• четврток, 20 февруари 2025
МИА Радио флеш

18 февруари 2025 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Кристина Николовска, информираат од нехзиниот кабинет.

Николовска, ја информирала претседателката за неодамна одржаната Петта зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, оценувајќи ја како исклучително успешна, како и за подготовките за претстојната Летна школа, што традиционално се одржува во Охрид.

Претседателката, пак, го поздравила формирањето на Координативно тело за подготовка на програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик и потсетила дека годинава се навршуваат 100 години од излегувањето од печат на грчко-македонскиот АБЕЦЕДАР, букварот за македонските деца во Атина, Грција. 

Скопје - Министерството за внатрешни работи информира дека од денеска Отсеците за управни работи при Одделот за граѓански работи на МВР ќе работат согласно ново работно време. Одделението за управни работи Скопје и Отсек за управни работи Тетово, од понеделник до петок ќе имаат двосменско работење, односно работно време од 7:30 часот до 19:30 часот.

И Отсеците за управни работи - Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица и Штип, од понеделник до петок ќе имаат работното време со почеток од 8:00 часот па до 18:00 часот, а истото работно време ќе важи и за: ОУР Битола за Прилеп, ОУР Велес за Кавадарци, ОУР Охрид за Кичево и Струга, ОУР Тетово за Гостивар и ОУР Штип за Кочани.

Скопје - Со судска наредба, полициски службеници од надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево и Полициското одделение Осломеј извршиле претрес во домовите на И.Џ.(30) и Р.Ч.(22), двајцата од кичевското село Црвинци.

Како што информираат од МВР, при претресот, во куќата на И.Џ. биле пронајдени и одземени пиштол „Екол Фират Компакт“ и рамка за пиштолот. Додека, при претрес во домот на Р.Ч. бил пронајден и одземен ловечки карабин.

Брисел - Европската Унија сака да биде партнер со САД за да се обезбеди праведен и траен мир за Украина, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по нејзината денешна средба во Брисел со специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, генералот Кит Келог. 

- Финансиски и воено, Европа придонесува (за поддршка на Украина) повеќе од кого било друг. И ќе ја зајакнеме. Сега е критичниот момент, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс. 

Вaршава - Во Варшава денеска се одржува неформален состанок на Советот за општи работи на ЕУ, на кој ќе се разговара за хибридните закани со кои се соочуваат земјите-членки на ЕУ и партнерите што се стремат да влезат во ЕУ.

На состанокот се очекува да се разговара и за зајакнувањето на европската цивилна и воена подготвеност и повеќегодишната финансиска рамка (ВФО) на Унијата за периодот по 2027 година.

Сараево - Суд во Босна и Херцеговина утре ќе ја заврши едногодишната судска постапка против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, кој е обвинет за непочитување на одлуките на високиот претставник. Доколку биде прогласен за виновен, Додик и неговите најблиски соработници најавуваат „радикални мерки“.

На последното рочиште, предвидено за изнесување на завршните зборови на обвинителството и одбраната, ќе се утврди судбината на Додик и директорот на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ. Доколку процесот заврши истиот ден, судијката Сена Узуновиќ може веднаш да ја соопшти пресудата или најдоцна до 25 февруари.

Белград - Родителите на учениците во основни училишта во Нови Сад утрово спроведоа акција за поддршка на наставниците во прекинот на наставата.

На оградите и на влезовите на училиштата оставија пораки „Нема правда – нема училиште“, „Без ’рбет – нема училиште“, „Без безбедност – нема училиште“, „Без совест – нема училиште“, „Без емпатија – нема училиште“.

Анкара - Во изминатите пет дена, турските власти уапсија речиси 300 „осомничени членови на терористички организации“ во акција насочена против Курдската работничка партија (ПКК), изјави министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја.

„За време на операциите што траат веќе пет дена во 51 провинција, уапсени се 282 осомничени лица поврзани со терористички организации“, објави министерот на платформата Икс.

Никозија – Политичката волја за зајакнување на билатералната соработка во енергетскиот сектор ја потврдиле претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис и претседателот на Египет, Абдел Фатах ал-Сиси за време на потпишувањето на Договорот и Меморандум за разбирање за кипарската Ексклузивна економска зона што се однесуваат на експлоатација на наоѓалишта на природен гас, јави дописничката на МИА од Атина.

Двата договори беа потпишани на маргините на енергетскиот самит во Каиро, а целта е дополнително продлабочување на односите меѓу двете земји во енергетскиот сектор.

Брисел - Европската Унија сака да биде партнер со САД за да се обезбеди праведен и траен мир за Украина, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по нејзината денешна средба во Брисел со специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, генералот Кит Келог. 

- Финансиски и воено, Европа придонесува (за поддршка на Украина) повеќе од кого било друг. И ќе ја зајакнеме. Сега е критичниот момент, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс. 

Брисел - Еврогрупата ја поддржува амбицијата на Бугарија за остварување на целта за воведување на еврото како замена за левот, кога за тоа ќе дојде време, порача ирскиот министер за финансии и претседавач на Еврогрупата, Паскал Донохју. 

-Ги цениме тековните напори на Бугарија и нејзината посветеност кон економската стабилност и конвергенција со Еврозоната. Продолжуваме да го следиме нејзиниот напредок кон целта за приклучување кон Еврозоната, изјави синоќа Донохју по завршувањето на средбата на Еврогрупата, што ја сочинуваат министрите за финансии на земјите членки на ЕУ што го користат еврото како национална валута.

Москва - Иако во оваа фаза не можеше да даде оценка за текот на руско-американските преговори во Саудиска Арабија, портпаролот на Кремљ Дмитриј  Песков рече дека денешните разговори би можеле да донесат „повеќе јасност“ во врска со евентуалната средба лице в лице меѓу претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин.

- Путин постојано повторува дека е подготвен да зборува за мир, рече тој, инсистирајќи дека Русија сака да ги постигне своите цели, но претпочита да го стори тоа „на мирен начин“.

Пекинг – Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун изјави дека „сите засегнати страни“ во војната во Украина треба да учествуваат во мировните преговори, алудирајќи на средбата на американската и руската делегација во Саудиска Арабија.

Тој ги поздрави напорите за постигнување мир.

Бејрут - Либанската армија соопшти дека се распоредила во неколку погранични села на југот на земјата, по повлекувањето на израелските војници пред истекот на рокот според Договорот за прекин на огнот помеѓу Израел и Хезболах.

Во соопштението се наведува дека либанската армија се распореди во десетина села „во координација со Комитетот задолжен за следење на договорот за прекин на огнот и со привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) по повлекувањето на израелските сили. 

Остани поврзан