• петок, 21 февруари 2025
МИА Општински пул

Скопје - Актуелните измени на Законот за локална самоуправа, учеството на Општина Гази Баба на вториот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти, како и предизвиците и потребите со кои се соочува општината, базирани на барањата на граѓаните беа тема на дискусија при денешната посета на министерот за локална самоуправа Златко Перински, заедно со неговиот заменик Ерџан Селими, на  Општина Гази Баба, како дел од теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“. 

Министерот Перински изрази задоволство од напорите на градоначалникот Бобан Стефковски за унапредување и развој на сите делови на Гази Баба.

-Ова е од особена важност, со оглед на тоа дека општината има значителен рурален дел, а интегрирањето на урбаниот и руралниот дел е клучно за обезбедување рамномерен и одржлив раст. Нашиот фокус како Влада е поддршка на изградба на инфраструктура и подобрување на јавните услуги, со цел развој на целата општина и подобар квалитет на јавни услуги, без разлика дали станува збор за урбани или рурални средини. Продолжуваме да се стремиме заедно кон развој кој ќе ги вклучи и унапреди сите делови на општината, изјави Перински.

На средбата се дискутираше и за евентуални измени на Законот за Град Скопје, дали во измените на Законот за локална самоуправа е предвиден механизам кој ќе гарантира спроведување на одлуките на Советот од страна на градоначалникот, советниците предложија да се направат измени и во критериумите за индекс на степен на развиеност на општините, а министерот ги информираше присутните и за програмите на Министерството со кои се дава поддршка на општините, покрај јавниот повик за инфраструктурни проекти.

Скопје - Општина Центар презема конкретни чекори за конечно решавање на спорниот простор зад зградата „Киро Крстевски“ – Платник бр. 11. Благодарение на успешната соработка со една од банките, која ја имаше под хипотека оваа парцела, обезбедена е донација на земјиштето во корист на Општината.

,,Пред зградата „Киро Крстевски“ – Платник бр. 11, жителите со години се спротивставуваа на обидите за узурпација на просторот зад нивната зграда, кој првично бил предвиден за паркинг, но подоцна незаконски добил маркица за градба. Во минатото, тие се соочија со насилни приведувања, притисоци и судири со инспекторите и полицијата, бранејќи го својот имот од градежна механизација” изјави Герасимовски на средбата која ја имаше со граѓаните кои живеат на таа локација.

Дополнително, со поддршка од истата банка, ќе биде покриен трошокот за рушење на нелегално изградената градба, додека Општината ќе го преземе расчистувањето на теренот. Со оглед на ограничениот пристап и специфичноста на просторот, целиот процес ќе се одвива во неколку фази, со ангажман на соодветна механизација.

Градоначалникот и службите веќе направија теренски увид, а следен чекор е заедно со жителите да се дефинира најдоброто решение за уредување на просторот. Наместо нова градба, целта е создавање похумана и уредена околина, со баланс меѓу зеленило и функционален јавен простор, во согласност со барањата на граѓаните.

Скопје - Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски заедно со градоначалниците на општините Кисела Вода и на Бутел, Орце Ѓорѓиевски и Дарко Костовски, како и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски денеска присуствуваа на закројување на лозјето кај црквата „Св. Трифун“ во селото Кучково.

Како што информира Општина Ѓорче Петров, во утринските часови, пред чинот на закројување, беше одржана традиционална литургија во црквата „Св. Трифун“.

-Овој црковен празник е светлост и радост за сите нас, особено за лозарите, кои со верба и посветеност се грижат за својот труд. Овој ден не само што ја одбележува средината на зимата, туку означува и ран почеток на новата пролетна сезона, која носи нови надежи и прилики. Верувањето е дека Свети Трифун ја благословува работата на нивните раце, ги штити лозјата од болести и ги води кон бериќетна година, рекол градоначалникот Стојкоски.

Св.Трифун, како што се наведува, не е само заштитник на лозјата, туку и пример на христијанска љубов.

