту Руси, ниту Американци тука“, рече Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Варшава - Европските земји мора сега да инвестираат во одбраната бидејќи не е можно да се претпостави дека американското присуство на континентот ќе трае засекогаш, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет за време на посетата на Варшава.
Тој ја пофали Полска, која како членка на НАТО планира годинава да потроши 4,7 отсто од својот БДП за одбраната.
Будимпешта - Русија ќе биде „реинтегрирана“ во глобалната економија и во европскиот енергетски систем откако ќе биде постигнат мировен договор за ставање крај на војната во Европа, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Ако претседателот на САД дојде и воспостави мир, ако се постигне договор, мислам дека Русија ќе биде реинтегрирана во светската економија... во европскиот безбедносен систем, па дури и во економскиот и енергетскиот систем, што ќе даде голем поттик на унгарската економија“, рече Орбан во интервју за Унгарското државно радио.
Минхен - Не треба да има мировен договор склучен над главите на Украинците и Европејците, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на почетокот на Минхенската безбедносна конференција.
„Со псевдо мир - преку главите на Украинците и Европејците - ништо нема да се постигне“, рече Бербок.
Минхен - Авганистанскиот државјанин призна дека намерно влетал со автомобил меѓу демонстрантите во Минхен, а властите утврдиле дека злосторството имало исламистичка позадина, соопшти денеска обвинителството.
Во инцидентот се повредени најмалку 36 лица, вклучително и едно дете.
Газа - Палестинското исламистичко движење Хамас денеска потврди дека утре ќе бидат ослободени тројца израелски заложници.
Друга радикална палестинска група, Исламски џихад, во меѓувреме соопшти дека ќе ослободи еден затвореник. Портпаролот на Хамас прецизираше дека тоа е едниот од тројцата заложници.
Минхен - Шефот на Минхенската безбедносна конференција (МСЦ), Кристоф Хојсген изјави дека не ја исклучува можноста американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс да објави масовно повлекување на американските трупи од Европа за време на форумот.
Во врска со војната во Украина и можното повлекување на американските војници, Хојсген истакна дека ова е часот на Европа. „Подготвени сме да се справиме со големите предизвици и мора да направиме повеќе за одбраната“, истакна тој.