• петок, 21 февруари 2025
МИА Радио флеш

12 февруари 2025

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека стратегија на Владата е најпрвин економски да се зајакне земјава, а потоа од консолидираните пари да се отвори македонски конзулат не само во во Корча, туку и во други земји во светот.

-Резултат на таа економска бездна во која што ние се наоѓаме се токму оние 180 евра буџет што ги добива македонскиот амбасадор во Тирана. И не само во Тирана, туку и 300 евра добива месечен буџет македонскиот амбасадор во Брисел, 300 долари добива македонскиот амбасадор во САД, бидејќи толку има ова покрадена, опљачкана Македонија која ние се обидуваме некако да ја консолидираме за да можеме со тие пари кои ќе ги консолидираме да отвориме не само конзулат во Корча, туку и во многу други места во светот, рече Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот на Левица, Димитар Апасиев дали нашата Влада ќе се заложи да се отвори македонски конзулат во Корча.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, престојува во работна посета на Австралија, што претставува прва посета на министер за надворешни работи на Северна Македонија во Австралија по 15 години.

Оваа посета, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се совпаѓа со значајниот јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски денеска остварил билатерална средба со австралиската министерка за надворешни работи, Пени Вонг. На средбата, министрите ги потврдиле одличните билатерални односи помеѓу двете земји и размениле ставови за актуелните геополитички предизвици, вклучувајќи прашања поврзани со регионалната стабилност и глобалната безбедност.

Скопје – Пратеничката од НСДП Соња Мираковска на денешната собраниска седница на која на дневен ред е и поставување опозициски прашања, побара оставка од министерот за здравство Арбен Таравари за последните случувања во здравството. Таравари одговори дека би поднел оставка доколку му се случела Модуларна болница, скандал во Онкологија и оти не бега од одговорност, бидејќи има каде да се врати. 

Мираковска, која на Таравари му постави три прашања, обвини дека се случи хуманитарна катастрофа со недостигот на биолошка терапија на Клиниката за онкологија. Таа посочи дека според СЗО редовниот пристап до оваа терапија ја зголемува шансата за преживување на пациентите од 30 до 40 отсто, и оти се случил системски пропуст што ја загрозило оваа шанса за живот.

Скопје - Имаме сериозен пад на млекопроизводството и тоа е резултат на погрешни политики, смета министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Тој рече дека тоа било во минатото, а изминатите шест - седум месеци како власт, нагласи, работат интензивно за да се врати сточарството, како и млекопроизводството, меѓу другото.

Тој одговарајќи на пратеничко прашање, демантираше дека субвенциите биле намалени. Напротив, рече министерот, зголемени се.

- Дополнително, оваа година за првпат ја воведуваме мерката за оставено женско теле, односно за зголемување на основното стадо на секој еден фармер. Сумата што ќе ја добие секој еден фармер за оставено женско теле, е, 3.000 денари дополнителна субвенција, додаде, меѓу другото, Трипуновски во Собранието.

Битола - Со проекти стимулираме отворање нови бизниси, самовработување, помош на малите и средни претпријатија, а со тоа и развој на нови технологии и нови начини на производство и претприемништво, истакна заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

На средба со стопанственици од Битола, Ристески посочи дека Министерството за економија и труд во соработка со Агенцијата за вработување и УНДП посочи дека успешно се реализираат проектите од оперативната програма на АВРМ во претходната година, средства обезбедени за реализација на зелената агенда и зелената економија.

Скопје – МАКСТИЛ ќе ги бара назад парите што ги плати за солидарен данок, но е подготвен да разговара со Владата и со Министерството за финансии за да се најде точен модалитет како ќе се исплатат. На име на солидарен данок плати 4,3 милиони евра што беше најголем износ што било која компанија во земјава го плати за таа намена.

