• петок, 21 февруари 2025
МИА Радио флеш

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Австралија, присуствуваше и се обрати на настанот со кој беше одбележана 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Северна Македонија и Австралија, информираат од Министерството.

На настанот обраќања имале и Ана Али, министер за локална самоуправа и млади на Западна Австралија и Касандра Фернандо, пратеник во австралискиот Парламент.

Во обраќањето пред претставниците на македонската заедница, истакнати стопанственици, министри од федералната и регионалната влада, пратеници и претставници на дипломатскиот кор, министерот Муцунски ги истакнал позитивните впечатоци од посетата и изразил задоволство од одличните билатерални односи, изградени во изминатите три децении.

Скопје - Подготвени сме да разговараме за се, за пакет мерки со кои ќе ги решиме сите заостанати прашања од минатото, рече денеска министерот за здравство од Коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање во врска со промената на државниот грб.

Како што изјави Таравари, Македонија е една од ретките постсоцијалистички држави чиј грб не е сменет.

-ВРЕДИ е подготвена да разговара за се. За жал, во минатиот период повеќе, така да речам, осетливи теми се ставаа под тепих и некако се сокриваа, не сакавме да се соочиме. Ние сме подготвени да разговараме за пакет мерки кои се нерешени во изминатите 20 - 30 години и во пакет да ги решиме, зошто тука да не бидат и грбот и химната и 20 отсто и други етнички прашања ако има и веќе да се фокусираме на економијата, евроинтеграцијата, антикорупцијата,... Тоа ги интересира граѓаните, подобри плати, подобар живот,..., истакна Таравари.

Скопје – Заклучно со вчера има поднесено околу 20-тина апликативни формулари за 20-тина проекти од три локални самоуправи на вториот повик за доделување финансиска помош за општините за реализација на инфраструктурни проекти, информира министерот за локална самоуправа Златко Перински кој денеска заедно со неговиот заменик Ерџан Селим е во посета на Општина Гази Баба како дел од караванот „Каде што срцето е дома“.

-Тоа е добро зашто локалните самоуправи мора да пополнат апликативни формулари и да ја досредат целата документација за да аплицираат. Само во првиот ден добивме 20-тина апликации што навистина е добро и покажува дека градоначалниците подготвено го дочекаа вториот јавен повик, посочи Перински во одговор на новинарско прашање и додаде дека искуството од првиот повик ќе им помогне на општините сега правилно да аплицираат и да немаат проблеми како што имаа дел од нив на првиот јавен повик.    

Скопје - Денеска кога го празнуваме Свети Трифун, заштитник на лозарите  исплатени се 315.745.324,00 денари кон 11.689 лица. Исплатата се однесува за подмерката 1.11 за остварено производство на грозје, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат пријавено обработлива земјоделска површина со лозови насади, а оствареното производство на грозје го предале во регистриран откупувач, вклучително и произведеното грозје за сопствениот преработувачки капацитет или производството го користеле за сопствено потреби и продажба на пазар.

Скопје - Со почетокот на второто полугодие од учебната година, започнува и новиот циклус предавања на Народната банка од областа на финансиската едукација. Во современите услови на динамичен финансиски систем, финансиската едукација станува сѐ попотребна за сите граѓани. Токму затоа, финансиската едукација е дел од стратегиските цели на Народната банка, којашто преку обезбедување непрекинатост во процесот и постојано зголемување на опфатот на населението од различни целни групи, цели кон унапредување на финансиската писменост во земјава, информираат од Народната банка.

Во изминатите години, Народната банка, велат оттаму, преку активностите за унапредување на финансиската писменост, има одржано едукативни предавања за над 25.550 граѓани, од различни возрасти и образование, а исто така има изработено и голем број едукативни материјали во печатена и електронска форма, игра, квизови, инфографики...  

Скопје - Во рамки на засилените сообраќајни контроли полицијата вчера санкционирала 809 прекршоци, од кои 232 биле за брзо возење. 

-Во текот на вчерашните активности на полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР, во рамки на засилените сообраќајни контроли на патиштата низ државава, издадени беа 809 платни налози, додека пак наплатени беа 486 прекршочни платни налози. Притоа, забележлив е континуитет на актуелниот статистички тренд во поглед на сторените прекршоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, информираат денеска од МВР. 

Скопје - Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата испраќа апел за внимателно и одговорно учество во сообраќајот за време на празникот на љубовта и виното.

-Празниците се одличен момент за споделување на радост и спомени со блиските и саканите. Но, за тие да бидат полни со љубов, потребно е совесно и одговорно учество во сообраќајот, апелираат од РСБСП.

