МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

17 февруари 2025
Скопје - Во Собранието денеска седница ќе има Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
На дневниот ред на седницата има една точка - разгледување на прашања во врска со спроведувањето на Деловникот на Собранието при работа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот за надзорната расправа закажана за 25 февруари 2025 година, и давање на мислење за разрешување на спорните прашања.
Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски на покана на неговиот словенечки колега Борут Сајовиц денеска престојува во официјална посета на Словенија. Во Љубљана, Мисајловски ќе се сретне и со претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, соопшти Министерството за одбрана.
По свечената церемонија во Министерството за одбрана, министрите Мисајловски и Сајовиц ќе имаат тет-а-тет средба, по што е предвиден состанок на двете делегации. Во Љубљана ќе биде потпишан и Планот за билатерална соработка помеѓу двете земји за 2025 година.
Скопје - Министерството за локална самоуправа денеска ќе организира четврти консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа, кој ќе го отвори министерот Златко Перински.
Меѓу учесниците ќе бидат дел од експертскиот тим вклучен во процесот - проф. д-р Александар Спасеновски, проф. д-р Гордан Георгиев и проф. д-р Мемет Мемети. На настанот ќе присуствуваат и градоначалниците на општини на Скопје, градоначалници на општини од Скопскиот и од Североисточниот плански регион, претставници од УНДП и од невладини организации.
Скопје - Забрзувањето на интеграцијата на Западен Балкан, беше еден од панелите на 61. Минхенска безбедносна конференција што заврши вчера во главниот град на Баварија. Премиерот Христијан Мицкоски, кој учестуваше на овој панел заедно со еврокомесарката за проширување Марта Кос и албанскиот премиер Еди Рама, порача дека наместо европеизација на Балканот, се соочуваме со балканизација на Европа и двојни стандарди од страна на ЕУ. Еврокомесарката Кос, пак, кажа дека во текот на овој мандат на Европската комисија сакаат да ги завршат пристапните преговори со две или три држави. На маргините на конференцијата во саботата беше остварена и прва средба меѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со неговиот бугарски колега Георг Георгиев, со кого разговарале за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство.
Премиерот Мицкоски на панелот посветен на пристапувањето на Балканот во ЕУ, истакна дека македонскиот пат кон ЕУ „започна многу пред да започне евроинтеграцискиот процес на Албанија, дури и пред Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка“.
Скопје - Македонската асоцијација на земјоделски задруги денеска во Велес организира настан за промоција на можностите за финансиска поддршка на земјоделските задруги во Северна Македонија, во рамки на проектот „Конкурентни земјоделски задруги“ финансиран од Европската Унија, кој го спроведува со ЗБК Креација.
Како што најави организаторот, на настанот ќе бидат презентирани промените во законската регулатива со цел обезбедување различни механизми за финансиска поддршка достапни за задругите, а се со цел зајакнување на земјоделскиот сектор и одржлив рурален развој.
Скопје - Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и фондацијата „Конрад Аденауер“ денеска во Европска куќа – Скопје (Europe House-Skopje) ќе промовираат два истражувачки труда: „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014-2024)“ и „ЕУ интеграцијата во 2024: Од европски сон до македонска реалност“.
Анализите се изработени врз основа на истражувањето на јавното мислење за евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија спроведено во период октомври - декември 2024 година.
Атина – Земјотрес со јачина од 5,1 степен беше регистриран кусо пред 10 часот утрово во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос, а неколку минути претходно имаше помал земјотрес од 4,2 степени, додека во текот на ноќта беа регистрирани два нови потреси од 4,2 и 4,5 степени според Рихтер, јави дописничката на МИА од Атина.
Најсилниот земјотрес во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос беше регистриран минатиот понеделник и беше со јачина од 5,3 степени според Рихтер.
Загреб - Бројот на заболени од грип во Хрватска го достигна врвот со 24.498, при што минатата недела се пријавени 5.507 случаи, додека 30 лица починале од компликации, покажуваат податоците на Хрватскиот институт за јавно здравје.
На отворените одделенија има 30 заболени од грип, изјави Иван Пуљиз, раководител на Клиниката за инфективни болести во Загреб „Д-р Фран Михаљевиќ“.
Брисел – Заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска денеска ќе престојува во посета на Полска, каде ќе присуствува на церемонијата на отворање на Заедничкиот центар за анализа, обука и едукација (ЈАТЕЦ).
Центарот е прва заедничка цивилно-воена структура на НАТО и Украина, за чие формирање одлука беше донесена на заседанието на Северноатлантскиот совет на 16 декември минатата година.
Брисел - Европската унија планира да го блокира увозот на одредена храна за да ги заштити своите земјоделци, по примерот на реципрочната трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори.
Европската комисија ќе се согласи оваа недела да ги истражи построгите ограничувања на увозот, пишува весникот, повикувајќи се на изјави на тројца неименувани официјални лица.