-Бевме една од најзасегнатите компании со Законот за солидарен данок и нормално е веднаш да си ги бараме парите кои неправедно ги плативме зашто ни се потребни за предвидливост и буџетирање иако имаме рок од пет години за да го направиме тоа. Знаеме дека државниот Буџет е таков каков што е и дека Владата има планирано трошоци. Подготвени сме на некој начин да разговараме за да се договориме за динамиката за враќање на парите. Не помина многу време откако ги уплативме парите и мислам дека нема да бараме камати, бидејќи не сакаме дополнително да го оптоваруваме Буџетот, рече Димитар Цветковски од МАКСТИЛ во одговор на новинарско прашање на денешната презентација на резултатите од Анкетата за странските директни инвестиции за 2024 година во Стопанската комора.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден од страна на полициските службеници од сите осум Сектори за внатрешни работи при Министерството за внатрешни работи, а во рамки на континуираните сообраќајни контроли низ патиштата во земјава, биле издадени 864 платни налози и 465 наплатени платни налози на возачи и други учесници во сообраќајот по основ на ЗБСП и Законот за возила (ЗВ).

Како што се наведува во соопштението од МВР, евидентно е дека непочитувањето на брзината на движење и непрописното паркирање се прекршоци со најголем број изречени мерки кон возачите – 262, односно 201. Од друга страна пак, статистичките бројки покажуваат дека откриени биле 67 лица кои што управувале возила без возачки дозволи, потоа следат 49 случаи на некористење сигурносен појас и 36 случаи на зборување со мобилен телефон при управување со возило.

Скопје - Вишото јавно обвинителство Скопје денеска поднело жалба до Врховниот суд на решението на Апелациониот суд Скопје со кое се дозволува повторување на кривичната постапка спрема осудениот Џ.М., претходно правосилно осуден во отсуство за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 ст.4 вв чл.297 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик.

Незадоволно од решението, Вишото јавно обвинителство Скопје, во законски предвидениот рок од 3 дена, се жали до Врховниот суд на Република Северна Македонија, поради сторени суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка и погрешно утврдена фактичка состојба.

Скопје - При детална контрола на товарно моторно возило – камион со скопски регистраски ознаки, извршена на граничен премин Богородица, пронајдена е и запленета над 150 килограми марихуана, за која дополнително ќе биде извршена форензича анализа и вештачење.

Според првичните информации, соопштија денеска од МВР, товарното возило влегло од Косово, а преку Македонија требало да транзитира кон Грција, со крајна дестинација Турција.

Атина – Со Божја помош, со поддршка од сите државни актери и пред сè од народот ќе ги вложам сите можни напори за да ја исполнам должноста, истакна новоизбраниот претседател на Грција Константинос Тасулас, откако собранискиот спикер Никитас Какламанис официјално му ги соопшти резултатите од денешното гласање во Парламентот и паралелно додаде дека за него е „врвна чест, но и тешка одговорност“ функцијата шеф на државата, јави дописничката на МИА од Атина.

Тасулас со 160 гласа „за“ од вкупно 300 пратеници во Парламентот претпладнево беше избран за претседател на зземјата, а во неговата прва изјава посочи дека Грција и грчкиот народ „имаат разумни барања од политичките претставници“, како што се национална безбедност и интегритет, напредок, социјална и цивилна заштита и правда, барања што, според него не зависат само од правилно планирање или од конструктивни предлози, туку и од политичката атмосфера во која се водат политичките процеси и сето тоа во, како што рече, меѓународно несигурна средина.

Атина – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис му честиташе на новоизбраниот претседател на Грција Константинос Тасулас, изразувајќи увереност дека „ќе ја исполни високата улога како симбол на националното единство, но и како гарант за демократска нормалност и уставна стабилност“, додека пак опозициските партии упатија критики до Владата бидејќи шефот на државата не беше избран со широки мнозинство, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи дека Тасулас има „и авторитет и политичко искуство“, дека денешниот избор е „и институционална победа за политичкиот систем“, бидејќи, како што објасни, успешно беше финализирана соодветната уставна одредба, но и како што рече, „се покажува колку погрешни беа обидите на некои да го вовлечат Тасулас во ситнопартиски антагонизми“.

Рим  - Папата Франциск објави дека не може лично да го чита говорот на неговата аудиенција денеска поради пневмонија, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.

Папата побара од помошникот да го прочита текстот, велејќи: „со мојот бронхитис не можам“ да читам.

„Се надевам дека следниот пат ќе можам“, додаде тој, обраќајќи им се на верниците во Ватикан.