-Тој ни покажува како со труд, верба и молитва, можеме да се надеваме на плодови, не само во земјата, туку и во нашите срца. Денес, поминувајќи го денот заедно со нашите сограѓани, соседи и пријатели, почувствувавме дека заедничкиот труд и љубовта кон традицијата го засилуваат духот на заедницата. Нека овој ден донесе бериќет и просперитет, а светото благословение на Св.Трифун нека ни биде патоказ во сите наши дела и одлуки. За многу години, за многу плодни и бериќетни денови, додал Стојкоски.

Скопје – Ваљбон Лимани, актуелниот вршител на должноста градоначалник на општина Гостивар е потенцијален кандидат на претстојните локални избори, одговори на новинарско прашање министерот за здравство Арбен Таравари по денешната посета на поликлиниката Бит Пазар во Скопје.

Таравари, кој ја отстапи функцијата градоначалник пред истек на вториот мандат, смета дека Лимани според направените анкети ја ужива поддршката на граѓаните и дека има големи шанси да биде кандидат на претстојните избори од коалицијата ВРЕДИ.  

- Верувам дека е потенцијален кандидат за градоначалник, но треба да се координираме во ВРЕДИ и во Алијанса за Албанците. Лимани има огромни шанси да биде кандидат за градоначалник како заеднички, на коалицијата, изјави Таравари, одговорајќи на новинарско прашање. 

Ваљбон Лимани беше претседател на Советот на општината и важи за близок соработник на Таравари. Во јули минатата година стана в.д градоначалник на Гостивар. 

Скопје - Со закројување на виновата лоза во дворот на црквата Свети Трифун во населеното место Ајватовци, Општина Илинден го одбележа празникот на лозарите. Празнувањето на православниот празник Свети Трифун почна со Божествена литургија со која чиноначалствуваше владиката Јоаким од Дељадровско-Илинденска Епархија, што се одржа пред голем број верници.

Во рамките на манифестација ,,Саем на домашно вино” во организација на црковниот одбор на црквата „Свети Трифун“, а под покровителство на градоначалникот Александар Георгиевски, годинава се одржа избор на најдобро произведено домашно вино во Општина Илинден.

-На винскиот фестивал кој прераснува во традиција, учествуваа десет производители на домашно вино од општина Илинден. Според одлуката на жири комисијата, која имаше навистина тешка задача при изборот, составена од членови на „Вински витези“, здружение за промоција на македонското вино и на македонската култура, градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски му додели Плакета за најдобро домашно произведено вино, на првонаградениот Николче Христовски, второто место го доби Борче Божиновски, а третото место Страшко Ангеловски, а благодарници за учество на манифестацијата ,,Саем на домашно вино” им беа доделени на сите учесници, соопшти Општина Илинден.

Битола - Над 50 студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и ученици од средните училишта во битолскиот регион, поддржани од Општина Битола се натпреваруваат на третиот по ред хакатон, годинава насловен „Климатон“ – новите технологии и климатските промени.

Учесниците имаат задача да понудат нови решенија за подобрување на состојбите предизвикани од климатските промени, истакна ректорот Игор Неделковси.

-Хакатон е иновативен настан посветен на климата, климатските промени, загадувањето на воздухот и затоа е наречен Климатон Настанот се одржува на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ), место каде што се едуцира јадрото на ИТ-индустријата во овој регион. Со овие активности очекуваме да се понудат нови креативни решенија во поглед на подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот и климатските промени, посочи Неделкосвки.

Годинешниот Климатон е со натпреварувачки карактер, а најдобриот тим ќе биде награден со задача да ја доработи идејата до бизнис решение.

Тетово - Вработените во Националниот парк „Шар Планина“ првпат во текот на 2024 година имаат извршено мапирање и мониторинг на ендемичниот вид дрво Pinus peuce (Молика), кое се наоѓа само на пределот од Јелак до Плат. Биле добиени првични резултати за видот, неговата распространетост, живеалиштето, виталноста на популацијата, како и главните закани.

Дрвјата се наоѓаат во високите делови на Шар Планина на надморски височини од 1,700 до 1,900 метри, на терени со калциски и доломитни почви. Живеалиштето е од фрагментиран карактер распослан под врвните делови на локалитетот Плат, но и локалитетот Јелачки Врв.

