МИА Општински пул
- 18 февруари 2025

18 февруари 2025
Скопје - Очекувам иницијативата на Општина Центар за поригорозни мерки и зголемена одговорност за малолетничкиот вандализам да добие зелено светло на владината седница. Следното е да се оформи работна група, составена од повеќе министерства, која ќе работи на нејзиното преточување во законски одредби. Со тоа, оваа иницијатива ќе стане функционална и применлива, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во изјава за МРТВ.
Во врска со проверките кои се спроведуваат со колегите и надлежните служби на терен, Герасимовски посочи дека цел е уште од сега да се преземат мерки и да има што поголемо полициско присуство на одредени точки, за во потоплите денови, кога ваквите појави зачестуваат, да спречиме нивно повторување.
-Навременото делување е клучно за обезбедување безбедна и уредна средина за сите граѓани, истакна градоначалникот. Герасимовски е дециден дека одговорноста мора да биде индивидуализирана, а мерките праведни и ефикасни.
Крива Паланка - Општина Кратово подготвува богата, повеќедневна, културно-уметничка програма по повод 24 февруари, празнување на денот на патронот Свети Ѓорѓи Кратовски, заштитник на градот Кратово, со централни настани се преосветувањето на храмот Св. Ѓорѓи Кратовски и свечената литија на денот на патронот.
-Чествувањата почнуваат на 21 февруари со ликовна изложба 31-та Лесновска ликовна колонија, што ќе се доржи во изложбениот салон на Музеј на град Кратово, во петок, на пладне,а вечерта во 19 часот, во кино салата ќе се одржи стенд- ап шоу на комичарот Бојан Велевски. Во сабота, во 12 часот, литературнито клуб „Надеж“ ќе одржи свечено поетско читање во чест на Св.Ѓорги Кратовски, во Дом на култура „Лазар Софијанов“, додека централниот настан, преосветување на едновековниот црковен храм Свети Ѓорѓи Кратовски (1925-2025), ќе се одржи на 23 февруари, што ќе го изврши митрополитот Кумановско – Осоговски г.Григориј, во сослужение со архиерејите од епархијата, информираат до Општина Кратово.
Дебар - Празнувајќи го споменот на отецот меѓу светиите Партениј Лампсакиски Чудотворец, како и по повод именденот на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Свештената бигорска Обител, упати покана за заедничко одблежување на овој светол спомен.
-Утре во 18:00 часот ќе се отслужи празнична Вечерна архиерејска богослужба. По Вечерната богослужба, во чест на именденот на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј предвидено е соборно дружење и послужение во свечениот манастирски синодикон. Во четврток во 6:30 часот ќе биде отслужена утрена богослужба, а во 8:45 часот ќе почне Светата архиерејска Златоустова Литургија, информираа од Бигорскиот манастир.
Куманово - Три противпожарни возила и деветмина пожарникари ноќеска гаселе подрумски простории на семејна куќа во центарот на Куманово, соопштија денеска од регионалниот центар за управување со кризи. Пожарот избувнал околу 23 часот, а бил изгаснат во 05:45 часот, утрово.
- Опожарен е подрумскиот дел на објектот на улицата „Перо Чичо“. Направена е материјална штета, причината за пожарот ќе се утврдува, информираа од РЦУК.
Струмица - Монодрамата „Кротка“, работена според истоимената новела на Фјодор Михајлович Достоевски, во режија на Дејан Ангелов, а во изведба на Стојан Велков-Трн, по подолга пауза од вечер повторно е на репертоарот на НТ „Антон Панов“, соопштија од струмичкиот театар.
Музиката за претставата е на Ставро Ангелаков, а сценографијата на Никола Пијанманов. Актерот Велков-Трн за улогата во претставата е носител на наградата за најдобра машка улога на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Kорча, Република Албанија, во 2021 година.
Скопје - Без електрична енергија денеска од 8:30 до 12:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Мите Богоевски“ – подулици број 3, 4, 5 и 7 во Општина Аеродром.
Прекинот, како што соопшти РЦУК – Скопје, е поради планирани технички интервенции во електродистрибутивната мрежа.
Дебар - Полициски службеници во Охрид лишиле од слобода жител на Дебар при кражба на велосипед.
-Синоќа во 20 часот, на улицата „Никола Карев“ во Охрид, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи - Охрид го лишија од слобода Ш.Р.(38) од Дебар. Тој бил затекнат при обид да одземе велосипед пред влез во зграда на истата улица, информираше Стефан Димоски, посрпарол на СВР-Охрид.