• среда, 04 декември 2024
МИА Општински пул

4 јануари 2024 

Скопје -  Без вода денеска од 10 часот се дел од жителите од скопските населби Даме Груев, Кисела Јабука, Ново Село, Волково, Стопански Двор, Орман и Никиштани. 

Како што соопшти РЦУК-Скопје, прекинот е поради дефект на огрлица со профил 400 милиметри на улица „Лука Геров“ 5/11. Корисниците ќе бидат без вода се до санирање на дефектот. 

Велес - Општина Велес од утре 5 јануари ќе воведе еднонасочен сообраќај на дел  од улицата „Архиепископ Михаил“ позади поранешен Хотел „Интернационал“ во центарот на Велес и дел од улицата „Љубев Весов“, согласно на законската регулатива и потребата за уредување на сообраќајот и на безбедноста во сообраќајот. Како што информираат од Општина Велес воведувањето на еднонасочен сообраќај произлегува од потребата за унапредување на севкупното ниво на услуги на постојните улици.

Покрај улиците во кои се воведува еднонасочен сообраќај се третираат и делови од улиците кои се крстосуваат со нив, односно делови од улиците „Коле Неделковски“ и „8-ми Септември“, како и улица „Браќа Поп Јорданови“ која претставува конекција помеѓу улиците „Архиепископ Михаил“ и „Љубен Весов“.

Кавадарци - Кавадарци денеска одбележува 81 година од убиството на народниот херој  Страшо Пинџур, од времето на НОВ и Револуцијата 1941-1945 година, информираат од Музеј галеријата во градот. 

Страшо Димитар Пинџуров бил роден на петти март 1915 година во Струмица каде неговиот татко работел како учител. Потекнувал од познатото  револуционерно семејство Пинџурови од Ваташа. Се образувал најпрво во Ваташа и Кавадарци, а кога во 1929 година биле укинати сите гимназии во Македонија од страна на големосрпската буржуазија, своето образование го продолжил во Србија, каде биле отворени посебни интернати за македонските ученици. Во гимназијата во Крагуевац се изградувал како напреден младинец и револуционер. 

Штип - Слепите и лицата со оштетен вид во Штип за првпат ги добија сметките за вода со Брајово писмо. Оваа вест беше една од попозитивните во 2023 година. Иницијатор за остварување на ова право е претседателот на Здружението на слепи лица за општините Штип, Пробиштип, Радовиш, Карбинци и Конче, Драги Витанов.

Во Штип од 85 членови на ова Здружение само пет лица ги добиваат сметките за вода на Брајово писмо. Витанов, иако на почетокот работеше на својата стара машина, не му беше тешко да ги изготвува овие сметки за своите членови.

- Работам на една стара машина и многу е напорно тоа. Ако не успееме да завршиме работи за користење на единствениот принтер на Брајово писмо во Штип, ќе продолжам да работам со старата машина и покрај тоа што имам големи проблеми, а тоа е што секоја сметка е уникатна, мора посебно да се отслика, да се испринта. Така што напорно е тоа и не е баш лесна работа, вели Витанов во разговор за МИА.

Скопје  - Без струја денеска од 8:30 до 10:30 часот ќе бидат дел од корисниците лоцирани на улицата „Загрепска“ и црквата „Св. Јован Крстител“ во општина Центар. 

Како што соопшти РЦУК-Скопје, прекинот е поради планирани прекини на електрична енергија во електродистрибутивната мрежа.

Остани поврзан