- Преземањето соодветни мерки за заштита е клучно за долгорочниот опстанок на Pinus peuce во Национален парк „Шар Планина“, се вели во извештајот од спроведениот мониторинг.

 -Се препорачува контрола на сите антропогени активности, особено оние кои можат да предизвикаат пожар и загуба на видот, заштитата на калциските и доломитните почви за неговото опстанување, контролирано користење на водните ресурси во локалитетот Лешница за да се намалат негативните ефекти од недостаток на вода и суша врз видот, да нема комерцијални активности за користење на дрвна маса од овој вид, се дел од мерките за заштита.

Заштитата и опстанокот на видот да бидат едни од приоритетите при изработката на посебните планови за одгледување и заштита на шумите во таа шумско стопанска единица, се дел од препорачаните мерки за заштита.

Кочани – Oпштините Кочани, Кавадарци, Струга, Прилеп и Струмица, почнуваат активности за изработка на планови за одржлива урбана мобилност што се реализираат во соработка со Министерството за транспорт, а со поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој.

Активностите се во рамки на Проектот за поврзување на локалните патишта, а главната цел на проектот е да се подобри пристапноста, одржливиот начин на транспорт, безбедноста во сообраќајот во урбаните средини и да се унапреди квалитетот за живеење.

Првата јавна консултација со граѓаните и заинтересираните правни субјекти денеска се одржа во Кочани, а методологијата според која ќе се изработуваат плановите ја претставија стручни консултанти од компании од Италија и Турција.

-Нашата заедничка цел е да развиеме одржливи планови за урбана мобилност во секој од петте градови, за што ќе ги споделиме нашите искуства и знаењата во врска со тоа. На изработка на плановите ќе се ангажираме во текот на првата година, а потоа уште една година ќе работиме на дисеминација, јакнење на јавната свест и унапредување на условите во сообраќајот во урбаните средини. Истовремено, ќе ги објасниме современите трендови и политики за обезбедување одржливост во урбаната мобилност, истакна Тито Стефанели од компанијата „ТРТ транспорти е територио“ од Милано, Италија.

Кавадарци - Американската амбасадорка Анџела Агелер, како и министрите за земјоделство Цветан Трипуновски и за култура и туризам Зоран Љутков, денеска присуствуваа на закројувањето винова лоза во Кавадарци, во рамките на прославата на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите. 

Трипуновски посака успешна и бериќетна година. 

- Изминативе месеци како Влада, посветивме сериозно внимание во делот на лозаропроизводството, во делот на виното. Минатата година имавме согласно Законот за вино, цена што беше историски највисока. Тоа е еден показател дека навистина покажуваме „сенс“ во делот на оваа битна гранка. Тука не застануваме. Со редовната исплата на субвенциите што минатата година беа заостанати, продолживме со редовна исплата на субвенциите. Така и денеска на сметките на сите лозари, на повеќе од 11.000 лозари легнаа субвенциите од 2024 година, рече Трипуновски. 

Одговарајќи на новинарски прашања, тој додаде дека пред неколку дена заврши конкурсот за избор на научна институција што треба да ја утврдува производната цена за 2025 година. Притоа истакна дека очекува по нивниот извештај да биде соопштена цената, која, како што нагласи,  е повеќе од убеден, ќе биде на задоволство на лозарите, како што, додаде, беше и минатата година. 

Куманово - Во Куманово на три локации ќе се собира кабаст отпад, информираа денеска од општината. Акцијата ќе трае пет дена, а кабастиот отпад може да остави на три локации, кај спортска сала, кај кумановската противпожарна единица и кај „Кошеви“.

- Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило, по насоки дадени од Министерство за животна средина и просторно планирање, организираат акција за собирање на кабаст отпад. Акцијата ќе започне од 15-ти февруари и ќе трае до 20 февруари, годинава на три локации. Ваквите акции ќе продолжат и во месец март и април, информираа од општината.

Несовесни граѓани од Куманово исфрлаат фотелји, кревети, гарнитури на несоодветни локации, од комуналното претпријатие „Чистота и Зеленило“ постојано апелираа до граѓаните да достават барања до нив за да се организираат акции за собирање на кабаст отпад.

Остани поврзан