• петок, 21 февруари 2025
МИА Радио флеш

   19   февруари 2025

 

 

Скопје - Во посета на Собранието денеска ќе престојува Асоцијацијата на одбранбени атешеа акредирани во Република Северна Македонија.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Асоцијацијата ќе оствари средба со членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност.

На настанот ќе се обратат Павле Арсоски, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност и доајен на Асоцијацијата на одбранбени атешеа.

Скопје - Во Собранието денеска ќе заседава Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика.

Членовите на Комисијата ќе го разгледуваат Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони, во второ читање.

Скопје - Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер денеска во просториите на Црвен крст на Република Северна Македонија ќе изврши примопредавање на мобилно оперативно возило.  

Како што соопштија од Црвениот крст на РСМ, освен амбасадорката Агелер и генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ, Саит Саити на настанот се очекува да присуствуваат и други гости, кои ќе имаат можност да ја забележат важноста на оваа донација и да добијат повеќе информации за новата опрема и нејзината употреба во хуманитарните мисији.

Скопје - Договор за донација на 305 уреди за прочистување на воздухот во вредност од еден милион евра ќе биде потпишан денеска во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија со компанијата ЕКОТИП Македонија.

Како што соопштија од владината прес-служба, по потпишување на договорот, прес-конференција во Медија центарот на Владата ќе одржи портпаролката Марија Митева.

Скопје - Министерството за локална самоуправа продолжува со теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ со цел преку директни средби, размена на искуства, идеи и предлози, да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат општините и заеднички да се изнајдат решенија за нивно надминување во насока на поголем напредок.

Скопје - Заменик-министерот за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири, учествува на 4-та глобална министерска конференција за безбедност на патиштата, која се одржува во Мароко, каде ја претставува Република Северна Македонија. Овoj настан има посебно значење за оценување на напредокот во спроведувањето на Глобалниот план за 2021-2030 и за зајакнување на ангажманот за безбеден и одржлив мобилитет.

Скопје - Уставниот суд денеска на седница ќе расправа по предметот во кој е оспорена одредба од Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители, а се однесува на оценување на стажот на јавните обвинители во периодот на нивното членување во Советот на јавни обвинители.

Во иницијативата, која е поднесена од обвинителката Ленче Ристоска, наведено е дека мандатот на членовите на Советот избрани од страна на јавните обвинители влегува во позитивно оценет јавно-обвинителски стаж освен во случаи предвидени во член 35-а од Законот за Советот на јавните обвинители. 

Скопје - Фондацијата за развој на образованието и култура Албиз денеска ќе додели 175 стипендии за студенти и 15 награди за дипломирани студенти со просек над 9.0, за академската година 2024/2025. 

Како што најавија од Фондацијата, на доделувањето на стипендиите и на наградите ќе се обрати Изет Меџити, вицепремиер на Владата на Република  Северна Македонија и Менди Ќира, претседател на ОЕМВП, а гости ќе бидат ректори на универзитети, градоначалници и претставници од бизнис секторот.

Скопје - Еден од бисерите на класичната балетска уметност „Есмералда“ од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи вечерва ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет.

Приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква" од Виктор Иго, ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, во кореографија на реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин, раскошната сценографија и костимографија се на Живојин Трајановиќ и Љупка Ристовска, концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Скопје - Во камерната сала на Македонската филхармонија, во организација на Фејмс Институтот, вечерва ќе се одржи уникатен музички спектакл насловен „Дијалози со Џанго Рајнхарт“ кој ќе ја спои магијата на џипси музиката со модерниот оркестарски израз. Под диригентската палка на реномираниот диригент Тимоти Редмонд, концертот ќе понуди богата програма која опфаќа различни музички жанрови, а е инспирирана од џипси музиката.

Приштина - Специјалното обвинителство на Косово поднесе барање до Основниот суд во Приштина да му наложи на премиерот на Косово, Албин Курти, да сведочи во тоа обвинителство во врска со случајот со државните резерви.
Порталот „Заклетва за правда“ во вторникот објави дека барањето до судот било поднесено минатата недела, пренесе Бета.

Досега Обвинителството трипати по ред го повикуваше премиерот Албин Курти, но тој не одговори позитивно на ниту еден од повиците.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп следната недела ќе го прими британскиот премиер Кир Стармер во Белата куќа, со што тој ќе стане првиот европски лидер кој ќе оствари официјална посета во Вашингтон за време на вториот мандат на Трамп.

Точниот датум сè уште не е објавен од ниту една страна.

- Следната недела премиерот на Обединетото Кралство ќе биде тука во Белата куќа, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит, за „Фокс њуз“.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да им се спротивстави на Европејците доколку сакаат да испратат мировни трупи во Украина за безбедносни гаранции во случај на мировен договор.

„Да има војници таму би било добро, не би се спротивставил, воопшто не би се противел“, изјави Трамп во Мар-а-Лаго во Палм Бич. 

Берлин - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека дебатата за можно испраќање на европски мировни сили во Украина е „преуранета“.

- Ниту еден војник нема да биде испратен во овој жесток конфликт, изјави Бербок за германскиот јавен сервис ЗДФ, пренесува агенцијата ДПА.