Берлин - Германскиот вицеканцелар Роберт Хабер синоќа изјави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп „покренала напад врз заедничките западни вредности“, што „не може да се сфати доволно сериозно“.
- Факт е дека се напушта она што некогаш дојде во Европа од Америка: владеењето на правото, либералната демократија и поредокот заснован на правила, рече Хабек, член на партијата на Зелените, за време на предизборната дебата што ја емитуваше германската телевизија РТЛ.
Париз - Лидерите на неколку европски држави денеска се собираат во Париз за да договорат заедничка позиција за Украина пред администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Средбата се одржува во време кога администрацијата на Трамп остро ја критикува ЕУ и има намера директно да преговара со Русија за ставање крај на војната во Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон ќе биде домаќин на претставници од водечките европски држави, потврди францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Брисел – Хибридните закани, новата повеќегодишна буџетска рамка и зајакнувањето на подготвеноста ќе бидат главни теми за дискусија на денешното неформално заседание на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ во Варшава.
Според најавата на Полското претседателство со Советот на ЕУ, средбата на министрите или државните секретар за европски прашања на земјите на Унијата ќе започне со размена на мислења за хибридните закани со кои се соочуваат членките, но и државите кандидати за членство во блокот.
Лондон - Британскиот премиер Кир Стармер е подготвен да испрати британски војници во Украина, доколку е потребно, за да го гарантира мирот по евентуалниот договор.
Во статија објавена во весникот „Дејли телеграф“, тој нагласува дека ќе испрати војници доколку тоа е неопходно за безбедноста на Велика Британија и Европа.
- Велика Британија има клучна улога во поддршката за Киев против руската агресија, што значи дека сме подготвени и достапни да придонесеме за безбедносните гаранции на Украина, вклучително и испраќање на наши војници на терен, доколку е потребно, изјави Стармер.
Киев - Најмалку едно лице е повредено, а 12 куќи се оштетени во напад со украински дронови врз руската Краснодарска област, изјави утринава гувернерот на јужниот руски регион.
Во објава на „Телеграм“, гувернерот Венијамин Кондратиев го нарече нападот „масовен“, но не даде дополнителни детали.
Рускиот новински канал „SHOT“ на „Телеграм“ објави дека Украина се обидела да ја нападне рафинеријата за нафта „Илски“, при што остатоци од дрон предизвикале пожар, пренесува Хина.
Москва - Преговорите за ставање крај на војната во Украина ќе започнат на 18 февруари во Ријад, со учество на официјална руска делегација, објави синоќа рускиот весник „Комерсант“.
Весникот не објави кои ќе бидат членовите на руската делегација во преговорите во Саудиска Арабија, наведувајќи дека на Телеграм се појавиле информации за подготовки на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров за посета на Саудиска Арабија.
Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп настојува да постигне договор за прекин на огнот во Украина до Велигден, што е на 20 април оваа година, јави Блумберг, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
-Администрацијата на Трамп им кажа на европските претставници дека сака да обезбеди прекин на огнот во Украина до Велигден, објави Блумберг, цитирајќи официјални претставници.
Сепак, некои официјални лица изразија сомневање за изводливоста на таа цел, истакнувајќи дека темпото на преговорите - кои треба да започнат оваа недела во Саудиска Арабија со учество на високи американски и руски претставници - е амбициозно и потенцијално нереално.
Вашингтон - Преговорите за втората фаза од прекинот на огнот во Газа и размената на израелски заложници и палестински затвореници се очекува да продолжат неделава, изјави американскиот специјален пратеник Стив Виткоф.
Втората фаза од преговорите предвидува ослободување на преостанатите преживеани израелски заложници.
Рамала - Палестинската милитантна група Хамас изразила подготвеност да ѝ ја предаде контролата врз Појасот Газа на Палестинската национална управа, објави денеска „Скај њуз Арабија“, повикувајќи се на сопствени извори.
Според медиумот, Хамас во писмо до Палестинската ослободителна организација (ПЛО) ја изразил својата подготвеност да ја пренесе контролата врз Појасот Газа на Палестинската управа и на владиниот комитет за управување со енклавата.
Сеул - Јужнокорејските власти објавија дека ја отстрануваат кинеската апликација за вештачка интелигенција DeepSeek од локалните онлајн продавници за апликации.
Мерката ќе биде во сила додека властите го испитаат начинот на кој кинеската компанија што ја создаде апликацијата управува со податоците на своите корисници.
Целта е да се заштитат личните податоци на корисниците.
Пекинг - Официјален Пекинг соопшти денеска дека „релевантните земји“ не треба да ја „политизираат трговијата и технологијата“, откако Јужна Кореја објави дека кинеската апликација за вештачка интелигенција ДипСик (DeepSeek) нема да биде достапна за преземање додека трае ревизијата на нејзините процеси за управување со податоците.
- Се надеваме дека релевантните земји ќе избегнат преземање мерки кои го прошируваат концептот на безбедност или ја политизираат трговијата и технолошките прашања, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Ѓиакун, на редовната прес-конференција во Пекинг.