На синоќешното отворање на популарниот италијански музички фестивал „Сан Ремо“ Папата зборуваше преку видео.

Берлин - Германската влада ги продолжи контролите на сите копнени граници на земјата за уште шест месеци во обид дополнително да ја намали нерегуларната миграција, изјави денеска канцеларот Олаф Шолц.

-Со граничните контроли, ние ефикасно ја туркаме нерегуларната миграција, како што покажуваат бројките, рече Шолц во писмената изјава во која ја објаснува одлуката.

Министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер рече: „Ние ги запираме шверцерите кои брутално ги комодифицираат луѓето и ги шверцуваат преку границите и ставаме крај на криминалците и екстремистите“.

Берлин - Во Берлин утре почнува 75. Меѓународен филмски фестивал „Берлинале“. За главната награда „Златна мечка“ за најдобар филм се натпреваруваат 19 остварувања од целиот свет.

Инаку, десетдневната свеченост ќе биде отворена со домашниот воннатпреварувачки филм „Светлина“ (Das Licht), на германскиот режисер Том Твикер, којшто ќе биде претставен со специјална гала-вечер. Американскиот режисер Тод Хејнс ќе претседава со годинешното жири, додека за првпат фестивалската програма ќе ја води Триша Татл, која ќе ги претстави новите филмови во натпреварувачкиот дел. Фестивалот во германскиот главен град ќе трае до 23 февруари, се наведува на официјалната интернет-страница.

Москва - Кремљ денеска соопшти дека Русија никогаш нема да разговара за размена на украинските територии што ги зазеде за областите под контрола на Киев во руската област Курск.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за весникот Гардијан дека тој има намера да и понуди на Русија размена на територии за да се стави крај на војната, вклучувајќи ги и областите под контрола на Киев во руската област Курск.

-Ќе размениме некои територии за други, рече Зеленски, додавајќи дека не знае кој дел од териториите окупирани од Русија на Украина ќе го побара за возврат.

Стокхолм - Сите шведски училишта и предучилишни установи ќе мора да направат безбедносни планови со цел да ги задржат неовластените лица подалеку од нивните простории, соопшти денеска шведската Влада.

„На пример, тоа би можело да вклучува... регистар за упис, контроли и систем за заклучување на вратите“, рече министерот за образование Јохан Персон, но додаде дека на училиштата им останува да одредат што е најдобро за нив.

Каиро - Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси нема да отпатува во Вашингтон на разговори во Белата куќа доколку на дневен ред е планот на САД за раселување на Палестинците од Газа, изјавија два египетски безбедносни извори.

Американскиот претседател Доналд Трамп го покани Сиси да ја посети Белата куќа за време на телефонски разговор, соопштија претходно од кабинетот на египетскиот претседател, но датумот за посетата се уште не е одреден, изјави американски претставник кој сакаше да остане анонимен.

Египетското претседателство и Министерството за надворешни работи не одговорија на барањата за коментар. 

Бејрут - Либанскиот претседател Џозеф Аун денеска во претседателската палата во Бејрут се сретна со португалскиот министер за надворешни работи Пауло Рангел, јавија либанските медиуми.

Аун ја повика Европската унија да изврши притисок врз Израел да го заврши своето повлекување од либанските територии до крајниот рок до 18 февруари.

Техеран – Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи денеска изјави дека Иран треба да продолжи на развој на армијата и на ракетната програма.

- Напредокот не треба да се запре, не можеме да бидеме задоволни. Да речеме дека претходно поставивме граница за прецизноста на нашите ракети, но сега веруваме дека оваа граница повеќе не е доволна. Мораме да продолжиме напред, нагласи Хамнеи, укажувајќи на потребата иранската војска да се фокусира на иновациите.

Хонолулу - Вулканот Килауеа на Хаваите, еден од најактивните во светот, повторно почна да исфрла лава на Големиот остров во тој архипелаг, објавија денеска американските медиуми.

Овој вулкан, на околу 320 километри од главниот град Хонолулу, исфрла лава наизменично речиси два месеци, од 23 декември, пренесува Ен-Би-Си Њуз.

Засега ниту едно населено место не е во опасност да биде зафатено со лавата. 

Остани поврзан