Во европските земји се отвори дебата по едностраното соопштение на американскиот претседател Доналд Трамп за мировни преговори за војната во Украина.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека денеска организира уште еден состанок со претставници на „неколку европски и неевропски држави“ за Украина. Ова следи по средбата во понеделникот, на која учествуваа мал број клучни земји, како и лидерите на Европската Унија (ЕУ) и НАТО.

Според француски дипломатски извори, меѓу учесниците се шефови на држави и влади од Грција, Финска, Романија, Шведска, Белгија, Чешка, балтичките земји, Норвешка и Канада, а некои лидери ќе се приклучат преку видео врска, вклучително и грчкиот премиер. Се очекува Макрон да се консултира со сите лидери на ЕУ до крајот на неделата.

Берлин - Според ново истражување, довербата во владите и политичките партии опаѓа во демократските земји ширум светот, објави PA Media/DPA.

Истражувачите од Универзитетот во Саутемптон анализирале 3.377 истражувања кои опфаќаат 143 земји помеѓу 1958 и 2019 година, што претставува повеќе од пет милиони испитаници. Тие откриваат дека додека довербата во репрезентативните институции како што се парламентите „генерално опаѓа“, довербата во нерепрезентативните елементи како што се полицијата, државните служби и правните системи останува стабилна или се зголемува.

Атина – Таксистите во Атина од рано утрово започнаа 24-часовен штрајк и доставија низа барања, а грчката метропола денеска ќе биде без такси превоз, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Синдикатот на такси превозници соопштија дека преку штрајкот меѓу другото, бараат дозвола возилата да сообраќаат во специјалните сообраќајни ленти наменети за автобусите; да се реши проблемот со компании што изнајмуваат автомобили со возачи; да се запрат незаконските попусти и понудите од апликациите за такси услуги Убер и Болт, за кои велат, дека ја засилуваат нелојалната конкуренција.

Бразилија - Бразилскиот јавен обвинител Пауло Гонет Бранко поднесе обвинение против поранешниот претседател Жаир Болсонаро за обид за државен удар по неговиот пораз на изборите во 2022 година.

Поранешниот претседател на Бразил во вторникот беше обвинет за надгледување на масовна шема за задржување на власт по поразот на изборите, вклучувајќи еден заговор за поништување на гласањето, распуштање на судовите и зајакнување на војската и друг за заговор за атентат на новоизбраниот претседател Инасио Лула да Силва.

Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп привремено ги суспендира сите имиграциски молби поднесени од мигранти од Украина и Латинска Америка, кои беа примени во САД преку програми воведени за време на администрацијата на Џо Бајден, јавува Си-Би-Ес Њуз, повикувајќи се на извори во американската администрација.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави синоќа дека планира да воведе царини за автомобили од околу 25 отсто и слични давачки за полупроводници и фармацевтски производи, што е најново во серијата мерки што би можеле да ја нарушат меѓународната трговија.

Трамп во петокот рече дека нема да воведува царини за автомобили пред 2 април, ден откако членовите на неговата влада се очекува да му ги претстават податоците и решенијата за серија увозни царини за американски стоки. Тој долго време предупредува за, како што го нарекува, нефер третман на американските возила на странските пазари.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави синоќа дека „најверојатно“ ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин пред крајот на февруари. Тоа го изјави неколку часа по руско-американската средба во Саудиска Арабија за решавање на конфликтот во Украина.

Запрашан од новинар за можноста за средба со Путин пред крајот на месецот, Трамп кимна со главата и одговори: „Веројатно“ додека ја напушташе просторијата во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, каде што одржа прес-конференција.

Вашингтон - Сенатот на САД го одобри напредувањето на номинацијата на Кеш Пател за директор на Федералното истражно биро (ФБИ).

Гласањето заврши со 48 гласа „за“ и 45 „против“, по партиска линија, во процедура што му претходи на конечното одобрување, кое се очекува до крајот на оваа недела.

Пател, поранешен функционер во Министерството за одбрана за време на првиот мандат на претседателот Доналд Трамп, повика на радикално преструктурирање на ФБИ, ветувајќи дека ќе ги засили акциите на агенцијата против илегалната имиграција и насилниот криминал – приоритети во новиот мандат на Трамп.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека му наложил на Министерството за правда да ги отпушти сите преостанати обвинители од времето на Џо Бајден, нагласувајќи дека одделот бил „политизиран како никогаш досега“.

„Мораме веднаш да ја „исчистиме куќата“ и да ја вратиме довербата. Златното доба на Америка мора да има фер правосуден систем - ТОА ПОЧНУВА ДЕНЕСКА“, наведе Трамп во објавата на социјалната мрежа „Truth Social“. 

Женева – Според прицените на Обединети нации, Европска Унија и Светска Банка потребни се повеќе од 50 милијарди долари за обнова на Појасот Газа, разурнатата енклава во 15 месечната војна помеѓу Израел и Хамас.

Според привремената брза процена на штета ио потреби (ИРДНА) за обнова и реконструкција на Појасот Газа потребни се 53,2 милијарди долари во следните десет години, додека во првите три години ќе треба да се обезбедат 20 милијарди долари.

Остани поврзан