Оттаму советуваат доколку граѓаните пијат алкохол, да не управувајте со моторно возило, да користат јавен превоз, да возат со внимание и да се грижат за безбедноста на сите учесници во сообраќајот, како и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Атина – Во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморогос во изминатите 12 часа не беа регистрирани поголеми земјотреси од над четири степени, додека пак за 16 дена имало над 16.500 потреси, јави дописничката на МИА од Атина. Последниот земјотрес над четири степени беше регистриран вчера попладне кусо пред 18 часот што всушност беа два последователни во период од две минути со јачина од 4,4 степени.

Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 11 февруари, биле регистрирани над 16.500 земјотреси, од кои над 14.400 биле посилни од 1 степен.

Брисел - Европската комисија оцени дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување „реципрочни царини“ претставува чекор во погрешна насока.

- ЕУ останува посветена на отворен и предвидлив глобален трговски систем од кој корист имаат сите партнери. ЕУ ги има едни од најниските царини во светот и не гледа причини за зголемување на американски царини за нејзиниот извоз, се наведува во реакцијата на ЕК на одлуката на Трамп. 

Во реакцијата се повторува и претходно изнесениот став од претставници на ЕУ дека царините се даноци и дека со нивното воведување САД ги оданочуваат сопствените граѓани, ги зголемуваат трошоците за бизнисот, го задушуваат растот и ја поттикнуваат инфлацијата.  

Брисел – Во јануари 2025 година транзитот на руски гас преку гасоводот што од Турција минува низ Бугарија бележи раст за 26,7 отсто во споредба со истиот месец лани, достигнувајќи рекордни вредности, покажуваат податоците на Европската мрежа на преносни системски оператори за гас (ЕНТСОГ). 

Ваквиот раст на транзитот на руски гас преку територијата на Бугарија се припишува на прекинот на неговиот пренос преку Украина од 1 јануари годинава, со што бугарската траса од гасоводот сега е единствената активна рута за дистрибуција на енергенсот до неколку европски земји, вклучувајќи ги Северна Македонија, Србија, Романија, Грција, Босна и Херцеговина и Унгарија. Бугарскиот дел од овој гасовод, чија изградба чинеше 1,1 милијарди евра, стана оперативен на 1 јануари 2021 година и има капацитет за транзит на 15,75 милијарди кубни метри годишно. 

Брисел - Европскиот парламент упати известување до својот персонал во кое советува за комуникација да се користат алатките Тим на „Мајкрософт“ или Џабер на „Сиско“, а доколку нивното користење не е можно, тогаш се препорачува употреба на Сигнал. 

Ваквата препорака, како што се наведува во дописот до вработените упатен по електронска пошта, се дава поради зголемените стравувања за безбедноста на онлајн комуникациите и со цел да се овозможи подобра заштита на личните податоци и на кореспонденцијата.  

Дополнително, ЕП своите службеници ги советува и кои чекори треба да ги преземат за да ги заштита своите комуникации, вклучително и користење на ПИН и активирање на функциите за автоматско бришење на пораките по нивното отворање и за овозможување автоматско безбедносно ажурирање. 

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги обвини руските сили дека со дрон ја оштетиле заштитната структура на оштетениот реактор во нуклеарната централа во Чернобил. Тој додаде дека оштетувањето не довело до зголемување на радијацијата.

„Синоќа руски дрон опремен со високо експлозивна боева глава ја погоди структурата што го штити светот од радијација во реакторот број четири на нуклеарната централа Чернобил“, напиша Зеленски на мрежата Икс. Тој додаде дека пожарот предизвикан од експлозијата е „изгаснат“ и дека „нивото на радијација не е зголемено“

Пјонгјанг - Странски туристички агенти влегоа во Северна Кореја првпат откако таа ги затвори границите за туризмот во 2020 година поради Ковид-19, за да ги прегледаат новите туристички места, објави денеска веб-страницата на туристичката агенција Корјо турс.

„Персоналот на Корјо турс, вчера во раните утрински часови, премина во североисточниот пограничен град Расон во Северна Кореја како дел од специјалното патување само за персонал, бидејќи земјата сè уште не е целосно отворена за туризам“, се наведува на веб-страницата на британската туристичка агенција со седиште во Пекинг, објави Јонхап.

Абу Даби - Властите во Обединетите Арапски Емирати денеска потпишаа договор за изградба на проектот Дубаи Луп (Dubai Loop - брза транспортна мрежа) со Боринг компани (Boring Company), компанија за инфраструктура и тунелни услуги на Илон Маск.

Договорот меѓу Управата за патишта и транспорт на Дубаи и компанијата на Маск предвидува капацитет за превоз на 160.000 патници на час и должина на рутата поголема од 100 километри.

Во почетната фаза на проектот е предвидена изградба на транспортниот систем „Луп“ што ќе има 11 станици и тунел долг 17 километри и ќе превезува над 20.000 патници на час.

 

Остани поврзан